Тие биле наградени бидејќи чекореле во беспрекорност
ЈЕХОВА ги благословува и наградува своите верни слуги. Можеби треба да чекаат извесно време додека го видат исполнувањето на Божјите намери, но колкава радост е кога тоа ќе го доживеат!
Ова било добро прикажано пред околу две илјади години, во случајот со Еврејскиот свештеник Захарија и неговата сопруга Елисавета, обајцата од Ароновата фамилија. Бог ветил дека ќе ги благослови Израелците со наследство ако верно му служат. Тој рекол дека децата се награда. (3. Мојсеева 26:9; Псалм 126:3). Меѓутоа, Захарија и Елисавета биле во поодминати години и без деца (Лука 1:1-7).
За Захарија и Елисавета Библијата вели дека и ‚обајцата биле праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка‘ (Лука 1:6). Тие толку многу го сакале Бог што за нив не било тешко да задржат праведна насока и да се придржуваат кон неговите заповеди (1. Јованово 5:3).
Неочекувани благослови
Да се вратиме во 3. година пр. н. е., на крајот од пролетта, односно почетокот на летото, кога Ирод Велики владеел како Цар во Јудеја. Еден ден, свештеникот Захарија влегува во Светињата на храмот во Ерусалим. Додека луѓето надвор од светилиштето се собираат во молитва, тој пали темјан на златниот олтар. Веројатно ценета како најдостоинствена од дневните служби, ова се прави по принесувањето на жртвата. Свештеникот ја добивал оваа предност можеби само еднаш во својот животен век.
Захарија не може да им верува на своите очи. Замисли, Јеховиниот ангел стои од десната страна на олтарот за кадење! Стариот свештеник станува вознемирен и исплашен. Но, ангелот му вели: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“. Да, Јехова ги сослушал искрените молитви на Елисавета и Захарија (Лука 1:8-13).
Ангелот додава: „Ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си“. За време на сиот свој живот Јован ќе биде назореј, исполнет со Божјиот свет дух. Ангелот продолжува: „И многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе врви пред Него во духот и во силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните — кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен“ (Лука 1:14-17).
Захарија прашува: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна“. Ангелот одговара: „Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост; и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време“. Кога Захарија излегува од светилиштето не може да зборува, а луѓето забележуваат дека тој видел натприродна појава. Сѐ што може да прави се знаци — своите мисли ги изразува со помош на гестикулација. Кога неговата јавна служба завршува, се враќа дома (Лука 1:18-23).
Причина за радост
Како што било ветено, Елисавета наскоро има причина за радост. Таа забременува и така го отстранува прекорот дека е неротка. Нејзината роднина Марија исто така станува радосна, бидејќи истиот ангел Гавриил ѝ вели: „Ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида“. Марија е спремна да ја игра улогата на ‚слугинка Господова‘ (Лука 1:24-38).
Марија побрзува во домот на Захарија и Елисавета, во градот кој се наоѓа во ритчестото подрачје на Јудеја. На звукот од Марииниот поздрав, бебето во утробата на Елисавета потскокнува. Под влијание на Божјиот свет дух, Елисавета гласно извикува: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја. И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ“. Марија одговара со голема радост. Таа останува со Елисавета околу три месеци (Лука 1:39-56).
Јован е роден
Во одредено време на остарените Елисавета и Захарија им се раѓа син. На осмиот ден, детето е обрежано. Роднините сакаат да го викаат детето Захарија, но Елисавета вели: „Не, туку да се нарече Јован!“. Се согласува ли со тоа нејзиниот сѐ уште нем сопруг? Тој пишува на една плочка: „Јован му е името“. Моментално, јазикот на Захарија се одврзува и тој почнува да зборува, благословувајќи го Јехова (Лука 1:57-66).
Исполнет со свет дух, радосниот свештеник прорекува. Тој зборува како ветениот Спасител — ‚рогот на спасението од Давидовиот дом‘ — веќе да бил подигнат, во согласност со Авраамскиот завет за Семето како благослов за сите нации (1. Мојсеева 22:15-18). Како предвесник на Месијата, Захарииниот син, роден на чудесен начин, ќе ‚оди пред лицето на Господа за да Му ги приготви патиштата Негови; и да го вразуми народот Негов за спасение‘. Како што минувале годините, Јован продолжил да расте и да јакне во духот (Лука 1:67-80).
Богато наградени
Захарија и Елисавета се добри примери на вера и стрпливост. Тие продолжиле верно да му служат на Јехова, иако требало да чекаат на Бог, а нивниот најголем благослов дошол дури кога биле во поодминати години.
Сепак, какви благослови уживале Елисавета и Захарија! И двајцата прорекувале под влијание на Божјиот дух. Тие биле привилегирани да станат родители и воспитувачи на предвесникот на Месијата, Јован Крстител. Освен тоа, Бог ги сметал за праведни. Исто така, оние кои денес тежнеат кон божествен животен пат ќе можат да имаат праведна положба пред Бог и ќе примат многу благословени награди, затоа што чекорат беспрекорно во заповедите Јеховини.