Поучете ги своите деца
Исус научил да биде послушен
ДАЛИ понекогаш ти е тешко да послушаш?—a Не е ништо чудно ако е така. На сите одвреме-навреме ни е тешко да послушаме. Си знаел ли дека дури и Исус требало да научи да биде послушен?—
Знаеш ли кого треба да го слушаат сите деца?— Да, татко им и мајка им. „Слушајте ги своите родители во Господарот“, пишува во Библијата (Ефешаните 6:1). Кој му е татко на Исус?— Јехова Бог. Тој е и наш Татко (Матеј 6:9, 10). Но, ако одговори дека татко му на Исус се викал Јосиф, а мајка му Марија, твојот одговор исто така е точен. Знаеш ли како тие станале негови родители?—
Ангелот Гавриел ѝ кажал на Марија на кој начин ќе стане мајка иако немала полови односи со маж. Јехова направил едно големо чудо за таа да забремени. Гавриел ѝ објаснил на Марија: „Силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:30-35).
Бог го зел животот на својот небесен Син и го пренел во Марија. Оттогаш тој растел во неа исто како што сите други бебиња растат во своите мајки. Околу девет месеци подоцна се родил Исус. Во меѓувреме, Јосиф се оженил со Марија, и повеќето луѓе мислеле дека тој му бил вистинскиот татко на Исус. Всушност, Јосиф му бил очув. Значи, на некој начин Исус имал двајца татковци.
Кога Исус имал само 12 години, направил нешто што покажало колку го сакал својот небесен Татко, Јехова. Во тоа време неговото семејство, по својот обичај, тргнало на долг пат за Ерусалим за да ја прослави Пасхата. Потоа, кога се враќале за Назарет, Јосиф и Марија не забележале дека Исус не бил со нив. Зарем не ти е чудно како можеле да го заборават?—
Дотогаш Јосиф и Марија веќе имале и други деца (Матеј 13:55, 56). Исто така, веројатно со нив патувале и нивните роднини. Меѓу нив биле Јаков и Јован со своите родители, Зеведеј и Салома. По сѐ изгледа, нивната мајка ѝ била сестра на Марија. Затоа, Марија можеби си помислила дека Исус бил со другите роднини од групата (Матеј 27:56; Марко 15:40; Јован 19:25).
Кога сфатиле дека го нема, Јосиф и Марија веднаш се вратиле во Ерусалим. Избезумено го барале својот син. На третиот ден го нашле во храмот. Марија му рекла: „Зошто ни го направи тоа? Татко ти и јас загрижено те баравме“. Но, Исус одговорил: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ (Лука 2:45-50).
Мислиш ли дека не е убаво што Исус ѝ одговорил на мајка си со тие зборови?— Па, неговите родители знаеле дека тој многу сакал да биде во Божјиот дом (Псалм 122:1). Според тоа, најнормално било што Исус си помислил дека најпрвин требало да го побараат токму во храмот. Подоцна Марија продолжила да размислува за она што го рекол Исус.
Каков став имал Исус кон Јосиф и Марија?— Библијата вели: „[Исус] се врати со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен“ (Лука 2:51, 52). Што можеме да научиме од неговиот пример?— Точно, дека и ние треба да ги слушаме нашите родители.
Сепак, на Исус не му било секогаш лесно да послуша — дури ни кога требало да му биде послушен на својот небесен Татко.
Ноќта пред да умре, Исус го молел Јехова да се премисли во врска со она што го барал од него како од свој Син (Лука 22:42). Но, на крајот сепак го послушал Бог, иако не му било лесно. Библијата вели дека ‚се научил на послушност од она што го претрпел‘ (Евреите 5:8). Што мислиш, можеме ли и ние да научиме да бидеме послушни?—
[Фуснота]
a Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.
ПРАШАЊА:
▪ На кој начин Марија му станала мајка на Исус, и како било можно Исус да има двајца татковци?
▪ Зошто родителите на Исус не сфатиле веднаш дека тој не тргнал заедно со нив?
▪ Што мислел Исус, каде требало да го бараат неговите родители?
▪ Што можеш да научиш од примерот на Исус?
[Слика на страница 31]
Што мислиш, зошто Јосиф и Марија требало најпрвин да го побараат Исус во храмот?