Сихем — градот во долината
ДЛАБОКО во срцето на земјата што Бог ја избрал за својот народ, сместен помеѓу планината Гевал и планината Гаризим, лежи градот Сихем. Токму тука — пред скоро четири илјади години — Јехова му ветил на Авраам: „Оваа земја ќе му ја дадам на твоето потомство“ (1. Мојсеева 12:6, 7).
Во склад со ова ветување, Авраамовиот внук Јаков се улогорил кај Сихем и изградил олтар што го нарекол „Бог е Богот Израелов“. Јаков веројатно ископал еден бунар во ова подрачје за да обезбеди вода за своето семејство и за стадата, бунар што со векови подоцна бил познат како „изворот на Јакова“ (1. Мојсеева 33:18—20, НС, фуснота; Јован 4:5, 6, 12).
Меѓутоа, сите членови на Јакововото семејство не покажале ревност за вистинското обожавање. Дина, неговата ќерка, барала другарки меѓу хананејските девојки од Сихем. Дина, која тогаш уште била млада, ги напуштила безбедните шатори на своето семејство и почнала да го посетува блискиот град, склопувајќи си пријателства таму.
Како би гледале младичите од градот на оваа млада девица која редовно го посетувала нивниот град — очигледно без придружба? Синот на еден поглавар ‚ја видел, ја зел, спал со неа и ја осрамотил‘. Зошто Дина предизвикала опасност со тоа што се дружела со неморалните Хананејци? Дали поради тоа што мислела дека ѝ треба друштвото на девојки од нејзина возраст? Дали била исто толку тврдоглава и независна како некои од нејзините браќа? Прочитај го извештајот од 1. Мојсеева и обиди се да ја сфатиш маката и срамот што Јаков и Лија сигурно ги чувствувале поради трагичните последици од тоа што нивната ќерка го посетувала Сихем (1. Мојсеева 34:1—31; 49:5—7; види и Стражарска кула од 1 октомври 1985 година, страници 29, 30).
Скоро 300 години подоцна, последиците од непочитувањето на теократските упатства повторно дошле до израз. Кај Сихем, Исус Навин организирал еден од најзначајните собири во израелската историја. Замисли си ја сцената во долината. Над еден милион луѓе — мажи, жени и деца — кои припаѓаат на шест израелски племиња, стојат пред планината Гаризим. Отаде долината, отприлика истиот број од другите шест племиња стојат пред планината Гевал.a А долу, крај ковчегот на сојузот и меѓу двете маси Израелци, стојат свештениците и Исус Навин. Каква глетка! (Исус Навин 8:30—33).
Кревајќи се над ова огромно мноштво, двете планини даваат еден силен контраст помеѓу убавината и јаловоста. Горните падини на Гаризим изгледаат зелени и плодни, додека оние на Гевал главно се сиви и неплодни. Можеш ли да го почувствуваш возбудениот џагор додека Израелците го очекуваат моментот кога Исус Навин ќе зборува? Секој звук одекнува во овој природен амфитеатар.
За време од четири до шест часа, колку што му се потребни на Исус Навин за да ја прочита ‚книгата на законот Мојсеев‘, народот исто така учествува во тоа (Исус Навин 8:34, 35). Очигледно, Израелците што се наоѓаат пред Гаризим велат „Амин!“ после секој од благословите, а кога велат „Амин!“ пред Гевал, тоа го нагласува секое проклетство. Можеби јаловиот изглед на планината Гевал служи за да ги потсети луѓето на катастрофалниот исход од непослушноста.
„Проклет да е оној, што го навредува таткото свој или мајката своја“ — предупредува Исус Навин. Едногласно, преку еден милион гласови одговараат: „Амин!“ Исус Навин причекува громогласниот одѕив да замре пред да продолжи: „Проклет да е оној, кој ја поместува меѓата на ближниот свој!“ Повторно, шесте племиња, придружувани од многу странски доселеници, извикуваат: „Амин!“ (5. Мојсеева 27:16, 17). Да си бил ти таму, дали некогаш би го заборавил тој состанок што се одржал меѓу планините? Зарем во твојот ум не би била неизбришливо врежана потребата од послушност?
Кратко пред да умре 20-тина години подоцна, Исус Навин уште еднаш ја свикал нацијата кај Сихем за да ја зацврсти нивната решеност. Пред нив го ставил изборот што секој мора да го направи. „Одберете си сега, кому да му служите“ — рекол тој. „А, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа“ (Исус Навин 24:1, 15). Очигледно, овие собири кај Сихем кои ја поттикнувале верата, оставиле свој белег. Долги години по смртта на Исус Навин, Израелците го имитирале неговиот верен пример (Исус Навин 24:29).
Околу 15 векови подоцна, кога Исус се одморал под сенката на планината Гаризим, се водел еден пријатен разговор. Изморен од едно долго патување, Исус седел крај Јакововиот извор, кога се приближила една Самарјанка со стомна за вода. Жената била крајно изненадена кога Исус ѝ побарал да се напие, бидејќи Евреите ниту разговарале со Самарјаните а камоли да пијат од нивните садови (Јован 4:5—9). Следните Исусови зборови уште повеќе ја изненадиле.
„Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4:13, 14). Замисли го интересот на жената за тоа ветување, бидејќи вадењето вода од овој длабок бунар било напорна работа. Исус понатаму објаснил дека, и покрај нивната историска важност, ниту Ерусалим ниту планината Гаризим се религиозни места што се битни за приближувањето кон Бог. Ставот на срцето и однесувањето, а не локацијата е она што е важно. „Вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина“ — рекол тој. „Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат“ (Јован 4:23). Колку само утешни мора да биле овие зборови! Уште еднаш, оваа долина станала место каде што луѓето биле поттикнати да му служат на Јехова.
Денес, покрај урнатините на древниот Сихем лежи градот Наблус. Планините Гаризим и Гевал сѐ уште ја надвишуваат долината, стоејќи како неми сведоци на настаните од минатото. Јакововиот извор, на подножјето од овие планини, сѐ уште може да се посети. Додека медитираме за настаните што се случиле таму, потсетени сме на тоа колку е важно да го поддржуваме вистинското обожавање, токму онака како што нѐ поучиле за тоа Исус Навин и Исус Христос. (Спореди Исаија 2:2, 3.)
[Фуснота]
a Шесте племиња пред планината Гаризим биле Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин. Шесте племиња пред планината Гевал биле Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим (5. Мојсеева 27:12, 13, НС).
[Извор на слика на страница 31]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.