ПОГЛАВЈЕ 89
Исус поучувал во Переја на пат кон Јудеја
КОЛКУ Е ОПАСНО ДА СПРЕПНЕМЕ НЕКОГО
ДА СЕ ПРОСТУВА И ДА СЕ ИМА ВЕРА
Некое време Исус бил во подрачјето Переја, кое се наоѓало „преку Јордан“ (Јован 10:40). Потоа тргнал на југ, кон Ерусалим.
Со него патувале и неговите ученици, како и „големо мноштво луѓе“, меѓу кои имало даночници и грешници (Лука 14:25; 15:1). Меѓу мноштвото биле и фарисеите и книжниците, кои го критикувале Исус за сѐ што ќе кажел или направел. Исус им дал доволно причини добро да размислат за она што го прават бидејќи кратко пред тоа им ги раскажал споредбите за загубената овца, за загубениот син и за богаташот и Лазар (Лука 15:2; 16:14).
Веројатно имајќи ги на ум критиките и исмејувањата од фарисеите, Исус повторно им се обратил на учениците. Тој спомнал неколку работи за кои веќе зборувал кога бил во Галилеја.
На пример, Исус рекол: „Не е можно да не дојдат причини за спрепнување! Меѓутоа, тешко на оној преку кого доаѓаат!.. Внимавајте на себе! Ако твојот брат направи грев, укори го. Ако се покае, прости му. Дури и да ти згреши седумпати на ден и седумпати да се врати кај тебе и да ти рече: ‚Се каам‘, прости му“ (Лука 17:1-4). Тие зборови можеби го потсетиле Петар на приликата кога го прашал Исус дали треба да му прости некому до седум пати (Матеј 18:21).
Дали учениците ќе можеле да постапуваат онака како што им кажал Исус? Тие му рекле: „Дај ни уште вера“. Но, Исус ги уверил: „Кога би имале вера голема само колку синапово зрно, на оваа црница би ѝ рекле: ‚Откорни се од корен и пресади се во морето!‘ — и таа би ве послушала“ (Лука 17:5, 6). Дури и со малку вера можело да се постигне многу.
Исус потоа покажал колку е важно слугите на Бог да имаат скромно и урамнотежено мислење за себеси. На апостолите им рекол: „Кој од вас на својот роб, кој ора или чува стадо, ќе му рече, кога овој ќе се врати од поле: ‚Дојди веднаш и смести се на трпезата‘? Нема ли, наместо тоа, да му рече: ‚Зготви ми нешто за вечера, па препаши си скутник и послужувај ме додека јадам и пијам, а потоа ти ќе јадеш и ќе пиеш‘? Дали ќе му биде благодарен на робот затоа што ги извршил своите должности? Така и вие, кога ќе ги извршите сите свои должности, речете: ‚Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“ (Лука 17:7-10).
Секој слуга на Бог мора да сфати колку е важно да го стави Бог на прво место во својот живот. Освен тоа, не смееме да заборавиме колкава предност е да го славиме Бог како дел од неговото домаќинство.
Изгледа кратко откако Исус ја раскажал оваа споредба, кај него дошол еден гласник што го испратиле Марија и Марта, сестрите на Лазар, кои живееле во јудејското село Витанија. Гласникот рекол: „Господару, ете, твојот сакан пријател е болен“ (Јован 11:1-3).
Иако неговиот пријател Лазар бил тешко болен, Исус не паднал во очај. Наместо тоа, рекол: „Оваа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа“. Откако останал уште два дена во тој крај, Исус им рекол на учениците: „Да појдеме пак во Јудеја“. Но, тие се зачудиле и рекле: „Учителе, Јудејците штотуку сакаа да те каменуваат. Зар пак ќе одиш таму?“ (Јован 11:4, 7, 8).
Исус им одговорил: „Нели дневната светлина трае дванаесет часа? Ако некој оди по ден, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет. Но, ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него“ (Јован 11:9, 10). Исус очигледно сакал да каже дека времето што Бог го одредил за неговата служба на Земјата сѐ уште не било завршено. Затоа, краткото време што му преостанувало сакал да го искористи во потполност.
Потоа рекол: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“. Учениците очигледно го сфатиле буквално и помислиле дека Лазар спие и дека брзо ќе оздрави. Затоа му рекле: „Господару, ако спие, ќе оздрави“. Тогаш Исус отворено им кажал: „Лазар умре... Но, ајде да појдеме кај него“ (Јован 11:11-15).
Тома знаел дека Исус би можел да биде убиен во Јудеја, но сепак сакал да му пружи поддршка. Затоа, на останатите ученици им рекол: „Да појдеме и ние, да умреме со него“ (Јован 11:16).