Приближи му се на Бог
Оној што може да врати во живот
ДАЛИ смртта ти одзела некој близок? Тоа е една од најболните работи во животот! Оној што нѐ создал ја разбира твојата болка. И не само тоа — тој може да ги отстрани последиците од смртта. Во Библијата можеме да прочитаме за некои луѓе што биле воскреснати. Бог се погрижил да бидат запишани тие настани за да покаже дека тој не само што им го дал животот на луѓето туку дека може и да ги врати во живот. Да разгледаме едно воскресение што го извршил неговиот Син, Исус Христос, со моќта што му ја дал Бог. Извештајот за ова чудо е запишан во Лука 7:11-15.
Тоа се случило во 31 год. од н.е., кога Исус бил на пат кон градот Наин, во Галилеја (11. стих). Веројатно почнало да се стемнува кога наближил до градот. Во Библијата пишува: „Кога се приближи до градската порта, гледај, изнесуваа мртовец, син единец на својата мајка, која беше вдовица. А со неа имаше и многу народ од градот“ (12. стих). Можеш ли да си ја замислиш болката на таа вдовица? Кога умрел нејзиниот единствен син, по вторпат изгубила некој што ја штител и се грижел за неа.
На Исус му паднала в очи ужалената мајка, која веројатно чекорела крај носилката на која било положено телото на нејзиниот умрен син. Во Библијата читаме: „Кога ја здогледа, Господарот се сожали на неа и ѝ рече: ‚Не плачи!‘“ (13. стих). Исус бил длабоко погоден од неволјата на таа вдовица. Можеби помислил и на својата мајка, која тогаш веројатно била вдовица и наскоро требало да тагува по него.
Исус се приближил — но не за да се приклучи на погребната поворка. Тој ‚ја допрел носилката‘ и ја запрел поворката. Потоа, со глас на оној кому му била дадена власт над смртта, рекол: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Мртовецот седнал и почнал да зборува, а Исус ѝ го предал на мајка му (14 и 15. стих). Смртта ѝ го одзела синот на оваа мајка. Затоа, кога Исус ‚го предал на мајка му‘, тие повторно станале едно семејство. Јасно е дека жалоста во срцето на таа вдовица била заменета со неизмерна радост.
Дали твоето срце копнее по таква радост — повторно да бидеш заедно со некој од твоите најблиски што починале? Биди уверен дека Бог знае како ти е. Сочувството на Исус кон таа ужалена вдовица покажува колку сочувствувал со неа и Бог, бидејќи Исус совршено ја одразува личноста на својот Татко (Јован 14:9). Од Библијата учиме дека Бог копнее да ги врати во живот мртвите што ги чува во своето сеќавање (Јов 14:14, 15). Неговата реч, Библијата, ни дава прекрасна надеж — дека ќе можеме да живееме на рајска Земја и да го дочекаме воскресението на нашите најмили! (Лука 23:43; Јован 5:28, 29). Затоа, научи нешто повеќе за Оној што може да врати во живот и дознај како можеш и ти да ја стекнеш таа надеж.
[Слика на страница 23]
„Мртовецот седна и почна да зборува, а Исус го предаде на мајка му“