Ќе го задржиш ли својот интегритет?
КОЛКУ врапчиња умреле вчера? Никој не знае, а малку луѓе веројатно и се заинтересирани за тоа — па, има толку многу птици. Меѓутоа, Јехова е заинтересиран. Укажувајќи на овие навидум безначајни птици, Исус им рекол на своите ученици: „Ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа“. Тој додал: „Не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29, 31).
Подоцна учениците сфатиле појасно колку многу Јехова ги цени. Еден од нив, апостол Јован, напишал: „По тоа беше покажана Божјата љубов во нашиот случај, бидејќи Бог го испрати својот единороден Син во светот за преку него да добиеме живот“ (1. Јованово 4:9). Јехова не само што обезбедува откупнина туку и го уверува секој свој слуга: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“ (Евреите 13:5).
Очигледно, Јеховината љубов за неговиот народ е непоколеблива. Меѓутоа, се поставува прашањето: „Дали сме ние толку приврзани за Јехова што никогаш нема да го напуштиме?“
Обидите на Сатана да го скрши нашиот интегритет
Кога Јехова му го свртел вниманието на Сатана на животниот пат на интегритет на Јов, Сатана изјавил: „Зарем Јов ќе те обожаваше ако немаше никаква корист од тоа?“ (Јов 1:9, Today’s English Version). Тој сугерирал дека лојалноста на луѓето кон Бог зависи исклучително од ‚користа што ја имаат од тоа‘. Кога ова би било вистина, тогаш секој христијанин би можел да го компромитира својот интегритет — доколку понудата е доволно привлечна.
Во случајот на Јов, Сатана отпрвин тврдел дека лојалноста на Јов кон Бог би ја снемало кога би ги изгубил своите најскапоцени поседи (Јов 1:10, 11). Кога оваа навреда се покажала лажна, Сатана навел: „За животот свој човек ќе даде и сѐ што има“ (Јов 2:4, ПСП). Иако тврдењето на Сатана можеби е вистина за некои, Јов одбил да го искомпромитира својот интегритет. Историскиот извештај го потврдува ова (Јов 27:5; 42:10—17). Поседуваш ли и ти слична лојалност? Или ќе му дозволиш на Сатана да го скрши твојот интегритет? Размислувај за себе додека испитуваме некои вистини што ги вклучуваат сите христијани.
Апостол Павле верувал дека вистинската христијанска лојалност може да биде многу силна. Тој напишал: „Уверен сум дека ниту смртта, ниту животот . . . ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде . . . ниту кое и да е друго создание не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 8:38, 39). И ние можеме да имаме слично уверување ако нашата љубов кон Јехова е силна. Таквата љубов е неуништлива врска што дури ни смртта не може да ја победи.
Ако имаме таков однос со Бог, никогаш нема да прашаме: „Дали по неколку години сѐ уште ќе му служам на Јехова?“ Таквата несигурност би укажувала на тоа дека нашата лојалност кон Бог зависи од она што може да се случи во текот на нашиот живот. На вистинскиот интегритет не влијаат надворешните околности. Тој зависи од тоа каква личност сме однатре (2. Коринќаните 4:16—18). Ако го љубиме Јехова со сето свое срце, никогаш нема да го изневериме (Матеј 22:37; 1. Коринќаните 13:8).
Меѓутоа, мораме да запамтиме дека Сатана постојано гледа да го скрши нашиот интегритет. Може да нѐ доведе во искушение да подлегнеме на желбите на телото, да попуштиме на притисокот од околината или да дозволиме некоја неволја да нѐ натера да ја напуштиме вистината. Во овој напад, главен сојузник на Сатана е светот отуѓен од Бог, иако и нашата несовршеност може да му ја олесни работата (Римјаните 7:19, 20; 1. Јованово 2:16). И покрај тоа, имаме неколку предности во оваа битка, од кои една од најважните е фактот што не сме во незнаење за Сатановите намери (2. Коринќаните 2:11).
Какви се Сатановите намери? Павле, во своето писмо до Ефешаните, ги опишал како „сплетки“ или „подмолни дела“a (Ефешаните 6:11). Сатана ни подметнува препредени средства на патот за да го скрши нашиот интегритет. За среќа, можеме да ги препознаеме овие подмолни дела, зашто методите на Ѓаволот се запишани за нас во Божјата реч. Сатановите обиди да го уништи интегритетот на Исус и на Јов даваат пример за некои од начините на кои тој се обидува да го скрши нашиот христијански интегритет.
Исусовиот интегритет не можел да биде скршен
На почетокот на Исусовата служба, Сатана се дрзнал да го искуша Синот Божји предизвикувајќи го да претвори камен во леб. Колку лукаво! Исус немал јадено 40 дена, и без сомнение бил многу гладен (Лука 4:2, 3). Сатана предложил Исус веднаш да ја задоволи својата природна желба, на начин што бил спротивен на Јеховината волја. На сличен начин денес, светската пропаганда охрабрува на „инстант“ задоволство, обрнувајќи мало или никакво внимание на последиците. Пораката е, „Го заслужуваш тоа сега“ или едноставно „Не му ја мисли!“
Ако Исус го задоволел силниот глад без да размисли за последиците, Сатана ќе успеел да го наведе да го компромитира својот интегритет. Исус гледал на работите од духовна страна и решително одговорил: „Напишано е: ‚Нема да живее човек само од леб‘“ (Лука 4:4; Матеј 4:4).
Тогаш Сатана го сменил пристапот. Давајќи погрешна примена на Писмото, од кое цитирал и Исус, Ѓаволот го поттикнал да се фрли од оградата на храмот. ‚Некој ангел ќе те сочува‘, тврдел Сатана. Исус немал намера да бара заштита со чудо од својот Татко само за да го привлече вниманието на себе. „Немој да го ставаш на испит Јехова, својот Бог“, рекол Исус (Матеј 4:5—7; Лука 4:9—12).
Последната тактика што Сатана ја употребил била подиректна. Се обидел да склучи договор со Исус нудејќи му го целиот свет и неговата слава и тоа само за еден чин на обожавање. Тоа било речиси сѐ што Сатана можел да понуди. Но, како можел Исус да изврши чин на обожавање пред главниот непријател на својот Татко? Тоа било незамисливо! „Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба“, одговорил Исус (Матеј 4:8—11; Лука 4:5—8).
Откако овие три обиди му пропаднале, Сатана ‚отишол од него до некое друго погодно време‘ (Лука 4:13). Ова укажува на тоа дека Сатана постојано барал шанса да го стави Исусовиот интегритет на испит. Погодно време дошло околу две и пол години подоцна кога Исус почнал да ги подготвува неговите ученици за својата неизбежна смрт. Апостол Петар рекол: „Биди љубезен спрема себеси, Господи; такво нешто воопшто нема да те снајде“ (Матеј 16:21, 22).
Можно ли е таквиот добронамерен, но погрешно упатен совет да му звучел привлечно на Исус зашто, сепак, дошол од еден од неговите ученици? Исус веднаш препознал дека тие зборови ги одразувале желбите на Сатана, не на Јехова. Христос решително одговорил: „Бегај зад мене, Сатано! Ти си ми камен спрепинач, зашто не мислиш Божји мисли, туку човечки“ (Матеј 16:23).
Заради Исусовата неисцрпна љубов кон Јехова, Сатана не можел да го скрши неговиот интегритет. Ништо што Ѓаволот можел да понуди, никаков испит, колку и да бил жесток, не можел да ја ослабне лојалноста на Исус кон неговиот небесен Татко. Ќе имаме ли и ние слична решителност кога заради околностите ќе ни биде тешко да го задржиме нашиот интегритет? Примерот на Јов ќе ни помогне подобро да ги разбереме предизвиците со кои можеби ќе се соочиме.
Лојалност наспроти неволји
Како што сфатил и Јов, неволјите може да нѐ снајдат во секое време. Тој бил среќно оженет човек со десет деца и имал добра духовна рутина (Јов 1:5). Но, без Јов да знае, неговиот интегритет кон Бог станал главен предмет на расправа во небесниот суд, и Сатана решил да го скрши на секој можен начин.
Во еден миг Јов го изгубил своето материјално богатство (Јов 1:14—17). Меѓутоа, интегритетот на Јов го издржал испитот зашто тој никогаш не ја ставил својата доверба во парите. Сеќавајќи се на времето кога бил богат, Јов изјавил: „Зар надежта ја ставив во златото . . . зар се радував на големо богатство . . . Тоа ќе беше грев . . . бидејќи би се одрекол од Сѐвишниот Бог“ (Јов 31:24, 25, 28).
И денес е можно преку ноќ да изгубиме речиси сѐ што имаме. Еден бизнисмен што е Јеховин сведок бил измамен за голема сума пари, поради што речиси банкротирал. Тој отворено признава: „Само што не добив срцев удар. Всушност, мислам и дека навистина ќе добиев да не беше мојот однос со Бог. Сепак, ова искуство ме натера да сфатам дека духовните вредности не беа на прво место во мојот живот. Возбудата предизвикана од заработката на пари засени сѐ друго“. Овој Сведок оттогаш ја намалил својата активност во бизнисот на минимум, и редовно служи како помошен пионер, посветувајќи 50 или повеќе часови месечно во христијанската служба. Меѓутоа, други проблеми може да бидат уште поразорни отколку загубата на имотот.
Јов само што ја прифатил веста дека го изгубил богатството кога стигнал глас дека умреле неговите десет деца. Сепак одлучно рекол: „Благословено да биде Господовото [Јеховиното, NW] име“ (Јов 1:18—21). Ќе го задржиме ли ние интегритетот ако одеднаш изгубиме неколку членови на семејството? Франциско, христијански надгледник од Шпанија, ги изгубил своите две деца во трагична автобуска несреќа. Нашол утеха во тоа што се приближил до Јехова и ја зголемил својата активност во христијанската служба.
Дури и по страшната загуба на неговите деца, тешкото искушение на Јов не било завршено. Сатана го погодил со одвратна, измачувачка болест. Во тој момент, Јов добил лош совет од жена му. „Проколни го Бога и умри!“, го терала таа. Јов го игнорирал нејзиниот совет и не ‚згрешил со своите усни‘ (Јов 2:9, 10). Неговиот интегритет не зависел од поддршката од семејството туку од неговиот личен однос со Јехова.
Флора, чиј сопруг и најстар син го напуштиле христијанскиот живот пред повеќе од десет години, ги разбира чувствата што Јов сигурно ги имал. „Може да биде вистинска траума кога одеднаш ќе ја изгубиш поддршката од твоето семејство“, признава таа. „Но, знаев дека нема да најдам среќа надвор од Јеховината организација. Затоа, додека се трудев да бидам добра сопруга и мајка, стоев цврсто и го ставив Јехова на прво место. Постојано се молев и Јехова ме зајакна. Јас сум една среќна личност зашто, и покрај одлучното противење од мојот сопруг, научив потполно да се потпирам на Јехова.“
Следното средство на Сатана за да го скрши интегритетот на Јов вклучувало тројца од неговите пријатели (Јов 2:11—13). Колку мора да му било тешко кога почнале да го критикуваат. Да ги прифател нивните аргументи, ќе ја изгубел својата доверба во Јехова Бог. Нивниот обесхрабрубачки совет можел да го скрши неговиот дух и неговиот интегритет, и на тој начин планот на Сатана ќе успеел.
Наместо тоа, Јов одлучно рекол: „Дури не умрам нема да отстапам од мојот интегритет!“ (Јов 27:5, NW). Тој не рекол: ‚Нема да ви дозволам вам луѓе да ме натерате да отстапам од мојот интегритет!‘ Јов знаел дека неговиот интегритет зависи од него самиот и од неговата љубов кон Јехова.
Стар трик да се фати нова жртва
Сатана сѐ уште ги користи погрешно упатениот совет или непромислените забелешки од пријателите и соверниците. Обесхрабрувањето во собранието може да ни го поткопа моралот полесно отколку прогонството однадвор. Еден христијански старешина кој порано бил активен војник во армијата, го споредил тоа војување со болката што ја доживеал од непромислените зборови и постапки на некои сохристијани. Во врска со последново, тој рекол: „Тоа е најтешкото нешто што сум го поминал“.
Еден друг аспект е тоа што можеме толку да се вознемириме од несовршеностите на соверниците што ќе престанеме да зборуваме со некои од нив или дури ќе почнеме да ги пропуштаме христијанските состаноци. Може да ни се чини дека најважна работа е да им олесниме на нашите повредени чувства. Но, колку би било жално да прифатиме такво кратковидо гледиште и да дозволиме нашиот најскапоцен посед — односот со Јехова — да биде заслабнат од она што другите го прават или велат. Ако дозволиме тоа да се случи, ќе паднеме како жртва на еден од прастарите трикови на Сатана.
Разбирливо е да бараме високи мерила во христијанското собрание. Но, ако очекуваме премногу од соверниците, кои сепак се несовршени, сигурно ќе бидеме разочарани. За разлика од тоа, Јехова е реален во она што го бара од своите слуги. Ако го имитираме неговиот пример, ќе бидеме подготвени да ги поднесеме нивните несовршености (Ефешаните 4:2, 32). Апостол Павле го дал овој совет: „Ако сте гневни, не дозволувајте гневот да ве води во грев! Сонцето да не ве најде како уште се гневите; не оставајте дупка за ѓаволот да се протне!“ (Ефешаните 4:26, 27, The New English Bible).
Како што Библијата јасно покажува, Сатана користи многу различни препредени средства за да открие — ако може — начин да го скрши интегритетот на некој христијанин. Некои од неговите трикови се привлечни за грешното тело, други се извор на болка. Од наведеното, можеш да видиш зошто никогаш не треба да бидеш фатен неподготвен. Со љубовта кон Бог всадена во срцето, одлучи да докажеш дека Ѓаволот е лажливец и израдувај го Јеховиното срце (Пословици 27:11; Јован 8:44). Запомни, вистинскиот христијански интегритет никогаш не смее да биде компромитиран, сеедно на какви испити ќе наидеме.
[Фуснота]
a Библискиот изучувач В. Е. Вајн вели дека оригиналниот грчки збор може да се преведе и со „препредено средство“.