Раѓањето на Исус — вистинската приказна
ПОМИСЛИ на еден нашироко познат настан од историјата на твојата земја. Тој е добро документиран, запишан од повеќе од еден историчар. Сега, што ако некој ти каже дека тој настан никогаш не се случил, дека сето тоа е мит? Или, пак, да ни биде уште поблиска таа ситуација: што ако некој тврди дека голем дел од она што ти го кажало твоето семејство за раѓањето и раниот живот на дедо ти е лага? Во обата случаја, самото такво укажување може да те огорчи. Сигурно дека ти не би ги прифатил тие тврдења како чиста вистина!
Сепак, денешните критичари обично ги отфрлаат евангелските извештаи на Матеј и Лука за Исусовото раѓање. Тие велат дека овие извештаи се безнадежно контрадикторни и неспоиви и дека обата содржат отворени лаги и историски заблуди. Дали е можно тоа да е вистина? Наместо да ги прифатиме таквите обвиненија, ајде самите да ги испитаме евангелските записи. Притоа, да видиме што имаат тие да нѐ поучат нас денес.
Целта при пишувањето
Во самиот почеток, ќе биде од помош ако се сетиме на целта на овие библиски извештаи. Тие не се биографии; тие се Евангелија. Важно е да се прави разлика. Во една биографија авторот може да исполни стотици страници, настојувајќи да покаже како неговиот субјект се развил во ликот кој е толку добро познат. Така, некои биографии трошат многу страници давајќи детали за лозата, раѓањето и детството на нивните субјекти. Со Евангелијата е поинаку. Од четирите евангелски записи, само записот на Матеј и на Лука кажуваат за Исусовото раѓање и детство. Меѓутоа, нивна цел не е да покажат како Исус се развил во маж. Запомни, Исусовите следбеници признале дека тој постоел како духовно суштество пред воопшто да дојде на Земјата (Јован 8:23, 58). Значи, Матеј и Лука не се осврнале на Исусовото детство за да објаснат каков човек станал тој. Наместо тоа, тие раскажале настани кои одговарале на целта на нивните Евангелија.
А каква била целта при нивното пишување? Зборот „евангелие“ значи „добра вест“. И двајцата мажи ја имале истата порака — дека Исус е ветениот Месија, т. е. Христос; дека умрел за гревовите на човештвото и дека бил воскреснат на небото. Но, обајцата писатели имале значително различни заднини и пишувале за различна публика. Матеј, кој бил порезник, го обликувал својот извештај главно за еврејската публика. Лука, пак, кој бил лекар, му пишал на ‚честитиот Теофил‘ — кој можеби имал некоја висока позиција — а на тој начин и до една поширока публика од Евреи и не-Евреи (Лука 1:1—3). Секој писател избрал настани кои биле многу значајни за неговата особена публика и кои веројатно би ја убедиле. Така, извештајот на Матеј ги нагласува пророштвата од Хебрејските списи кои се исполниле во поврзаност со Исус. Лука, пак, од своја страна, го следи покласичниот историски пристап кој би можела да го препознае неговата нееврејска публика.
Не изненадува тоа што нивните извештаи се разликуваат. Но, тие не си противречат, како што тврдат некои критичари. Тие се надополнуваат еден со друг, убаво вклопувајќи се за да создадат една поцелосна слика.
Исусовото раѓање во Витлеем
И Матеј и Лука запишуваат едно извонредно чудо во врска со раѓањето на Исус — дека го родила девица. Матеј покажува дека ова чудо исполнило едно пророштво кое со векови пред тоа го изрекол Исаија (Исаија 7:14; Матеј 1:22, 23). Лука објаснува дека Исус е роден во Витлеем бидејќи пописот, кој го вовел цезарот, ги натерал Јосиф и Марија да отпатуваат таму. (Види ја рамката на страница 7.) Тоа што Исус се родил во Витлеем било значајно. Со векови пред тоа, пророкот Михеј претскажал дека Месијата ќе дојде од овој навидум безначаен град во близината на Ерусалим (Михеј 5:2).
Ноќта на Исусовото раѓање станала прочуена како основа за Сцените на раѓањето. Меѓутоа, вистинската приказна е сосема поинаква од приказната која толку често се прикажува. Историчарот Лука, кој ни кажува за пописот поради кој Јосиф и Марија отишле во Витлеем, ни го кажува и тоа дека таа важна ноќ пастирите ја минале со своите стада на отворено. Овие две околности навеле многу истражувачи на Библијата да заклучат дека не било можно Исус да се роди во текот на декември. Тие истакнуваат дека било неверојатно цезарот да ги присили експлозивните Евреи да појдат на едно напорно патување до нивните родни места во текот на една студена и дождлива сезона. Тоа можело уште повеќе да ги разлути бунтовните луѓе. Подеднакво е неверојатно, како што забележуваат изучувачите, пастирите да живееле на отворено со своите стада на такво лошо време (Лука 2:8—14).
Забележи дека Јехова избрал да им го објави раѓањето на неговиот Син, не на образованите и влијателни верски водачи од тоа време, туку на снажните физички работници кои живееле на отворено. Книжниците и фарисеите веројатно имале мал контакт со пастирите, чие работно време ги спречувало да држат некои детали од усниот закон. Но, Бог ги повластил овие понизни, верни мажи со голема чест — една делегација од ангели ги информирала дека Месијата, кого Божјиот народ го чекал со илјадници години, штотуку се родил во Витлеем. Овие мажи — а не „тројцата цареви“ кои толку често се прикажувани во Сцените на Исусовото раѓање — ги посетиле Марија и Јосиф и го виделе тоа невино бебе кое лежело во јаслите (Лука 2:15—20).
Јехова ги повластува понизните трагачи по вистината
Бог ги повластува понизните луѓе кои го љубат и кои се длабоко заинтересирани да го видат исполнувањето на неговите намери. Тоа е темата која повторно се појавува во настаните кои се поврзани со раѓањето на Исус. После отприлика еден месец од раѓањето на детето кога Јосиф и Марија го претставуваат во храмот во послушност на Мозаитскиот закон, таму принесуваат „две грлици и две гулапчиња“ (Лука 2:22—24). Законот всушност барал овен, но во случаи на сиромаштија ја дозволувал оваа можност која не била толку скапа (3. Мојсеева 12:1—8). Размисли за тоа. Јехова Бог, Суверенот на универзумот не избрал богато, туку сиромашно семејство како домаќинство во кое ќе биде одгледуван неговиот љубен, единороден Син. Ако си родител, ова треба да ти послужи како еден жив потсетник дека најдобриот дар што можеш да им го дадеш на своите деца — далеку подобар од материјалното богатство или престижното образование — е домашна околина која на прво место ги става духовните вредности.
Во храмот Јехова повластил други двајца верни, понизни обожаватели. Едниот од нив е Ана, 84-годишна вдовица, која ‚никогаш не се отстранувала од храмот‘ (Лука 2:36, 37). Другиот, пак, е еден верен постар човек по име Симеон. Обајцата се возбудени поради предноста што им ја дал Бог — пред да умрат да го видат оној кој ќе биде ветениот Месија. Симеон изрекува пророштво над детето. Тоа пророштво е исполнето со надеж, но обоено со тага. Тој претскажува дека оваа млада мајка, Марија, еден ден ќе биде растргната од жал поради нејзиниот љубен син (Лука 2:25—35).
Едно дете е во опасност
Пророштвото на Симеон е еден тажен потсетник дека тоа невино дете ќе стане предмет на омраза. Уште додека е доенче, оваа омраза веќе почнува да дејствува. Извештајот на Матеј дава детали околу тоа. Поминале неколку месеци, а Јосиф, Марија и Исус сега живеат во една куќа во Витлеем. Имаат неочекувана посета од неколку странци. И покрај она што го прикажуваат безбројните Сцени од раѓањето на Исус, Матеј не конкретизира колку мажи дошле ниту, пак, ги нарекува „мудреци“, а уште помалку „тројца цареви“. Тој го користи грчкиот збор ма́гои, што значи „астролози“. Самото тоа е еден показател за читателот дека таму се случува нешто лошо, зашто астрологијата е една вештина која Божјата Реч ја осудува и која верните Евреи совесно ја избегнувале (5. Мојсеева 18:10—12; Исаија 47:13, 14).
Овие астролози следат една ѕвезда од исток и му носат подароци на „новородениот Цар Јудејски“ (Матеј 2:2). Но, таа не ги води во Витлеем. Ги приближува кон Ерусалим и кон Ирод Велики. Ниеден човек на светот немал на располагање толку средства и мотив да му наштети на малиот Исус. Овој амбициозен, убиствено настроен човек убил неколку членови на своето сопствено потесно семејство кои ги сметал за закана.a Вознемирен откако чул за раѓањето на еден иден „цар јудејски“, тој ги испраќа астролозите да го најдат Него во Витлеем. Додека одат, се случува нешто чудно. Изгледа дека „ѕвездата“, која ги води по патот кон Ерусалим, се движи! (Матеј 2:1—9).
Сега, дали ова било вистинска светлина на небото или само една визија, не знаеме. Но, знаеме дека оваа „ѕвезда“ не била од Бог. Таа со злобна прецизност ги води овие пагански обожаватели точно до Исус — едно ранливо и беспомошно детенце, заштитено само од еден сиромашен дрводелец и од неговата сопруга. Астролозите — луѓето кои несвесно биле измамени од Ирод — веројатно би го известиле осветољубивиот монарх, што би водело до уништување на детето. Но, Бог интервенира преку еден сон и ги враќа дома по еден друг пат. Значи, „ѕвездата“ мора да била изум на Божјиот непријател Сатана, кој би сторил сѐ што може за да му наштети на Месијата. Колку само е иронично тоа што во Сцените на раѓањето на Исус „ѕвездата“ и астролозите се прикажани како пратеници на Бог! (Матеј 2:9—12).
Сепак, Сатана не се откажува. Неговиот пион во таа работа, цар Ирод, заповеда да се убијат сите доенчиња во Витлеем кои биле под двегодишна возраст. Но, Сатана не може да ја добие битката против Јехова. Матеј забележува дека Бог уште одамна го предвидел дури и овој злобен колеж на невини деца. Јехова повторно му возвратил на Сатана, предупредувајќи го Јосиф преку еден ангел да бега во Египет заради сигурност. Матеј известува дека после извесно време, Јосиф повторно го преселил своето мало семејство и конечно се населиле во Назарет, каде што Исус пораснал со своите помлади браќа и сестри (Матеј 2:13—23; 13:55, 56).
Раѓањето на Христос — што значи тоа за тебе
Дали си на некој начин изненаден од ова резиме на настаните кои се поврзани со раѓањето и раното детство на Исус? Многумина се. Тие се изненадени кога откриваат дека извештаите навистина се складирани и точни, и покрај смелите тврдења на некои луѓе за спротивното. Изненадени се кога дознаваат дека некои настани се претскажани стотици години однапред. И изненадени се што некои клучни елементи во Евангелијата значително се разликуваат од прикажувањата во традиционалните приказни за Раѓањето на Исус и сцените од јасли.
Но, можеби најмногу од сѐ изненадува тоа што толку многу од традиционалните божиќни прослави ги изоставаат виталните точки од расказите на евангелијата. На пример, се обрнува малку внимание на Исусовиот татко — не на Јосиф туку на Јехова Бог. Замисли си ги неговите чувства кога им го доверил својот љубен син на Јосиф и Марија да го воспитуваат и да се грижат за него. Замисли си ја агонијата на небесниот Татко кога дозволил неговиот Син да порасне во свет во кој еден цар полн со омраза го сковал неговото убиство, дури уште кога бил само дете! Она што го трогнало Јехова да ја направи оваа жртва била неговата длабока љубов кон човештвото (Јован 3:16).
Вистинскиот Исус честопати е изоставен во божиќните прослави. Дури не постои ни запис за тоа дека тој некогаш им го кажал на учениците датумот на своето раѓање; ниту, пак, постои некаков показател дека неговите следбеници го прославувале неговиот роденден.
Исус им заповедал на своите следбеници да ја комеморираат неговата смрт и нејзината историска важност, а не неговото раѓање (Лука 22:19, 20). Исус не сакал да биде запаметен како некое беспомошно бебе во јасли, зашто сега веќе не е тоа. После повеќе од 60 години од своето погубување, Исус му се појавил во визија на апостол Јован како моќен Цар кој јава во битка (Откровение 19:11—16). Ние денес треба да го запознаеме Исус во таа улога, како Владетел на Божјето небесно Царство, зашто тој е Цар кој ќе го промени светот.
[Фуснота]
a Всушност, цезарот Август забележал дека е посигурно да се биде Иродово прасе, отколку Иродов син.
[Рамка/слики на страница 7]
Дали лука бил во грешка?
КАКО можел Исус, кој пораснал во Назарет и бил општопознат како Назареец, да се роди во Витлеем, на оддалеченост од 150 километри? Лука објаснува: „Во тие дни [пред раѓањето на Исус] излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Квирниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град“ (Лука 1:1; 2:1—3).
Критичарите во голема мера го напаѓаат овој пасус како заблуда или, што е уште полошо, како измислица. Тие инсистираат на тоа дека овој попис и управителството на Квирниј се случиле во 6 или 7 година н. е. Ако тие се во право, тоа би фрлило сериозно сомнение врз извештајот на Лука, зашто доказот укажува дека Исус е роден во 2 пр. н. е. Но, тие критичари игнорираат два клучни факта. Прво, Лука признава дека имало повеќе од еден попис — забележи дека тој укажува на ‚првиот попис‘. Тој бил сосема свесен за другиот, подоцнежен попис (Дела 5:37). Овој подоцнежен попис е истиот кој го опишал историчарот Јосиф, а се случил во 6 н. е. Второ, управителството на Квирниј не нѐ наведува на Исусовото раѓање да му го припишеме тој подоцнежен датум. Зошто? Бидејќи очигледно Квирниј служел на таа должност двапати. Многу изучувачи признаваат дека неговиот прв мандат се паднал околу 2 пр. н. е.
Некои критичари велат дека Лука го измислил пописот за да изнајде причина Исус да се роди во Витлеем и на тој начин да го исполни пророштвото од Михеј 5:2. Оваа теорија го прави Лука намерен лажго, а ниеден критичар не може да го усогласи таквото тврдење со совесниот историчар кој го напишал тоа Евангелие и книгата Дела.
Ниеден критичар не може да објасни ни нешто друго: Самиот попис исполнил едно пророштво! Во шестиот век пр. н. е., Даниил прорекол за еден владетел кој ќе ‚прати даночник за да мине по царството на славата‘. Дали ова укажувало на Август и на неговата наредба да се изврши попис во Израел? Па, пророштвото понатаму претскажува дека Месијата, односно „Водачот на сојузот“ (NW) ќе биде ‚скршен‘ (NW) за време на владеењето на наследникот на овој владетел. Исус навистина бил ‚скршен‘, погубен, во текот на владеењето на наследникот на Август, Тибериј (Даниил 11:20—22).
[Слики]
Август Цезар (27 пр. н. е.—14 н. е.)
Тибериј Цезар (14—37 н. е.)
[Извори на слики]
Musée de Normandie, Кан (Франција)
Фотографијата е земена со љубезна дозвола на Британскиот музеј
[Слика на страница 8]
Јеховиниот ангел ги повластил понизните пастири со добрата вест за раѓањето на Христос