Зошто Исус не се мешал во политика?
ЗАМИСЛИ СИ ја следнава сцена. Доцна попладне е, 32 год. од н.е. Исус, претскажаниот Месија, е веќе прочуен по тоа што лечи болни луѓе, па дури и воскреснува мртви. Денес, тој воодушеви неколку илјади луѓе правејќи големи чуда и поучувајќи ги за Бог. Сега ги распоредува гладните луѓе во помали групи. Му се помолува на Јехова и со чудо ги нахранува сите. Потоа го собира она што останало од храната, за ништо да не пропадне. Како реагираат луѓето? (Јован 6:1-13).
Откако виделе какви чуда направил Исус и колку е способен да ги води и да се грижи за нивните потреби, луѓето заклучуваат дека тој би бил идеален цар (Јован 6:14). Нивната реакција не е за изненадување. На народот очајно му треба добар, способен владетел, бидејќи со нивната сакана татковина сурово владее туѓа сила. Затоа се обидуваат да го натераат Исус да се вклучи во тогашната политика. Имајќи го сево ова на ум, да видиме како реагирал тој.
„А Исус, бидејќи знаеше дека сакаа да дојдат, да го фатат и да го направат цар, повторно се повлече во планината, сосема сам“, пишува во Јован 6:15. Ставот на Исус бил многу јасен. Решително одбил да се вмеша во политиката на својата земја. Тој никогаш не го променил својот став, и рекол дека и неговите следбеници ќе имаат исто гледиште (Јован 17:16). Зошто Исус зазел таков став?
Зошто Исус останал неутрален?
Неутралниот став што Исус го зазел во однос на политиката цврсто се темелел на библиски начела. Да спомнеме само две од нив.
„Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Со овие зборови Библијата го опишува резултатот од човечкото владеење. Веќе знаеш дека, пред да дојде на Земјата како човек, Исус долго време живеел на небото како духовно суштество (Јован 17:5). Затоа бил свесен дека секој човек, колку и да е добронамерен, не е способен да се грижи за потребите на милијарди луѓе ниту, пак, Бог го создал со таква способност (Еремија 10:23). Исус знаел дека решението за проблемите на човештвото го има некој друг, а не човечките влади.
„Целиот свет е под власта на Злобниот“, односно Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Дали си изненаден од овие зборови? Мнозина се. Тие помислуваат на искрените луѓе кои се вклучиле во политиката бидејќи сакаат да придонесат светот да стане подобро, побезбедно место. Но, колку и да се трудат, дури ни владетелите со најчесни намери не можат да се изборат против влијанието на оној кого Исус го нарекол „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30). Од таа причина, Исус му рекол на еден политичар од негово време: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36). Исус бил идниот цар на Божјата небесна влада. Ако се вклучел во политиката, ќе покажел нелојалност кон владата на својот Татко.
Со оглед на тоа, дали Исус сакал да каже дека неговите следбеници немаат никакви обврски кон човечките влади? Напротив, тој ги поучил како да најдат исправна рамнотежа меѓу нивните одговорности кон Бог и нивните одговорности кон световните влади.
Исус ги почитувал државните власти
Додека Исус поучувал во храмот, противниците се обиделе да го фатат за збор прашувајќи го дали луѓето треба да плаќаат данок. Ако речел „не“, неговиот одговор би се сметал за побуна против државата и дури би можел да разгори бунт меѓу угнетените луѓе желни да се ослободат од јаремот на Римјаните. Ако, пак, речел „да“, мнозина би сметале дека преминува преку неправдите кои ги доживувал народот. Исус дал совршено урамнотежен одговор. Тој рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Лука 20:21-25). Со тоа покажал дека неговите следбеници имаат обврски и кон Бог и кон цезарот, односно кон власта.
Владите одржуваат извесен ред. Со право бараат граѓаните да бидат чесни, да плаќаат даноци и да ги почитуваат законите. Каков пример дал самиот Исус во врска со тоа? Дали тој му го давал „цезаревото на цезарот“? Исус бил воспитан од родители кои го почитувале законот дури и кога тоа не било лесно. На пример, Јосиф и неговата бремена жена, Марија, патувале околу 150 километри до Витлеем кога Рим издал наредба да се изврши попис на населението (Лука 2:1-5). Исто како нив, и Исус го почитувал законот, па дури ги плаќал и даноците кои не бил должен да ги плаќа (Матеј 17:24-27). Освен тоа, многу внимавал да не ги премине своите граници што се однесува до работите на овој свет (Лука 12:13, 14). Едноставно кажано, Исус ги почитувал поставените власти, но не сакал да има никаква врска со нив. А што сакал да каже Исус кога рекол да му се дава „Божјето на Бог“?
Како Исус му го давал „Божјето на Бог“
Еднаш луѓето го прашале Исус која е најголемата заповед што Бог им ја дал на луѓето. Христос одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Матеј 22:37-39). Значи, кога станува збор за она што треба да му го дадеме на Бог, Исус рекол дека најмногу од сѐ му должиме љубов — која вклучува да му бидеме верни од длабочината на душата, потполно.
Може ли ваквата љубов да биде поделена? Можеме ли да ја поделиме нашата верност, односно во некои работи да му бидеме верни на Јехова Бог и на неговата небесна влада, а во други да им бидеме верни на човечките влади? Самиот Исус го кажал следново начело: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира“ (Матеј 6:24). Исус овде зборувал дека човек не може да му биде верен и на Бог и на богатството, но очигледно сметал дека истото начело важело и во врска со вклученоста во политиката — гледиште што го имале и неговите следбеници во првиот век.
Најстарите пронајдени записи покажуваат дека следбениците на Исус од првиот век не учествувале во политиката. Тие му биле безусловно верни само на Оној на кого му бил верен и самиот Исус, па затоа одбиле да се заколнат на верност на Рим и на неговиот император, да служат во војска и да прифатат политички функции. Поради тоа станале мета на големо непријателство. Понекогаш нивните противници ги обвинувале дека го мразат човештвото. Дали тоа обвинение било основано?
Вистинските христијани се заинтересирани за луѓето
Сети се на втората најголема заповед што ја дал Бог — „Сакај го својот ближен како себеси“. Се разбира, ниеден вистински следбеник на Христос не смее да ги мрази другите луѓе. Исус ги сакал луѓето, правел жртви за нив и им помагал дури и во обични, секојдневни работи (Марко 5:25-34; Јован 2:1-10).
Сепак, по што бил најпознат? Не по тоа што лечел, ниту по тоа што нахранил илјадници луѓе, па дури ни по тоа што воскреснувал мртви — иако Исус ги правел сите тие неверојатни чуда. Луѓето го нарекувале Учител, и тоа со право (Јован 1:38; 13:13). Исус објаснил дека една од главните причини зошто дошол на Земјата била да ги учи луѓето за Божјето Царство (Лука 4:43).
Токму затоа вистинските следбеници на Исус се посветуваат главно на истото дело на кое бил посветен и нивниот Господар додека бил на Земјата — им ја кажуваат на луѓето добрата вест за Божјето Царство. Исус Христос им дал задача на сите вистински христијани да ги учат луѓето низ целиот свет за тоа Царство (Матеј 24:14; 28:19, 20). Оваа небесна влада никогаш нема да пропадне и таа ќе владее според законот на љубовта над сѐ што создал Бог. Ќе ја изврши Божјата волја и ќе ги отстрани страдањата и смртта (Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4). Воопшто не е чудно што Библијата ја нарекува пораката на Исус ‚добра вест‘! (Лука 8:1).
Затоа, ако во денешно време сакаш да ги најдеш вистинските следбеници на Исус Христос, по што би можел да ги препознаеш? Па, дали тие ќе бидат вклучени во политичките работи на овој свет? Или, пак, ќе бидат посветени на истата задача на која бил посветен и Исус — ќе проповедаат и ќе поучуваат за Божјето Царство?
Дали би сакал да дознаеш нешто повеќе за Божјето Царство и како тоа може да влијае врз твојот живот сега? Прашај некој од Јеховините сведоци во твоето место или отвори ја нивната официјална веб-страница www.watchtower.org.
[Рамка/слики на страници 24 и 25]
Дали Јеховините сведоци им помагаат на другите?
Јеховините сведоци се политички неутрални. Сепак, тие на многу начини им помагаат на сите луѓе, без разлика на нивната раса или потекло. Размисли за следниве работи:
◼ Во светот има повеќе од седум милиони Јеховини сведоци кои доброволно одвојуваат над 1,5 милијарди часови годишно за да ги поучуваат луѓето за она што го пишува во Библијата и како тоа може да им помогне да ги остават лошите навики и постапки, да имаат среќни семејства и на други начини да си го подобрат животот.
◼ Тие печатат и дистрибуираат бесплатна литература на преку 500 јазици, вклучувајќи и јазици на кои не постојат други печатени публикации.
◼ Имаат школи за јавно говорење, кои им помогнале на милиони луѓе да научат јасно и тактично да зборуваат.
◼ Организираат и финансираат програми за описменување кои им помогнале да десетици илјади луѓе низ светот да научат да читаат и да пишуваат.
◼ Низ целиот свет имаат формирано над 400 Регионални одбори за изградба, кои им помагаат на многу доброволци да стекнат градежни вештини за да градат објекти каде што луѓето ќе можат да учат за Библијата. Во последниве десетина години беа изградени над 20.000 такви објекти, наречени Сали на Царството.
◼ Организираат акции за помош во случај на природни катастрофи и им помагаат не само на Јеховините сведоци туку и на другите луѓе. Во период од две години по налетот на неколку урагани во САД, доброволци од Јеховините сведоци одново изградија над 90 Сали на Царството и над 5.500 домови.
[Слика на страница 23]
Кога луѓето го ставиле Исус под притисок да се вклучи во политика, тој се повлекол „во планината, сосема сам“