Си го вкусил ли лебот на животот?
ТУРИСТИТЕ биле многу гладни. Додека ги разгледувале историските локации во стариот град Витлеем, сакале да пробаат некој локален специјалитет. Еден од туристите здогледал ресторан во кој се служело фалафел (вкусен мелен слануток), како и домати, кромид и друг зеленчук, сервирани со тркалезно лепче. Оваа вкусна закуска им дала нови сили да продолжат со разгледувањето на градот.
Без да знаат, малото тркалезно лепче што го јаделе овие луѓе ги вратило далеку во историјата. Името Витлеем значи „Куќа на лебот“, а во тоа место се печело леб со илјадници години (Рут 1:22; 2:14). Денес, тркалезното лепче е типично за Витлеем.
Пред речиси четири илјади години, во близина на јужните предели на Витлеем, жена му на Авраам, Сара, им испекла тазе „погачи“ на тројца неочекувани гости (1. Мојсеева 18:6). ‚Финото брашно‘ што го користела веројатно било од јачмен или од еден вид пченица позната како двозрнест лимец. Сара морала брзо да го подготви тој леб, кој можеби го испекла на вжарени камења (1. Царевите 19:6).
Како што ни покажува овој библиски извештај, семејството на Авраам подготвувало и печело свој леб. Бидејќи живееле како номади, Сара и нејзините слуги сигурно не можеле да печат леб во фурни какви што биле оние во Ур, нејзиниот роден град. Таа подготвувала фино брашно од житото што растело во околината на местото каде што ќе ги подигнеле своите шатори. Тоа било макотрпна работа за која се користела рачна мелница, а можеби и аван и толчник.
По четири века, во Мојсеевиот закон имало одредба според која рачна мелница не смеела да се земе како залог бидејќи го претставувала „самиот живот“ (5. Мојсеева 24:6). Бог сметал дека рачната мелница е животоважна за едно семејство бидејќи без неа не можело да си го направи лебот за тој ден. (Види ја рамката „Мелењето брашно и печењето леб во библиски времиња“.)
ЛЕБОТ КАКО ХРАНА
Во Библијата, зборот леб се спомнува околу 350 пати, а библиските писатели честопати го користеле како синоним за храна. Исус покажал дека оние што му служат на Бог можат со доверба да се молат: „Лебот наш за овој ден дај ни го денес“ (Матеј 6:11). Овде зборот ‚леб‘ ја претставува храната општо земено, а Исус покажал дека можеме да имаме доверба дека Бог ќе се погрижи да имаме што да јадеме секој ден (Псалм 37:25).
Меѓутоа, има нешто многу поважно од лебот, односно храната. Исус рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Ова се однесувало на времето кога Израелците потполно зависеле од она што ќе го добиеле од Бог. Таа грижа започнала кратко време по нивното излегување од Египет. Околу еден и пол месец откако влегле во пустината Синај, резервите храна им се намалиле. Исплашени дека ќе изумрат од глад во таа пустелија, тие огорчено се жалеле: „Јадевме леб до ситост“ во Египет (2. Мојсеева 16:1-3).
Без сомнение, лебот во Египет бил многу вкусен. Во времето на Мојсеј, египетските пекари правеле најразлични лебови и колачи. Но, Јехова немал намера да го остави својот народ без леб. „Еве, ќе пуштам да ви паѓа леб од небото“, им ветил тој. Овој леб од небото се појавил рано следното утро и личел на „нешто фино како снегулки“. „Што е ова?“, прашале Израелците кога го виделе. „Тоа е лебот што ви го дава Јехова за јадење“, им објаснил Мојсеј. Таквиот леб Израелците го нарекле „мана“a и го добивале цели 40 години (2. Мојсеева 16:4, 13-15, 31).
Во почетокот, Израелците сигурно биле одушевени од чудесната мана. Таа имала вкус на „медени колачи“ и имало доволно за сите (2. Мојсеева 16:18). Но, со текот на времето почнала да им недостига разновидната храна што ја јаделе во Египет. „Пред нашите очи нема ништо друго освен мана“, се жалеле (4. Мојсеева 11:6). Подоцна налутено велеле: „Овој никаков леб веќе ѝ се згади на нашата душа“ (4. Мојсеева 21:5). На крајот, тој „леб од небото“ повеќе не им бил вкусен, па дури им станал и одвратен (Псалм 105:40).
ЛЕБОТ НА ЖИВОТОТ
Се разбира, како што е случај со многу други работи, некој може и лебот да го сфати здраво за готово. Но, во Библијата се спомнува еден посебен леб на кој не смее да се гледа со потценување. Овој леб, кој Исус го споредил со маната што Израелците толку неблагодарно ја отфрлиле, можел да донесе вечни благослови.
„Јас сум лебот на животот“, им рекол Исус на луѓето. „Вашите прататковци јадеа мана во пустината, а сепак умреа. Ова е лебот што слегува од небото, за човекот да јаде од него и да не умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно. А лебот што ќе го дадам јас е моето тело, кое ќе го дадам за животот на светот“ (Јован 6:48-51).
Многу од луѓето што ги слушале поуките на Исус не сфатиле на каков симболичен начин тој ги употребил зборовите „леб“ и „тело“. Сепак, споредбата што ја кажал била многу соодветна. Израелците секојдневно се хранеле со дословен леб, како што била маната која во пустината ги одржувала во живот 40 години. Иако била дар од Бог, маната не давала вечен живот. Од друга страна, жртвата на Исус може да им даде вечен живот на оние што веруваат во него. Тој навистина е „лебот на животот“.
Кога си гладен, можеби со задоволство сакаш да каснеш парче леб. Можеби дури и му се заблагодаруваш на Бог за твојот ‚секојдневен леб‘ (Матеј 6:11, Превод на Санде Тодоровски). Иако секој од нас ужива во вкусна храна, никогаш не смееме да заборавиме колку вреди „лебот на животот“, Исус Христос.
Како можеме да покажеме дека, за разлика од неблагодарните Израелци од времето на Мојсеј, ние го цениме овој скапоцен леб? „Ако ме сакате, ќе ги држите моите заповеди“, рекол Исус (Јован 14:15). Ако ги слушаме заповедите на Исус, ќе можеме вечно да се насладуваме на вкусен леб (5. Мојсеева 12:7).
a Зборот „мана“ веројатно доаѓа од хебрејскиот израз „ман ху?“, кој значи „што е ова?“