Патот дома до рајот
СО ОГЛЕД на човековото копнеење по Рај и големите и мали обиди повторно да го создаде, човек би помислил дека Земјата досега требало да биде вистински рај. Но не е.
Наместо тоа, човештвото ѝ дало предност на алчноста, која честопати владее на сметка на околината и на нејзината разноликост од живи творби. Верувајќи дека материјалното богатство ќе извојува победа, многу луѓе изгубиле секаква надеж дека Земјава некогаш ќе се претвори во Едемска градина. Поточно речено, тие гледаат на задгробниот живот на небото како на нивна единствена надеж за Рај. Прво — тоа гледиште подразбира дека нашето човечко копнеење по Едем засекогаш ќе биде осуетено и второ — дека Бог ја препуштил планетава на човечката лудост и алчност. Дали е тоа така? Што точно носи иднината? И каде ќе биде таа иднина?
Рај — на небото или на Земјата?
Пред скоро 2.000 години, кога му зборувал на еден покајнички крадец кој бил прикован до него, Исус Христос рекол: „Ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23:43). Дали Исус мислел дека крадецот ќе оди со него на небото? Не.
Злосторникот не би ни помислил на една таква идеја. Зошто не? Веројатно, затоа што бил запознаен со пасусите од Хебрејските списи кои постоеле во негово време, како што е првиот дел од Псалм 36:29: „Праведниците ќе ја наследат земјата“. Исус ја поучувал истата вистина, изјавувајќи: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5:5). Овој стих е во согласност со она што вообичаено се нарекува Господова молитва, која гласи: „Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
Библијата учи дека Бог ја создал Земјата, а не небото, како дом за човечката фамилија. Неговата Реч наведува дека тој „не ненадејно ја создаде [Земјата]“, туку „ја создаде за живеење“ (Исаија 45:18). За колку долго? „Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш“ (Псалм 103:5). Да, „земјата си постои секогаш“ (Проповедник 1:4).
Божја намера е огромното мнозинство од оние кои му служат да ја направат Земјата свој вечен дом. Забележете како Божјата Реч, Библијата, коментира за тоа. Псалм 36:11 претскажува: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“. За колку долго? Псалм 36:29 вели: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. Тогаш ќе се оствари стихот кој објавува: „Ти [Бог] ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ [ја задоволуваш желбата на сѐ, НС] што е живо со сите негови потреби“, то ест желбата која е во согласност со Божјата волја (Псалм 144:16).
Што е со оние кои немаат желба да ја вршат Божјата волја? Изреки 2:21, 22 објавуваат: „Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните — искоренети од неа“.
Обновен Рај
Наскоро, Божјите судови ќе бидат извршени против овој злобен свет (Матеј 24:3—14; 2. Тимотеј 3:1—5, 13). Но Бог ќе зачува едно „големо мноштво“ луѓе при тоа претстојно уништување, воведувајќи го во еден нов свет кој ќе биде Негово дело (Откровение 7:9—17).
Потоа, Бог ќе управува со радосната задача на неговите човечки поданици да ја претворат целата Земја во еден рајски дом за човештвото. Библијата ветува: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин . . . Зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите“ (Исаија 35:1, 6).
Во тој Рај што ќе се шири, повеќе нема да има глад, сиромаштија, гета, бездомни луѓе или подрачја поплавени со криминал. „Ќе има изобилие од жито на Земјата“ (Псалм 72:16, НС). „Дрвјата во полето ќе го даваат својот плод и земјата ќе ги дава своите производи“ (Језекиил 34:27). „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг“ (Исаија 65:21, 22). „Секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:4).
Зошто некои одат на небото
Повеќето луѓе веројатно ќе признаат дека имаат копнеж по еден земен рај. Тоа е природно затоа што Бог никогаш не всадил во нив копнеж по небото; тие не можат дури ни да замислат каков е животот на небото. На пример, иако Пет е оддаден член на црквата, во разговор со својот свештеник од Англиканската црква, таа рекла: „Никогаш не сум помислувала да одам на небото. Не сакам да одам, а и што би правела таму?“ (Спореди Псалм 113:24.)
Навистина, Библијата учи дека еден ограничен број луѓе, 144.000, одат на небото (Откровение 14:1, 4). Исто така, објаснува и зошто: „Ги направи да бидат царство и свештеници на нашиот Бог, и тие треба да владеат како цареви над Земјата“ (Откровение 5:9, 10, НС). Заедно со нивниот Цар, Исус Христос, тие го сочинуваат ‚царството‘, новата небесна влада на Земјата за која христијаните се молат. Таа влада ќе ја надгледува целокупната рехабилитација на Земјата и човештвото (Даниил 2:44; 2. Петрово 3:13).
Меѓутоа, поради тоа што желбата да се живее на небото не е природно присутна кај луѓето, едно единствено делување на Божјиот дух ‚им сведочи‘ на 144.000-те за да го почувствуваат тоа посебно ‚горно призвание‘ (Римјаните 8:16, 17; Филипјаните 3:14). Но, очигледно, едно такво делување на светиот дух воопшто не е потребно за човештвото во целина бидејќи нивниот вечен дом ќе биде на рајската Земја.
Духовниот Рај го подготвува патот
Како некој се квалификува за вечен живот во Рајот на Земјата? „Ова значи вечен живот“, рекол Исус, „да примаат спознание за тебе, единствениот вистинит Бог, и за оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, НС). Поврзувајќи ги мирољубивите човечки односи со спознанието за Бог, Исаија 11:9 наведува: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“. (Спореди Исаија 48:18.)
Тоа спознание, се разбира, не е само некакво академско спознание. Тоа влијае врз нашата личност и негува божествени особини, како што се ‚љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброта, милосрдност, вера, кротост, воздржливост‘ (Галатјаните 5:22, 23). Јеховините сведоци се стремат да ги развиваат овие особини, и затоа уште сега се благословени со еден здрав духовен рај (Исаија 65:13, 14).
Каква разлика помеѓу нивната духовна состојба и онаа на светот, кој сѐ повеќе и повеќе се впушта во безбожност и расипаност! Меѓутоа, Бог наскоро ќе го уништи овој злобен свет. Во меѓувреме, Јеховините сведоци Ве покануваат да го посетите — да, да го испитате — духовниот рај кој тие го уживаат. Сами уверете се дека токму сега Исус, невидливиот небесен цар, тивко ги води по тесниот пат до земниот Рај и до вечниот живот идните жители на тој нов свет! (Матеј 7:13, 14; Откровение 7:17; 21:3, 4).
[Слика на страници 8 и 9]
Оние кои ќе го преживеат крајот на овој свет ќе уживаат во претворањето на Земјата во рај