Бидете будни во „времето на крајот“
„Постојано гледајте, бидете будни, зашто не знаете кога е одреденото време“ (МАРКО 13:33, NW).
1. Како треба да реагираме додека се откриваат возбудливи настани во ова ‚време на крајот‘?
КАКО треба да реагираат христијаните додека во ова ‚време на крајот‘ се откриваат возбудливи настани? (Даниел 12:4, NW). Тие не се оставени во неизвесност. Исус го изговорил пророштвото кое го содржи комбинираниот знак кој се исполнува во овој 20. век. Тој претскажал многу карактеристики кои, овој период од 1914 наваму го одбележуваат како единствен. Бидејќи бил запознаен со Даниеловото пророштво во врска со „времето на крајот“, Исус продолжил со своето големо пророштво на тој начин што ги поттикнувал своите ученици да ‚бидат будни‘ (Лука 21:36).
2. Зошто постои голема потреба да останеме духовно будни?
2 Зошто да бидеме будни? Затоа што ова е најопасното време од човечката историја. За христијаните би било катастрофално да подлегнат на духовната поспаност во ова време. Ако станеме самодопадливи или дозволиме срцата да ни отежнат со животните грижи, ќе се најдеме во опасност. Во Лука 21:34, 35, Исус Христос нѐ предупредува: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја“.
3, 4. (а) Што мислел Исус кога рекол дека Божјиот ден на гнев над луѓето ќе дојде наеднаш, „како примка“? (б) Бидејќи Бог не ја поставува стапицата, зошто тој ден ќе ги изненади луѓето во целина?
3 Исус со добра причина рекол дека Јеховиниот ден ќе ‚нѐ затече ненадејно како примка‘. Стапицата често има врвка и се користи за фаќање на птици и цицачи. Има рез, па оној кој ќе влезе во неа, ја става ногата на резот. Тогаш стапицата се затвора и жртвата се фаќа. Сето тоа се случува за миг. Слично на тоа, Исус рекол дека духовно неактивните ќе бидат изненадени и ќе бидат затечени во Божјиот ‚ден на гневот‘ (Соломонови изреки 11:4).
4 Дали Јехова Бог е оној кој им ја поставува замката на луѓето? Не, тој не чека да ги затече луѓето за да ги уништи. Но, тој ден ќе ги изненади луѓето воопшто, бидејќи не му давале првенствена важност на Божјето Царство. Тие одат по свој пат кон животните цели, и го занемаруваат значењето на она што се случува околу нив. Сепак, тоа не го менува Божјиот план. Тој има свое одредено време кога ќе ги среди сметките. Тој е милосрден, и не го остава човештвото во незнаење за неговиот претстоен суд (Марко 13:10).
5, 6. (а) Каква подготовка од љубов направил Творецот за човечките суштества поради претстојниот суд, но со каков општ резултат? (б) Што ќе биде разгледано за да ни се помогне да останеме будни?
5 Ова предупредување е љубезна подготовка од страна на големиот Творец кој е заинтересиран за доброто на човечките суштества кои се на неговото симболично подножје (Исаија 66:1). Тој се грижи за жителите кои живеат на местото за кое се вели дека на него почиваат неговите нозе. Затоа преку своите земски претставници и пратеници тој ги предупредува за настаните кои лежат пред нив (2. Коринтјаните 5:20). Сепак, и покрај сето дадено предупредување, тие настани над човечкото семејство ќе дојдат така неочекувано како тоа да стапнало во некоја стапица. Зошто? Затоа што повеќето луѓе духовно спијат (1. Солунјаните 5:6). Само релативно мал број внимаваат на предупредувањето и ќе преживеат во Божјиот нов свет (Матеј 7:13, 14).
6 Тогаш, како можеме да бидеме будни во ова време на крајот за да се вброиме меѓу оние кои ќе бидат спасени? Јехова ја дава потребната помош. Да видиме кои седум работи можеме да ги правиме.
Бори се против она што одвраќа
7. Какво предупредување дал Исус во врска со одвраќањето?
7 Прво, мораме да се бориме против она што одвраќа. Во Матеј 24:42, 44, Исус рекол: „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“. Зборовите кои Исус овде ги употребил покажуваат дека во ова критично време, ќе има многу работи кои ќе го одвраќаат вниманието и тоа би можело да доведе до уништување. Во времето на Ное луѓето биле преокупирани со многу работи. Како резултат на тоа, одвратените луѓе „не забележаа ништо“ од она што се случувало, и потопот ги избришал сите нив. Затоа, Исус предупредил: „Таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39, NW).
8, 9. (а) Како вообичаените работи во животот можат да нѐ одвлечат на опасен начин? (б) Какви предупредувања ни дале Павле и Исус?
8 И да задржиме на ум дека во неговото предупредување во Лука 21:34, 35, Исус зборувал за вообичаените обележја на животот, како што се јадењето, пиењето и грижата околу издршката. Тоа се работи кои се вообичаени за сите луѓе, па и за учениците на Господ Исус. (Спореди Марко 6:31.) Тие работи сами по себе не се штетни, но ако дозволиме, можат да нѐ одвратат, да нѐ преокупираат и така да создадат во нас духовна дремливост.
9 Затоа, да не го занемариме она што е од најголема важност — да стекнеме божествено одобрување. Наместо да бидеме вовлечени во вообичаените работи од животот, нека ги користиме само до ограничена мера колку што е потребно за да нѐ одржат (Филипљанима 3:8, ДК). Тие не треба да ни ги истиснат нашите интереси за Царството. Како што пишува во Римјаните 14:17 (NW): „Божјето царство не значи јадење и пиење, туку праведност и мир и радост со свет дух“. Присети се на Исусовите зборови кога рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). Понатаму, во Лука 9:62, Исус изјавил: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо“.
10. Каква опасност постои ако нашите очи не ги држиме вперени право кон целта?
10 Штом еднаш ќе почнеме да ораме, во симболична смисла, мораме да одиме по права линија. Орачот кој погледнува наназад нема да изора права бразда. Вниманието му е одвратено и лесно може да скршне од браздата или да застане поради некоја препрека. Да не бидеме како Лотовата жена која погледнала наназад и не стигнала на сигурно. Нашите очи треба да ги држиме вперени право кон целта. За да го правиме тоа, мораме да се бориме против она што нѐ одвраќа (1. Мојсеева 19:17, 26; Лука 17:32).
Моли се со сета сериозност
11. Што нагласил Исус откако нѐ предупредил за опасноста од одвраќањето?
11 Но, можеме да сториме повеќе за да останеме будни. Втора важна работа е: Да се молиме со сета сериозност. Откако Исус нѐ предупредил за тоа да не бидеме одвратени од вообичаените работи во животот, го дал следниов совет: „Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!“ (Лука 21:36).
12. Каква молитва е потребна и со каков резултат?
12 Според тоа, мораме постојано да се молиме со оглед на опасноста на нашата ситуација и на нашата потреба да бидеме претпазливи. Затоа, да одиме кај Бог во молитва со сериозни преколнувања. Во Римјаните 12:12 (NW), Павле вели: „Истрајте во молитва“. А во Ефесјаните 6:18 (NW), читаме: „Молејќи се и понатаму со секаков вид молитва и преколнување во секоја прилика во дух. И притоа бидете будни со сета истрајност и преколнување за сите свети“. Молитвата едноставно не се упатува така како тоа да е нешто случајно, без поголеми последици. Во опасност е самото наше постоење. Затоа мораме искрено да бараме божествена помош. (Спореди Евреите 5:7.) На тој начин ќе останеме на Јеховина страна. Нема ништо покорисно што може да ни помогне да го постигнеме тоа отколку ‚постојано да преколнуваме‘. Тогаш Јехова ќе нѐ чува во состојба на претпазлива будност. Колку е тогаш важно да истраеме во молитва!
Остани близу до Божјата организација и нејзиното дело
13. Каков вид дружење е потребно за да останеме будни?
13 Сакаме да ги избегнеме сите овие работи што ќе дојдат на светот. Сакаме да застанеме пред Синот човечки и да го имаме неговото одобрување. За таа цел постои трето нешто што можеме да го правиме: Да останеме неразделни од Јеховината теократска организација. Мораме безрезервно да се дружиме со таа организација и да учествуваме во нејзините активности. На тој начин јасно се поистоветуваме како христијани кои внимаваат.
14, 15. (а) Вклученоста во кое дело ќе ни помогне да останеме будни? (б) Кој одредува кога делото на проповедање ќе биде завршено, и каков став треба да имаме за тоа? (в) Што ќе препознаеме после големата неволја, кога ќе се осврнеме на проповедањето за Царството кое било направено?
14 Тесно поврзано со тоа е четвртата работа која може да ни помогне да останеме будни. Мораме да бидеме меѓу оние кои ги предупредуваат луѓето за претстојниот крај на овој систем на работи. Конечниот крај на овој стар систем на работи нема да настапи додека „ова Евангелие за царството“ не се проповеда до онаа мера до која Семоќниот Бог има намера (Матеј 24:14). Јеховините сведоци не се тие кои одредуваат кога ќе се заврши делото на проповедање. Јехова го задржува тоа право за себе (Марко 13:32, 33). Но, ние сме одлучни да работиме колку што можеме повеќе и толку долго колку што е потребно во проповедањето за најдобрата влада која човештвото некогаш може да ја има, Божјето Царство. Избувнувањето на ‚големата неволја‘ ќе дојде додека сѐ уште сме зафатени во тоа дело (Матеј 24:21, ДК). Во текот на сета иднина, спасените ќе можат да погледнат наназад и искрено да потврдат дека Исус Христос не бил лажен пророк (Откровение 19:11). Делото на проповедање ќе биде завршено до мера далеку поголема од онаа што ја очекувале оние кои учествувале во него.
15 Според тоа, во тоа значајно време, кога ова дело ќе биде завршено на Божје лично задоволство, веројатно во него ќе учествуваат повеќе луѓе од кој и да било друг период порано. Колку ќе бидеме благодарни што сме имале удел во тоа величествено дело! Апостолот Петар нѐ уверува дека Јехова „не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9). Според тоа, активната сила на Семоќниот Бог денес делува поинтензивно од кога и да е, и Јеховините сведоци сакаат да продолжат во оваа активност која е придвижувана со дух. Затоа, остани близу до Јеховината организација и биди вработен во нејзината јавна служба. Тоа ќе ти биде од помош да останеш буден.
Испитај се самиот
16. Зошто треба да направиме самоиспитување на нашата сегашна духовна состојба?
16 Постои петто нешто што можеме да го чиниме за да останеме будни. Секој за себе, треба да ја испитаме нашата сегашна состојба. Тоа е сега посоодветно од кога и да е порано. Мораме да докажеме на чија страна одлучно стоиме. Во Галатјаните 6:4, Павле рекол: „Секој нека си ги испита делата свои“. Испитај се самиот во согласност со Павловите зборови во 1. Солунјаните 5:6-8: „Да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени. Зашто оние, што спијат, ноќе спијат, и кои што се опиваат, ноќе се опиваат. Ние, пак, бидејќи синови на денот, да бидеме трезвени и ‚облечени во оклоп‘ на верата и љубовта и ‚шлем‘ на надежта за спасение“.
17. Кои прашања треба да си ги поставиме кога се самоиспитуваме?
17 Како е со нас? Кога се самоиспитуваме, во светлото на Писмата, увидуваме ли дека сме будни, дека имаме шлем на надежта за спасение? Дали сме луѓе кои потполно сме се одвоиле од стариот систем на работи и повеќе не се занимаваме со неговите идеи? Го имаме ли навистина духот на Божјиот нов свет? Дали сме потполно будни каде оди овој систем? Ако сме, Јеховиниот ден нема да нѐ затече како некои крадци (1. Солунјаните 5:4).
18. Кои понатамошни прашања можеби ќе мора да си ги поставиме, и со каков резултат?
18 Но што ако нашето самоиспитување сепак отрие дека се стремиме да си уредиме убав, пријатен, удобен и опуштен живот? Што ако откриеме дека нашите духовни очи станале тешки од дремливост и сон? Дали сме во дремлива состојба, во потрага по некаква светска фантазија? Ако да, тогаш да се разбудиме! (1. Коринтјаните 15:34).
Медитирај за исполнетите пророштва
19. Кои се некои од пророштвата што сме ги виделе исполнети?
19 Сега доаѓаме до шестото нешто што ќе ни помогне да останеме будни: Медитирај за многуте пророштва кои се исполниле во ова време на крајот. Веќе сме ја поминале 77-та година откако во 1914 завршило одреденото време на народите. Ако се осврнеме на три четвртини од веков, ќе видиме како се исполнувало едно пророштво по друго — обновувањето на вистинското обожавање; ослободувањето на помазаниот остаток заедно со нивните придружници, во еден духовен рај; проповедањето на добрата вест за Царството во светски размери; појавувањето на големото мноштво (Исаија 2:2, 3; 35. поглавје; Захарија 8:23; Матеј 24:14; Откровение 7:9). Се величело Јеховиното големо име и универзален суверенитет, како и зголемувањето на малубројниот во илјада и малечкиот во моќен народ, коешто Јехова го забрзува во свое време (Исаија 60:22; Језекиил 38:23). И визиите на апостолот Јован во извештајот од Откровение сега се ближат кон својот врв.
20. Какво уверување делат Јеховините сведоци, и какви всушност се докажале?
20 Затоа, повеќе од кога и да било порано, Јеховините сведоци се цврсто уверени во точноста на нивното сфаќање на значењето на светските настани од 1914. Имајќи такво уверување, тие се покажале како инструменти во рацете на Највишиот Бог. Тие се оние кои се овластени да ја разнесуваат божествената порака во ова значајно време (Римјаните 10:15, 18). Да, Јеховините зборови за времето на крајот се обистиниле (Исаија 55:11). А тоа пак, треба да нѐ подбуди да продолжиме понатаму додека не го видиме конечното остварување на сите Божји ветувања преку Исус Христос.
Спасението е поблиску отколку кога станавме верници
21. Која е седмата помош што ја имаме за да останеме духовно будни?
21 Конечно, седмата помош да останеме будни: Секогаш имај на ум дека нашето спасение е поблиску отколку кога првпат сме станале верници. А што е уште поважно, оправдувањето на Јеховиниот универзален суверенитет и посветувањето на неговото име се уште поблиску. Затоа, потребата да останеме будни, е поитна од кога и да било порано. Апостолот Павле пишува: „Знаејќи го ова време дека дошол веќе часот, та да се разбудиме од сонот, оти спасението е сега поблиску до нас, отколку кога поверувавме. Ноќта помина, а денот се приближи“ (Римјаните 13:11, 12).
22. Како треба близината на нашето спасение да влијае на нас?
22 Бидејќи нашето спасение е толку поблиску, мораме да останеме будни! Не смееме да дозволиме некакви лични или светски интереси да го оптоварат нашето ценење за она што Јехова го прави за својот народ во текот на ова време на крајот (Даниел 12:3). Мораме да покажеме поголема истрајност од кога и да било порано за да не бидеме одвратени од патот којшто Божјата Реч јасно ни го пропишува (Матеј 13:22). Доказите јасно покажуваат дека овој свет ги брои своите последни денови. Наскоро ќе биде засекогаш избришан од постоење за да му отстапи место на еден нов свет на праведност (2. Петрово 3:13).
23. На кој начин ќе ни помогне Јехова и со каков благословен резултат?
23 Затоа, на секаков начин да останеме будни. Како никогаш порано, биди буден со оглед на тоа каде се наоѓаме во струјата на времето. Запомни, Јехова никогаш нема да заспие во овој поглед, туку секогаш ќе ни помага да останеме будни во ова време на крајот. Ноќта е доста одмината. Денот се ближи. Затоа остани буден! Наскоро ќе ги доживееме најубавите од сите денови, кога Месијанското Царство ќе ја исполни Јеховината намера во врска со Земјата! (Откровение 21:4, 5).
Како би одговорил?
◻ Што мислел Исус кога рекол дека Божјиот ден на гнев над луѓето ќе дојде „како примка“?
◻ Зошто мораме да се бориме против одвраќањето и како можеме да го правиме тоа?
◻ Каква молитва е потребна за да останеме будни?
◻ Каков вид дружење е важно?
◻ Зошто да ја преиспитаме нашата духовна состојба?
◻ Каква улога игра пророштвото во тоа да останеме будни?