ПОГЛАВЈЕ 74
Поуки за гостољубивоста и за молитвата
ИСУС ГИ ПОСЕТИЛ МАРТА И МАРИЈА
КОЛКУ Е ВАЖНО ИСТРАЈНО ДА СЕ МОЛИМЕ
На источната страна од Маслинската Гора, на околу три километри од Ерусалим, се наоѓало селото Витанија (Јован 11:18). Таму, Исус отишол во куќата на Марта и Марија, кои биле сестри. Тие и нивниот брат Лазар му биле блиски пријатели на Исус и срдечно го пречекале.
Било посебна чест Месијата да ти биде гостин. Марта сакала да го пречека најдобро што можела, па затоа веднаш почнала да подготвува богат ручек. Додека Марта работела, нејзината сестра Марија седела крај нозете на Исус и го слушала. По некое време, Марта му рекла на Исус: „Господару, зарем не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да послужувам? Речи ѝ да ми помогне“ (Лука 10:40).
Исус не ѝ рекол ништо на Марија, но на Марта, која им посветила преголемо внимание на материјалните работи, ѝ рекол: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно. Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:41, 42). Исус сакал да каже дека немало потреба да се троши толку многу време за да се подготват различни јадења. Доволно било едно јадење.
Марта имала најдобри намери — сакала да биде гостољубива. Но, со тоа што им посветила претерано внимание на јадењата пропуштила неповторлива прилика да ги чуе скапоцените поуки од Божјиот Син! Исус истакнал дека Марија направила помудар избор, од кој ќе имала трајна корист. Тоа е важна поука и за сите нас.
Во друга прилика, Исус кажал уште една исто толку важна поука. Еден ученик го замолил: „Гоподару, научи нѐ да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици“ (Лука 11:1). Исус веќе зборувал за тоа пред околу една и пол година во својата Проповед на гората (Матеј 6:9-13). Но, можеби овој ученик не бил присутен во таа прилика, па затоа Исус ги повторил главните мисли. Потоа кажал една споредба со која нагласил колку е важно истрајно да се молиме.
„Замислете си дека на полноќ одите кај некој пријател и му велите: ‚Пријателе, дај ми назаем три леба, бидејќи пред малку ми дојде еден пријател од пат, а немам што да му принесам‘. А тој однатре да ви одговори: ‚Не досадувај ми! Вратата е веќе заклучена, а моите деца се со мене в постела. Не можам да станам да ти дадам‘. Ви велам, макар и да не сака да стане и да ви даде затоа што сте пријатели, ќе стане поради вашата упорност и ќе ви го даде она што ви треба“ (Лука 11:5-8).
Исус не сакал да каже дека Јехова не е спремен да одговори на нашите молитви, како пријателот од приказната. Напротив, сакал да каже дека, ако дури и еден таков човек бил спремен да ја исполни молбата на својот пријател само затоа што тој бил упорен, колку поспремен е нашиот небесен Татко, кој нѐ сака, да ги услиши нашите молби! Исус продолжил: „Затоа ви велам: Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Лука 11:9, 10).
За да биде уште појасно, Исус направил споредба со човечките татковци: „Има ли татко меѓу вас, кој, ако неговиот син го замоли за риба, ќе му даде змија наместо риба? Или, ако го замоли за јајце, ќе му даде ли скорпија? Според тоа, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:11-13). Овие зборови нѐ уверуваат дека нашиот Татко сака да ги слуша нашите молитви и секогаш е спремен да ни помогне.