Тие ја извршувале Јеховината волја
Исус испраќа 70 ученици
ПРОЛЕТТА — 32 година н. е. Преостанувале само уште шест месеци до Исусовата смрт. Затоа, со цел да го забрза проповедничкото дело и да го унапреди обучувањето на некои од своите следбеници, тој одредил 70 ученици и ‚ги испратил пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакал да оди‘ (Лука 10:1).a
Исус ги испратил своите ученици „пред Себе“ за да можеле луѓето побргу да одлучат дали се за или против Месијата, кога самиот Исус подоцна би пристигнал. Но, зошто ги испратил „по двајца“? Очигледно, за да можеле да бидат меѓусебно охрабрување кога би се соочиле со противење.
Нагласувајќи ја итноста на нивното проповедничко дело, Исус им кажал на своите следбеници: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја“ (Лука 10:2). Споредбата со жетвата била прикладна, затоа што секакво одложување во време на жетва би можело да доведе до запустување на вредната летнина. На сличен начин, кога учениците би ја занемариле својата проповедничка задача, би можело да бидат загубени скапоцени животи! (Језекиил 33:6).
Министри кои не се одвлекувани
Понатаму, Исус ги упатил своите ученици: „Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте [не прегрнувајте никого во поздрав, NW]!“ (Лука 10:4). Вообичаено било патникот да носи не само торба и храна туку и додатен пар сандали бидејќи ѓоновите би можеле да се износат и врвците можеле да се скинат. Но, Исусовите ученици не требало да се грижат за таквите работи. Наместо тоа, требало да имаат доверба дека Јехова ќе се грижи за нив преку другите Израелци, меѓу кои гостопримството било обичај.
Но, зошто Исус им кажал на своите ученици да не прегрнуваат никого во поздрав? Дали требало да бидат ладни, дури и неучтиви? Воопшто не! Грчкиот збор аспа́зома, што значи да се прегрне во поздрав, може да подразбира повеќе отколку само едно учтиво „здраво“ или „добар ден“. Тоа може, исто така, да ги вклучи и вообичаените бакнежи, прегрнувања и долги разговори кои би следеле кога би се сретнале двајца познаници. Еден коментатор забележува: „Поздравувањата кај ориенталците не се состоеле, како кај нас, од мало поклонување или протегнување на раката, туку биле проследени со многу прегрнувања и наклонувања, па дури и пружање на телото до земја. Сето тоа барало многу време“. (Спореди 4. Царства 4:29.) На тој начин, Исус им помогнал на своите следбеници да избегнуваат непотребни, иако вообичаени одвлекувања.
На крајот, Исус им кажал на своите ученици дека кога би влегле во некоја куќа и би биле добредојдени, треба да ‚останат во таа куќа, да јадат и пијат што ќе им дадат‘. Но, кога би влегле во град и не би биле добро примени, требало ‚да излезат по раскрсниците негови и да кажат: „И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме“‘ (Лука 10:7, 10, 11). Бришењето или тресењето на правта од нозете би означувало дека учениците мирно ја оставаат неприемливата куќа или град на последиците кои најпосле би дошле од Бог. Но, оние кои љубезно ги примале Исусовите ученици се стават во редовите за да добијат благослови. Во една друга прилика, Исус им рекол на своите апостоли: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда“ (Матеј 10:40, 42).
Поуки за нас
Налогот да се проповеда добрата вест за Божјето Царство и да се прават ученици, сега го извршуваат многу повеќе од 5.000.000 Сведоци на Јехова ширум светот (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тие увидуваат дека нивната порака е итна. Поради тоа, го искористуваат своето време на најдобар можен начин, избегнувајќи одвлекувања кои би ги спречиле во потполност да ѝ посветат внимание на својата важна задача.
Јеховините сведоци се стремат да бидат срдечни со сите кои ги среќаваат. Сепак, едноставно не се вклучуваат во празни муабети ниту се внесуваат во дебати за социјални прашања или за неуспешните обиди на овој свет да ги исправи неправдите (Јован 17:16). Наместо тоа, својот разговор го сосредоточуваат на единственото долгорочно решение на човековите проблеми — Божјето Царство.
Јеховините сведоци најчесто се видени како работат во парови. Зарем не би можело повеќе да се постигне кога секој од нив сам би работел? Можеби. Сепак, денешните христијани ја препознаваат користа од работењето еден до друг со соверник. Тоа дава извесна мера на заштита кога се сведочи во опасни подрачја. Да се работи со партнер, исто така, овозможува поновите да извлечат корист од вештината на поискусните објавители на добрата вест. Навистина, двајцата можат да придонесат кон размената на охрабрување (Изреки 27:17).
Без сомнение, делото на проповедање е најитното дело кое се извршува во овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1). Јеховините сведоци се среќни што ја имаат поддршката од едно светско братство во кое работат „еден до друг за верата на добрата вест“ (Филипјаните 1:27, NW).
[Фуснота]
a Некои Библии и древни грчки манускрипти велат дека Исус испратил „седумдесет и двајца“ ученици. Меѓутоа, манускриптите даваат обилна поддршка за толкувањето „седумдесет“. Оваа техничка варијација не треба да одвлекува од главната мисла дека Исус испратил голема група ученици да проповедаат.