„Праведникот ќе му се радува на Јехова“
ДАЈАНА има повеќе од 80 години, и последните неколку години поминала низ многу тешки моменти. Нејзиниот сопруг имал Алцхајмерова болест, и бил сместен во дом за стари лица неколку години пред својата смрт. Починале и нејзините два сина, а самата таа се борела со рак на дојката. Но и покрај сето тоа, кога браќата и сестрите ќе ја видат на состанок или во служба, таа секогаш е радосна.
Џон бил патувачки надгледник повеќе од 43 години и многу ја сакал таа служба. Всушност, тоа за него бил најубавиот начин на живот. Меѓутоа, морал да прекине со таа служба за да се грижи за еден член на семејството кој бил болен. Кога ќе го сретнат на некој собир или конгрес, оние што подолго време го познаваат забележуваат дека Џон воопшто не се променил. Тој сѐ уште зрачи од радост.
Како е можно Дајана и Џон да бидат радосни во такви околности? Како може да биде радосен некој што страда? Како може да биде среќен некој што прекинал со некоја теократска задача која многу ја сака? Библијата ни го дава одговорот. Во неа пишува: „Праведникот ќе му се радува на Јехова“ (Пс. 64:10). Оваа вистина можеме подобро да ја разбереме ако сфатиме што носи привремена, а што трајна радост.
РАБОТИ КОИ НОСАТ ПРИВРЕМЕНА РАДОСТ
Некои работи речиси секогаш причинуваат радост. На пример, замисли колку се радосни едно момче и една девојка кои се вљубени и наскоро ќе стапат во брак. Можеш ли да ја замислиш радоста што ја чувствува некој што ќе стане родител или некој што добил нова задача во службата за Јехова? Овие работи носат радост бидејќи се дарови од Јехова. Тој го основал бракот, ни дал способност да имаме деца и ни дава задачи во неговата организација (1. Мој. 2:18, 22; Пс. 127:3; 1. Тим. 3:1).
Меѓутоа, радоста што ја носат таквите работи може да биде привремена. За жал, брачниот партнер можеби ќе направи прељуба или ќе почине (Езек. 24:18; Оси. 3:1). Некои деца можеби ќе им бидат непослушни на родителите и на Бог, па дури и до тој степен што ќе мора да бидат исклучени од собранието. На пример, синовите на Самоил не му служеле на Јехова на прифатлив начин. Давид имал многу проблеми во семејството бидејќи направил прељуба со Витсавеа (1. Сам. 8:1-3; 2. Сам. 12:11). Кога ќе се случат такви работи, тие не носат радост, туку тага и многу болка.
Слично на тоа, некои браќа и сестри морале да прекинат со одредена задача во службата за Јехова поради здравствени проблеми, семејни обврски или промени во организацијата. Многумина од нив велат дека им недостасува радоста што им ја носела таа задача.
Ова јасно покажува дека радоста што ја носат овие работи може да биде привремена. Според тоа, дали нешто може да ни донесе радост која трае дури и кога поминуваме низ тешки моменти во животот? Несомнено може, бидејќи Самоил, Давид и други не ја изгубиле својата радост дури и кога се соочиле со големи проблеми.
ШТО НИ НОСИ ТРАЈНА РАДОСТ
Исус знаел што е вистинска радост. Библијата ни открива дека, пред да дојде на Земјата, тој се веселел „пред [Јехова] за сето време“ (Изр. 8:30). Но, откако дошол на Земјата, понекогаш се соочувал со големи тешкотии. Сепак, на Исус му носело радост тоа што ја вршел волјата на својот Татко (Јован 4:34). А каков став имал Исус во последните мигови од неговиот живот кога доживувал големи страдања? Во Евреите 12:2 пишува: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб“. Значи, од Исус можеме да научиме многу за вистинската радост. Сега ќе разгледаме две работи.
Еднаш, Исус испратил 70 ученици да проповедаат. Кога се вратиле кај него, тие биле радосни бидејќи правеле чуда, па дури и истерувале демони. Но, Исус им рекол: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:1-9, 17, 20). Навистина, добриот однос со Јехова е многу поважен од каква и да било задача што можеме да ја извршуваме во Божјата организација и ни носи многу поголема радост.
Во друга прилика, Исус зборувал пред едно мноштво луѓе. Тогаш една Еврејка била толку одушевена од неговото поучување што рекла дека мајка му сигурно е многу среќна што има таков син. Но Исус ѝ рекол: „Не, туку среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:27, 28). Кога родителите имаат причини да се гордеат со своите деца, тоа е извор на голема радост. Сепак, она што ни носи трајна радост е послушноста кон Јехова и добриот однос со него.
Навистина, голема радост ни носи чувството дека Јехова е задоволен со нас. Тоа чувство не можат да ни го одземат дури ни искушенијата и проблемите кои понекогаш може да се многу тешки. Всушност, кога остануваме верни во искушенијата, нашата радост уште повеќе се продлабочува (Рим. 5:3-5). Исто така, Јехова им го дава својот дух на оние што имаат доверба во него, а радоста е плод на тој дух (Гал. 5:22). Тоа ни помага да разбереме зошто во Псалм 64:10 пишува: „Праведникот ќе му се радува на Јехова“.
Исто така, ова објаснува зошто Дајана и Џон, кои ги спомнавме погоре, можеле да останат радосни иако се соочиле со тешки ситуации. Дајана вели: „Барам засолниште кај Јехова, исто како што едно дете се засолнува кај својот родител“. Таа додава: „Чувствувам дека тој ми помага да продолжам редовно да проповедам со насмевка на лицето“. А што му помогнало на Џон да ја зачува радоста и да продолжи ревносно да проповеда откако прекинал со службата како патувачки надгледник? Тој вели: „Од 1998 год., кога почнав да служам како инструктор на Школата за организациско оспособување, почнав многу подлабоко да ја проучувам Библијата“. Тој објаснува дека, низ годините, тој и жена му имале став да ја прифатат секоја задача што ќе ја добијат од Јехова и дека тоа им помогнало полесно да се навикнат на новите околности. Џон додава: „Воопшто не жалиме што му служевме на Јехова секаде каде што имаше потреба“.
И многу други се увериле дека е точно она што го пишува во Псалм 64:10. На пример, размисли за еден брачен пар што служел во Бетелот во САД повеќе од 30 години. Тие добиле нова задача — да служат како специјални пионери. „Сосема е нормално да чувствуваш тага кога ќе изгубиш нешто што го сакаш“, признаваат тие. Но додаваат: „Не можеш вечно да тагуваш“. Откако пристигнале во новото собрание, тие веднаш почнале да соработуваат со објавителите во службата на проповедање. Овој брачен пар исто така вели: „Се молевме за некои конкретни работи. Тоа што видовме како Јехова ни одговори на нашите молитви многу нѐ охрабри и ни донесе радост. Кратко откако пристигнавме, некои во собранието започнаа со пионерска служба. Освен тоа, почнавме два библиски курсеви со лица кои добро напредуваат“.
„ВЕСЕЛЕТЕ СЕ ДОВЕКА“
Се разбира, не е секогаш лесно да бидеме радосни. Понекогаш ќе има моменти кога ќе бидеме тажни. Но Јехова нѐ охрабрува со своите зборови кои се запишани во Псалм 64:10. Дури и кога сме обесхрабрени, можеме да бидеме сигурни дека, секој што ќе остане верен без разлика на тоа низ што минува, „ќе му се радува на Јехова“. Исто така, можеме да бидеме цврсто уверени дека ќе се исполни ветувањето на Јехова за „нови небеса и нова земја“. Тогаш секој ќе биде совршен и ќе се весели засекогаш поради сето она што Јехова ќе го прави (Иса. 65:17, 18).
Замисли што ќе значи ова — ќе имаме совршено здравје и секој ден ќе се будиме полни со енергија. Без разлика колку длабоки емоционални рани ни биле нанесени во минатото, нема да остане ниту трага од нив. Јехова нѐ уверува дека „она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“. Кога ќе ги пречекаме нашите најмили кои починале, ќе се чувствуваме како родителите на 12-годишното девојче кое Исус го воскреснал. За нив во Библијата пишува: „Беа избезумени од радост“ (Мар. 5:42). Со текот на времето, секој што ќе живее на Земјата ќе биде праведен во вистинска смисла на зборот и во сета вечност ќе „му се радува на Јехова“.