Размислувај каква личност треба да бидеш
„Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. ПЕТ. 3:11)
1, 2. Какви личности треба да бидеме за да ја стекнеме Божјата милост?
НА ПОВЕЌЕТО луѓе им е важно што мислат другите за нив. Но, зарем нам, како христијани, не треба да ни биде поважно што мисли Јехова за нас? Се разбира! На крајот на краиштата, тој е највозвишената Личност во вселената и во него е „изворот на животот“ (Пс. 36:9).
2 Апостол Петар објаснил дека, за да ја стекнеме Јеховината милост, ‚нашите дела треба да бидат свети и по нив треба да се види дека сме му оддадени на Бог‘. (Прочитај 2. Петрово 3:11.) Нашите ‚дела ќе бидат свети‘ само ако водиме чист живот во секој поглед. Тоа значи дека треба да бидеме морално, умствено и духовно чисти. Освен тоа, за да покажеме дека сме му „оддадени на Бог“ со сето срце, нашите дела треба да бидат поттикнати од длабока љубов и почит кон него. Значи, за Јехова не се важни само нашите постапки, туку и она што лежи во нашето срце. Бидејќи ‚ги испитува срцата‘, тој знае дали нашето однесување навистина е свето и дали сме му оддадени со сета душа или не (1. Лет. 29:17).
3. Кои прашања треба да си ги поставиме?
3 Сатана Ѓаволот не сака да имаме добар однос со Бог. Всушност, тој прави сѐ што може за да ни го уништи пријателството со Јехова. Притоа постојано користи лаги за да нѐ измами и да нѐ оддалечи од нашиот Бог кому му служиме (Јован 8:44; 2. Кор. 11:13-15). Затоа, добро е да се прашаме: ‚Како Сатана ги заведува луѓето? Што можам да сторам за да го зачувам своето пријателство со Јехова?‘
КАКО САТАНА ГИ ЗАВЕДУВА ЛУЃЕТО?
4. Што напаѓа Сатана за да го наруши нашиот однос со Бог, и зошто?
4 Ученикот Јаков напишал: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“ (Јак. 1:14, 15). За да го наруши нашиот однос со Бог, Сатана го напаѓа изворот на нашите желби — нашето срце.
5, 6. а) Како Сатана се обидува да влијае врз нашето срце? б) Кои методи ги користи Сатана за да ги расипе желбите на нашето срце, и колку вешто се служи со нив?
5 Како Сатана се обидува да влијае врз нашето срце? Библијата вели: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Сатана нѐ напаѓа користејќи го „она што е во светот“. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.) Во последните неколку илјади години, Ѓаволот мајсторски го уредил својот свет за да ги заведува луѓето. Бидејќи и ние живееме во тој свет, мора да се чуваме од неговите подмолни сплетки (Јован 17:15).
6 Сатана употребува разни методи за да ги расипе желбите на нашето срце. Апостол Јован ни открива три негови мамки: 1) „желбата на телото“, 2) „желбата на очите“ и 3) „истакнувањето на својот имот“. Сатана се послужил со нив за да го искуша Исус во пустината. Бидејќи со векови ги користи овие мамки, Сатана и денес вешто ги употребува и знае која од нив да ја користи за секој човек. Пред да видиме како да се заштитиме од неговите стапици, да разгледаме како успеал да ја измами Ева со нив, и зошто не успеал да го измами Божјиот Син.
„ЖЕЛБАТА НА ТЕЛОТО“
7. Како Сатана ја искористил „желбата на телото“ за да ја искуша Ева?
7 Сите луѓе мораат да јадат за да живеат. Творецот ја создал Земјата да раѓа храна во изобилство. Но, Сатана може да ја искористи нашата нормална желба за храна за да нѐ одврати од вршењето на Божјата волја. Да видиме како го сторил тоа со Ева. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-6.) Сатана ѝ рекол дека нема да умре ако јаде од плодот на „дрвото на спознанието на доброто и злото“ и дека во оној ден кога ќе јаде од него, ќе стане како Бог (1. Мој. 2:9). Со тоа Ѓаволот, всушност, сакал да ѝ каже дека таа ќе живее дури и ако не го послуша Бог. Тоа било чиста лага! Откако успеал да ѝ ја посее оваа мисла во умот, Ева се нашла пред избор: можела да ја отфрли таквата мисла или да дозволи таа да пушти корен во нејзиниот ум. Иако можела да јаде од сите други дрвја во градината, Ева избрала да размислува за она што ѝ го кажал Сатана во врска со дрвото среде градината. На крајот, ‚скинала од плодот и каснала од него‘. На тој начин, Сатана успеал кај неа да поттикне желба за нешто што нејзиниот Творец го забранувал.
8. Како Сатана се обидел да го намами Исус користејќи ја „желбата на телото“, и зошто не успеал во тоа?
8 Сатана се послужил со истата метода и кога се обидел да го искуша Исус во пустината. Тој пробал да ја искористи нормалната желба за храна што ја имал Исус откако постел 40 дена и 40 ноќи. Сатана му рекол: „Ако си син Божји, кажи му на овој камен да стане леб!“ (Лука 4:1-3). Исус се нашол пред избор: можел да реши да ја искористи својата чудотворна моќ за да ја задоволи својата потреба за храна или, пак, да не го стори тоа. Тој добро знаел дека не треба да ја употребува таквата моќ за себични цели. Иако бил гладен, за него било поважно да го зачува својот однос со Јехова отколку да го задоволи гладот. Затоа му одговорил на Ѓаволот: „Напишано е: ‚Не смее човек да живее само од леб‘“ (Лука 4:4).
„ЖЕЛБАТА НА ОЧИТЕ“
9. На што укажува изразот „желбата на очите“, и како Сатана ја искористил таа желба кога ја искушал Ева?
9 Втората мамка на Сатана која ја спомнал Јован е „желбата на очите“. Овој израз укажува дека е доволно некој само да гледа во нешто за да почне да го посакува. Сатана ја искористил и оваа желба кога ја искушал Ева. Тој ѝ рекол: „Ќе ви се отворат очите“. Колку повеќе гледала во забранетиот плод, толку попривлечен ѝ станувал. Ева видела дека плодот на дрвото е „пожелен за гледање“.
10. Како Сатана ја употребил „желбата на очите“ за да го искуша Исус, и како му одговорил Исус?
10 Како Сатана ја употребил „желбата на очите“ за да го искуша Исус? Тој ‚му ги покажал одеднаш сите царства на светот, и му рекол: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава“‘ (Лука 4:5, 6). Се разбира, Исус не можел одеднаш да ги види сите царства туку Сатана му дал видение за нивната слава. Сигурно си мислел дека Божјиот Син ќе се најде на искушение кога ќе го види сето тоа. Сатана бесрамно му рекол: „Ако ми се поклониш, сета власт ќе биде твоја“ (Лука 4:7). Исус во никој случај не сакал да биде таква личност каква што Сатана сакал да биде. Тој без двоумење му одговорил: „Напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Лука 4:8).
„ИСТАКНУВАЊЕТО НА СВОЈОТ ИМОТ“
11. Како Сатана успеал да ја намами Ева?
11 На крајот, Јован го спомнал и „истакнувањето на својот имот“. Кога Адам и Ева биле единствените луѓе на Земјата, тие не можеле да се ‚истакнуваат со својот имот‘ пред други. Сепак, покажале гордост. Кога ја искушал Ева, Сатана ја навел да поверува дека Бог им скратува нешто убаво. Ѓаволот ѝ рекол дека, уште во истиот ден кога ќе јаде од „дрвото на спознанието на доброто и злото“, таа ‚ќе стане како Бог и ќе знае што е добро, а што зло‘ (1. Мој. 2:17; 3:5). На тој начин, Сатана сакал да ја наведе да мисли дека може да живее без Јехова. Најверојатно гордоста била една од причините поради која Ева поверувала во лагата на Ѓаволот. Таа каснала од забранетиот плод, уверена дека навистина нема да умре. Но, била во огромна заблуда!
12. На кој друг начин Сатана се обидел да го искуша Исус, и како му одговорил Исус?
12 За разлика од Ева, Исус дал извонреден пример на понизност! Сатана се обидел да го натера да направи нешто со кое би ги восхитил другите и би го искушал Бог. Но, Исус не сакал ни да помисли на такво нешто бидејќи со тоа би покажал дека е горд. Наместо тоа, тој му дал јасен одговор на Ѓаволот: „Кажано е: ‚Не искушувај го Јехова, својот Бог!‘“ (Прочитај Лука 4:9-12.)
КАКО ДА ГО ЗАЧУВАМЕ НАШЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО ЈЕХОВА?
13, 14. Објасни како Сатана ги користи своите мамки за да ги заведе луѓето денес.
13 Денес Сатана се служи со истите мамки со кои се служел за да ги искуша Ева и Исус. Тој ги користи „желбите на телото“ за да ги наведе луѓето да прават неморал, да се прејадуваат и да се опиваат. Ја користи „желбата на очите“ за да ги наведе невнимателните да гледаат порнографија, особено на Интернет. А ја користи и склоноста за ‚истакнување на имотот‘ за да ги натера луѓето да станат горди и да сакаат да бидат познати, влијателни и богати.
14 Сатана го користи „она што е во светот“ исто како што рибарот користи мамка. Таа е привлечна, но закачена е на јадица. Сатана ги искористува секојдневните нормални потреби на луѓето за да ги наведе да постапуваат спротивно на Божјите закони. На таков подмолен начин, тој сака да влијае врз нашите желби и да ни го расипе срцето. Всушност, сака да нѐ наведе да мислиме дека е поважно да си ги задоволиме личните желби и да водиме удобен живот отколку да ја вршиме Божјата волја. Дали ќе му дозволиш да те фати на некоја од своите мамки?
15. Како можеме да го следиме примерот на Исус за да се спротивставиме на искушенијата од Сатана?
15 Сатана успеал да ја измами Ева, но не успеал да го измами Исус. На секое искушение од Ѓаволот, Исус одговарал со стих од Писмото, велејќи: „Напишано е“ или „Кажано е“. Ако длабоко ја проучуваме Библијата, добро ќе ја познаваме и ќе можеме да се сетиме на стиховите кои ќе ни помогнат исправно да размислуваме кога ќе се најдеме на искушение (Пс. 1:1, 2). Примерите на верните Божји слуги од минатото можат да ни помогнат да му останеме верни на Бог (Рим. 15:4). Ако имаме страхопочит кон Јехова, ќе го сакаме она што тој го сака а ќе го мразиме она што тој го мрази, и тоа ќе ни служи како заштита (Пс. 97:10).
16, 17. Како може да влијае нашиот разум врз тоа какви личности сме?
16 Апостол Павле нѐ советува да го користиме својот разум за да размислуваме како Јехова, а не како светот (Рим. 12:1, 2). Тој нагласил дека мора многу да внимаваме како размислуваме, кога рекол: „[Ние] уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог, ја зауздуваме секоја мисла за да му се покори на Христос“ (2. Кор. 10:5). Бидејќи нашите мисли имаат силно влијание врз тоа какви личности сме, треба и понатаму да се трудиме да размислуваме за она што му е угодно на Бог (Фил. 4:8).
17 Не можеме да бидеме свети ако се храниме со неисправни мисли и желби. Мора да го сакаме Јехова со „чисто срце“ (1. Тим. 1:5). Но, бидејќи срцето е измамливо, можеби и не сме свесни колку силно влијае светот врз нас (Ерем. 17:9). Затоа, додека ја проучуваме Библијата, треба искрено и постојано ‚да испитуваме дали сме во верата, и да се проверуваме самите себе‘ (2. Кор. 13:5).
18, 19. Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да останеме такви личности какви што Јехова сака да бидеме?
18 „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“, напишал Јован (1. Јов. 2:17) Овие зборови исто така можат да ни помогнат да му се спротивставиме на „она што е во светот“. Сатана сака да мислиме дека неговиот свет е реален и дека ќе постои засекогаш. Но, еден ден ќе му дојде крајот. Ако имаме на ум дека ништо во светот на Сатана не е трајно, тој нема да успее да нѐ измами.
19 Апостол Петар нѐ поттикнува да бидеме личности кои му се допадливи на Бог додека ‚го очекуваме и го имаме на ум Јеховиниот ден, кога небесата, запалени, ќе се распаднат и основата, вжарена, ќе се растопи‘ (2. Пет. 3:12). Овој ден, кога Јехова ќе го уништи секој дел од Сатановиот свет, сега е многу близу. Но, сѐ додека не дојде крајот, Сатана и понатаму ќе го користи „она што е во светот“ за да нѐ искушува како што ги искушувал Ева и Исус. Не смееме да бидеме како Ева и да ни биде најважно да ги задоволиме своите желби. Тоа би било исто како да го прифаќаме Сатана за наш бог. Треба да бидеме како Исус и да им одолееме на искушенијата, сеедно колку привлечни ни ги претставува Ѓаволот. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да останеме такви личности какви што Јехова сака да бидеме.