”Ќе бидеш со мене во Рајот“
ДОДЕКА висел на столбот на погубувањето, умирајќи во смртни маки, злосторникот го молел човекот покрај себе: ”Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство.“ Иако и самиот умирал во болни маки, Исус одговорил: ”Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43, NW). Колку утешна надеж за човекот кој умирал!
Сепак, дали забележа дека New World Translation (преводот Нов свет) — цитиран во претходниот пасус — го става знакот за интерпункција зад зборот ”денес“ кога ги преведува Исусовите зборови? Тоа ја поддржува мислата дека Исус бил во состојба да му вети вечен живот во Рајот на тој злосторник, и тоа на денот на својата смрт. Од друга страна, македонскиот превод во издание на Британското библиско друштво ги нагласува Исусовите зборови на следниот начин: ”Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ Повеќето други преводи се согласуваат со преводот на Британското библиско друштво, потврдувајќи ја мислата дека Исус и злосторникот кој умирал отишле во Рајот истиот тој ден. Зошто постои разлика? И која интерпункција е исправна?
Всушност, во најраните грчки манускрипти на Библијата немало интерпункција. Значи, кога се почнало со интерпункција, препишувачите и преведувачите на Библијата требало да вметнат знаци за интерпункција во склад со своето разбирање на библиската вистина. Дали затоа вообичаеното преведување е исправно? Дали Исус и злосторникот отишле во Рајот истиот ден кога умреле?
Не, според Библијата, тие отишле на место кое на грчки се нарекува Хаʹдес, а на хебрејски Шеʹол, а обете се однесуваат на заедничкиот гроб на човештвото (Лука 18:31-33; 24:46; Дела на апостолите 2:31). За оние кои се наоѓаат на тоа место Библијата вели: ”А мртвите не се свесни воопшто за ништо (...) Нема ниту работење, ниту мислење, ни знаење, ни мудрост во Шеолот [грчки: Хаʹдесот], местото на кое одиш.“ Тешко дека тоа би можело да биде рај! (Проповедник 9:5, 10, NW).
Сѐ до третиот ден Исус не бил воскреснат од Хадесот. Потоа во текот на скоро шест недели многупати им се јавувал на своите следбеници по цела Палестина. Во една таква прилика, Исус ѝ рекол на Марија: ”Уште не сум се вратил при Мојот Отец“ (Јован 20:17). Значи, дури ни тогаш не бил на некое место кое би можело да се нарече рај (Откровение 2:7).
Во третиот век н.е. — кога христијанското учење брзо се поврзало со грчката филозофија — Ориген ги цитирал Исусовите зборови на следниот начин: ”Денес ќе бидеш со мене во Божјиот Рај“. Црковните писатели од IV век н.е. протестирале против ставањето на знакот за интерпункција зад зборот ”денес“. Тоа покажува дека вообичаениот начин на читање на Исусовите зборови има долга историја. Но, тоа исто така укажува дека дури и во IV век н.е., некои ги читале Исусовите зборови во склад со начинот на кој се преведени во New World Translation (преводот Нов свет).
Иако денес многу преведувачи интерпункцијата во Лука 23:43 ја ставаат во склад со црковната традиција, некои ја ставаат на ист начин како и New World Translation. На пример, во германскиот превод од професор Вилхелм Михаелис, Исусовите зборови гласат: ”Навистина, уште денес ти ја давам оваа гаранција: Ќе бидеш (еден ден) заедно со мене во Рајот.“
Тогаш, што значеле за злосторникот Исусовите зборови? Тој можеби слушнал тврдења дека Исус е ветниот Цар. Несомнено знаел за титулата ’јудејски Цар‘ којшто Пилат дал да се напише и обеси над Исусовата глава (Лука 23:35-38). Иако религиозните водачи тврдглаво го отфрлиле Исус, тој покајнички злосторник ја изразил својата вера со зборовите: ”Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство.“ Тој не очекувал дека ќе владее со Исус, но сакал да извлече корист од Исусовото владеење. Затоа Исус, дури и на тој најтежок ден, ветил дека престапникот ќе биде со него во Рајот.
Во кој рај? Според Библијата, првобитниот Рај била градината Еден слична на парк, којшто го изгубиле нашите прародители. Библијата ветува дека тој земски Рај ќе биде обновен под Божјето Царство, чиишто Цар е Исус (Псалми 37:9-11, ДК; Михеј 4:3, 4). Значи, Исус ќе биде со тој престапник и со неброените умрени лица кога ќе ги воскресне од гробот во живот на рајската Земја и кога ќе им пружи прилика да научат да ја вршат Божјата волја и да живеат вечно (Јован 5:28, 29; Откровение 20:11-13; 21:3, 4).