Прашања од читателите
Кога ги испратил 12-те апостоли да проповедаат, дали Исус Христос им рекол да си понесат стап и да носат сандали?
Упатствата што Исус им ги дал на апостолите кога ги испратил да проповедаат се наведени во три евангелија. Некои сметаат дека овие извештаи се противречни. Но, ако ги споредиме, ќе дојдеме до интересен заклучок. Прво, да видиме што напишале Марко и Лука. Во извештајот на Марко стои: „[Исус] им заповеда да не носат ништо за по пат, освен стап — ни леб, ни торба, ни пари во појасите — туку да си обујат сандали, и да не носат по две облеки“ (Мар. 6:7-9). Според Лука, Исус рекол: „Ништо не носете за по пат, ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту пари. И немојте да имате по две облеки“ (Лука 9:1-3). На прв поглед, овие изјави си противречат. Според Марко, Исус им рекол на апостолите да носат стап и да си обујат сандали, но Лука вели дека не требало да носат ништо, дури ни стап. За разлика од Марко, Лука не спомнува сандали.
За да сфатиш што сакал да каже Исус во оваа прилика, забележи го изразот што се појавува во сите три евангелија. Во извештаите што ги цитиравме, како и во Матеј 10:5-10, на апостолите им било кажано да не носат или да не земаат „две облеки“. Нормално, секој апостол веќе носел на себе една облека, но не требало да понесе уште една за по пат. Освен тоа, очигледно секој од нив имал и пар сандали. Марко нагласил дека треба ‚да ги обујат сандалите‘ — тие што ги имале кај себе. А во врска со стапот, The Jewish Encyclopedia вели: „Изгледа дека Евреите во старо време имале обичај да си носат стап“ (1. Мој. 32:10). Марко спомнува дека апостолите не требало „да носат ништо за по пат“ освен стапот што го имале со себе кога Исус им ја дал таа заповед. Според тоа, писателите на евангелијата сакале да нагласат дека Исус ги советувал да не го одложуваат тргнувањето со тоа што би се труделе да набават додатни работи.
Токму ова го истакнува и Матеј, кој бил лично присутен кога Исус ја дал таа заповед. Исус рекол: „Не земајте ниту злато, ниту сребро, ниту бакар во појасите, ниту патна торба, ниту две облеки, ниту сандали, ниту стап, зашто работникот ја заслужува својата храна“ (Мат. 10:9, 10). А што требало апостолите да прават со сандалите што ги носеле и со стаповите што ги држеле в рака? Исус не им рекол да го остават она што веќе го имале, туку им рекол да не земаат такви работи. Зошто дал таква заповед? Затоа што „работникот ја заслужува својата храна“. Ова било главното нешто кое сакал да им го каже. Тоа е во склад и со советот што го дал во Проповедта на гората, кога рекол дека не треба да бидат загрижени што ќе јадат, што ќе пијат или што ќе облечат (Мат. 6:25-32).
Иако овие три извештаи од евангелијата на прв поглед можеби изгледаат противречни, всушност, сите зборуваат за иста работа. Апостолите требало да појдат на пат со она што го имале и не требало да го одложуваат тргнувањето за да земат уште нешто со себе. Зошто? Затоа што Јехова ќе се грижел за нив.
На кого мислел Соломон кога го употребил изразот „жената, па дури и многу жени“? (Проп. 2:8).
Не можеме со сигурност да кажеме, но едно од можните објаснувања е дека Соломон зборувал за угледните жени кои ги примал на својот двор.
Во Проповедник 2. поглавје, тој спомнал многу работи што ги постигнал, меѓу кои и своите големи градежни проекти. Потоа рекол: „Си натрупав сребро и злато, и богатство какво што имаат царевите и покраините. Си донесов пејачи и пејачки и ги вкусив најголемите наслади на синовите човечки — жената, па дури и многу жени“ (Проп. 2:8).
Голем број изучувачи на Библијата сметаат дека изразот „жени“ во овој стих се однесува на многуте негови жени и наложници од другите народи кои ги имал во подоцнежните години од животот и кои го навеле да се сврти кон лажни богови (1. Цар. 11:1-4). Сепак, ова објаснување има недостатоци. Зошто? Кога ги напишал зборовите од Проповедник 2:8, Соломон веќе ги познавал ‚жените‘ што ги спомнал во овој стих. Но, тогаш сѐ уште ја имал милоста на Бог, бидејќи Тој му го давал својот дух за да пишува библиски книги. Ова тешко може да се каже за подоцнежниот дел од неговиот живот, кога имал стотици жени и наложници од други земји и кога се свртел кон лажни богови.
Во книгата Проповедник, Соломон рекол дека ‚се трудел да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината‘ (Проп. 12:10). Очигледно му биле познати хебрејските зборови за „жена“ (во смисла „сопруга“), „царица“ и „наложница“, бидејќи ги користел во своите вдахновени списи (Изр. 5:18; 12:4; 18:22; Проп. 9:9; Песна 6:8, 9). Но, во Проповедник 2:8 не користи ниту еден од тие зборови.
Всушност, за изразот „жени, па дури и многу жени“ на изворниот јазик е употребен еден необичен хебрејски збор (прво во еднина, па во множина) кој во Библијата се спомнува само на тоа место. Изучувачите признаваат дека точното значење на овој збор не е познато. Многу преведувачи на Библијата заклучиле дека тој израз се однесува на жени и дека Соломон најпрвин ја употребил таа именка во еднина, па во множина за да означи или повеќе жени или, пак, суперлативен степен.a Затоа и во Преводот Нов свет на македонски јазик, овој израз е преведен со „жената“ (еднина) и „дури и многу жени“ (множина).
Соломон бил толку познат што за него слушнала и царицата од богатото царство Сава. Таа решила да го посети и била восхитена од она што го видела и чула (1. Цар. 10:1, 2). Овој факт укажува на едно од можните значења на изразот „жена, па дури и многу жени“. Соломон можеби зборувал за угледните жени кои ги примал на својот двор во годините додека уште бил во Божјата милост.
[Фуснота]
a На македонски, суперлативниот степен на овој израз би гласел „жена над жените“.