Можеш да ги пребродиш тешкотиите
ВО ОВИЕ тешки времиња, многумина наидуваат на проблеми слични на бури. Сепак, љубовта кон Бог и лојалноста кон неговите мерила им помагаат на христијаните да ги пребродат. Како? Одговорот може да се најде во зборовите на Исус Христос. Тој ги споредил своите послушни ученици со „разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа“. Потоа продолжил: „И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, но таа не падна, зашто темелот ѝ беше на карпа“ (Матеј 7:24, 25).
Забележи дека човекот од споредбата, и покрај тоа што бил разборит, се соочил со тешки моменти — претставени со силен дожд, со надојдени порои и со разорни ветрови. Според тоа, Исус не рекол дека неговите ученици ќе немаат никакви проблеми и дека животот ќе им биде потполно мирен и спокоен (Псалм 34:19; Јаков 4:13-15). Но рекол дека верните Божји слуги можат да се подготват за таквите бурни тешкотии и кризи, и да ги пребродат.
Исус ја започнал споредбата со зборовите: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа“. Се разбира, Исус не зборувал за тоа како треба да градиме куќи, туку како треба да го градиме својот живот. Оние што постапуваат според Исусовите зборови се разборити и имаат способност добро да ги проценат работите. Применувајќи го она што го учат, тие ги градат, односно ги развиваат своите мотиви и постапки на темел на Христовите учења што се како цврста карпа. Интересно е тоа што оваа симболична карпа не се наоѓа некаде на површината. Човекот од споредбата морал да ‚копа во длабочина‘ за да стигне до неа (Лука 6:48). Слично е и со Исусовите ученици. Тие напорно работеле за да изградат, односно да развијат издржливи особини кои уште повеќе ќе ги приближат до Бог (Матеј 5:5-7; 6:33).
Што се случува кога тешкотии слични на бура ќе ја испитаат цврстината на христијанскиот темел на Исусовите ученици? Спремноста да ги послушаат Христовите учења, како и нивните христијански особини им даваат сила кога ќе се соочат со проблеми. А што е најважно, ќе им даваат сила во Армагедон, кој наскоро ќе дојде како бура (Матеј 5:10-12; Откровение 16:15, 16). Навистина, многумина ги следат Христовите учења и успешно ги пребродуваат неволјите слични на бури. И ти можеш да го постигнеш истото (1. Петрово 2:21-23).