Дали ти ќе си го признаел Месијата?
ИСУС ХРИСТОС поминал три и пол години во проповедање на Божјата Реч меѓу Израелците. Но, до завршувањето на неговата земна служба, повеќето негови современици го имале отфрлено како Месија, или Божји ветен „Помазаник“. Зошто?
Библијата ни помага да идентификуваме неколку причини зошто Евреите од првиот век не го признале Исус како Месија. Три од овие причини ги спречуваат мнозина да го признаат Исусовиот денешен положај како владејачки Месијански Цар.
„Сакаме да видиме знак“
Една причина зошто Евреите од првиот век не го признале Месијата било нивното одбивање да ги прифатат библиските знаци кои укажувале на неговото Месијанство. Понекогаш, луѓето кои го слушале Исус барале да направи некаков знак за да докаже дека тој е од Бога. На пример, Матеј 12:38 известува дека некои од книжниците и фарисеите рекле: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе“. Зарем Исус дотогаш им немал покажано знаци? Се разбира дека имал.
До тоа време, Исус веќе имал извршено поголем број чуда. Ја претворил водата во вино, излечил едно момче кое умирало, ја излечил болната Петрова тешта, исчистил еден лепрозен човек, оспособил еден парализиран човек да оди, му го вратил здравјето на еден човек кој бил болен 38 години, му ја повратил исушената рака на еден човек во нормална, ослободил многу луѓе од нивните мачни болести, го излечил робот на еден воен офицер, го вратил од мртвите синот на една вдовица и излечил еден слеп и нем човек. Овие чуда се случиле во Кана, Капернаум, Ерусалим и во Наин. Освен тоа, вестите за таквите чуда се рашириле по Јудеја и околната земја (Јован 2:1—12; 4:46—54; Матеј 8:14—17; 8:1—4; 9:1—8; Јован 5:1—9; Матеј 12:9—14; Марко 3:7—12; Лука 7:1—10; 7:11—17; Матеј 12:22).
Јасно е дека немало недостиг на знаци што докажувале дека Исус е Месијата. Иако извршил толку многу знаци пред луѓето, тие не поверувале во него. Оние кои го виделе доказот дека Исус е испратен од Бог а не го признале како Месија, биле духовно слепи. Срцата им биле тврди и непристапни за вистината (Јован 12:37—41).
А како е денес? Некои луѓе изјавуваат: „Верувам само во она што го гледам со свои очи“. Но, дали навистина е мудро да се зазема таков правец? Библиското пророштво покажува дека Исус веќе е востоличен како небесен Цар во Месијанското Царство. Поради тоа што тој е невидлив, потребна ни е помош за да го распознаеме неговото владетелство, кое го означило почетокот на последните денови од овој зол систем на ствари. Дали ти го препознаваш знакот? (Матеј 24:3).
Според Библијата, почетокот на Христовото владетелство како Месијански Цар би бил обележан со војни, земјотреси, оскудица на храна и болести од невиден размер. „Во последните денови“, човечките односи би се карактеризирале со себичност, алчност и недостиг на воздржување (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:6, 7; Лука 21:10, 11). Освен хронолошкиот доказ, повеќе од 20 различни обележја на последните денови го означуваат почетокот на Месијанското владеење во 1914 година. (Види Стражарска кула од 1 март 1993 година, страница 5.)
„Среброљупци“
Материјализмот бил уште една причина зошто Евреите го отфрлиле Исус како Месија. Придавањето преголема важност на богатството спречило мнозина да го следат Исус. На пример, фарисеите биле познати како „среброљупци“ (Лука 16:14). Разгледај го случајот со еден богат млад владетел кој му пристапил на Исус и прашал како да постигне вечен живот. „Пази ги заповедите“ — бил Исусовиот одговор. „Сето тоа сум го запазил од младини; што ми е уште потребно?“ — прашал младичот, очигледно чувствувајќи дека било потребно повеќе отколку само да се држат извесни закони. „Продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ — му рекол Исус. Каква прилика — да се биде ученик на Месијата! Па сепак, владетелот се свртел, ожалостен. Зошто? Затоа што богатството на Земјата му било поважно отколку богатството на небото (Матеј 19:16—22).
Ситуацијата не се изменила. Да се стане вистински следбеник на Месијанскиот Цар значи да се стават духовните интереси пред сѐ друго, вклучувајќи ги и земните имоти. За сите оние кои имаат материјалистичко гледиште, ова претставува предизвик. На пример, една мисионерска брачна двојка во една источна земја разговарала со некоја жена за Библијата. Мислејќи дека жената би сакала да дознае повеќе за Јехова Бог и за неговиот Син, Исус Христос, двојката ѝ понудила Стражарска кула и Разбудете се! Како реагирала таа? „Дали овие списанија ќе ми помогнат да заработам повеќе пари?“ — прашала. Жената била позаинтересирана за материјални ствари отколку за духовни работи.
Истата двојка ја проучувала Библијата со еден младич кој почнал да присуствува на состаноците во Салата на Царството. „Си го арчиш времето“ — му рекле неговите родители. „Треба да најдеш уште една работа навечер и да заработиш повеќе пари.“ Колку само е жално кога родителите ги охрабруваат своите деца да ги ставаат материјалните ствари пред учењето за Месијанскиот Цар! „За сето свое богатство, владетелот не може да купи десет илјади години живот“ — вели една кинеска поговорка.
Мнозина сега увидуваат дека учењето и следењето на Месијанскиот Цар не остава место за љубовта спрема парите. Една жена Сведок на Јехова која порано имала свој сопствен бизнис со високи приходи, рекла: „Да се има многу пари е многу пријатно, но не е потребно. Парите не се она што го прават човекот среќен“. Таа сега е член на бетелската фамилија во една европска подружница на Watch Tower Society.
„Стравот од Јудејците“
Стравот од човек е уште една причина зошто Евреите не го прифатиле Исус како Месија. Да го признаат јавно неговото Месијанство значело да ја ризикуваат својата репутација. За некои, таа цена била превисока. Размисли за Никодим, член на еврејскиот првостепен суд, наречен Синедрион. Импресиониран од Исусовите знаци и учења, тој признал: „Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чудеса, што ги правиш Ти, ако не е со него Бог“. Сепак, Никодим го посетил Исус под закрилата на темнината, веројатно за да избегне да биде препознаен од другите Евреи (Јован 3:1, 2).
За мнозина кои го чуле Исус како зборува, одобрувањето од луѓето било поважно отколку она од Бог (Јован 5:44). Кога Исус бил во Ерусалим за празникот Сеници во 32 година н. е., ‚имало многу расправии [мрморење, НС] во народот за Него‘. Никој не зборувал отворено за Исус, „поради стравот од Јудејците“ (Јован 7:10—13). Дури и родителите на еден човек кого Исус го излечил од слепило, не можеле да се убедат себеси да го признаат чудото дека потекнувало од Божјиот претставник. И тие ‚се боеле од Јудејците‘ (Јован 9:13—23).
Денес, некои сфаќаат дека Исус сега владее како Месијански Цар на небото, но се плашат да го признаат тоа отворено. За нив, цената на губење на својот углед кај другите е премногу висока. На пример, во Германија, еден Сведок на Јехова имал библиска дискусија со некој човек кој признал: „Тоа што вие Сведоците го проповедате во врска со Библијата е вистина. Но, ако јас станам Сведок денес, уште утре секој ќе знае за тоа. Што ќе мислат на работа, во соседството и во клубот каде што припаѓаме моето семејство и јас? Не би можел да го поднесам тоа“.
Што го предизвикува стравот од човек? Гордоста, љубовта кон популарноста меѓу семејството и пријателите, стравот од исмејување и понижување, загриженоста да се биде поинаков од мнозинството. Таквите чувства се покажуваат како испит особено за оние кои почнуваат да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. На пример, една млада жена била восхитена да дознае за рајот што Месијанското Царство ќе го воспостави на Земјата под владетелството на Исус Христос. Но, таа била ревносен диско фан, и стравот од човек ја спречил да разговара со другите за оваа надеж. Најпосле, собрала храброст да зборува отворено за Библијата. Нејзините пријатели од диското ја отфрлиле, но сопругот и родителите покажале интерес. Жената и мајка ѝ најпосле се крстиле, а нејзиниот сопруг и татко ѝ почнале да ја проучуваат Библијата. Каква награда поради надминувањето на стравот од човек!
Дали навистина го признаваш Месијата?
Кога Исус умирал на маченичкиот столб, биле присутни некои од неговите ученици. Тие го признале како проречен Месија. Биле присутни и еврејски владетели кои, така да се рече, сѐ уште барале знак. „Нека Се спаси и Сам, ако е Он Христос [или Месија], избраникот Божји!“ (Лука 23:35). Ќе престанат ли некогаш да бараат знак? Исус имал направено десетици чуда. Освен тоа, неговото раѓање, служба, искушение, погубување и воскресение исполниле многу пророштва од Хебрејските списи. (Види “All Scripture Is Inspired of God and Beneficial” — „Сето Писмо е од Бога инспирирано и корисно“, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 343, 344.)
Минувачите го исмејувале Исус, откако го отфрлиле доказот за неговото Месијанство (Матеј 27:39, 40). Војниците материјалистички ја поделиле Исусовата облека меѓу себе, фрлајќи ждреб за неговата долна облека (Јован 19:23, 24). Во некои случаи, своја улога одиграл стравот од човек. На пример, размисли за Јосиф од Ариматеја, член на Синедрионот. Тој бил „таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците“. По смртта на Месијата, Јосиф и Никодим се погрижиле за Исусовото тело. На тој начин, Јосиф го надминал својот страв од човек (Јован 19:38—40).
Да си живеел во првиот век, дали ти ќе си го признаел Исуса како Месија? Тоа би изискувало да го прифатиш библискиот доказ, да го отфрлиш материјалистичкото размислување и да не подлегнеш на стравот од човек. Во овие последни денови, секој од нас би требало да се запраша себеси: ‚Дали јас сега го признавам Исуса како небесен Месијански Цар?‘ Наскоро, тој ќе ги преземе работите на Земјата. Кога тоа ќе се случи, дали ти ќе бидеш меѓу оние кои навистина го признаваат Исус Христос како ветен Месија?
[Слики на страница 28]
Никогаш не врти му грб на доказот дека Исус е Месијанскиот Цар
[Слика на страница 31]
Да се учи за Месијата честопати значи да се премавне стравот од тоа што би рекле другите