ПОГЛАВЈЕ 23
Чудата на Исус во Капернаум
МАТЕЈ 8:14-17; МАРКО 1:21-34; ЛУКА 4:31-41
ИСУС ИСТЕРАЛ ДЕМОН
ЈА ИЗЛЕКУВАЛ ТЕШТАТА НА ПЕТАР
Откако Исус ги повикал Петар, Андреј, Јаков и Јован да бидат негови ученици и рибари на луѓе, следната сабота заедно со нив отишол во синагогата во Капернаум. Таму ги поучувал луѓето и повторно предизвикал восхит. Исус поучувал како ‚некој зад чии зборови стоел Бог, а не како книжниците‘.
Таа сабота, во синагогата дошол еден човек кој бил обземен од демон. Човекот среде синагогата почнал да вика на сет глас: „Што имаме ние со тебе, Исусе Назареќанецу? Дојде ли за да нѐ уништиш? Знам точно кој си ти: Светецот Божји!“ Исус го прекорил демонот со зборовите: „Замолчи и излези од него!“ (Марко 1:24, 25).
Тогаш демонот го фрлил човекот на земја во грч, а тој почнал гласно да вика. Но, демонот излегол од човекот „без да го повреди“ (Лука 4:35). Сите во синагогата биле запрепастени. „Што е ова?“, се прашувале. „Има власт да им заповеда дури и на нечистите духови, и тие го слушаат“ (Марко 1:27). Веста за оваа несекојдневна случка се раширила низ цела Галилеја.
Откако си заминале од синагогата, Исус и неговите ученици отишле кај Симон, односно Петар. Таму, тештата на Петар лежела болна од силна треска, па затоа го замолиле Исус да ѝ помогне. Тој отишол до неа, ја фатил за раката и ја подигнал. Таа веднаш оздравела и почнала да ги послужува Исус и учениците, а веројатно им направила и нешто за јадење.
На зајдисонце, кај Петар почнале да доаѓаат многу луѓе кои ги носеле своите болни роднини и пријатели. Изгледало како пред куќата да се собрал целиот град барајќи помош од Исус. Всушност, ‚сите што имале болни, кои боледувале од разни болести, ги доведувале кај него. Тој ги полагал рацете врз секој од нив и ги оздравувал‘ (Лука 4:40). Од што и да биле болни, Исус ги лекувал, токму како што било проречено (Исаија 53:4). Дури им помогнал и на оние што биле обземени од демони. Додека злите духови излегувале од луѓето, извикувале: „Ти си Синот Божји!“ (Лука 4:41). Но, Исус ги прекорувал и не им дозволувал да зборуваат. Тие знаеле дека Исус е Месијата, но тој не сакал луѓето да помислат дека демоните му служат на вистинскиот Бог.