Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Лука
СЕ СМЕТА дека Евангелието според Матеј било напишано главно за Евреите, а Евангелието според Марко за оние што не биле Евреи. Но, Евангелието според Лука било наменето за луѓето од сите народи. Лука ја напишал својата книга околу 56-58 год. од н.е. и во неа детално ги опишал животот и службата на Исус.
Како грижлив и прецизен лекар, Лука ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘ и опфатил период од 35 години — од 3 год. пред н.е. до 33 год. од н.е. (Лука 1:3). Речиси 60 отсто од настаните запишани во Евангелието не се спомнати во ниту едно од другите евангелија.
ПРВИТЕ ГОДИНИ СЛУЖБА
Откако ги запишува деталите околу раѓањето на Јован Крстител и Исус, Лука ни кажува дека Јован ја започнува својата служба во 15-тата година од владеењето на Тибериј Цезар, односно пролетта во 29 год. од н.е. (Лука 3:1, 2). Есента таа година, Јован го крштава Исус (Лука 3:21, 22). Во 30 год. од н.е., ‚Исус е вратен во Галилеја и почнува да поучува во нивните синагоги‘ (Лука 4:14, 15).
Исус го започнува своето прво проповедничко патување во Галилеја. На народот му кажува: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Со себе го зема рибарот Симон и му вели: „Отсега ќе ловиш луѓе“. Тие зборови важат и за другите кои тргнуваат заедно со нив (Лука 5:1-11; Мат. 4:18, 19). Во текот на второто проповедничко патување во Галилеја, со Исус се и 12-те апостоли (Лука 8:1). На третото патување тој ги испраќа нив „да го проповедаат Божјето царство и да лекуваат болни“ (Лука 9:1, 2).
Одговорени библиски прашања:
1:35 — Дали за раѓањето на Исус била употребена и јајце-клетката на Марија? За да можело детето на Марија да биде вистински потомок на нејзините предци Авраам, Јуда и Давид, како што ветил Бог, во неговото раѓање требало да биде вклучена и нејзината јајце-клетка (1. Мој. 22:15, 18; 49:10; 2. Сам. 7:8, 16). Но, за да биде пренесен совршениот живот на Божјиот син во утробата на Марија, и така таа да забремени, бил употребен Божјиот свет дух (Мат. 1:18). По сѐ изгледа дека тој го поништил сето несовршенство што постоело во јајце-клетката на Марија и уште од зачетокот го штител развојот на ембрионот од сѐ што би можело да му наштети.
1:62 — Дали Захарија и онемел и оглувел? Не, на Захарија му се одзел само говорот. Другите побарале од него „со знаци“ да им покаже како сака да се вика детето, но не затоа што Захарија бил глув. Тој сигурно го чул она што го кажала Елисавета за името на нивниот син. Веројатно тие со некој гест го побарале мислењето на Захарија. Тоа што на крајот му се повратил само говорот е дополнителен показател дека не го изгубил и слухот (Лука 1:13, 18-20, 60-64).
2:1, 2 — Како тоа што е спомнат „првиот попис“ ни помага да одредиме кога бил роден Исус Христос? За време на владеењето на Цезар Август имало повеќе пописи — првиот бил во 2 год. пр.н.е., со што се исполнуваат зборовите од Даниел 11:20, а вториот во 6 или 7 год. од н.е. (Дела 5:37). Во периодот кога биле направени двата пописа, како управител на Сирија служел Квириниј, кој очигледно добил двоен мандат. Тоа што Лука спомнува дека се работи за првиот попис значи дека Исус бил роден во 2 год. пр.н.е.
2:35 — Како на Марија ‚меч ќе ѝ ја прободел душата‘? Овие зборови покажувале колку ќе и било тешко на Марија да гледа дека повеќето луѓе одбиваат да прифатат дека Исус е Месијата и колкава болка ќе доживее поради неговата мачна смрт (Јован 19:25).
9:27, 28 — Зошто Лука вели дека преобразувањето се случило „осум дена“ откако Исус им ветил на своите ученици дека некои од нив „нема да вкусат смрт“ додека не го видат Исус како доаѓа во своето Царство, кога и Матеј и Марко напишале дека тоа се случило „по шест дена“? (Мат. 17:1; Мар. 9:2). Очигледно Лука додал уште два дена — денот кога Исус го дал ветувањето и денот кога тоа се исполнило.
9:49, 50 — Зошто Исус не го спречил човекот да истерува демони, и покрај тоа што тој не одел по Исус? Исус не го спречил затоа што тогаш сѐ уште не било формирано христијанското собрание. Според тоа, не морало тој човек физички да го придружува Исус за да покаже вера во Исусовото име и да истерува демони (Мар. 9:38-40).
Поуки за нас:
1:32, 33; 2:19, 51. Марија ги чувала во своето срце настаните и зборовите што покажувале дека се исполнуваат пророштва. Дали и ние толку го цениме она што Исус прорекол дека ќе се случува „на свршетокот на овој поредок“, и дали го споредуваме тоа што го рекол со она што се случува денес? (Мат. 24:3).
2:37. Ана ни дала пример дека треба да бидеме постојани во нашата служба за Јехова, да ‚истраеме во молитвата ‘ и да „не ги пропуштаме нашите состаноци“ (Рим. 12:12; Евр. 10:24, 25).
2:41-50. Јосиф ги ставил духовните работи на прво место во животот и се грижел и за физичките потреби и за духовното добро на своето семејство. Тој им оставил убав пример на денешните семејни поглавари.
4:4. Не треба да дозволиме да ни помине денот без да размислуваме за духовни работи.
6:40. Секој што ги поучува другите за Божјата реч треба да биде добар пример за своите ученици. Треба да го покаже на дело она што го зборува.
8:15. За да ‚ја задржиме [Божјата реч] и истрајно да донесуваме плод‘, мораме да ја разбираме, да ја цениме и да ја усвоиме. Секогаш да размислуваме и да се молиме додека ги читаме Библијата и библиските публикации.
ПОСЛЕДНИОТ ПЕРИОД ОД ИСУСОВАТА СЛУЖБА
Исус испраќа пред себе 70 други да одат во градовите и во другите места во Јуда (Лука 10:1). Потоа и самиот патува „низ градовите и селата“ и таму ги поучува луѓето (Лука 13:22).
Пет дена пред Пасхата во 33 год. од н.е., Исус влегува во Ерусалим јавајќи на магаре. Време е да се исполнат следниве зборови што еднаш им ги кажал на своите ученици: „Синот човечки мора многу да пострада и да биде отфрлен од старешините, од главните свештеници и од книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Лука 9:22, 44).
Одговорени библиски прашања:
10:18 — Што сакал да каже Исус кога на своите 70 ученици им рекол: „Го гледав Сатана како падна од небото како молња“? Исус не сакал да каже дека Сатана веќе бил истеран од небото. Тоа се случило дури откако Исус бил поставен за небесен цар во 1914 год. (Отк. 12:1-10). Не можеме со сигурност да тврдиме, но со тоа што зборувал како веќе да се случило нешто што допрва требало да се случи, Исус изгледа нагласил колку е сигурно исполнувањето на тие зборови.
17:34-37 — Кои се „орлите“ и што е ‚мршата‘ на која се собираат? Оние што се ‚земени‘, односно избавени, се споредени со далекувидните орли. ‚Мршата‘ на која се собираат е вистинскиот Христос, кој тогаш ќе биде невидливо присутен, и духовната храна што Јехова ја обезбедува за нив (Мат. 24:28).
22:44 — Зошто му било толку тешко на Исус? Од неколку причини. Исус требало да биде убиен како криминалец, па затоа бил загрижен како тоа ќе се одрази на Јехова Бог и на неговото име. Освен тоа, бил свесен дека и неговиот вечен живот и иднината на целото човештво зависат од тоа дали ќе остане верен.
23:44 — Дали тричасовната темнина била затемнување на Сонцето? Не. Затемнувањата на Сонцето се случуваат само кога е млада месечина, а не кога е полна, како што била за време на Пасхата. Мракот што се спуштил на земјата дента кога умрел Исус бил чудо од Бог.
Поуки за нас:
11:1-4. Ако ги споредиме овие зборови со зборовите од пример-молитвата, која Исус ја кажал во Проповедта на гората 18 месеци пред тоа, ќе забележиме дека малку се разликуваат. Тоа јасно покажува дека, кога се молиме, не треба само да повторуваме едни исти зборови (Мат. 6:9-13).
11:5, 13. Иако Јехова секогаш сака да ни одговори на молитвите, треба истрајно да продолжиме да се молиме (1. Јов. 5:14).
11:27, 28. Вистинска среќа ни гарантира само нашата верна служба на Бог, а не семејните односи или материјалното богатство.
11:41. Она што го даваме како милостина треба да го даваме од љубов и по своја желба.
12:47, 48. Оној кому му се дадени поголеми одговорности, а пропушта да ги исполни, носи поголема вина од оној што не знае или не разбира доволно какви одговорности има.
14:28, 29. Паметно е да трошиме пари во границите на своите можности.
22:36-38. Исус не им рекол на своите апостоли да носат оружје за да се заштитат или да се одбранат себеси. Двата меча што ги понеле вечерта кога Јуда го предал му послужиле на Исус за да им даде една многу важна поука, имено: „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Мат. 26:52).
[Слика на страница 31]
Јосиф оставил убав пример како семеен поглавар
[Слика на страница 32]
Евангелието што го напишал Лука содржи најмногу детали за животот и службата на Исус