ПОГЛАВЈЕ 21
Исус ја покажувал ,мудроста од Бог‘
1-3. Како поранешните соседи на Исус реагирале на неговото поучување, и што не сфатиле во врска со него?
СИТЕ присутни во синагогата биле зачудени. Го слушале Исус и не можеле да поверуваат колку мудри зборови излегуваат од неговата уста. Тој не им бил непознат бидејќи пораснал во нивниот град и со години работел како дрводелец таму. Можеби некои од нив живееле во куќи што тој помогнал да се изградат, или ја обработувале земјата со плугови и јареми што тој ги изработил.a Но, дали ги прифатиле учењата на овој поранешен дрводелец?
2 Повеќето од оние што го слушале биле восхитени и се прашувале: „Од каде има овој мудрост?“ Но потоа додале: „Не е ли ова дрводелецот, синот на Марија?“ (Матеј 13:54-58; Марко 6:1-3). За жал, некогашните соседи на Исус си мислеле: ,Овој дрводелец е само обичен човек како и секој од нас‘. Иако давал мудри поуки, тие го отфрлиле. Не сфатиле дека таа мудрост не е негова.
3 Тогаш, од каде Исус имал ваква мудрост? „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“, рекол тој (Јован 7:16). Апостол Павле објаснил дека Исус „нам ни стана мудрост од Бог“ (1. Коринќаните 1:30). Јеховината мудрост можела да се види кај неговиот Син, Исус, и тоа до тој степен што Исус можел да рече: „Јас и Таткото сме едно“ (Јован 10:30). Да разгледаме три подрачја на кои Исус ја покажувал ,мудроста од Бог‘.
Неговите учења
4. а) Која била главната порака што ја објавувал Исус, и зошто било многу важно луѓето да ја чујат? б) Зошто советите на Исус секогаш биле практични и корисни?
4 Најпрво, да видиме за што поучувал Исус. Главната порака што ја објавувал била „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Било многу важно луѓето да чујат за Божјето Царство бидејќи тоа ќе го оправда Јехова како Севишен Владетел и ќе им донесе вечни благослови на луѓето. Кога поучувал, Исус давал и мудри совети за секојдневниот живот. Тој покажал дека е проречениот „Прекрасен Советник“ (Исаија 9:6). Но, зошто бил толку добар советник? Исус многу добро ги познавал волјата на Бог и Неговата Реч, имал длабоко разбирање за човечката природа и многу ги сакал луѓето. Затоа, неговите совети секогаш биле практични и корисни. Исус ги имал „зборовите на вечниот живот“. Да, ако живееме според неговите совети, ќе бидеме спасени (Јован 6:68).
5. Кои се некои работи за кои Исус поучувал во Проповедта на гората?
5 Проповедта на гората е одличен пример за неспоредливата мудрост содржана во учењата на Исус. Нему веројатно му требале само 20-ина минути за да ја изнесе оваа проповед, која е запишана во Матеј 5:3—7:27. Меѓутоа, советите што ги наоѓаме во неа никогаш не застаруваат — денес се исто толку практични колку што биле и во првиот век. Исус поучувал за многу работи: како да имаме добри односи со другите (5:23-26, 38-42; 7:1-5, 12), како да останеме морално чисти (5:27-32) и како да водиме исполнет живот (6:19-24; 7:24-27). Но, Исус не им кажал на присутните само како треба да постапуваат туку и објаснил зошто е најдобро така да постапуваат.
6-8. а) Кои уверливи аргументи на Исус покажуваат зошто да не бидеме претерано загрижени? б) Што покажува дека советите на Исус биле одраз на мудроста одозгора?
6 Да го земеме за пример мудриот совет на Исус во 6. поглавје од Матеј во врска со тоа како да излеземе на крај со грижите околу материјалните работи. Тој рекол: „Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете“ (25. стих). Храната и облеката се основни потреби и затоа е сосема нормално да мислиме на тоа како да ги обезбедиме. Но, Исус овде ни вели ,да не бидеме загрижени‘ за тие работи.b Зошто?
7 Исус понатаму навел уверливи аргументи зошто ова е мудро. Бидејќи Јехова ни дал живот и тело, зарем не може да ни даде и храна што ќе нѐ одржи во живот и облека што ќе ни го покрие телото? (25. стих). Ако Бог им дава храна на птиците и ги облекува цвеќињата со убавина, колку повеќе ќе се грижи за луѓето кои му служат! (Стихови 26, 28-30). Навистина е бесмислено да бидеме претерано загрижени. Тоа ни малку нема да ни го продолжи живототc (27. стих). А што ќе ни помогне да не бидеме претерано загрижени? Советот на Исус е: Бог секогаш да ни биде на прво место во животот. Оние што го следат овој совет можат да бидат сигурни дека нивниот небесен Татко ќе ги задоволи нивните основни потреби (33. стих). На крајот Исус дал уште еден многу практичен совет — да се справуваме со проблемите како што доаѓаат. Зошто на денешниот ден да ги додаваме грижите од утрешниот ден? (34. стих). Освен тоа, зошто непотребно да се грижиме за работи што можеби нема никогаш да се случат? Ако го следиме овој совет, ќе се поштедиме од многу маки во овој свет полн со стресови.
8 Јасно е дека советите на Исус се исто толку практични денес колку што биле и пред околу 2.000 години. Зарем тоа не е доказ за мудроста одозгора? Дури и најдобрите совети што ги даваат луѓето обично брзо застаруваат, па мора да се менуваат. За разлика од нив, учењата на Исус го положиле испитот на времето. Тоа не треба да нѐ изненади затоа што овој Прекрасен Советник ги кажувал „Божјите зборови“ (Јован 3:34).
Начинот на кој поучувал
9. Што рекле некои војници за начинот на кој поучувал Исус, и зошто ова не било преувеличување?
9 Второ подрачје на кое Исус ја покажувал Божјата мудрост бил начинот на кој поучувал. Во една прилика, неколку војници биле испратени да го уапсат Исус, но на крај немале срце да го сторат тоа. Тие рекле: „Никој никогаш не зборувал така“ (Јован 7:45, 46). Ова не било преувеличување. Исус, кој дошол „одозгора“, имал далеку повеќе знаење и искуство од кој и да било човек што некогаш живеел на Земјата (Јован 8:23). Навистина, никој не поучувал како него. Да разгледаме само две методи на овој мудар Учител.
„Мноштвата беа восхитени од неговото поучување“
10, 11. a) Зошто нѐ восхитува начинот на кој Исус користел споредби? б) Кој пример покажува колку вешто Исус поучувал со приказни?
10 Вешто користел споредби. Библијата вели: „Сето тоа Исус му го зборуваше на народот користејќи споредби. Секогаш им зборуваше со споредби“ (Матеј 13:34). Не можеме а да не се восхитуваме на неговата неспоредлива способност да пренесе длабоки вистини преку примери од секојдневниот живот. Во своите споредби тој зборувал за работи што им биле добро познати на луѓето: земјоделец што сее семе, жена што меси леб, деца што си играат по плоштадите, рибари кои извлекуваат мрежи, пастир кој бара загубена овца. Бидејќи Исус ги поврзувал важните вистини со познати работи, тие вистини брзо и длабоко им се врежувале во умот и срцето на оние што го слушале (Матеј 11:16-19; 13:3-8, 33, 47-50; 18:12-14).
11 Исус честопати користел кратки приказни за да даде морални или духовни поуки. Бидејќи се сфаќаат и се помнат многу полесно од апстрактните идеи, приказните помогнале да се зачуваат учењата на Исус. Во многу приказни, Исус го опишал својот Татко со сликовити зборови кои не можат лесно да се заборават. На пример, секој може да ја сфати поуката од приказната за расипничкиот син: ако некој што згрешил искрено се кае, Јехова ќе се сожали и љубезно ќе го прими назад (Лука 15:11-32).
12. а) Со која цел Исус користел прашања кога поучувал? б) Како Исус ги замолчил верските водачи?
12 Вешто користел прашања. Исус користел прашања за да им помогне на слушателите да ги преиспитаат своите мотиви, сами да дојдат до исправен заклучок или да донесат исправна одлука (Матеј 12:24-30; 17:24-27; 22:41-46). Кога верските водачи го прашале со каква власт ги врши моќните дела, Исус одговорил: „Дали крштавањето со кое крштаваше Јован беше од небото или од луѓето?“ Изненадени од неговото прашање, тие почнале да се договараат: „Ако речеме: ,Од небото‘ ќе ни рече: ,Зошто тогаш не му верувавте?‘ А ако речеме: ,Од луѓето‘ треба да се плашиме од народот бидејќи сите го сметаат Јован за пророк“. На крај му одговориле: „Не знаеме“ (Марко 11:27-33; Матеј 21:23-27). Со едно едноставно прашање, Исус ги оставил без зборови и ја разоткрил нивната лукавост.
13-15. Како од приказната за добриот Самарјанин се гледа колку мудар бил Исус?
13 Понекогаш Исус ги комбинирал овие две методи така што во своите споредби употребувал и прашања. Кога еден еврејски законик го прашал Исус што е потребно за да добие вечен живот, Исус му го свртел вниманието на Мојсеевиот закон, во кој се барало да го сакаме Бог и ближниот. Бидејќи сакал да се покаже праведен, човекот го прашал: „А кој е мојот ближен?“ Во својот одговор, Исус му раскажал една приказна. Еден Евреин, кој патувал сам, го нападнале разбојници и го оставиле полумртов. Покрај него поминале двајца Евреи — најпрво еден свештеник, а потоа еден Левит. Ниту еден од нив не му обрнал внимание. Но, тогаш се појавил еден Самарјанин кој се сожалил. Љубезно му ги преврзал раните и го однел на безбедно во еден конак каде што можел да закрепне. Откако ја раскажал приказната, Исус го прашал законикот: „Кој од овие тројца му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“ Човекот едноставно морал да одговори: „Оној што му покажа милосрдие“ (Лука 10:25-37).
14 Како од оваа приказна се гледа колку мудар бил Исус? Во негово време, Евреите ги сметале за ближни само оние што се држеле за нивните традиции, а тоа во никој случај не биле Самарјаните (Јован 4:9). Дали Исус ќе ги срушел овие предрасуди ако во неговата приказна жртва бил Самарјанин, а оној што му помогнал бил Евреин? Исус мудро одлучил да раскаже приказна во која Самарјанин љубезно ќе му пружи помош на Евреин. Интересно е и како Исус го поставил прашањето на крајот од приказната. Тој му помогнал да гледа на поимот „ближен“ од друг агол. Законикот, всушност, прашал: ,Кого треба да го сакам како мој ближен?‘ Но, Исус го прашал: „Кој од овие тројца му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“ Исус не се концентрирал на оној кон кого била покажана љубезност, односно на жртвата, туку на оној што покажал љубезност, на Самарјанинот. Дали некој е ближен во вистинска смисла на зборот се гледа по тоа дали покажува љубов кон другите, без оглед на нивната етничка припадност. На колку извонреден начин Исус ја пренел оваа поука!
15 Не е ни чудо што луѓето биле „восхитени од неговото поучување“ и што сакале да го слушаат (Матеј 7:28, 29). Во една прилика, кај Исус се собрал „многу народ“. Овие луѓе биле спремни да го слушаат три дена, иако на крајот останале без храна! (Марко 8:1, 2).
Начинот на кој живеел
16. На кој начин Исус покажал дека постапува во склад со Божјата мудрост?
16 Трето подрачје на кое Исус ја покажувал Јеховината мудрост е неговиот начин на живот. Мудроста се гледа од постапките. „Кој меѓу вас е мудар?“, прашал ученикот Јаков. А потоа додал: „Со своето примерно однесување нека го покаже тоа“ (Јаков 3:13, The New English Bible). Со својот начин на живот, Исус покажал дека постапува во склад со Божјата мудрост. Да разгледаме како покажал разборитост со својот начин на живот и во односите со другите.
17. Што покажува дека Исус бил совршено урамнотежен?
17 Си забележал ли дека луѓето што не знаат добро да ги проценуваат работите обично одат во крајности? Да, за да се биде урамнотежен, потребна е мудрост. Бидејќи имал мудрост од Бог, Исус бил совршено урамнотежен. За него духовните работи биле на прво место во животот. Тој давал сѐ од себе за да ја објавува добрата вест. „За тоа и дојдов“, рекол тој (Марко 1:38). Материјалните работи не му биле најважни. Всушност, по сѐ изгледа немал многу во материјален поглед (Матеј 8:20). Меѓутоа, не бил ни испосник. По примерот на својот Татко, „среќниот Бог“, Исус бил ведра личност, а ги правел среќни и другите околу себе (1. Тимотеј 1:11; 6:15). Кога бил на свадба — веселба на која има музика, песни и радост — не отишол таму за да го расипе доброто расположение. Напротив, кога снемало вино, тој ја претворил водата во квалитетно вино, пијалак што „го весели срцето на смртниот човек“ (Псалм 104:15; Јован 2:1-11). Многу луѓе го канеле Исус на гости, и тој честопати ги користел таквите прилики за да поучува (Лука 10:38-42; 14:1-6).
18. Како Исус покажал беспрекорна мудрост во начинот на кој постапувал со своите ученици?
18 Исус покажал беспрекорна мудрост и во начинот на кој постапувал со другите. Тој многу добро ја познавал човечката природа и затоа имал реално гледиште за своите ученици. Знаел дека тие не се совршени. Но, ги гледал и добрите особини на овие мажи кои ги привлекол Јехова, и гледал какви луѓе можеле да станат со текот на времето (Јован 6:44). И покрај нивните слабости, Исус бил спремен да ја полага својата доверба во нив. На пример, тој им ја доверил големата одговорност да ја проповедаат добрата вест и бил уверен дека ќе можат да ја исполнат (Матеј 28:19, 20). Во книгата Дела наоѓаме потврда дека верно ја извршувале задачата што им ја дал (Дела 2:41, 42; 4:33; 5:27-32). Според тоа, Исус не згрешил што имал доверба во нив.
19. Како Исус покажал дека е „благ и со понизно срце“?
19 Како што беше кажано во 20. поглавје, Библијата ги поврзува понизноста и благоста со мудроста. Се разбира, Јехова е најдобар пример во овој поглед. Но, како е со Исус? Тој покажувал голема понизност во односите со своите ученици. Како совршен човек, ги надминувал во секој поглед. Па сепак, тој не гледал од високо на нив. Никогаш не ги омаловажувал и не им наметнувал чувство дека се неспособни. Напротив, ги земал предвид нивните ограничувања и стрпливо ги поднесувал нивните слабости (Марко 14:34-38; Јован 16:12). Дури и децата биле опуштени со Исус. Зарем ќе сакале да одат кај него ако тој не бил „благ и со понизно срце“? (Матеј 11:29; Марко 10:13-16).
20. Како Исус покажал разумност во случајот со Феничанката чија ќерка била демонизирана?
20 Исус покажал понизност на уште еден начин. Тој бил разумен, односно бил спремен да попушти секогаш кога милоста го налагала тоа. Еден таков пример е случајот кога една Феничанка го молела да ја излекува нејзината демонизирана ќерка. Исус на три начини ѝ покажал дека нема да ѝ помогне. Прво, ништо не ѝ одговорил. Второ, отворено ѝ кажал дека е испратен само кај Евреите, а не кај другите народи. И трето, ѝ дал споредба во која љубезно го нагласил истото. Меѓутоа, жената била упорна и со тоа покажала дека има голема вера. Како реагирал Исус кога ја видел нејзината вера? Го направил токму она што рекол дека нема да го направи. Ја излекувал нејзината ќерка (Матеј 15:21-28). Каква понизност! Да не заборавиме дека понизноста е основа за вистинската мудрост.
21. Зошто треба да зборуваме како Исус, да постапуваме како него и да ги покажуваме неговите особини?
21 Колку благодарни треба да бидеме што преку евангелијата можеме да дознаеме како зборувал и како постапувал најмудриот човек што некогаш живеел! Исус совршено ја отсликувал личноста на својот Татко. Ако се трудиме да зборуваме како Исус, да постапуваме како него и да ги покажуваме неговите особини, тогаш и во нашиот живот ќе се гледа мудроста одозгора. Во следното поглавје ќе разгледаме нешто повеќе за тоа како можеме да ја покажуваме Божјата мудрост.
a Во библиски времиња, дрводелците правеле мебел, изработувале земјоделски алатки и помагале при изградба на куќи. Зборувајќи за Исус, Јустинијан Маченик, кој живеел во вториот век од н.е., напишал: „Додека бил меѓу луѓето, работел како дрводелец и изработувал плугови и јареми“.
b Грчкиот збор преведен со „да бидеш загрижен“ значи „вниманието да ти биде одвлечено“. Во Матеј 6:25, овој збор укажува на грижа и страв што ги окупираат мислите и ја одземаат радоста во животот.
c Всушност, научните истражувања покажуваат дека претераната загриженост и стресот можат да водат до срцеви заболувања и до многу други болести што го скратуваат животот.