„Останете во мојата реч“
„Ако останете во мојата реч, навистина сте мои ученици“ (ЈОВАН 8:31).
1. а) Кога Исус се вратил на небото, што оставил зад себе на земјата? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
КОГА Исус Христос, основачот на христијанството, се вратил на небото, овде на земјата не оставил книги што ги напишал, споменици што ги изградил ниту богатства што ги натрупал. Но, зад себе оставил ученици, како и конкретни барања за да се биде ученик. Всушност, од евангелието по Јован дознаваме дека Исус спомнал три важни барања што мора да ги исполни секој што сака да биде негов следбеник. Кои се тие барања? Што можеме да направиме за да ги исполниме? И, како можеме да се увериме дали денес ние лично се квалификуваме за ученици на Христос?a
2. Кое е едно важно барање за да се биде ученик, како што е запишано во евангелието по Јован?
2 Околу шест месеци пред да умре, Исус отишол во Ерусалим и им проповедал на мноштвата што се собрале таму за да го прослават празникот Сеници, кој траел една седмица. Како резултат на тоа, некаде на средина од празникот, „мнозина од мноштвото поверуваа во него“. Исус продолжил да проповеда, така што на последниот ден од празникот, повторно „мнозина поверуваа во него“ (Јован 7:10, 14, 31, 37; 8:30). Тогаш Исус го насочил своето внимание на новите верници и навел едно важно барање за да се биде ученик, како што запишал апостол Јован: „Ако останете во мојата реч, навистина сте мои ученици“ (Јован 8:31).
3. Која особина е потребна за ‚да се остане во [Исусовата] реч‘?
3 Со овие зборови Исус не сакал да каже дека новите верници немале доволно вера. Наместо тоа, тој укажал дека тие пред себе ја имале приликата да станат негови вистински ученици — само ако останеле во неговата реч, ако покажеле истрајност. Тие ја прифатиле неговата реч, но сега требало да останат во неа (Јован 4:34; Евреите 3:14). Всушност, Исус сметал дека истрајноста е толку важна особина за неговите следбеници што дури и во последниот разговор со своите апостоли, запишан во евангелието по Јован, Исус двапати поттикнал: ‚Продолжете да ме следите‘ (Јован 21:19, 22). Многу рани христијани го правеле токму тоа (2. Јованово 4). Што им помогнало да истраат?
4. Што им овозможило на раните христијани да истраат?
4 Апостол Јован, кој бил верен ученик на Христос околу седум децении, укажал на еден важен фактор. Тој ги пофалил верните христијани, велејќи: „[Вие] сте јаки и речта Божја останува во вас и го победивте злобниот“. Тие Христови ученици истрајале, односно останале во речта Божја, затоа што речта Божја останала во нив. Тие имале искрено ценење за неа (1. Јованово 2:14, 24). Слично и денес, за да ‚истраеме до крајот‘, треба да се погрижиме речта Божја да остане во нас (Матеј 24:13). Како можеме да го направиме тоа? Една илустрација што ја кажал Исус ни го дава одговорот.
„Оној кој ја слуша речта“
5. а) Кои различни видови почва ги спомнал Исус во една своја илустрација? б) Што претставуваат семето и почвата во Исусовата илустрација?
5 Исус кажал една илустрација за сејач што сее семе, која е запишана во евангелијата по Матеј, Марко и Лука (Матеј 13:1—9, 18—23; Марко 4:1—9, 14—20; Лука 8:4—8, 11—15). Додека ги читаш овие извештаи, ќе забележиш дека клучно обележје на илустрацијата е тоа што истиот вид семе паѓа на различни видови почва, при што дава различни резултати. Првиот вид почва е тврда, втората е плитка, а третата е обрасната со трње. Четвртиот вид, за разлика од другите три, е „добра почва“. Според објаснувањето што го дал самиот Исус, семето е пораката за Царството што се наоѓа во Божјата реч, а почвата ги претставува луѓето со различни состојби на срцето. Иако луѓето што се претставени со различни видови почва имаат некои заеднички работи, оние што се претставени со добрата почва имаат една карактеристика што ги издвојува од другите.
6. а) Во кој поглед четвртиот вид почва од Исусовата илустрација се разликува од другите три вида, и што значи тоа? б) Што е неопходно за да покажеме истрајност како Христови ученици?
6 Извештајот во Лука 8:12—15 покажува дека во сите четири случаи, луѓето ја „чуле речта“. Меѓутоа, тие што имаат „извонредно и добро срце“ прават повеќе отколку само да ‚ја чујат речта‘. Тие „ја задржуваат и донесуваат плод со истрајност“. Добрата почва, бидејќи е мека и длабока, им овозможува на корењата на семето да продрат надолу и, како резултат на тоа, семето из’ртува и донесува плод (Лука 8:8). Слично на ова, оние што имаат добро срце ја разбираат, ја ценат и се задлабочуваат во Божјата реч (Римјаните 10:10; 2. Тимотеј 2:7). Божјата реч останува во нив. Затоа тие донесуваат плод со истрајност. Значи, неопходно е ценење за Божјата реч за да покажеме истрајност како Христови ученици (1. Тимотеј 4:15). Но, како можеме да развиеме такво длабоко ценење за Божјата реч?
Состојба на срцето и смисловно медитирање
7. Која активност е тесно поврзана со доброто срце?
7 Забележи со која активност Библијата постојано го поврзува доброто срце. „Срцето на праведникот медитира како да одговори“ (Пословици 15:28, NW). „Нека зборовите од мојата уста и медитирањето на моето срце бидат угодни пред тебе, о Јехова“ (Псалм 19:14, NW). „Моето срце ќе медитира за работи за разбирање“ (Псалм 49:3, NW).
8. а) Кога ја читаме Библијата, што треба да избегнуваме, а што треба да правиме? б) Кои користи ги имаме кога во молитва медитираме за Божјата реч? (Вклучи ја и рамката „Утврдени во вистината“.)
8 Исто како овие библиски писатели, и ние треба со ценење и во молитва да медитираме за Божјата реч и за Неговата активност. Кога ја читаме Библијата или публикации што се темелат на неа, не треба да се однесуваме како растрчани туристи што брзаат од едно живописно место до друго, кои снимаат сѐ, но не гледаат многу. Наместо тоа, кога ја проучуваме Библијата, сакаме да одвоиме време да застанеме и, така да се каже, да уживаме во сцената.b Додека во мир размислуваме за тоа што го читаме, Божјата реч влијае врз нашето срце. Ги буди нашите емоции и го обликува нашето размислување. Исто така, нѐ поттикнува да ги споделиме нашите најлични мисли со Бог во молитва. Како резултат на тоа, уште повеќе се приврзуваме кон Јехова, а нашата љубов кон Бог нѐ поттикнува да продолжиме да го следиме Исус дури и во тешки околности (Матеј 10:22). Јасно, ако сакаме да останеме верни до крајот, неопходно е да медитираме за она што го вели Бог (Лука 21:19).
9. Како можеме да се погрижиме нашето срце да остане приемливо за Божјата реч?
9 Исусовата илустрација исто така покажува дека постојат некои пречки за растот на семето, Божјата реч. Значи, за да останеме верни ученици, треба 1) да ги препознаеме пречките што се претставени со лошите услови на почвата спомнати во илустрацијата, и 2) да преземеме чекори да ги поправиме или да ги избегнеме. На тој начин ќе се погрижиме нашето срце да остане приемливо за семето на Царството и да продолжи да донесува плод.
„Покрај патот“ — оние што се преокупирани
10. Опиши го првиот вид почва од Исусовата илустрација и објасни го нејзиното значење.
10 Првиот вид почва на која паѓа семето е „покрај патот“, каде што семето е „згазено“ (Лука 8:5). Почвата крај пат што минува низ житно поле е тврдо набиена од многуте минувачи (Марко 2:23). Слично на ова, оние што дозволуваат многуте активности во светот да им одземаат премногу време и енергија, можат да утврдат дека се премногу зафатени за да развијат искрено ценење за Божјата реч. Тие ја слушаат, но пропуштаат да медитираат за неа. Затоа нивното срце останува во состојба на неприемливост. Пред да развијат љубов кон неа, „доаѓа Ѓаволот и ја одзема речта од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат“ (Лука 8:12). Може ли да се спречи тоа?
11. Како можеме да спречиме состојбата на нашето срце да стане како тврда почва?
11 Може да се стори многу за да се спречи срцето да стане како непродуктивна почва покрај некој пат. Изгазената и тврда почва може да стане мека и продуктивна ако се изора и ако се спречи да ја газат минувачи. На сличен начин, тоа што ќе се одвојува време за проучување и медитирање за Божјата реч може да води до тоа срцето да стане како добра, продуктивна почва. Клучот е да не станеме преокупирани со секојдневните работи во животот (Лука 12:13—15). Наместо тоа, да се погрижиме да најдеме време за да размислуваме за „поважните работи“ во животот (Филипјаните 1:9—11).
„На камена маса“ — оние што се плашат
12. Која е вистинската причина што изданокот овенува во вториот вид почва спомната во Исусовата илустрација?
12 Кога семето ќе падне на вториот вид почва, не само што останува на неа исто како во првиот случај туку пушта корени и из’ртува. Но потоа, кога ќе изгрее сонцето, изданокот се суши од жештината на сонцето и овенува. Меѓутоа, забележи го овој значаен детаљ. Вистинската причина што изданокот овенува не е жештината. Па, нели и растението што расте на добрата почва е изложено на сонце, но не овенува туку, напротив, успева? Во што е разликата? Овој изданок овенува, објаснува Исус, ‚затоа што не бил во длабока почва‘ и ‚немало влага‘ (Матеј 13:5, 6; Лука 8:6). ‚Камената маса‘, односно карпа, што се наоѓа веднаш под горниот слој на почвата, не му дозволува на семето да ги пушти своите корени доволно длабоко за да најде влага и стабилност. Изданокот овенува затоа што почвата е плитка.
13. Кој вид поединци се како плитка почва и која е подлабоката причина за начинот на кој реагираат?
13 Овој дел од илустрацијата се однесува на поединците што ‚ја примаат речта со радост‘ и ревносно го следат Исус „некое време“ (Лука 8:13). Но, кога се изложени на жешкото сонце на „неволја или прогонство“, толку се исплашуваат што ја губат радоста и силата и престануваат да го следат Христос (Матеј 13:21). Меѓутоа, подлабоката причина за нивниот страв не е противењето. Па, милиони Христови ученици истрајуваат во различни облици на неволји, но сепак остануваат верни (2. Коринќаните 2:4; 7:5). Вистинската причина зошто некои стануваат плашливи и отпаѓаат е тоа што камената состојба на нивното срце ги спречува да медитираат доволно длабоко за позитивни и духовни работи. Поради тоа, ценењето што го развиваат за Јехова и за неговата реч е премногу површно и премногу слабо за да издржи противење. Како може некој да спречи таков исход?
14. Кои чекори треба да ги направи некој за да спречи состојбата на неговото срце да стане како плитка почва?
14 Поединецот треба да се погрижи во неговото срце да не се сместат никакви пречки слични на камен, како што е длабоко вкоренета огорченост, прикриени лични интереси или слични закоравени но скриени чувства. Ако веќе постои таква бариера, силното влијание што го врши Божјата реч може да ја отстрани (Еремија 23:29; Ефешаните 4:22; Евреите 4:12). Потоа, медитирањето во молитва ќе го поттикне „всадувањето на речта“ длабоко во срцето на поединецот (Јаков 1:21). Ова ќе ни даде сила да се справиме со периодите на обесхрабрување и ќе ни даде храброст да останеме верни наспроти тешкотии.
„Меѓу трње“ — поделеност
15. а) Зошто третиот вид почва што го спомнал Исус особено го заслужува нашето внимание? б) Што се случува на крајот со третиот вид почва, и зошто?
15 Третиот вид почва, онаа со трње, особено го заслужува нашето внимание затоа што во некои погледи е слична на добрата почва. Исто како добрата почва, трнливата почва му дозволува на семето да пушти корени и да из’рти. Во почетокот нема разлика во растот на новото растение на овие два вида почва. Но, со текот на времето, се развива состојба што на крајот го задушува растението. За разлика од добрата почва, оваа почва обраснува со трње. Додека младото растение расте на оваа почва, се соочува со соперништво од ‚трњето што нараснале со него‘. Извесно време двата рода се натпреваруваат за храна, светлина и простор, но на крајот трњето го засенуваат растението и ‚го задушуваат‘ (Лука 8:7).
16. а) Кои поединци личат на почвата со трње? б) Според трите извештаи од евангелијата, што е претставено со трњето? (Види фуснота.)
16 Кои поединци личат на почвата со трње? Исус објаснува: „Тоа се оние кои чуле, но бидејќи се одвлечени од тегобните грижи и од богатството и од задоволствата на овој живот, потполно се задушуваат и ништо не доведуваат до совршенство“ (Лука 8:14). Исто како што семето на сејачот и трњето растат на почвата истовремено, така некои поединци се обидуваат да направат простор истовремено и за Божјата реч и за „задоволствата на овој живот“. Вистината од Божјата реч е посеана во нивното срце, но се соочува со соперништво од други стремежи што се натпреваруваат за нивното внимание. Нивното фигуративно срце е поделено (Лука 9:57—62). Ова не им дозволува да посветуваат доволно време за смисловно медитирање за Божјата реч во молитва. Тие не успеваат да ја впијат целосно Божјата реч и затоа им недостига длабокото ценење што е потребно за да истраат. Малку по малку, нивните духовни интереси се засенети од недуховни стремежи до тој степен што „потполно се задушуваат“.c Каков само тажен крај за оние што не го љубат Јехова со цело срце! (Матеј 6:24; 22:37).
17. Каков избор треба да направиме во животот за да не бидеме задушени од фигуративното трње спомнато во Исусовата илустрација?
17 Давајќи им приоритет на духовните работи во однос на материјалните, избегнуваме да бидеме задушени од болките и задоволствата на овој свет (Матеј 6:31—33; Лука 21:34—36). Никогаш не треба да го запоставиме читањето на Библијата и размислувањето за она што го читаме. Ќе најдеме повеќе време за концентрирано размислување во молитва ако го поедноставиме својот живот колку што е можно повеќе (1. Тимотеј 6:6—8). Божјите слуги што го направиле тоа — кои, така да се каже, го искорнале трњето од почвата за да му дадат повеќе храна, светлина и простор на растението што дава плод — доживуваат благослов од Јехова. Сандра, која има 26 години, вели: „Кога медитирам за моите благослови во вистината, сфаќам дека светот не може да понуди ништо што може да се спореди со тоа!“ (Псалм 84:11).
18. Како можеме да останеме во Божјата реч и да истраеме како христијани?
18 Значи, јасно е дека сите ние, млади и стари, ќе останеме во Божјата реч и ќе истраеме како Христови ученици сѐ додека Божјата реч останува во нас. Затоа, да се погрижиме почвата на нашето фигуративно срце никогаш да не стане тврда, плитка или обрасната туку да остане мека и длабока. На тој начин ќе можеме целосно да ја впиеме Божјата реч и ‚да донесуваме плод со истрајност‘ (Лука 8:15).
[Фусноти]
a Во оваа статија ќе го разгледаме првото барање. За другите две ќе дискутираме во следните статии.
b За да медитираш во молитва за некој дел од Библијата што си го прочитал, би можел, на пример, да се запрашаш: ‚Дали ова открива една или повеќе Јеховини особини? Каква врска има со темата на Библијата? Како можам да го применам во мојот живот или да го употребам за да им помогнам на другите?‘
c Според трите извештаи од евангелијата за Исусовата парабола, семето е задушено од болките и задоволствата на овој свет: „тегобните грижи на овој систем на работи“, „измамничката моќ на богатството“, „желбите за останатите работи“ и „задоволствата на овој живот“ (Марко 4:19; Матеј 13:22; Лука 8:14; Еремија 4:3, 4).
Како гласи твојот одговор?
• Зошто треба да ‚останеме во Исусовата реч‘?
• Како можеме да дозволиме Божјата реч да остане во нашето срце?
• Какви поединци се претставени со четирите различни видови почва што ги спомнал Исус?
• Како можеш да најдеш време да размислуваш за Божјата реч?
[Рамка/слика на страница 10]
‚УТВРДЕНИ ВО ВИСТИНАТА‘
МНОГУ долгогодишни ученици на Христос од година во година докажуваат дека се ‚утврдени во вистината‘ (1. Петрово 1:12). Што им помага да истраат? Разгледај некои нивни коментари.
„Секој ден го завршувам со читање на дел од Библијата и со молитва. Потоа размислувам за она што сум го прочитала“ (Џејн, крстена во 1939).
„Медитирањето за тоа како Јехова, кој е толку возвишен, длабоко нѐ сака, ми дава чувство на сигурност и сила да останам верна“ (Патриша, крстена во 1946).
„Успевам да истраам со тоа што задржувам добри навики на проучување на Библијата и со тоа што сум задлабочена во ‚длабоките работи Божји‘“ (1. Коринќаните 2:10; Ана, крстена во 1939).
„Ја читам Библијата и нашите публикации што се темелат на Библијата со цел да го преиспитам моето срце и моите мотиви“ (Зелда, крстена во 1943).
„Најубави моменти ми се кога можам да се прошетам и да разговарам со Јехова во молитва, и едноставно да му кажам како навистина се чувствувам“ (Ралф, крстен во 1947).
„Денот го започнувам со разгледување на дневниот стих и со читање на дел од Библијата. Тоа ми дава нешто свежо за медитирање во текот на денот“ (Мари, крстена во 1935).
„За мене, дискусијата стих по стих за некоја библиска книга е вистинско освежување“ (Даниел, крстен во 1946).
Кога си одвојуваш време да размислуваш во молитва за Божјата реч? (Даниел 6:10б; Марко 1:35; Дела 10:9).
[Слика на страница 13]
Со тоа што ќе им даваме приоритет на духовните работи, можеме ‚да донесуваме плод со истрајност‘