ПОГЛАВЈЕ 93
Денот кога ќе се појавел Синот човечки
ЦАРСТВОТО БИЛО МЕЃУ НИВ
КАКО ЌЕ БИЛО КОГА ИСУС ЌЕ СЕ ПОЈАВЕЛ
Исус сѐ уште бил или во Самарија или во Галилеја кога фарисеите го прашале кога ќе дојде Божјето Царство. Тие очекувале Царството да дојде на некој свечен и впечатлив начин. Но, Исус рекол: „Царството Божје не доаѓа така што ќе може да се види. Луѓето нема да речат: ‚Еве тука е!‘ — или: ‚Онаму е!‘ Зашто, еве, царството Божје е меѓу вас“ (Лука 17:20, 21).
Некои сметаат дека со овие зборови Исус сакал да каже дека Божјето Царство владее во срцата на луѓето. Сепак, такво нешто не е возможно, бидејќи Царството не било во срцата на фарисеите со кои Исус зборувал. Тоа било меѓу нив во таа смисла што идниот Цар на Божјето Царство, Исус Христос, стоел пред нив (Матеј 21:5).
Веројатно откако фарисеите си заминале, на своите ученици Исус им кажал уште некои работи околу доаѓањето на Божјето Царство. Во врска со неговата присутност како Цар, тој најпрво им дал до знаење: „Ќе дојдат денови кога ќе посакате да видите еден од деновите на Синот човечки, но нема да видите“ (Лука 17:22). Со тоа Исус сакал да им каже дека Царството на Синот човечки ќе дошло во иднина. Пред да дошло Царството, некои од учениците можеби со нетрпение ќе сакале да го видат, но ќе морало да чекаат Синот човечки да дојде во времето што го одредил Бог.
Потоа продолжил: „Луѓето ќе ви велат: ‚Ене, онаму е!‘ — или: ‚Еве, овде е!‘ Но не излегувајте и не трчајте по нив! Зашто, како што молњата со својот блесок светнува од едниот крај на небото до другиот крај на небото така ќе биде со Синот човечки“ (Лука 17:23, 24). Што ќе им помогнело на учениците на Исус да не се поведуваат по лажни месии? Исус рекол дека доаѓањето на вистинскиот Месија ќе било како молња чиј блесок се гледа надалеку. Доказите за неговата присутност во улога на Цар ќе им биле јасно видливи на сите што сакале да обрнат внимание на нив.
Потоа Исус се осврнал на два примера од минатото за да опише какви ставови ќе имале луѓето во текот на неговата присутност во иднина: „Како што беше во деновите на Ное така ќе биде и во деновите на Синот човечки... Исто така, ќе биде како и во деновите на Лот: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа и градеа. А во оној ден кога Лот излезе од Содом, од небото заплускаа оган и сулфур, и ги уништија сите. Исто така ќе биде во денот кога ќе се појави Синот човечки“ (Лука 17:26-30).
Исус не сакал да каже дека луѓето од времето на Ное и Лот биле уништени бидејќи јаделе, пиеле, купувале, продавале, саделе или граделе, работи што се нормален дел од животот. Истите тие работи, или барем некои од нив, ги правеле и Ное и Лот со своите семејства. Но, разликата била во тоа што другите луѓе го правеле сето тоа без да помислат на Бог и без да обрнат внимание во кое време живеат. Затоа, Исус ги поттикнал учениците да го вклучат Бог во својот живот и да го прават она што тој го бара од нив. Така им покажал како можело да бидат спасени во иднина, кога Бог ќе му ставел крај на злобното човештво.
Учениците требало да бидат претпазливи бидејќи работите од светот кој ги опкружувал, односно она што било „назад“, би можеле да им го одвлечат вниманието. Исус рекол: „Во тој ден, кој ќе биде на покривот, а работите му се во куќата, нека не слегува да ги земе! И кој ќе биде на нива, нека не се враќа назад! Сетете се на Лотовата жена“ (Лука 17:31, 32). Жената на Лот станала столб од сол.
Потоа Исус продолжил да им опишува на своите ученици што ќе се случувало кога Синот човечки ќе владеел како Цар: „Во таа ноќ двајца ќе бидат во еден кревет: едниот ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен“ (Лука 17:34). Според тоа, некои ќе го спаселе својот живот, а други ќе биле оставени, односно ќе го изгубеле.
Учениците прашале: „Каде, Господару?“ Исус им одговорил: „Каде што ќе има мрша, таму ќе се соберат и орлите“ (Лука 17:37). Да, некои ќе биле како орлите, кои гледаат на големи далечини. Тие ученици ќе се собереле кај вистинскиот Христос, Синот човечки. Кога ќе дошло тоа време, Исус ќе им обезбедел на своите ученици изобилство од духовна храна која ќе им ја јакнела верата.