„Така нѐ засака Бог“
„Кога така нѐ засака Бог, тоа и ние сме должни да се сакаме еден со друг“ (1. ЈОВАНОВО 4:11).
1. Зошто на 23 март после зајдисонце, милиони луѓе ќе се собираат во Салите на Царството и на други места за состанување ширум светот?
В НЕДЕЛА на 23 март 1997 година после зајдисонце, несомнено ќе има преку 13.000.000 луѓе ширум светот кои ќе се соберат во Салите на Царството и на други места за состанување што ги користат Јеховините сведоци. Зошто? Затоа што нивните срца се трогнати од Божјиот најголем израз на љубов кон човештвото. Исус Христос го сосредоточил вниманието на тој величествен доказ на Божјата љубов, велејќи: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16).
2. Кои прашања би можеле сите ние корисно да си ги поставиме во врска со нашиот одѕив на Божјата љубов?
2 Додека размислуваме за љубовта што ја покажал Бог, ќе биде добро да се запрашаме: ‚Дали јас навистина го ценам она што Бог го сторил? Дали начинот на кој го користам својот живот дава доказ за тоа ценење?‘
„Бог е љубов“
3. а) Зошто покажувањето љубов не е необично за Бог? б) На кој начин во неговите дела на создавање се манифестира моќта и мудроста?
3 Покажувањето љубов само по себе не е нешто вонредно од Божја страна, затоа што „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Љубовта е негова доминантна карактеристика. Кога ја подготвувал Земјата за човечко живеење, кога ги подигал планините и ја собирал водата во езера и океани — сето тоа било манифестирање на моќ од која застанува здивот (1. Мојсеева 1:9, 10). Кога Бог го ставил во движење водениот циклус и кружниот тек на кислородот, кога ги дизајнирал безбројните микроорганизми и разноликостите на вегетацијата за да ги претвораат хемиските елементи од Земјата во облик кој луѓето би можеле да го асимилираат за да го одржат својот живот, кога ги поставил нашите биолошки часовници за да одговараат на должината на деновите и месеците на планетата Земја — сево ова манифестирало огромна мудрост (Псалм 103:24; Јеремија 10:12). Сепак, уште поистакнат во физичкото создавање е доказот за Божјата љубов.
4. Кој доказ за Божјата љубов во физичката творба би требало сите ние да го видиме и да го цениме?
4 Нашите непца ни кажуваат за Божјата љубов кога ќе загриземе некој сочен, зрел плод кој очигледно бил направен не само за да нѐ одржи туку и за да ни донесе задоволство. Нашите очи го гледаат тој јасен доказ во залезите од кои застанува здивот, во небесата исполнети со ѕвезди во јасна ноќ, во разновидните форми и живи бои на цвеќињата, во лудориите на младите животни и во топлите насмевки на пријателите. Нашиот нос нѐ прави свесни за тоа кога го вдишуваме пријатниот мирис на пролетни цвеќиња. Нашите уши го чувствуваат тоа кога го слушаме звукот на некој водопад, птичјиот пој и гласовите на нашите драги лица. Тоа го чувствуваме кога некој сакан срдечно ќе нѐ прегрне. Некои животни се надарени со способности да гледаат, да слушаат или да мирисаат работи кои луѓето не ги можат. Но, човечкиот род, создаден според Божјиот лик, ја има способноста да ја чувствува Божјата љубов на начин на кој не може ниедно животно (1. Мојсеева 1:27).
5. На кој начин Јехова покажал изобилна љубов кон Адам и Ева?
5 Кога Јехова Бог ги создал првите луѓе, Адам и Ева, тој ги опкружил со докази за својата љубов. Имал засадено една градина, рај, и предизвикал во неа да растат секакви видови дрвја. Се погрижил една река да ја наводнува и ја исполнил со фасцинантни птици и животни. Сево ова им го дал на Адам и на Ева како нивни дом (1. Мојсеева 2:8—10, 19). Јехова постапувал со нив како со свои деца, како со дел од неговото универзално семејство (Лука 3:38). Откако го дал Едем како модел, небесниот Татко на оваа прва човечка двојка ја ставил пред неа задоволувачката задача да го прошири Рајот за да ја опфати Земјината топка. Целата Земја требало да биде населена со нивно потомство (1. Мојсеева 1:28).
6. а) Што чувствуваш ти во врска со бунтовниот правец што го зазеле Адам и Ева? б) Што би можело да покаже дека сме извлекле поука од она што се случило во Едем и дека сме извлекле корист од тоа спознание?
6 Меѓутоа, по кратко време, Адам и Ева се соочиле со еден испит на послушност, со испит на лојалност. Прво едниот, а потоа и другиот не успеале да покажат ценење за љубовта што им била дарувана. Она што го сториле било шокантно. Било непростливо! Како последица на тоа, го изгубиле својот однос со Бог, биле исфрлени од неговото семејство и биле истерани од Едем. Ние денес сѐ уште ги чувствуваме последиците од нивниот грев (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:1—6, 16—19, 24; Римјаните 5:12). Но, дали сме извлекле поука од она што се случило? На кој начин ние се оѕвиваме на Божјата љубов? Дали одлуките што ги донесуваме секој ден, покажуваат дека ја цениме неговата љубов? (1. Јованово 5:3).
7. И покрај она што го сториле Адам и Ева, на кој начин Јехова покажал љубов кон нивното потомство?
7 Дури ни тоталниот недостиг на ценење што го покажале нашите први човечки родители за сето она што Бог го сторил за нив, не ја загушил Божјата сопствена љубов. Од сочувство кон луѓето кои тогаш не биле родени — вклучувајќи ги и оние од нас кои сме живи денес — Бог им дозволил на Адам и на Ева да подигнат семејство пред да умрат (1. Мојсеева 5:1—5; Матеј 5:44, 45). Да не го сторел тоа, ниеден од нас не би се родил. Преку напредно откривање на својата волја, Јехова обезбедил и темел за надеж за сите оние од Адамовото потомство кои би практикувале вера (1. Мојсеева 3:15; 22:18; Исаија 9:6, 7). Неговата подготовка го вклучила средството преку кое луѓето од сите нации би можеле повторно да го добијат она што Адам го изгубил, имено, совршен живот како одобрени членови на Божјето универзално семејство. Тоа го сторил така што обезбедил откупнина.
Зошто откупнина?
8. Зошто Бог не можел едноставно да одреди никој од нивното послушно потомство да не мора да умре и покрај тоа што Адам и Ева морале да умрат?
8 Дали навистина било неопходно да се плати откупна цена во вид на човечки живот? Зарем Бог не можел, и покрај тоа што Адам и Ева морале да умрат поради својата побуна, едноставно да одреди сите нивни потомци кои би го слушале Бог да можат да живеат засекогаш? Од кратковидната човечка гледна точка, тоа би можело да звучи разумно. Меѓутоа, Јехова „ја љуби праведноста и правдата“ (Псалм 33:5, НС). Дури откако станале грешници, Адам и Ева произвеле деца; затоа, ниедно од тие деца не било родено како совршено (Псалм 50:5). Сите тие наследиле грев, а казната за грев е смрт. Да го игнорирал Јехова тоа, каков пример би им дал на членовите на неговото универзално семејство? Тој не можел да ги игнорира своите сопствени праведни мерила. Ги почитувал барањата на правдата. Никој не можел никогаш оправдано да најде грешка во начинот на кој Бог постапил со спорните прашања што биле вклучени (Римјаните 3:21—23).
9. Според божественото мерило за правда, каков вид откупнина била потребна?
9 Тогаш, како можело да се обезбеди соодветен темел за ослободување на оние од Адамовото потомство кои спрема Јехова би покажале послушност полна со љубов? Ако еден совршен човек би умрел со жртвена смрт, правдата можела да дозволи вредноста на тој совршен живот да обезбеди покритие за гревовите на оние кои со вера би ја прифатиле откупнината. Поради тоа што гревот на еден човек, Адам, бил одговорен за тоа што предизвикал целото човечко семејство да бидат грешници, пролеаната крв на еден друг совршен човек, која била од соодветна вредност, можела да ја урамнотежи вагата на правдата (1. Тимотеј 2:5, 6). Но, каде можело да се најде таква личност?
Колку голема била цената?
10. Зошто Адамовото потомство не било во можност да ја обезбеди потребната откупнина?
10 Меѓу потомството на грешникот Адам немало никој кој би можел да го обезбеди она што било потребно за да се откупат животните изгледи што ги проиграл тој. „Нити еден од нив никако не може да ослободи ниту брат ниту да му даде на Бог откупнина за него; (а откупната цена на нивната душа е толку скапоцена што престанала до недогледно време) за да живее засекогаш [и] да не ја види јамата“ (Псалм 49:7—9, НС). Наместо да го остави човештвото без никаков излез, самиот Јехова милосрдно направил подготовка.
11. Преку кое средство Јехова го обезбедил совршениот човечки живот што бил потребен за соодветна жртва?
11 Јехова не испратил некој ангел на Земјата за да се преправа дека умрел со положување на некакво инкарнирано тело, додека продолжува да живее како дух. Наместо тоа, правејќи едно чудо што само Бог, Творецот, можел да го смисли, Тој ја пренел животната сила и образецот на личноста на еден небесен син во утробата на една жена, Марија, ќерката на Илиј од племето Јуда. Божјата активна сила, неговиот свет дух, го штител развојот на детето во утробата на неговата мајка, и се родил совршен човек (Лука 1:35; 1. Петрово 2:22). Така, тој ја имал на располагање цената што била потребна за да се обезбеди откупнина која потполно би ги задоволила барањата на божествената правда (Евреите 10:5).
12. а) Во која смисла Исус е Божји „Единороден Син“? б) На кој начин тоа што Бог го испратил него да ја обезбеди откупнината ја нагласило Божјата љубов кон нас?
12 На кого од своите миријади небесни синови Јехова му ја дал оваа задача? На оној што е опишан во Писмото како негов „Единороден Син“ (1. Јованово 4:9). Овој израз е употребен за да се опише не она што станал тој кога се родил како човек, туку она што бил пред тоа на небесата. Тој е единствениот кого Јехова директно го создал без ничија соработка. Тој е Првородениот од сета творба. Тој е оној кого Бог го употребил за да ги доведе во постоење сите други суштества. Ангелите се Божји синови, како што Адам бил Божји син. Но, Исус е опишан како оној кој има „слава како на Единороден од Отецот“. За него е речено дека престојува „во крилото на Отецот“ (Јован 1:14, 18). Неговиот однос со Таткото е близок, доверлив, нежен. Тој ја дели љубовта на својот Татко кон човештвото. Изреки 8:30, 31 (НС) изразуваат што чувствува неговиот Татко кон овој Син и што чувствува Синот кон човештвото: „Станав оној спрема кого тој [Јехова] имаше особена наклоност од ден на ден, радувајќи се пред него секогаш . . . и работите кон кои јас [Исус, Јеховиниот Главен Работник, персонификацијата на мудроста] имав наклоност, беа кај човечките синови“. Бог го испратил на Земјата токму овој најскапоцен Син за да ја обезбеди откупнината. Затоа, колку само е смисловна Исусовата изјава: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син“! (Јован 3:16).
13, 14. Што треба библискиот извештај за Авраамовиот обид да го жртвува Исака да ни помогне да цениме во врска со она што го сторил Јехова? (1. Јованово 4:10).
13 За да ни помогне да сфатиме во некоја мера што значи тоа, долго пред да дојде Исус на Земјата, пред околу 3.890 години, Бог го поучил Авраама: „Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!“ (1. Мојсеева 22:1, 2). Со вера, Авраам послушал. Стави се себеси на местото на Авраам. Што ако тоа бил твој син, твојот единствен син кого многу го сакаш? Какви чувства би имал додека ги цепиш дрвата за жртвата паленица, додека патуваш повеќе денови до земјата Морија и го ставаш својот син на олтарот?
14 Зошто еден сочувствителен татко има такви чувства? 1. Мојсеева 1:27 (НС) вели дека Бог го создал човекот според Својот лик. Нашите чувства на љубов и сочувство, на еден многу ограничен начин ја одразуваат Јеховината сопствена љубов и сочувство. Во случајот на Авраам, Бог интервенирал, така што Исак не бил вистински жртвуван (1. Мојсеева 22:12, 13; Евреите 11:17—19). Меѓутоа, во својот сопствен случај, Јехова не престанал во последната минута да ја дава жртвата, иако тоа било сторено по голема цена за него самиот и за неговиот Син. Она што било сторено, не било поради некаква обврска од страна на Бог, туку напротив, како израз на една извонредна незаслужена љубезност. Дали во потполност го цениме тоа? (Евреите 2:9).
Што овозможува откупнината?
15. Како влијаела откупнината врз животите дури и во сегашниов систем на ствари?
15 Таа подготовка полна со љубов што ја направил Бог, има силен ефект врз животите на оние кои ја прифаќаат со вера. Порано тие биле отуѓени од Бог како последица на гревот. Како што вели неговата Реч, биле „непријатели поради помислите кон лоши дела“ (Колосјаните 1:21—23). Но, станале ‚помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син‘ (Римјаните 5:8—10). Откако го промениле својот начин на живот и го прифатиле простувањето што го овозможува Бог за оние кои практикуваат вера во Христовата жртва, тие се повластени со чиста совест (Евреите 9:14; 1. Петрово 3:21, НС).
16. Какви благослови му се дадени на малото стадо поради неговата вера во откупнината?
16 На еден ограничен број од нив, на едно мало стадо, Јехова им ја дал незаслужената повластица да му се придружат на неговиот Син во небесното Царство, со цел да ја извршат Божјата првобитна намера со Земјата (Лука 12:32). Овие биле земени ‚од секое колено, јазик, народ и племе . . . да бидат направени цареви и свештеници пред нашиот Бог, и да царуваат на [над, НС] земјата‘ (Откровение 5:9, 10). На овие, апостол Павле им напишал: „Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови [сонаследници со Христос, НС]“ (Римјаните 8:15—17). Со тоа што Бог ги посинил, даден им е ценетиот однос што го изгубил Адам; но, на овие синови ќе им бидат дадени и додатни предности на небесна служба — нешто што Адам никогаш не го имал. Не е ни чудо што апостол Јован рекол: „Гледајте каква љубов ни дал Отецот — да се наречеме чеда Божји“! (1. Јованово 3:1). До таквите, Бог изразува не само начелна љубов (ага́пе) туку и нежна наклоност (фили́а), која е карактеристична за врската што постои помеѓу вистинските пријатели (Јован 16:27).
17. а) Каква прилика им е дадена на сите кои практикуваат вера во откупнината? б) Што ќе значи за нив „славната слобода на Божјите деца“?
17 И на другите — на сите кои практикуваат вера во Божјата дарежлива подготовка за живот преку Исуса Христа — Јехова им ја отвора приликата да го постигнат скапоцениот однос што го изгубил Адам. Апостол Павле објаснил: „Зашто желното очекување на творештвото [човечката творба што потекнала од Адам] го очекува откривањето на Божјите синови [то ест, го очекуваат времето кога ќе стане сосема очигледно дека Божјите синови, кои со Христа се наследници на небесното Царство, преземаат позитивна акција во полза на човештвото]. Зашто творбата беше подложена на ништожност [тие биле родени во грев со изгледот за смрт, и не постоел никаков начин на кој би можеле да се ослободат], не преку својата волја, туку преку оној кој ја подложи, на темел на надежта [дадена од Бог] дека и самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:19—21, НС). Што ќе значи таа слобода? Дека биле ослободени од ропството на гревот и смртта. Тие ќе имаат совршенство на умот и телото, ќе го имаат Рајот како свој дом и вечен живот во кој ќе се радуваат на својата совршеност и ќе му го изразуваат своето ценење на Јехова, единствениот вистинит Бог. А како било овозможено сето ова? Преку откупната жртва на Божјиот единороден Син.
18. Што ќе правиме ние на 23 март после зајдисонце, и зошто?
18 На 14 низан 33 година н. е., во една горна соба во Ерусалим, Исус го воспоставил Споменот на својата смрт. Годишниот Помен на неговата смрт станала важен настан во животот на сите вистински христијани. Самиот Исус заповедал: „Правете го ова за Мој спомен“ (Лука 22:19). Во 1997 година, Споменот ќе се одржи на 23 март после зајдисонце (тогаш почнува 14 низан). Тој ден, ништо не би можело да биде поважно отколку да се биде присутен на оваа Спомен прилика.
Како би одговорил?
◻ На кои начини Бог покажал изобилна љубов спрема човештвото?
◻ Зошто бил потребен совршен човечки живот за да го откупи Адамовото потомство?
◻ По која голема цена Јехова ја обезбедил откупнината?
◻ Што овозможува откупнината?
[Слика на страница 10]
Бог го дал својот единороден Син