„Создадете си пријатели со неправедно богатство“
„Создадете си пријатели со неправедно богатство, . . . Верниот во малку и во многу е верен“ (ЛУКА 16:9, 10).
1. Како Мојсеј и синовите Израилеви го фалеле Јехова по нивното бегство од Египет?
СПАСЕНИ преку чудо — какво искуство кое ја зајакнува верата! Излегувањето на Израелците од Египет не би можело да му се припише на никој друг освен на Јехова, Семоќниот. Не изненадува тоа што Мојсеј и Израелците пееле: „Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе го превознесувам“ (2. Мојсеева 15:1, 2; 5. Мојсеева 29:2).
2. Што понел Јеховиниот народ со себе кога го напуштил Египет?
2 Колку само се разликувала новодобиената слобода од нивната ситуација во Египет! Сега можеле непречено да го обожаваат Јехова. А тие не го напуштиле Египет со празни раце. Мојсеј раскажува: „Синовите Израилеви . . . побараа од Египтјаните накити сребрени и накити златни, а и облека. И Господ направи, та народот најде милост кај Египтјаните, и тие им дадоа; така тие ги обраа Египтјаните“ (2. Мојсеева 12:35, 36). Но, како го употребиле богатството од Египет? Дали тоа довело до ‚превознесување на Јехова‘? Што учиме од нивниот пример? (Спореди 1. Коринтјаните 10:11.)
„Принос на Господа“
3. Како реагирал Јехова кога Израел употребил злато заради лажно обожавање?
3 За време на Мојсеевиот 40-дневен престој на планината Синај за да добие Божји упатства за Израел, народот кој чекал долу, станувал сѐ понемирен. Откако ги симнале своите златни обетки, му наредиле на Арон да им направи лик за обожавање. Арон им направил и олтар и, рано следниот ден, тие принеле жртви. Дали со употребата на нивното злато му омилеле на нивниот Избавител? Сигурно дека не! „Но сега остави“, му објавил Јехова на Мојсеј, „да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам.“ Единствено заради Мојсеевото преколнување Јехова ја поштедил нацијата, иако бунтовните отпадници биле убиени со неволја од Бог (2. Мојсеева 32:1-6, 10-14, 30-35).
4. Што претставувал ‚приносот на Господа‘, и кој го принел?
4 Подоцна, Израелците имале прилика да го употребат богатството што го поседувале на начин кој му се допаднал на Јехова. Тие дале „принос на Господа“.a Меѓу донациите за изградбата и опремувањето на шаторот за обожавање имало злато, сребро, бакар, син конец, различни бојадисани материјали, овнешки и фокини кожи и багремово дрво. Извештајот го свртува нашето внимание на ставот на приложниците. „Секој што од срце дава, нека донесе принос, доброволно нека принесе принос на Господа“ (2. Мојсеева 35:5-9). Израел сесрдно се оѕвал. Затоа, шаторот за обожавање, според зборовите на еден научник, бил зграда на „убавина и возвишен сјај“.
Прилози за храмот
5, 6. Како го употребил Давид своето богатство за храмот, и како реагирале другите?
5 Иако Соломон, царот на Израел, управувал со градењето на еден траен дом за Јеховино обожавање, неговиот татко, Давид имал направено обемни подготовки за него. Давид, собрал голема количина злато, сребро, бакар, железо, градежно дрво и скапоцени камења. „Од љубов кон домот на мојот Бог“ — му рекол Давид на неговиот народ — „што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, посебно од сето она, што сум го приготвил за светиот дом: три илјади таланти злато . . . и седум илјади таланти чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите“. Давид ги охрабрил и другите да бидат дарежливи. Реакцијата била обилна: уште повеќе злато, сребро, бакар, железо и скапоцени камења. „Од сѐ срце“ народот ‚жртвувал за Господа‘ (1. Летописи 22:5; 29:1-9).
6 Преку овие доброволни прилози, Израелците изразиле длабоко ценење за Јеховиното обожавање. Давид понизно молел: „Кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку?“ Зошто? „Од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме; . . . Јас со чисто срце го жртвував сето ова“ (1. Летописи 29:14, 17).
7. Каква предупредувачка поука извлекуваме од Амосовото време?
7 Сепак, израелските племиња пропуштиле да го држат обожавањето на Јехова на прво место во нивните мисли и срца. Од деветтиот век пр. н. е., поделениот Израел станал виновен за духовна немарност. Во врска со северното десетплеменско царство Израел, Јехова објавил преку Амос: „Тешко им на оние што се без грижа во Сион и на оние што се надеваат на гората Самариска“. Тој ги опишал како мажи кои ‚лежат на легла од слонова коска и се оптегаат на постелите свои, . . . кои јадат најдобри овни од стадото и телиња од богато пасиште, . . . кои пијат вино од чаша‘. Но, нивното изобилие не претставувало заштита. Бог предупредил: „Тие ќе појдат први во ропство пред заробените, и ќе се заврши ликувањето на разнежените“. Во 740. пр. н. е., Израел пострадал од Асирија (Амос 6:1, 4, 6, 7). А во свое време, јужното царство Јудеја исто така паднало како жртва на материјализмот (Јеремија 5:26-29).
Правилна употреба на средствата во христијански времиња
8. Каков добар пример даваат Јосиф и Марија во поглед на користењето на средствата?
8 За разлика од тоа, релативно сиромашната состојба на Божјите слуги во подоцнежните времиња не ги спречила да покажуваат ревност за вистинското обожавање. Да ги земеме како пример Марија и Јосиф. Послушни на наредбата на Цезар Август, отпатувале во нивното семејно родно место, Витлеем (Лука 2:4, 5). Таму бил роден Исус. По четириесет дена, Јосиф и Марија го посетиле храмот во Ерусалим кој им бил во близина за да ја принесат пропишаната жртва за очистување. Како показател за нивната слаба материјална состојба било тоа што Марија принела две мали птици. Ниту таа ниту Јосиф не се правдале со сиромаштво. Напротив, послушно ги употребиле своите ограничени средства (3. Мојсеева 12:8; Лука 2:22-24).
9-11. а) Какво водство даваат Исусовите зборови од Матеј 22:21 во поглед на тоа како ги употребуваме парите? б) Зошто малиот прилог на вдовицата не бил залудно приложен?
9 Подоцна, фарисеите и припадниците на Иродовата партија се обиделе да го измамат Исус, велејќи: „Кажи ни; како Ти се чини: треба ли да се дава данок на царот или не?“ Исусовиот одговор ја открил неговата остроумност. Осврнувајќи се на паричката што му ја дале, прашал: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие одговориле: „На царот“. Исус мудро заклучил: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ (Матеј 22:17-21). Исус знаел дека властите кои ја издале паричката очекуваат да бидат плаќани даноците. Но, со тоа им помогнал како на своите следбеници така и на непријателите да сфатат дека вистинскиот христијанин настојува исто така да му го подаде „Божјото на Бога“. Тоа вклучува и правилно користење на личниот материјален имот.
10 Ова е илустрирано со еден настан во храмот, чијшто сведок бил Исус. Штотуку ги осудил алчните книжници кои ‚ги подјадувале домовите на вдовиците‘. „Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса“ — известува Лука. „[Исус] виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: ‚Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти — сѐ што имаше за својот живот‘“ (Лука 20:46, 47; 21:1-4). Некои од луѓето споменале дека храмот бил украсен со скапоцени камења. Исус одговорил: „Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат“ (Лука 21:5, 6). Дали тој мал прилог од вдовицата бил залуден? Секако дека не. Таа ја поддржала подготовката што Јехова ја имал во тоа време.
11 На своите вистински следбеници Исус им рекол: „Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона [на богатството, НС]“ (Лука 16:13). Според тоа, како можеме да покажеме исправна рамнотежа во користењето на нашите финансиски средства?
Верни управители
12-14. а) На кои средства христијаните се управители? б) На кои истакнати начини денешниот Јеховин народ верно го врши своето управителство? в) Од каде доаѓаат парите за поддршка на Божјето дело денес?
12 Кога му го предаваме својот живот на Јехова, всушност велиме дека сѐ што имаме, сите наши средства му припаѓаат нему. Тогаш, како треба да го употребиме она што го имаме? Дискутирајќи за христијанската служба во собранието, брат Ч. Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society, напишал: „Секој треба да се смета себеси дека е поставен од Господ за управител на своето сопствено време, влијание, пари итн., и секој треба да сака овие таленти да ги употреби најдобро што умее, на слава на Господарот“ (The New Creation — Новата творба, страница 345).
13 „А од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен“ — се наведува во 1. Коринтјаните 4:2. Како меѓународна организација, Јеховините сведоци се стремат да живеат според тој опис, користејќи го своето време колку што можат повеќе во христијанската служба и грижливо негувајќи ги своите способности за поучување. Освен тоа, тимови од волонтери под водството на Регионалните одбори за изградба, спремно го вложуваат своето време, сила и вештина во градењето на извонредни сали за состанување заради обожавање. Со сето ова, Јехова е многу задоволен.
14 Од каде се парите за поддржување на оваа огромна кампања за поучување и ова градежно дело? Од лицата со спремни срца, како што било случај во деновите на изградбата на шаторот за обожавање. Дали ние како поединци имаме удел во тоа? Дали начинот на кој ги користиме нашите финансиски средства покажува дека Јеховината служба ни е најважна? Кога се работи за употребата на парите, да бидеме верни управители.
Пример за дарежливост
15, 16. а) Како покажале дарежливост христијаните од Павлово време? б) Како треба да гледаме на нашава сегашна дискусија?
15 Апостол Павле пишувал за дарежливиот дух на христијаните во Македонија и Ахаја (Римјаните 15:26). Иако и самите биле загрозени, тие спремно приложиле за да им помогнат на своите браќа. Павле ги охрабрил коринтските христијани и тие дарежливо да даваат, приложувајќи од својот одвишок за да го ублажат недостигот на другите. Никој немал оправдана причина да го обвини Павле за изнудување. Тој напишал: „Кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринтјаните 8:1-3, 14; 9:5-7, 13).
16 Дарежливите прилози што нашите браќа и заинтересираните лица денес ги даваат за светското дело на Царството, претставуваат доказ за тоа колку високо ја ценат оваа предност. Но, како што Павле ги потсетил Коринтјаните, би било добро оваа дискусија да ја сметаме како едно потсетување.
17. На каков образец за давање охрабрил Павле, и може ли тоа да се примени и денес?
17 Павле ги поттикнал браќата да следат еден образец во нивното давање. „Во секој прв ден од седмицата“ — рекол тој — „секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може“ (1. Коринтјаните 16:1, 2). Тоа може да служи како пример за нас и нашите деца во приложувањето, било да го правиме тоа преку собранието или директно до најблиската канцеларија на Заедницата. Еден мисионерски пар кој е доделен да проповеда во еден источноафрикански град, ги поканил заинтересираните да им се придружат во проучувањето на Библијата. На крајот од тој прв состанок, мисионерите дискретно ставиле неколку парички во кутијата означена со „Прилози за делото на Царството“. Останатите го сториле истото. Подоцна, откако овие лица биле организирани во христијанско собрание, ги посетил покраинскиот надгледник и коментирал за редовноста на нивните прилози (Псалм 49:10, 14, 23).
18. Како можеме да им помогнеме на нашите браќа кои се во неволја?
18 И ние ја имаме предноста да ги користиме нашите средства за да им помагаме на жртвите од природни катастрофи и на оние кои живеат во завојувани подрачја. Колку бевме трогнати кога читавме за помошта што беше испратена во Источна Европа, кога тој дел од светот беше зафатен од економски и политички пресврти! И материјалните и паричните прилози ја покажаа дарежливоста и солидарноста на нашите браќа со христијаните во неволјаb (2. Коринтјаните 8:13, 14).
19. Кои практични работи можеме да ги направиме за да им помогнеме на оние кои се во полновремена служба?
19 Ние високо го цениме трудот на нашите браќа кои се ангажираат во полновремената служба како пионери, патувачки надгледници, мисионери и бетелски доброволци, зарем не? Колку што ни дозволуваат околностите, можеби сме во состојба директно да им понудиме извесна материјална помош. На пример, кога покраинскиот надгледник го посетува вашето собрание, можеби си во состојба да му обезбедиш сместување, оброци, или да му помогнеш околу неговите патни трошоци. Таквата дарежливост не останува незабележана од нашиот небесен Татко, кој сака неговите слуги да бидат згрижени (Псалм 36:25). Пред неколку години, еден брат кој бил во можност да понуди само нешто за освежување, ги поканил патувачкиот надгледник и неговата сопруга во својот дом. Кога двојката заминала во вечерната служба на проповедање, братот им врачил на гостите еден плик. Во него имало една банкнота (со вредност од еден долар) и писменце напишано со рака: „За шолја чај или литар бензин“. Какво извонредно ценење било покажано на овој понизен начин!
20. Која предност и одговорност не сакаме да ја занемариме?
20 Во духовна смисла, Јеховиниот народ е благословен! Се радуваме на духовните гозби на нашите покраински и обласни конгреси каде што добиваме нови публикации, извонредна поука и практични совети. Бидејќи срцата ни се исполнети со ценење за нашите духовни благослови, не ја забораваме нашата предност и одговорност да приложуваме средства кои ќе се употребат за унапредување на интересите на Божјето Царство ширум светот.
„Создадете си пријатели со неправедно богатство“
21, 22. Што ќе се случи наскоро со „неправедното богатство“, и што бара тоа од нас сега?
21 Навистина, постојат многу начини на кои можеме да покажеме дека Јеховиното обожавање е на прво место во нашиот живот, а еден особен начин на кој можеме да го покажеме ова е да го слушаме Исусовиот совет: „Создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите [кога ова ќе пропадне, НС], да ве примат во вечните живеалишта“ (Лука 16:9).
22 Забележи дека Исус зборувал за пропаѓањето на неправедното богатство. Да, ќе дојде ден кога парите од овој систем ќе станат безвредни. „Среброто ќе си го исфрлаат по улици и златото нема да го почитуваат“ — прорекол Језекиил. „Среброто нивно и златото нивно нема да биде во сила да ги спаси во денот на Господовата јарост“ (Језекиил 7:19). Сѐ додека се случи тоа, мораме да покажуваме мудрост и разборитост во начинот на кој го користиме нашиот материјален имот. Затоа, нема да гледаме наназад со жалење што сме пропуштиле да го послушаме Исусовото предупредување: „Ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? . . . Не можете да служите на Бога и на Мамона“ (Лука 16:11-13).
23. Што треба мудро да користиме, и каква ќе биде нашата награда?
23 Според тоа, сите ние верно да ги послушаме овие потсетници да го ставиме Јеховиното обожавање на прво место во нашиот живот и мудро да ги користиме сите наши средства. Така можеме да го задржиме нашето пријателство со Јехова и со Исус, кои ветуваат дека, кога парите ќе пресушат, тие ќе нѐ примат во „вечните живеалишта“, со изгледот за вечен живот, било во небесното Царство или на рајската Земја (Лука 16:9).
[Фусноти]
a Хебрејскиот збор преведен со „принос“ потекнува од глагол што дословно значи „да биде висок; да биде возвишен; да подигне“.
b Види Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство), страници 307-315, издадена во 1993 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали се сеќаваш?
◻ Како одговориле Израелците на Јеховината покана да приложуваат за изградбата на шаторот за обожавање?
◻ Зошто прилогот на вдовицата не бил залуден?
◻ Каква одговорност сносат христијаните во врска со начинот на кој ги користат своите средства?
◻ Како можеме да избегнеме жалења за нашата употреба на парите?
[Слика на страница 15]
Иако мал, прилогот на вдовицата не бил залуден
[Слики на страници 16 и 17]
Нашите прилози го поддржуваат светското дело на Царството