ПОГЛАВЈЕ 40
Поука за простувањето
ЕДНА ГРЕШНИЦА ИЗЛЕАЛА МАСЛО ВРЗ НОЗЕТЕ НА ИСУС
СПОРЕДБАТА ЗА ДВАЈЦАТА ДОЛЖНИЦИ
Луѓето реагирале различно на она што Исус го зборувал и правел, во зависност од тоа какво било нивното срце. Еден пример за тоа е она што се случило во куќата на Симон, фарисеј од Галилеја. Симон го поканил Исус на ручек, веројатно за подобро да го запознае човекот кој правел толку многу чуда. Исус ја прифатил поканата, исто како што и во други прилики прифаќал да јаде со даночници и грешници. На тоа сигурно гледал како на убава можност да даде сведоштво.
Но, во куќата на Симон, Исус не бил пречекан како што бил обичајот. Во Палестина било вообичаен израз на гостопримство да им се измијат нозете на гостите со студена вода, затоа што стапалата во сандалите им се загревале од одењето и им се валкале од правливите патишта. Сепак, на Исус ниту му ги измиле нозете ниту го бакнале за добредојде. Еден друг израз на љубезност и гостопримство било да се излее масло врз косата на гостинот. Ни тоа никој не го направил за Исус. Тогаш, може ли воопшто да се рече дека бил добредојден?
По некое време, сите гости прилегнале до трпезата и почнале да јадат. Додека јаделе, во собата незабележливо влегла една жена која не била поканета. Таа во градот била „позната како грешница“ (Лука 7:37). Сите несовршени луѓе се грешници, но таа жена изгледа живеела неморален живот, веројатно како проститутка. Можеби ги имала слушнато учењата на Исус и неговиот повик да дојдат кај него ‚сите што се изморени и оптоварени за да ги закрепне‘ (Матеј 11:28, 29). Она што го видела и чула мора да ја допрело до срце, па затоа решила да го побара Исус.
Жената му се приближила од зад грб и клекнала крај неговите нозе. Солзите ѝ капеле врз неговите стапала, а таа ги бришела со својата коса. Потоа нежно му ги бакнувала и му ги мачкала со мирисливото масло што го донела. На Симон тоа воопшто не му се допаднало. Во себе си рекол: „Да беше овој човек пророк, ќе знаеше која е и каква е оваа жена која го допира, дека е грешница“ (Лука 7:39).
На Исус му било јасно што си помислил Симон, па му рекол: „Симоне, имам нешто да ти кажам“. Тој одговорил: „Кажи, учителе!“ Исус продолжил: „Двајца луѓе му беа должници на еден заемодавец. Едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но, бидејќи не можеа да го вратат долгот, тој спремно им прости на обајцата. Според тоа, кој од нив повеќе ќе го сака?“ Можеби со доза рамнодушност, Симон одговорил: „Веројатно оној кому му простил повеќе“ (Лука 7:40-43).
Исус се сложил со одговорот. Потоа, свртувајќи се кон жената, му рекол на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Јас влегов во твојата куќа, и ти не ми даде вода за нозете. А оваа жена ми ги облеа нозете со солзи и ги избриша со својата коса. Ти не ме бакна, а оваа жена, откако влегов, не престана да ми ги бакнува нозете. Ти не ми ја намачка главата со масло, а оваа жена ми ги намачка нозете со мирисливо масло“. Таа жена со своите постапки покажала дека искрено се кае за својот неморален начин на живот. Исус го видел тоа, и затоа рекол: „Простени ѝ се гревовите, иако се многу, бидејќи покажа многу љубов. А кому малку му е простено, малку љубов покажува“ (Лука 7:44-47).
Исус воопшто не ја намалувал сериозноста на неморалот. Таа случка само покажала колкаво сочувство и разбирање имал Христос кон оние што направиле тешки гревови но на кои им било жал за тоа и побарале помош од него. Какво само олеснување почувствувала жената кога Исус ѝ рекол: „Простени ти се гревовите... Твојата вера те спаси. Оди си во мир“ (Лука 7:48, 50).