Јеховиниот голем духовен храм
„Имаме таков Првосвештеник . . . служител на Светилиштето и на вистинската Скинија, која што ја воздигна Господ, а не човек“ (ЕВРЕИТЕ 8:1, 2).
1. Каква љубезна подготовка направил Бог за грешното човештво?
ПОРАДИ својата огромна љубов кон човештвото, Јехова Бог обезбедил жртва за да ги земе гревовите на светот (Јован 1:29; 3:16). Тоа барало да го пренесе животот на својот првороден Син од небото во утробата на една еврејска девица по име Марија. Јеховиниот ангел добро ѝ објаснил на Марија дека детето што таа ќе го зачне ќе биде „свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1:34, 35). На Јосиф, кој бил свршен со Марија, му било кажано за чудесната природа на Исусовото зачнување и дознал дека тој ќе „го спаси народот Свој од неговите гревови“ (Матеј 1:20, 21).
2. Што сторил Исус кога бил на околу 30 години, и зошто?
2 Додека растел, Исус сигурно сфатил некои од овие факти во врска со своето чудесно раѓање. Знаел дека неговиот небесен Татко за него има едно животоспасувачко дело што треба да го врши на Земјата. Затоа, како потполно пораснат човек на околу 30-годишна возраст, Исус дошол кај Божјиот пророк Јован за да биде крстен во реката Јордан (Марко 1:9; Лука 3:23).
3. а) Што мислел Исус со зборовите: „Жртви и дарови Ти не посака“? б) Каков истакнат пример им дал Исус на сите оние кои сакаат да станат негови ученици?
3 При своето крштавање Исус се молел (Лука 3:21). Очигледно, од овој момент во својот живот лично ги исполнувал зборовите од Псалм 39:6—8, како што подоцна покажал апостол Павле: „Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви“ (Евреите 10:5). На тој начин, Исус покажал дека е свесен оти Бог ‚не сакал‘ во ерусалимскиот храм и понатаму да се принесуваат животински жртви. Наместо тоа, сфатил дека Бог подготвил совршено човечко тело за него, Исус, за да го принесе како жртва. Тоа би отстранило секаква натамошна потреба од животински жртви. Покажувајќи ја својата срдечна желба да се подложи на Божјата волја, Исус понатаму се молел: „Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја“ (Евреите 10:7). Каков величествен пример за храброст и несебична оддаденост им дал Исус тој ден на сите оние кои подоцна би станале негови ученици! (Марко 8:34).
4. На кој начин Бог покажал дека го одобрува тоа што Исус се принел себеси?
4 Дали Бог покажал дека ја одобрува Исусовата молитва при крштавањето? Одговорот нека ни го даде еден од Исусовите избрани апостоли: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: ‚Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!‘“ (Матеј 3:16, 17; Лука 3:21, 22).
5. Што било претставено преку дословниот храмски олтар?
5 Тоа што Бог го прифатил принесувањето на Исусовото тело за жртва значело дека, во духовна смисла, во преден план дошол еден поголем олтар отколку оној во ерусалимскиот храм. Дословниот олтар каде што се принесувале животни за жртва, го навестувал тој духовен олтар, кој, всушност, бил Божја „волја“ или подготовка за прифаќање на Исусовиот човечки живот како жртва (Евреите 10:10). Затоа апостол Павле можел да им напише на сохристијаните: „Имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат оние, што ѝ служат на скинијата [односно во храмот]“ (Евреите 13:10). Со други зборови, вистинските христијани извлекуваат корист од една понадмоќна гревопомирбена жртва што повеќето еврејски свештеници ја отфрлиле.
6. а) Што дошло во преден план во времето на Исусовото крштавање? б) Што значи титулата Месија или Христос?
6 Помазувањето на Исус со свет дух значело дека Бог сега ја изнел својата целокупна подготовка на духовниот храм, со Исус кој служи како Првосвештеник (Дела 10:38; Евреите 5:5). Ученикот Лука бил инспириран да прецизира дека годината на овој значаен настан била „петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј“ (Лука 3:1—3). Тоа одговара на 29 година н. е. — точно 69 годишни седмици или 483 години од времето кога царот Артаксеркс ја дал заповедта повторно да се изградат ѕидовите на Ерусалим (Неемија 2:1, 5—8). Според пророштвото, „Месијата Водачот“ (НС) би се појавил во таа означена година (Даниил 9:25). Многу Евреи очигледно биле свесни за тоа. Лука известува дека ‚луѓето чекале‘ да се појави Месијата, односно Христос — титули кои потекнуваат од хебрејски и грчки зборови што имаат исто значење — „помазаник“ (Лука 3:15).
7. а) Кога Бог ја помазал „Светињата над светињите“, и што значело тоа? б) Што друго му се случило на Исус во времето на неговото крштавање?
7 Во времето на Исусовото крштавање, Божјето небесно живеалиште било помазано или одвоено како ‚Светиња над светињите‘ во подготовката на големиот духовен храм (Даниил 9:24, НС). Почнала да дејствува „вистинската скинија [или храм], која што ја воздигна Господ, а не човек“ (Евреите 8:2). Исто така, преку своето крштавање со вода и свет дух, човекот Исус Христос бил повторно роден како духовен Син Божји. (Спореди Јован 3:3, НС.) Ова значело дека во свое време, Бог повторно ќе го повика својот Син во небесен живот, каде што од десната страна на својот Татко ќе служи како Цар и Првосвештеник, „засекогаш според начинот Мелхиседеков“ (Евреите 6:20, НС; Псалм 109:1, 4).
Небесната Најсвета светиња
8. Какви нови одлики добил сега Божјиот престол на небото?
8 На денот на Исусовото крштавање, Божјиот небесен престол добил нови обележја. Идентификацијата на една совршена човечка жртва за помирување на гревовите на светот ја нагласило Божјата светост, за разлика од човековата грешност. Божјата милост била истакната и со тоа што тој сега ја покажал својата спремност да биде умирен, односно смилостивен. На тој начин, Божјиот престол на небото станал како највнатрешен оддел од храмот, каде што првосвештеникот влегувал еднаш годишно со животинска крв за да го помири гревот на еден илустративен начин.
9. а) Што претставувала завесата помеѓу Светињата и Најсветата светиња? б) Како влегол Исус зад завесата на Божјиот духовен храм?
9 Завесата што ја одвојувала Светињата од Најсветата светиња, го претставувала Исусовото физичко тело (Евреите 10:19, 20). Тоа било пречката што го задржувала Исуса да не влезе во присутноста на својот Татко додека бил човек на Земјата (1. Коринтјаните 15:50). Во времето на Исусовата смрт, ‚црковната завеса [завесата на светилиштето, НС] се расцепила на два дела, од горниот крај до долниот‘ (Матеј 27:51). Ова драматично покажало дека пречката што го спречувала Исусовото влегување во небото, сега била отстранета. По три дена, Јехова Бог извршил едно истакнато чудо. Го подигнал Исус од мртвите, не како смртен човек од месо и крв, туку како славно духовно суштество кое „пребива вечно“ (Евреите 7:24). По четириесет дена, Исус се вознел на небото и влегол во вистинската ‚Светиња над светињите‘ ‚за да се јави пред лицето на Бога за нас‘ (Евреите 9:24).
10. а) Што се случило откако Исус на својот небесен Татко му ја претставил вредноста на својата жртва? б) Што значело за Христовите ученици помазувањето со свет дух?
10 Дали Бог ја прифатил вредноста на Исусовата пролеана крв како помирување за гревовите на светот? Да, навистина. Доказот за ова дошол точно 50 дена по Исусовото воскресение, на празничниот ден Пентакост. Божјиот свет дух бил излеан врз 120 Исусови ученици кои биле собрани заедно во Ерусалим (Дела 2:1, 4, 33). Како и нивниот Првосвештеник, Исус Христос, тие сега биле помазани за да служат како ‚свето свештенство, за да принесуваат духовни жртви‘ под Божјата голема подготовка на духовниот храм (1. Петрово 2:5). Освен тоа, овие помазаници сочинувале нова нација, Божји „свет народ“ на духовниот Израел. Отсега, сите пророштва за добри работи во врска со Израел, како што е ветувањето за ‚новиот завет [сојуз, НС,]‘, запишано во Јеремија 31:31, би важеле за помазаното христијанско собрание, вистинскиот ‚Израил Божји‘ (1. Петрово 2:9; Галатјаните 6:16).
Други обележја на Божјиот духовен храм
11, 12. а) Што било претставено со свештеничкиот двор во случајот со Исус, и што претставува тоа во случајот со неговите помазани следбеници? б) Што претставува леѓенот со вода, и како се користи?
11 Иако Најсветата светиња го претставувала „самото небо“, каде што е устоличен Бог, сите други карактеристики на Божјиот духовен храм се однесуваат на работите на Земјата (Евреите 9:24). Во храмот во Ерусалим имало еден внатрешен свештенички двор каде што се наоѓал олтар за жртви и еден голем леѓен со вода, што свештениците го користеле за да се исчистат пред да извршуваат света служба. Што претставуваат овие работи во Божјата подготовка на духовниот храм?
12 Во случајот со Исус Христос, внатрешниот свештенички двор ја претставувал неговата безгрешна состојба како совршен човечки Син Божји. Преку покажувањето вера во Исусовата жртва, на помазаните следбеници на Христос им се припишува праведност. На тој начин, Бог може со право да постапува со нив како со безгрешни (Римјаните 5:1; 8:1, 33). Значи, овој двор исто така ја претставува припишаната праведна човечка состојба што поединечните членови на светото свештенство ја уживаат пред Бог. Во исто време, помазаните христијани сѐ уште се несовршени и подложни на правење грев. Леѓенот со вода во дворот ја претставува Божјата Реч што Првосвештеникот ја користи за постепено да го чисти светото свештенство. Подложувајќи се на овој процес на чистење, тие имаат постигнато еден прекрасен изглед што му оддава чест на Бог и ги привлекува надворешните кон неговото чисто обожавање (Ефесјаните 5:25, 26; спореди Малахија 3:1—3).
Светињата
13, 14. а) Што претставува Светињата на храмот во случајот со Исус и со неговите помазани следбеници? б) Што претставува златниот светилник?
13 Првото одделение во храмот претставува една состојба што е понадмоќна од онаа на дворот. Во случајот со совршениот човек, Исус Христос, тоа одделение го претставува неговото повторно раѓање како духовен Син Божји кој е предодреден да се врати во небесен живот. Откако биле прогласени за праведни на темел на нивната вера во Христовата пролиена крв, овие помазани следбеници исто така го доживуваат ова посебно дејствување на Божјиот дух (Римјаните 8:14—17). Преку „вода [т. е. нивното крштавање] и дух“, тие се ‚повторно родени‘ како духовни синови Божји. Како такви, ја имаат надежта да бидат воскреснати во небесен живот како духовни синови Божји, под услов да останат верни до смрт (Јован 3:5, 7, НС; Откровение 2:10).
14 Свештениците кои служеле во Светињата на земниот храм, биле невидливи за обожавателите однадвор. На сличен начин, помазаните христијани доживуваат една духовна состојба што не ја делат или потполно не ја разбираат повеќето обожаватели на Бог, чија надеж е да живеат засекогаш на рајска Земја. Златниот светилник од табернакулот ја претставува просветлената состојба на помазаните христијани. Дејствувањето на Божјиот свет дух, слично на маслото во светилките, фрла светлина врз Библијата. Разбирањето што христијаните го постигнуваат како резултат на тоа, тие не го чуваат за себе. Напротив, го слушаат Исуса, кој рекол: „Вие сте светлината на светот . . . Да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14, 16).
15. Што е претставено преку лебот на масата со лебовите за предложение?
15 За да останат во оваа просветлена состојба, помазаните христијани мораат редовно да се хранат со она што е претставено преку лебот на масата со лебови за предложение. Нивниот првенствен извор на духовна храна е Речта Божја, која настојуваат да ја читаат и да медитираат за неа секојдневно. Исус исто така ветил дека ќе им обезбедува „храна во право време“ преку својот „верен и разумен роб“ (Матеј 24:45, НС). Овој „роб“ го претставува целокупното тело од помазани христијани на Земјата во кое и да е време. Христос го употребувал ова помазано тело за да ги објавува информациите во врска со исполнувањето на библиските пророштва и да дава навремено упатство во врска со применувањето на библиските начела во современиот секојдневен живот. Затоа, помазаните христијани со ценење се хранат со сите такви духовни подготовки. Но, поддржувањето на нивниот духовен живот зависи од нешто повеќе отколку само да примаат спознание за Бог во нивниот ум и срце. Исус рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). На сличен начин, помазаните христијани доживуваат задоволство со тоа што секојдневно се посветуваат на вршењето на Божјата откриена волја.
16. Што е претставено со службата на олтарот за темјан?
16 Наутро и навечер, еден свештеник му принесувал на Бог темјан на олтарот за темјан во Светињата. Во исто време, несвештеничките обожаватели му се молеле на Бог додека стоеле во надворешните дворови од неговиот храм (Лука 1:8—10). ‚Темјанот‘, објаснува Библијата, ‚се молитвите на светиите‘ (Откровение 5:8). „Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан“, напишал псалмистот Давид (Псалм 140:2). Помазаните христијани исто така ја ценат својата предност да му пристапуваат на Јехова во молитва преку Исус Христос. Горливите молитви што истечуваат од срцето се како темјан со пријатен мирис. Помазаните христијани го фалат Бог и на други начини, користејќи ги своите усни за да ги поучуваат другите. Нивната истрајност и покрај тешкотии, како и нивниот интегритет под испит му се особено угодни на Бог (1. Петрово 2:20, 21).
17. Што било вклучено во исполнувањето на пророчката слика дадена со првото влегување на првосвештеникот во Најсветата светиња на Денот на помирувањето?
17 На Денот на помирување, Израеловиот првосвештеник морал да влезе во Најсветата светиња и да пали темјан на една златна кадилница што содржела усвитен јаглен. Тоа морало да го направи пред да ја донесе крвта од приносите за грев. Во исполнување на оваа пророчка слика, човекот Исус задржал апсолутен интегритет спрема Јехова Бог пред да го принесе својот живот како една трајна жртва за нашите гревови. На тој начин, покажал дека еден совршен човек можел да го задржи својот интегритет спрема Бог, без разлика каков притисок би му нанел Сатана (Изреки 27:11). Кога бил ставен на испит, Исус употребил молитва ‚со силен вик и солзи и, поради Својата побожност бил чуен‘ (Евреите 5:7). На овој начин, тој го прославил Јехова како праведен и законски Суверен на вселената. Бог го наградил Исус со тоа што го воскреснал од мртвите во бесмртен небесен живот. На оваа возвишена положба, Исус ѝ обрнува внимание на секундарната причина за своето доаѓање на Земјата, имено, да ги помири со Бог покајничките човечки грешници (Евреите 4:14—16).
Поголемата слава на Божјиот духовен храм
18. На кој начин Јехова му донел истакната слава на својот духовен храм?
18 „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот“, претскажал Јехова (Агеј 2:9). Со тоа што го воскреснал Исус како бесмртен Цар и Првосвештеник, Јехова му донел истакната слава на својот духовен храм. Исус сега е во положба да им донесе „вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни“ (Евреите 5:9). Првите кои покажале таква послушност биле 120-те ученици кои примиле свет дух на Пентакост, 33 година н. е. Книгата Откровение претскажала дека овие духовни синови Израелови на крајот ќе бројат 144.000 (Откровение 7:4). По смртта, многу од нив морале да лежат бесвесни во општиот гроб на човештвото, чекајќи го времето на Исусовата присутност во царска моќ. Пророчката хронологија што е содржана во Даниил 4:7—14, 17—24, укажува на 1914 година како на време кога Исус ќе почне да владее среде своите непријатели (Псалм 109:2). Со децении однапред, помазаните христијани желно ја очекувале таа година. Првата светска војна и придружните неволји врз човештвото дале доказ дека Исус навистина бил устоличен како Цар во 1914 година (Матеј 24:3, 7, 8). Кратко потоа, штом би дошло времето „да почне судот од Божјиот дом“, Исус би го исполнил ветувањето до своите помазани ученици кои заспале во смрт: „Пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе“ (1. Петрово 4:17; Јован 14:3).
19. На кој начин остатокот од 144.000 стекнува пристап во небесната Најсвета светиња?
19 Не се сите 144.000 членови на светото свештенство конечно запечатени и собрани во нивниот небесен дом. Еден остаток од нив сѐ уште живее на Земјата во духовната состојба што е претставена со Светињата, одвоена од Божјата света присутност со „завесата“, односно пречката на нивните физички тела. Кога овие ќе умрат во верност, моментално воскреснуваат како бесмртни духовни суштества за да им се придружат на оние од 144-те илјади кои се веќе на небото (1. Коринтјаните 15:51—53).
20. Кое животоважно дело во ова време го извршуваат преостанатите од светото свештенство, и со какви резултати?
20 Со толку многу свештеници кои служат со големиот Првосвештеник на небото, Божјиот духовен храм примил додатна слава. Во меѓувреме, преостанатите од светото свештенство извршуваат едно вредно дело на Земјата. Преку нивното проповедање, Бог ги ‚стресува сите народи‘ со изрази на својата пресуда, како што е проречено во Агеј 2:7. Во исто време, милиони обожаватели, опишани како „пожелни работи од сите нации“ (НС), се собираат во јата во земните дворови на Јеховиниот храм. На кој начин овие се вклопуваат во Божјата подготовка за обожавање и каква идна слава можеме да очекуваме за неговиот голем духовен храм? Овие прашања ќе бидат испитани во следната статија.
Прашања за повторување
◻ Каков истакнат пример дал Исус во 29 година н. е.?
◻ Која подготовка почнала да дејствува во 29 година н. е.?
◻ Што е претставено со Светињата и со Најсветата светиња?
◻ Како се прославил големиот духовен храм?
[Слика на страница 17]
Кога Исус бил помазан со свет дух во 29 година н. е., Божјиот голем духовен храм почнал да дејствува