Чувај го своето срце
„А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (ПОСЛОВИЦИ 4:23).
1, 2. Зошто треба да го чуваме своето срце?
ЕДЕН стар човек на еден карипски остров излегол од своето засолниште после ураган. Додека ја гледал штетата наоколу, сфатил дека снемало едно масивно дрво што со децении стоело близу неговата предна порта. ‚Како може да биде тоа‘, се прашувал, ‚кога помали дрвја во близината преживеаја?‘ Еден поглед на пенушката на паднатото дрво го дал одговорот. Внатрешноста на навидум непопустливото дрво била изгниена, а бурата само го разоткрила тоа невидливо распаѓање.
2 Колкава трагедија е кога еден вистински обожавател што изгледа цврсто вкоренет на христијанскиот пат на живот подлегнува на испит на верата. Библијата со право вели дека „склоноста на човечкото срце е зла од неговата младост“ (Битие 8:21, NW). Тоа значи дека без постојана будност, дури и најдоброто срце може да биде наведено да прави лошо. Бидејќи ниедно несовршено човечко срце не е имуно на расипување, треба сериозно да го сфатиме советот: „А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (Пословици 4:23). Значи, како можеме да го зачуваме нашето фигуративно срце?
Редовни прегледи — неопходни
3, 4. а) Кои прашања би можеле да се постават во врска со дословното срце? б) Што ќе ни помогне да си го испитаме фигуративното срце?
3 Ако одиш на лекарски преглед, лекарот веројатно ќе ти го прегледа срцето. Дали твоето општо здравје, вклучувајќи го и срцето, покажува дека добиваш доволно хранливи материи? Каков ти е крвниот притисок? Дали чукањето на срцето ти е рамномерно и силно? Дали вежбаш доволно? Дали срцето ти е подложно на прекумерен стрес?
4 Ако на дословното срце му се потребни редовни прегледи, што е со твоето фигуративно срце? Јехова го испитува (1. Летописи 29:17). Треба и ние. Како? Поставувајќи си прашања како што се: Дали моето срце добива доволно духовна храна преку редовно лично проучување и присуствување на состаноците? (Псалм 1:1, 2; Евреите 10:24, 25). Дали пораката на Јехова ја чувствувам во срцето како „распламенат оган запретан во моите коски“, кој ме поттикнува да имам учество во проповедањето за Царството и делото на правење ученици? (Еремија 20:9; Матеј 28:19, 20; Римјаните 1:15, 16). Дали сум поттикнат силно да се напрегам, учествувајќи во некој облик на полновремена служба кога е можно? (Лука 13:24). На каква околина го изложувам моето фигуративно срце? Дали го барам друштвото на други чии срца се обединети во вистинското обожавање? (Пословици 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Брзо да забележиме секаков недостаток и веднаш да преземеме мерки да го поправиме.
5. За која корисна цел можат да ни послужат испитите на верата?
5 Често доживуваме испити на верата. Тие ни даваат прилика да ја забележиме состојбата на своето срце. На Израелците што биле на прагот да влезат во Ветената земја, Мојсеј им рекол: „Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш“ (Второзаконие 8:2). Зарем честопати не сме изненадени од чувствата, желбите или реакциите што испливуваат на површина кога се соочуваме со неочекувани ситуации или искушенија? Испитите што Јехова дозволува да се случат сигурно можат да нѐ направат свесни за нашите недостатоци, давајќи ни прилика да се подобриме (Јаков 1:2-4). Никогаш да не пропуштаме да размислуваме во молитва за нашата реакција на испитите!
Што откриваат нашите зборови?
6. Што можат темите за кои сакаме да разговараме да откријат за нашето срце?
6 Како можеме да одредиме што сме собрале во своето срце? Исус рекол: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а зол човек од својата зла ризница изнесува зло; бидејќи устата му зборува од изобилието на срцето“ (Лука 6:45). Она за што обично разговараме е добар показател на она што нашето срце решило да го правиме. Дали често разговараме за материјални работи и за световни достигнувања? Или нашите разговори честопати се сосредоточуваат на духовни работи и на теократски цели? Наместо да ги рекламираме грешките на другите, дали со љубов сме склони да ги покриваме? (Пословици 10:11, 12). Дали сме склони многу да зборуваме за луѓе и за она што се случува во нивниот живот, а малку за начела и за идеи? Дали тоа би можело да биде знак дека претерано се интересираме за личните работи на другите луѓе? (1. Петрово 4:15).
7. Каква поука за чување на нашето срце можеме да извлечеме од извештајот за десетте браќа на Јосиф?
7 Размисли за она што се случило во едно големо семејство. Десетте најстари синови на Јаков ‚не можеле да му речат ни пријатен збор‘ на својот помлад брат Јосиф. Зошто? Тие биле љубоморни затоа што тој бил омилен син на нивниот татко. Подоцна, кога Јосиф бил благословен со сонови од Бог, кои докажале дека ја има Јеховината наклоност, тие ‚го замразиле уште повеќе заради тоа‘ (Битие 37:4, 5, 11). На суров начин, го продале својот брат во ропство. Потоа, во обид да го покријат својот престап, го навеле својот татко да мисли дека Јосиф е убиен од дива ѕверка. Десетмина од браќата на Јосиф пропуштиле да го чуваат своето срце во таа прилика. Ако сме лесно критички настроени кон другите, зарем тоа не би било доказ за завист или љубомора во нашето срце? Потребно е да бидеме будни да испитуваме што излегува од нашата уста и брзо да ги искоренуваме неисправните склоности.
8. Што ќе ни помогне да го испитаме своето срце ако подлегнеме да кажеме лага?
8 Иако „е невозможно Бог да лаже“, несовршените луѓе се склони да лажат (Евреите 6:18). „Секој човек е лажец!“, се жалел псалмистот (Псалм 116:11). Дури и апостол Петар трипати со лага се одрекол од Исус (Матеј 26:69-75). Јасно, мораме да внимаваме да избегнуваме лаги зашто Јехова мрази „лажлив јазик“ (Пословици 6:16-19). Кога некогаш ќе подлегнеме да кажеме лага, би било добро да ја анализираме причината. Дали тоа било поради стравот од човек? Дали причината била страв од казна? Дали можеби во коренот на проблемот било да си обелиме образ или, пак, било чиста себичност? Без разлика како било, колку е соодветно да размислуваме за тоа, понизно да го признаеме својот недостаток и да го преколнуваме Јехова да ни прости, барајќи негова помош да ја совладаме слабоста! „Старешините од собранието“ можеби се во најдобра положба да ни ја дадат таа помош (Јаков 5:14).
9. Што можат нашите молитви да ни откријат за нашето срце?
9 Како одговор на барањето на младиот цар Соломон за мудрост и спознание, Јехова рекол: „Бидејќи тоа ти е во срцето, а не бараше ни богатство, ни благо, ни слава . . . ти давам мудрост и знаење. Но ти давам и богатство, благо и слава“ (2. Летописи 1:11, 12). Од тоа што Соломон побарал а што не побарал, Јехова знаел што има во срцето на Соломон. Што открива за нашето срце комуницирањето со Бог? Дали нашите молитви ја откриваат нашата жед за спознание, мудрост и проникливост? (Пословици 2:1-6; Матеј 5:3). Дали интересите на Царството ни се во срцето? (Матеј 6:9, 10). Ако молитвите ни станале механички и рутински, тоа би можело да укажува на потребата да си одвоиме време да медитираме за Јеховините дела (Псалм 103:2). Сите христијани треба да бидат будни да препознаат што откриваат нивните молитви.
Што ни кажуваат нашите постапки?
10, 11. а) Од каде потекнуваат прељубата и блудот? б) Што ќе ни помогне да не ‚извршиме прељуба во своето срце‘?
10 Се вели дека постапките зборуваат погласно од зборовите. Нашите постапки секако дека во голема мера зборуваат за тоа какви сме внатре. На пример, во врска со моралот, да се чува срцето вклучува повеќе отколку само да се избегнува еден чин на блуд или прељуба. Во својата Проповед на гората, Исус навел: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Како можеме да избегнуваме да вршиме прељуба дури и во своето срце?
11 Верниот патријарх Јов дал пример за оженетите христијански мажи и жени. Јов без сомнение имал секојдневни контакти со помлади жени и дури љубезно им помагал ако им била потребна помош. Но, помислата да има романтичен интерес за нив не доаѓала предвид за овој човек од интегритет. Зошто? Затоа што цврсто бил решен да не гледа со страст на жена. „Склучив завет со своите очи“, рекол тој. „Дека нема да погледнат на ниедна девица“ (Јов 31:1). И ние да склучиме сличен завет со своите очи и да го чуваме своето срце.
12. Како би го применил Лука 16:10 во врска со чувањето на твоето срце?
12 „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу“, изјавил Синот Божји, „а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“ (Лука 16:10). Да, треба да го испитаме своето однесување во навидум ситните работи од секојдневниот живот, дури и она што се случува во приватноста на нашиот дом (Псалм 101:2). Додека седиме дома, гледајќи телевизија, или сме вклучени на Интернет, дали внимаваме да се придржуваме за библиската опомена: „Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе; ниту срамотно однесување, ниту глупави зборови, ниту срамотни шеги, кои не прилегаат“? (Ефешаните 5:3, 4). А што е со насилството што може да биде достапно на телевизија или на видеоигрите? „Господ ги испитува: праведниот и неправедниот“, рекол псалмистот, „од дното на душата го мрази силникот“ (Псалм 11:5).
13. Кое предупредување е на место кога размислуваме за она што излегува од нашето срце?
13 „Поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно“, предупредил Еремија (Еремија 17:9). Оваа измамливост на срцето може да дојде до израз кога бараме изговор за своите грешки, ги сведуваме на минимум своите недостатоци, наоѓаме оправдување за сериозни карактерни маани или ги преувеличуваме достигнувањата. Очајничкото срце е исто така способно да се најде во состојба на дволичност — мазни усни што кажуваат едно, постапки што кажуваат друго (Псалм 12:2; Пословици 23:7). Колку е битно да бидеме чесни додека испитуваме што излегува од срцето!
Дали нашето око е едноставно?
14, 15. а) Што е „едноставно“ око? б) Како задржувањето на едноставно око ни помага да го чуваме срцето?
14 „Ламбата на телото е окото“, рекол Исус. Тој додал: „Тогаш, ако окото ти е едноставно, целото тело ќе ти биде светло“ (Матеј 6:22). Окото што е едноставно е сосредоточено на една цел, или намера, и не се одвраќа ниту застранува од неа. Навистина, нашето око треба да биде сосредоточено на тоа ‚да го бараме најнапред царството и [Божјата] праведност‘ (Матеј 6:33). Што може да му се случи на нашето фигуративно срце ако не го задржиме своето око едноставно?
15 Разгледај ја ситуацијата во врска со заработувањето за живот. Задоволувањето на потребите за нашето семејство е христијанско барање (1. Тимотеј 5:8). Но, што ако сме искушани од желбата да го имаме најновото, најдоброто, и најбараното во поглед на храна, облека, кров над главата и други работи? Зарем тоа не би можело, всушност, да го зароби срцето и умот, придонесувајќи нашето обожавање да го вршиме со половично срце? (Псалм 119:113, NW; Римјаните 16:18). Зошто да станеме толку обземени од грижата за телесните потреби што нашиот живот ќе се врти само околу семејството, бизнисот и материјалните работи? Сети се на инспирираниот совет: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка. Зашто ќе дојде врз сите кои живеат по лицето на целата земја“ (Лука 21:34, 35).
16. Каков совет дал Исус во врска со окото и зошто?
16 Окото е важен канал за комуникација со умот и со срцето. Она на што се сосредоточува тоа може силно да влијае врз нашите мисли, емоции и постапки. Користејќи илустративен јазик, Исус укажал на моќта на визуелното искушение и рекол: „Ако твоето десно око те наведува на спрепнување, извади го и фрли го од себе. Зашто покорисно ти е да изгубиш еден од своите членови отколку целото твое тело да биде фрлено во Геена“ (Матеј 5:29). Окото мора да се воздржува од тоа да се концентрира на неисправни глетки. На пример, не смее да се задржува на материјал што е наменет да стимулира или подбуди недозволени страсти и желби.
17. Како применувањето на Колошаните 3:5 ни помага да го чуваме срцето?
17 Се разбира, видот не е нашето единствено сетило за комуникација со надворешниот свет. Други сетила, како што се допирот и слухот, играат своја улога, и затоа е потребно да преземеме мерки на претпазливост и со деловите од телото кои се поврзани со нив. Апостол Павле опоменал: „Затоа, умртвете ги своите телесни членови што се на земјата во поглед на блуд, нечистота, сексуална страст, штетна желба и лакомост, што е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5).
18. Кои мерки треба да ги преземеме во врска со неисправните мисли?
18 Неисправната желба може да потекнува од некое скриено катче во нашиот ум. Ако се задржуваме на неа, обично таа погрешна желба се зголемува и влијае врз срцето. „Тогаш желбата, кога станува плодна, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15). Многумина признаваат дека честопати вака доаѓа до самозадоволување. Колку е важно постојано да го полниме нашиот ум со духовни работи! (Филипјаните 4:8). А ако ни дојде на ум некоја неисправна мисла, треба да се бориме да ја отфрлиме.
‚Служи му на Јехова со сето срце‘
19, 20. Како можеме да успееме да му служиме на Јехова со цело срце?
19 Кога бил стар, цар Давид му рекол на својот син: „Сине мој Соломоне, познај Го Бога, својот Татко, и служи Му со сето срце и со драговолна душа, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери“ (1. Летописи 28:9). Самиот Соломон молел за „послушно срце“ (1. Царства 3:9, NW). Сепак, се соочил со предизвикот да задржи такво срце во текот на својот живот.
20 Ако сакаме да успееме во тој поглед, не треба само да стекнеме срце што му е угодно на Јехова туку и да го чуваме. За да го постигнеме тоа, мораме потсетувањата од Божјата реч да ги држиме во срцето — ‚среде во него‘ (Пословици 4:20-22). Треба исто така да ни стане навика да си го испитуваме срцето, размислувајќи во молитва што откриваат нашите зборови и постапки. Од каква вредност е таквото размислување ако не ја бараме искрено Јеховината помош за да ја исправиме која и да било слабост што ќе ја откриеме? И колку е битно грижливо да внимаваме што примаме преку нашите сетила! Правејќи го тоа, го имаме уверувањето дека „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува [нашите] срца и [нашите] умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Да, да бидеме решени да го чуваме срцето повеќе од сѐ друго и да му служиме на Јехова со цело срце.
Дали се сеќаваш?
• Зошто е важно да се чува срцето?
• Како анализирањето на она што го кажуваме ни помага да го чуваме срцето?
• Зошто треба да задржиме „едноставно“ око?
[Слики на страница 23]
За што обично разговараме во службата на подрачјето, на состаноците и дома?
[Слики на страница 25]
На окото што е едноставно не му е одвлечено вниманието