Дали Исус бил женет и дали имал браќа и сестри?
Што вели Библијата:
Иако во Библијата не пишува ништо конкретно за тоа дали Исус бил во брак, од извештаите за неговиот живот можеме да заклучиме дека тој не бил женет.a Размисли за следниве работи:
Во Библијата често се спомнува семејството на Исус, како и некои жени што го придружувале за време на неговата служба и биле покрај него кога бил погубен. Но, никаде не е спомнато дека имал жена (Матеј 12:46, 47; Марко 3:31, 32; 15:40; Лука 8:2, 3, 19, 20; Јован 19:25). Тоа што Библијата не зборува ништо на таа тема е доволно силен доказ дека Исус никогаш не се оженил.
За оние што решиле да не стапуваат во брак само за да можат да прават повеќе во службата за Бог, Исус рекол: „Кој може да живее така, нека живее така“ (Матеј 19:10-12). Тој самиот им оставил пример на оние што одлучиле да не стапат во брак со цел да му го посветат својот живот на Бог (Јован 13:15; 1. Коринќаните 7:32-38).
Кратко пред да умре, Исус ја доверил грижата за својата мајка на еден од своите ученици (Јован 19:25-27). Доколку имал жена и деца тогаш сигурно би се погрижил и тие да бидат згрижени по неговата смрт.
Библијата вели дека мажите треба да се однесуваат со своите жени како Исус со собранието. Во Ефешаните 5:25 стои: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“. Но, ако тој бил женет, зарем не би било логично за пример да биде наведен неговиот однос кон неговата жена, а не кон собранието?
Дали Исус имал браќа и сестри?
Да, Исус имал најмалку шест браќа и сестри: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда, како и најмалку две сестри (Матеј 13:54-56; Марко 6:3). Тие биле деца на Марија, мајката на Исус, и на нејзиниот сопруг, Јосиф (Матеј 1:25). Во Библијата Исус е наречен „првородениот“ на Марија, што покажува дека таа имала и други деца (Лука 2:7).
Погрешни мислења за браќата на Исус
За да го потврдат мислењето дека Марија цел живот останала девица, на зборот „браќа“ некои му придаваат различни значења. На пример, некои сметаат дека браќата на Исус, всушност, биле деца на Јосиф од некој претходен брак. Но, според Библијата, Исус го добил законското право да го наследи царството што му било ветено на Давид (2. Самоилова 7:12, 13; Лука 1:32). Што ни покажува тоа? Доколку Јосиф имал други синови пред да се роди Исус, тогаш законски наследник ќе бил неговиот најстар син, а не Исус.
Дали изразот „браќа“ се однесува на учениците на Исус, односно на неговите духовни браќа? Ваквото мислење не е во склад со Светото писмо, затоа што во него пишува дека некое време неговите браќа не верувале во него (Јован 7:5). Исто така, во Библијата се прави разлика помеѓу браќата на Исус и неговите ученици (Јован 2:12).
Други сметаат дека изразот „браќа“ се однесува на неговите братучеди. Но, во Новиот завет, кој е пишуван на грчки јазик, се употребуваат различни зборови за „брат“, „роднина“ и „братучед“ (Лука 21:16; Колошаните 4:10). Многу библиски истражувачи потврдуваат дека Исус навистина имал браќа и сестри. На пример, во еден библиски прирачник се вели следново: „Најлогично е да се заклучи дека изразот ,браќа‘... се однесува на синовите на Марија и Јосиф, односно на Исусовите браќа по мајка“.b
a Во Библијата Христос е наречен младоженец, но контекстот јасно покажува дека тој израз има симболично значење (Јован 3:28, 29; 2. Коринќаните 11:2).
b Види го второто издание од The Gospel According to St. Mark од Винсент Тејлор, страница 249, како и делото A Marginal Jew—Rethinking the Historical Jesus од Џон Маер, том 1, страници 331-332.