Повторно раѓање — како некој повторно се раѓа?
ИСУС не зборувал со Никодим само за тоа колку е важно повторното раѓање, од кого доаѓа и која е неговата цел туку и за тоа како некој се раѓа повторно. Исус рекол: „Ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство“ (Јован 3:5). Значи, човек повторно се раѓа преку вода и дух. Но, на што се однесува изразот „вода и дух“?
„Вода и дух“ — што се тие?
Како еврејски верски учител, Никодим несомнено добро знаел на кој начин во Хебрејските списи се користи терминот „духот Божји“ — силата со која се служи Бог и со која може да им помогне на луѓето да извршат посебни задачи (1. Мојсеева 41:38; 2. Мојсеева 31:3; 1. Самоилова 10:6). Значи, кога Исус го употребил зборот „дух“, Никодим сигурно сфатил дека мисли на светиот дух, на силата со која се служи Бог.
На што мислел Исус кога спомнал вода? Размисли за настаните непосредно пред и по разговорот со Никодим. Тие покажуваат дека и Јован Крстител и Исусовите ученици крштавале во вода (Јован 1:19, 31; 3:22; 4:1-3). Овој обичај бил добро познат во Ерусалим. Затоа, кога Исус зборувал за вода, Никодим сфатил дека Исус не мислел општо на вода, туку на крштавање во вода.a
Крстени „со свет дух“
Ако изразот „се роди од вода“ се однесува на крштавање во вода, што значи тоа некој да „се роди од... дух“? Пред да разговараат Никодим и Исус, Јован Крстител објавил дека во крштавањето ќе игра улога не само водата туку и духот. Тој рекол: „Јас ве крстив со вода, а [Исус] ќе ве крсти со свет дух“ (Марко 1:7, 8). Марко, писателот на истоименото евангелие, опишал кога првпат било извршено такво крштавање. Тој пишува: „Во тие денови дојде Исус од Назарет во Галилеја, и Јован го крсти во Јордан. И веднаш, кога излегуваше од водата, виде како небесата се разделуваат и како духот, во вид на гулаб, слегува на него“ (Марко 1:9, 10). Кога Исус бил нурнат во Јордан, бил крстен со вода. Во моментот кога примил свет дух од небото, тој бил крстен со свет дух.
Околу три години по крштавањето, Исус ги уверил своите ученици: „Ќе бидете крстени со свет дух, и нема да поминат многу дни по ова“ (Дела 1:5). Кога се случило тоа?
На Педесетница 33 год. од н.е., во една куќа во Ерусалим биле собрани околу 120 ученици на Исус. „Одеднаш настана шум од небото, како при налет на силен ветар, и ја исполни целата куќа во која седеа. И здогледаа нешто како пламени јазици... И сите се исполнија со свет дух“ (Дела 2:1-4). Истиот ден и други во Ерусалим биле охрабрени да се крстат во вода. Апостол Петар му рекол на едно мноштво: „Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за да му бидат простени гревовите, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“. Како реагирале луѓето? „Оние што со сето срце го прифатија она што тој го зборуваше, беа крстени, и тој ден на учениците им се придружија околу три илјади души“ (Дела 2:38, 41).
Двоен процес
Што ни откриваат овие крштавања во врска со повторното раѓање? Покажуваат дека повторното раѓање се одвива преку еден двоен процес. Забележи дека Исус прво се крстил со вода. Потоа го примил светиот дух. Слично, и првите ученици најнапред се крстиле во вода (некои од нив ги крстил Јован Крстител), а потоа го примиле светиот дух (Јован 1:26-36). Слично, и оние 3.000 нови ученици најнапред се крстиле со вода, а потоа го примиле светиот дух.
Ако ги земеме предвид крштавањата на Педесетница 33 год. од н.е., како би требало некој денес да биде повторно роден? Исто онака како што било во случајот со Исусовите апостоли и првите ученици. Најнапред лицето се кае за своите гревови, се поправа, му го заветува својот живот на Јехова за да му служи, и тоа јавно го покажува со крштавање во вода. Потоа, ако Бог го избере да служи како владетел во Неговото Царство, го помазува со свет дух. Првиот дел од овој двоен процес (крштавање во вода) е на иницијатива на поединецот, а вториот дел (крштавање со дух) е од Бог. Кога некој ќе се крсти со двете крштавања, тој е повторно роден.
Но, зошто во разговорот со Никодим Исус го употребил изразот „се роди од вода и дух“? За да нагласи дека оние што се крштаваат со вода и дух ќе доживеат една значајна промена. Во следната статија ќе биде објаснет тој аспект на повторното раѓање.
[Фуснота]
a И апостол Петар еднаш го рекол следново при нечие крштавање: „Може ли некој да ја забрани водата“? (Дела 10:47).
[Слика на страница 9]
Јован ги крштавал со вода Израелците што се каеле