Почувствувај ја радоста од давањето
„АВТОБУСОТ може да појде, ама Кинезот мора да се симне!“ Александра ги чула овие зборови чекајќи во автобус на еден граничен премин меѓу две јужноамерикански држави. Се симнала да види што се случува и здогледала еден млад Кинез кој едвај зборувал шпански како се мачи да му објасни на граничарот што го снашло. Бидејќи Александра била дел од едно собрание на Јеховините сведоци на кинески јазик, се понудила бесплатно да служи како толкувач.
Човекот рекол дека има документи за престој, но дека му ги украле сосе парите. Отпрвин, граничарот мислел дека тој лаже, па дури и дека Александра е вмешана во трговија со луѓе. Сепак на крај поверувал, но несреќниот патник морал да плати казна за непоседување соодветна документација. Бидејќи немал пари, Александра му дала на заем 20 долари. Човекот бил многу благодарен и рекол дека ќе ѝ врати повеќе од 20 долари. Александра објаснила дека не бара ништо за возврат и дека со задоволство сака да му помогне затоа што тоа е исправно. Му дала библиска литература и го поттикнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.
Колку е убаво кога ќе слушнеш дека некој е дарежлив кон некого што воопшто не го познава. Се разбира, дарежливи луѓе има во секоја религија, но и меѓу оние што не се религиозни. Дали и ти ќе беше спремен да помогнеш во слична ситуација? Добро е да си го поставиме ова прашање, зашто Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Освен тоа, постојат научни докази дека давањето е за наше добро. Да видиме зошто.
ВЕСЕЛИОТ ДАРИТЕЛ
Се покажало дека давањето навистина усреќува. Апостол Павле напишал дека „Бог го сака веселиот дарител“. Тој зборувал за христијани кои дале великодушни донации за да им помогнат на своите соверници кои биле во тешка ситуација (2. Коринќаните 8:4; 9:7). Павле јасно кажал дека тие биле среќни затоа што можеле да даваат и да им помагаат на другите.
Едно истражување покажа дека давањето „активира делови од мозокот поврзани со задоволството, меѓучовечките односи и довербата, и создава убаво чувство“. Според друго истражување, „кога учесниците давале пари некому, тоа ги правело посреќни отколку кога ги трошеле за себе“.
Дали некогаш мислиш дека не можеш да дадеш многу поради околностите? Факт е дека секој може да ја почувствува радоста од давањето. Не е важно колку ќе дадеме, туку од кои мотиви даваме. Една жена, која е Јеховин сведок, испратила прилог до редакцијата на ова списание заедно со следнава порака: „Сите овие години давав многу мали прилози во салата за состаноци. Тоа беше сѐ што можев да дадам“. Сепак, таа понатаму вели: „Јехова Бог ми врати многу повеќе од она што сум го дала... Фала што ми овозможивте да испраќам прилози за Јеховиното дело. Тоа ме прави среќна“.
Се разбира, давањето не е поврзано само со пари. Може да даваме и на многу други начини.
ДАВАЊЕТО Е ДОБРО ЗА ЗДРАВЈЕТО
Библијата вели: „Добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа, а суровиот човек му прави лошо на своето тело“ (Изреки 11:17). Добродушните луѓе се дарежливи. Тие се спремни да трошат време и сила за другите, да се грижат за нив и слично. Ваквиот став им користи на многу начини, меѓу другото и здравствено.
Истражувањата покажуваат дека оние што доброволно им помагаат на другите поретко имаат физички болки и депресија. Општо земено, тие имаат подобро здравје. Дури и на луѓе со хронични здравствени проблеми, како што се мултиплекс склероза или ХИВ, им се подобрило здравјето затоа што несебично давале. Се покажало и дека поранешни алкохоличари кои им помагаат на другите помалку патат од депресија, а помали се и шансите да се вратат на старата навика.
Едно објаснување за тоа е дека „сочувството, добродушноста и љубезноста не оставаат простор за негативни емоции“. Давањето може и да го намали стресот и крвниот притисок. А луѓето на кои им починал брачниот другар побрзо закрепнале од симптомите на депресија кога им помагале на други.
Според тоа, неоспорно е дека давањето е добро за нас.
ДАВАЊЕТО Е ЗАРАЗНО
Исус ги поттикнал своите следбеници: „Давајте, и ќе ви се даде. Ќе ви сипат во скутот добра мера, набиена, натресена и преполна. Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38). Кога даваш, најверојатно другите ќе ти бидат благодарни и можеби и самите ќе станат дарежливи. Значи, давањето придонесува за подобри односи и пријателства.
Научниците кои ги истражуваат меѓучовечките односи велат: „Со своите постапки, луѓето што се несебични ги поттикнуваат и другите да бидат такви. Дури и самото читање за нечии великодушни дела нѐ прави подарежливи“. Според друго истражување „секој човек со својата дарежливост може да изврши позитивно влијание врз голем број луѓе, а некои од нив воопшто да не ги ни познава“. Со други зборови, еден великодушен чин може да предизвика верижна реакција што ќе влијае врз една цела заедница. Би сакал ли да бидеш дел од една таква заедница? Без сомнение, би било многу поубаво ако повеќе луѓе се дарежливи.
Ова го потврдува еден пример од Флорида (САД). Една група Јеховини сведоци помагале како доброволци после еден разорен ураган. Додека чекале материјал за куќата што требало да ја поправат, забележале дека оградата на еден сосед е оштетена, па се понудиле да му помогнат. „Засекогаш ќе ви бидам благодарен“, напишал овој човек во писмото што го испратил до главното седиште на Јеховините сведоци. „Ова се едни од најдобрите луѓе што сум ги запознал во мојот живот.“ Од благодарност, овој човек дал доброволен прилог за делото на Јеховините сведоци за кое рекол дека е нешто посебно.
УГЛЕДАЈ СЕ НА НАЈДАРЕЖЛИВАТА ЛИЧНОСТ
Во едно истражување научниците дошле до следново неверојатно откритие: „Изгледа дека тоа е основна човечка побуда — да им помагаме на другите. Бебињата покажуваат несебичност уште пред да почнат да зборуваат“. Зошто? Одговорот ни го дава Библијата. Во неа пишува дека луѓето се создадени „според Божјиот лик“, односно ги имаат неговите особини (1. Мојсеева 1:27).
Меѓу многуте прекрасни особини кои ги поседува нашиот Творец, Јехова Бог, е и дарежливоста. Тој ни дал живот и сѐ што ни треба за да бидеме среќни (Дела 14:17; 17:26-28). Ако ја проучуваме неговата Реч, Библијата, можеме подобро да се запознаеме со нашиот небесен Татко и неговата намера за нас. Од неа дознаваме дека Бог веќе поставил темел за да имаме подобра иднинаa (1. Јованово 4:9, 10). Бидејќи дарежливоста потекнува од Јехова Бог, а ти си создаден да ги покажуваш неговите особини, не изненадува тоа што давањето е добро за тебе и угодно за Бог (Евреите 13:16).
Се сеќаваш ли на Александра, која беше спомната на почетокот? Што се случило понатаму? Еден сопатник во автобусот ѝ рекол дека залудно си ги фрлила парите. Но, младиот Кинез контактирал со некои негови пријатели во градот каде што тој и Александра се симнале и ѝ го вратил заемот од 20 долари. Исто така, овој човек го прифатил предлогот на Александра и почнал да ја проучува Библијата. Таа била многу радосна кога повторно го сретнала три месеци подоцна на еден конгрес на Јеховините сведоци на кинески јазик во Перу. За да ѝ се заблагодари за сѐ што таа направила за него, тој ја поканил неа и нејзините пријатели на вечера во неговиот ресторан.
Кога даваш и помагаш, ќе бидеш среќен. Уште посреќен ќе бидеш ако им помагаш на другите подобро да го запознаат Јехова Бог — изворот на секој добар дар! (Јаков 1:17). Дали и ти си ја почувствувал радоста од давањето?
a Нешто повеќе можеш да дознаеш од книгата Што навистина учи Библијата?, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.jw.org/mk. (Оди на ИЗДАНИЈА > КНИГИ И БРОШУРИ.)