СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 15
Што учиме од последните зборови на Исус
Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го! (МАТ. 17:5)
ПЕСНА 17 „Сакам“
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Опиши во каква ситуација се наоѓал Исус кога ги кажал последните зборови.
НА 14 нисан 33 год. од н.е., откако бил лажно обвинет и осуден за злодело кое не го направил, Исус бил исмејуван, сурово малтретиран и потоа прикован на маченички столб. Нозете и рацете му биле прободени со клинови. Секој здив што го земал и секој збор што го кажувал му причинувале болка. Но тој ги вложил последните сили за да зборува, бидејќи имал да каже нешто многу важно.
2 Да го разгледаме она што Исус го кажал додека умирал на маченичкиот столб и да видиме што може да научиме од тоа. Со други зборови, да слушнеме што сакал да ни каже (Мат. 17:5).
„ТАТКО, ПРОСТИ ИМ“
3. На кого Исус веројатно мислел кога рекол: „Татко, прости им“?
3 Што рекол Исус? Откако бил прикован на столб, тој се помолил: „Татко, прости им“. На кои луѓе Исус побарал Јехова да им прости? Одговорот го дознаваме од она што го кажал потоа. Тој рекол: „Не знаат што прават!“ (Лука 23:33, 34). Веројатно, Исус мислел на римските војници кои му заковале клинови во рацете и нозете. Тие не знаеле кој, всушност, е тој. Исус можеби мислел и на некои од мноштвото кои барале да биде погубен, но подоцна ќе поверувале во него (Дела 2:36-38). Тој не дозволил да стане лут и огорчен поради неправдите што ги доживеал (1. Пет. 2:23). Наместо тоа, побарал од Јехова да им прости на оние кои на некој начин биле виновни за неговото погубување.
4. Што учиме од тоа што Исус спремно им простувал на своите противници?
4 Што учиме од зборовите на Исус? Исто како Исус, треба спремно да им простуваме на другите (Кол. 3:13). Можеби некои, вклучувајќи ги и членовите на нашето семејство и роднините, ни се противат бидејќи не ги разбираат нашите верувања и не сфаќаат зошто живееме според библиските начела. Тие можеби кажуваат лаги за нас, нѐ понижуваат пред другите, ги уништуваат нашите публикации, а можеби дури и ни се закануваат дека ќе ни нанесат физички повреди. Наместо да собираме лутина во себе и да станеме огорчени, може да го молиме Јехова да им помогне на оние што ни се противат да ја прифатат вистината (Мат. 5:44, 45). Понекогаш, можеби воопшто не ни е лесно да простиме, особено ако некој постапувал многу лошо со нас. Но, ако дозволиме огорченоста да пушти корен во нашето срце, ќе си наштетиме себеси. Една сестра вели: „Сфатив дека да простиш некому не значи дека го одобруваш тоа што го прави или дека треба да му дозволуваш да постапува лошо со тебе. Тоа едноставно значи дека одлучуваш да не му се лутиш“ (Пс. 37:8). Кога им простуваме на другите, не дозволуваме да станеме огорчени поради лошите работи што ни ги направиле (Еф. 4:31, 32).
„ЌЕ БИДЕШ СО МЕНЕ ВО РАЈОТ“
5. Што му ветил Исус на еден од злосторниците, и зошто му го дал тоа ветување?
5 Што рекол Исус? Од двете страни на Исус биле приковани двајца злосторници. На почетокот, и двајцата му се исмејувале (Мат. 27:44). Но подоцна, едниот од нив престанал да го прави тоа бидејќи сфатил дека Исус „не направил никакво зло“ (Лука 23:40, 41). Тој дури и покажал вера дека Исус ќе воскресне и дека еден ден ќе владее како цар. Овој злосторник рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ (Лука 23:42). Колку голема вера покажал! Исус му одговорил: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене [не во Царството, туку] во Рајот“ (Лука 23:43). Забележи дека ветувањето што го дал Исус се однесувало лично на злосторникот. Бидејќи знаел колку е милостив неговиот Татко, Исус можел да му влее ваква надеж на овој злосторник кој умирал на столбот (Пс. 103:8).
6. Што учиме од она што Исус му го кажал на злосторникот?
6 Што учиме од зборовите на Исус? Исус совршено ја одразува личноста на својот Татко (Евр. 1:3). Јехова е спремен да ни прости и да ни покаже милост ако ние искрено се каеме за лошите работи што сме ги правеле во минатото и ако покажуваме вера во откупната жртва на Исус Христос (1. Јов. 1:7). Некои можеби си мислат дека Јехова нема никогаш да им ги прости гревовите што ги направиле во минатото. Ако и ти понекогаш се чувствуваш така, размисли за следново: Кратко пред да умре, Исус му покажал милост на злосторникот осуден на смрт кој само што почнал да покажува вера во него. Колку поголема милост ќе им покаже Јехова на своите верни слуги кои даваат сѐ од себе за да ги држат неговите заповеди! (Пс. 51:1; 1. Јов. 2:1, 2).
„ЕВЕ ТИ СИН!... ЕВЕ ТИ МАЈКА!“
7. Според Јован 19:26, 27, што им рекол Исус на Марија и на Јован, и зошто?
7 Што рекол Исус? (Прочитај Јован 19:26, 27.) На Исус му било важно неговата мајка, која веројатно била вдовица, да биде згрижена во секој поглед. Неговите браќа и сестри веројатно ќе се грижеле за неа во материјален поглед. Но, кој ќе се грижел за нејзините духовни потреби? По сѐ изгледа, неговите браќа тогаш сѐ уште не биле негови ученици. Меѓутоа, Јован бил верен апостол и еден од најблиските пријатели на Исус. А Исус на своите следбеници гледал како на свое духовно семејство (Мат. 12:46-50). Затоа, поттикнат од љубов кон својата мајка, тој побарал од Јован да се грижи за неа, бидејќи знаел дека ќе се грижи и за нејзините духовни потреби. На својата мајка ѝ рекол: „Еве ти син!“, а на Јован му рекол: „Еве ти мајка!“ Од тој ден, Јован ѝ бил на Марија како син, и се грижел за неа како за своја мајка. Исус покажал колку многу му значи неговата мајка, која со толку љубов се грижела за него кога се родил и останала покрај него дури и кога умирал на маченички столб.
8. Што учиме од она што Исус им го кажал на Марија и на Јован?
8 Што учиме од зборовите на Исус? Со нашите духовни браќа и сестри може да бидеме поблиски отколку со членовите на нашето семејство. Можеби некои од семејството ќе ни се противат или дури и ќе нѐ отфрлат, но како што Исус ветил, ако останеме блиски со Јехова и со неговата организација, ќе добиеме 100 пати повеќе од она што сме го изгубиле. Многумина ќе ни станат како сакани синови, ќерки, мајки или татковци (Мар. 10:29, 30). Зарем не се радуваш што си дел од едно духовно семејство чии членови се обединети затоа што го сакаат Јехова и се сакаат меѓу себе? (Кол. 3:14; 1. Пет. 2:17).
„БОЖЕ МОЈ, ЗОШТО МЕ ОСТАВИ?“
9. Што ни откриваат зборовите на Исус запишани во Матеј 27:46?
9 Што рекол Исус? Кратко пред да умре, Исус извикал: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Мат. 27:46). Библијата не објаснува зошто Исус го рекол ова. Но, што ни откриваат овие зборови? Една работа што ја гледаме е дека Исус, всушност, го исполнил пророштвото запишано во Псалм 22:1.b Освен тоа, овие зборови ни откриваат дека Јехова не го „оградил“, односно не го заштитил својот Син од страдањата (Јов 1:10). Исус бил свесен дека неговиот Татко го препуштил во рацете на непријателите за да биде испитан до крајни граници. Ниту еден друг човек не бил искушан до тој степен како што бил Исус. Исто така, зборовите на Исус покажуваат дека тој не заслужил смртна казна бидејќи не направил никакво злодело.
10. Што учиме од она што Исус му го кажал на својот Татко?
10 Што учиме од зборовите на Исус? Прво, не треба да очекуваме дека Јехова ќе нѐ заштити од сите неволји кои се испит за нашата вера. Исто како Исус, кој бил искушан до смрт, и ние треба да му останеме верни на Јехова дури и по цена на нашиот живот (Мат. 16:24, 25). Сепак, може да бидеме уверени дека Бог нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:13). Второ, учиме дека можеби и ние неправедно ќе страдаме исто како Исус (1. Пет. 2:19, 20). Нашите противници ни нанесуваат страдања затоа што не сме дел од светот и затоа што сведочиме за вистината, а не затоа што правиме нешто лошо (Јован 17:14; 1. Пет. 4:15, 16). Исус знаел зошто Јехова дозволил тој да страда. За разлика од него, некои верни Божји слуги, кои поминуваат низ тешки ситуации, понекогаш се прашуваат зошто Јехова дозволил да им се случат некои работи (Авак. 1:3). Нашиот милостив и стрплив Бог знае дека тие не се чувствуваат така поради тоа што имаат слаба вера. Всушност, ним им е потребна утехата која само тој може да им ја даде (2. Кор. 1:3, 4).
„ЖЕДЕН СУМ“
11. Зошто Исус ги кажал зборовите запишани во Јован 19:28?
11 Што рекол Исус? (Прочитај Јован 19:28.) Зошто Исус рекол: „Жеден сум“? Тој го рекол тоа „за да се исполни писмото“, односно пророштвото запишано во Псалм 22:15, каде што стои: „Силата ми се исуши како цреп и јазикот ми се залепи за непцето“. Исто така, Исус сигурно бил многу жеден после сите страдања што ги доживеал тој ден, вклучувајќи ги и неиздржливите болки на маченичкиот столб. Му била потребна помош за да ја згасне својата жед.
12. Што учиме од зборовите на Исус: „Жеден сум“?
12 Што учиме од зборовите на Исус? Исус не сметал дека е знак на слабост да каже како се чувствува. И нам не треба да ни биде непријатно да го правиме тоа. Можеби не сакаме да им кажуваме на другите кога имаме потреба од нешто. Но, ако се најдеме во ситуација кога ни е потребна помош, не треба да се колебаме да им кажеме на другите. На пример, ако сме во поодминати години или имаме слабо здравје, можеби ќе треба да замолиме некој пријател да нѐ однесе во продавница или на лекар. Ако сме обесхрабрени или потиштени, можеби ќе треба да побараме помош од некој старешина или од некој друг зрел христијанин кој ќе нѐ сослуша или ќе ни каже некој убав збор за да нѐ охрабри (Изр. 12:25). Не заборавај дека браќата и сестрите те сакаат и спремни се да ти ја пружат потребната помош кога си во неволја (Изр. 17:17). Но, тие не можат да знаат за што размислуваш и како се чувствуваш. Можеби нема да бидат свесни дека ти е потребна помош доколку ти самиот не им кажеш.
„ДОВРШЕНО Е!“
13. Што постигнал Исус со тоа што останал верен до смрт?
13 Што рекол Исус? На 14 нисан, околу три часот попладне, Исус извикал: „Довршено е!“ (Јован 19:30). Од овие зборови што тој ги кажал пред да издивне се гледа дека го исполнил сето она што Јехова го очекувал од него. Со тоа што останал верен до смрт, Исус постигнал неколку работи. Прво, тој докажал дека Сатана е лажливец. Исус покажал дека еден совршен човек може да му остане потполно верен на Јехова, сеедно под каков притисок ќе го стави Сатана. Второ, Исус го дал својот живот како откупнина. Со тоа им овозможил на несовршените луѓе да имаат близок однос со Бог и да имаат надеж за вечен живот. Трето, Исус докажал дека Јехова има право да биде Севишен Владетел и го очистил името на својот Татко од секаков срам.
14. Како треба да го живееме секој ден? Објасни.
14 Што учиме од зборовите на Исус? Мора да бидеме решени да му останеме верни на Јехова секој ден. Размисли за она што го кажал брат Максвел Френд, кој служел како инструктор на Школата Гилеад. Додека на еден меѓународен конгрес држел говор во врска со верноста, тој рекол: „Немој да го одложуваш за утре она што можеш да го направиш или да го кажеш денес. Од каде знаеш дека ќе има утре? Секој ден гледај го како последна шанса да покажеш дека си достоен да живееш вечно“. Затоа, да бидеме решени да го живееме секој ден како да е последен ден кој ни дава можност да покажеме дека сме му верни на Јехова. Така, дури и да се соочиме со смртта, ќе може да кажеме: „Јехова, дадов сѐ од себе за да ти останам верен, да докажам дека Сатана е лажливец, да го посветам твоето име и да те поддржам како Севишен Владетел!“
„ВО ТВОИТЕ РАЦЕ ГО ДОВЕРУВАМ СВОЈОТ ДУХ“
15. Според Лука 23:46, во што бил уверен Исус?
15 Што рекол Исус? (Прочитај Лука 23:46.) Со потполна доверба Исус рекол: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“ Тој знаел дека неговиот живот е во рацете на Јехова и бил уверен дека неговиот Татко ќе се сети на него.
16. Што учиш од примерот на Џошуа?
16 Што учиме од зборовите на Исус? Остани му верен на Јехова дури и кога животот ти е во опасност. За да успееш во тоа, треба да имаш доверба во Јехова „со сето свое срце“ (Изр. 3:5). Размисли за еден наш брат по име Џошуа, кој на 15 години починал од една смртоносна болест. Тој одбил да се лекува на начин со кој би го прекршил Божјиот закон. Кратко пред својата смрт, Џошуа ѝ рекол на мајка си: „Мамо, мојот живот е во Јеховини раце. Потполно сум уверен дека Јехова ќе ме воскресне. Тој знае што имам во срцето и гледа колку многу го сакам“.c Добро е секој од нас да се праша: „Ако се соочам со ситуација во која животот ми е доведен во опасност, дали ќе му останам верен на Јехова и ќе имам доверба дека ќе ме воскресне?“
17-18. Што научивме во оваа статија? (Види ја и рамката „Поуки од последните зборови на Исус“.)
17 Од последните зборови на Исус, навистина можеме да извлечеме силни поуки. Видовме колку е важно да им простуваме на другите и да имаме доверба дека Јехова ќе ни прости нам. Се радуваме што сме дел од едно прекрасно духовно семејство и што имаме браќа и сестри кои се спремни да ни помогнат. Но, ако ни е потребна помош, ние треба да им го кажеме тоа на другите. Знаеме дека Јехова ќе ни помогне да истраеме во секоја неволја со која можеби ќе се соочиме. А видовме и колку е важно на секој ден да гледаме како на последна шанса да докажеме дека сме му верни на Јехова и да бидеме уверени дека, дури и да починеме, тој повторно ќе нѐ врати во живот.
18 Навистина, можеме многу да научиме од она што Исус го кажал пред да умре на маченичкиот столб! Со тоа што ќе ги применуваме овие поуки, ќе покажеме дека сме послушни на она што Јехова го кажал во врска со својот Син: „Него слушајте го!“ (Мат. 17:5).
ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!
a Од она што е запишано во Матеј 17:5 гледаме дека Јехова сака да го слушаме неговиот Син. Во оваа статија ќе разгледаме неколку поуки од последните зборови што ги кажал Исус додека бил на маченичкиот столб.
b Повеќе информации во врска со тоа зошто Исус можеби ги цитирал зборовите од Псалм 22:1 можеш да најдеш во статијата „Прашања од читателите“ која се наоѓа во овој број.
c Види ја статијата „Џошуина вера — победа за права деце“, која излезе во Разбудете се! од 8 мај 1995 на српски јазик.