Ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог
„Ние одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека“ (МИХЕЈ 4:5).
1. Што се однесува до моралот, каква била ситуацијата во времето на Ное, и по што се разликувал Ное?
ПРВИОТ човек за кого во Библијата се вели дека одел со Бог бил Енох. Вториот бил Ное. Извештајот ни кажува: „Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога“ (Битие 6:9). До времето на Ное, луѓето општо земено отстапиле од чистото обожавање. Лошата ситуација станала уште полоша кога неверните ангели стапувале во неприродни врски со жените и имале деца наречени нефили, кои во тоа време биле „по сила прочуени луѓе“. Не е ништо чудно што Земјата се наполнила со насилство! (Битие 6:2, 4, 11). Сепак, Ное бил непорочен и бил ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Кога Бог му заповедал да изгради арка за да се спасат животи, Ное послушно ‚направил така, сѐ како што му заповедал Бог, така сторил‘ (Битие 6:22). Навистина, Ное одел со Бог.
2, 3. Каков убав пример ни дал Ное нам денес?
2 Павле го вброил и Ное меѓу верните сведоци, кога напишал: „Со вера Ное, откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше, покажа побожен страв и изгради арка за спасение на своето домаќинство; и со таа вера го осуди светот, и стана наследник на праведноста која е по вера“ (Евреите 11:7). Колку прекрасен пример! Ное бил толку уверен дека Јеховините зборови ќе се исполнат, што трошел многу време, енергија и средства за да ги изврши Божјите заповеди. На сличен начин, и денес мнозина им свртуваат грб на материјалистичките можности што ги нуди овој свет и ги трошат своето време, енергија и средства за да ги извршуваат Јеховините заповеди. Нивната вера е за пофалба и ќе води до спасение како за нив така и за други луѓе (Лука 16:9; 1. Тимотеј 4:16).
3 На Ное и неговото семејство сигурно им било тешко да покажуваат вера, исто како што му било тешко и на Енох, кој му бил прадедо на Ное и за кого зборувавме во претходната статија. И во времето на Ное, исто како и во времето на Енох, вистинските обожаватели биле малубројни — само осум души биле верни и го преживеале Потопот. Ное проповедал за праведноста во еден насилен и неморален свет. Освен тоа, тој и неговото семејство граделе огромна дрвена арка подготвувајќи се за еден глобален потоп, иако никој дотогаш не видел таква поплава. Тоа сигурно им изгледало многу чудно на оние што ги гледале отстрана.
4. На која грешка на луѓето што живееле во времето на Ное укажал Исус?
4 Интересно, кога Исус ги спомнал деновите на Ное, не зборувал за насилството, за лажната религија или за неморалот — колку и да биле сериозни тие работи. Грешката на која укажал Исус била тоа што луѓето не сакале да го послушаат предупредувањето што им било дадено. Тој рекол дека тие ‚јаделе и пиеле, мажите се женеле и жените се мажеле, сѐ до оној ден кога Ное влегол во арката‘. Јадење, пиење, женење, мажење — што имало лошо во тоа? Луѓето само си живееле „нормален живот“! Но, претстоел потоп, а Ное проповедал за праведноста. Неговите зборови и неговите постапки требало да им послужат како предупредување. Сепак, тие ‚не обрнале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (Матеј 24:38, 39).
5. Кои особини им биле потребни на Ное и на неговото семејство?
5 Кога ќе размислиме за тие времиња, гледаме колку мудро живеел Ное. Меѓутоа, во времето пред Потопот била потребна храброст за да се биде поинаков од другите. Ное и неговото семејство морале да имаат цврста вера за да ја изградат огромната арка и да ја наполнат со примероци од сите животински видови. Дали некои од овој грст верни луѓе понекогаш посакувале да не бидат толку впечатливи и едноставно да си живеат „нормален живот“? Дури и ако во главата им дошле такви мисли, тие не попуштиле во својата верност и беспрекорност. По многу години — подолго отколку што кој и да е од нас ќе треба да го трпи овој систем на работи — благодарение на својата вера Ное се спасил во Потопот. Меѓутоа, Јехова извршил суд над сите оние што живееле „нормален живот“ и не обрнале внимание на значењето на времињата во кои живееле.
Насилството повторно го измачува човештвото
6. Каква била ситуацијата дури и после Потопот?
6 Откако се повлекле водите на Потопот, човештвото почнало сѐ од почеток. Меѓутоа, луѓето сѐ уште биле несовршени и ‚човековите мисли биле лоши од неговиот почеток‘ (Битие 8:21). Освен тоа, иако демоните повеќе не можеле да се материјализираат во човечки тела, тие и понатаму биле многу активни. Светот од безбожни луѓе брзо покажал дека „лежи во власта на злобниот“, а вистинските обожаватели, исто како што е случај и денес, морале да се борат против „ѓаволовите сплетки“ (1. Јованово 5:19; Ефешаните 6:11, 12).
7. Како се зголемило насилството во светот по Потопот?
7 Барем од времето на Нимрод, Земјата по Потопот пак станала сцена на насилство. Заради сѐ побројното население и заради напредокот на технологијата, со текот на времето насилството станувало сѐ поголемо. Во почетокот човекот имал меч, копје, лак и стрела и бојна кола. Во поново време се појавиле мускетата и топот, а потоа пушката и, во почетокот на 20 век, високо развиената артилерија. Во Првата светска војна почнало да се употребува уште пострашно оружје, како што се авионот, тенкот, подморницата и бојните отрови. Во таа војна, ваквото оружје одзело милиони животи. Дали тоа било нешто неочекувано? Не.
8. Како се исполнуваат стиховите од Откровение 6:1-4?
8 Во 1914 година, Исус бил устоличен како Цар на Божјето небесно Царство и тогаш започнал „Господовиот ден“ (Откровение 1:10). Во една визија за која пишува во книгата Откровение, Исус е претставен како Цар што победнички јава на бел коњ. По него одат други јавачи, а со секој од нив се предочени различни маки што го измачуваат човештвото. Едниот од нив јава на коњ со пламена боја, и нему му било дозволено ‚да го одземе мирот од земјата за да се убиваат едни со други; и му бил даден голем меч‘ (Откровение 6:1-4). Со овој коњ и неговиот јавач е претставена војната, а големиот меч ја претставува досега невидената разорност на современото војување и на моќното оружје што се користи. Во ова оружје денес спаѓаат нуклеарните направи што имаат моќ да уништат милиони животи; ракетите што можат да ги упатат тие направи до цели што се оддалечени илјадници километри; како и софистицираното хемиско и биолошко оружје за масовно уништување.
Обрнуваме внимание на предупредувањата од Јехова
9. Каква споредба може да се направи помеѓу денешниов свет и светот што постоел пред Потопот?
9 Во времето на Ное, Јехова го уништил човештвото поради огромното насилство што го предизвикале злобните луѓе под влијание на нефилите. Како е денес? Дали на Земјата има помалку насилство отколку што имало тогаш? Не би се рекло! Освен тоа, исто како што било во времето на Ное, луѓето денес си ги извршуваат секојдневните работи, обидувајќи се да живеат „нормален живот“, и не сакаат да обрнат внимание на предупредувањата што им се кажуваат (Лука 17:26, 27). Според тоа, имаме ли причина да се сомневаме дека Јехова повторно ќе го уништи човештвото? Не.
10. а) На што постојано нѐ предупредуваат библиските пророштва? б) Како е најмудро да постапуваме денес?
10 Стотици години пред Потопот, Енох пророкувал дека во нашево време светот мора да биде уништен (Јуда 14, 15). И Исус зборувал за претстојната „голема неволја“ (Матеј 24:21). И други пророци давале опомени за ова време (Езекиел 38:18-23; Даниел 12:1; Јоил 2:31, 32). А во книгата Откровение наоѓаме еден сликовит опис на тоа конечно уништување (Откровение 19:11-21). Како поединци, го следиме примерот на Ное и активно ја проповедаме праведноста. Обрнуваме внимание на Јеховините опомени и со љубов им помагаме на нашите ближни да го прават истото. Значи, исто како Ное, и ние одиме со Бог. Навистина, од пресудна важност е секој што сака да живее, да продолжи да оди со Бог. Како можеме да го правиме тоа и покрај притисоците со кои се соочуваме секој ден? Треба да изградиме цврста вера во исполнувањето на Божјата намера (Евреите 11:6).
Продолжи да одиш со Бог во бурни времиња
11. Како го следиме примерот на христијаните од првиот век?
11 Во првиот век, за помазаните христијани се велело дека припаѓаат на „Патот“ (Дела 9:2). Верата во Јехова и Исус Христос заземала централно место во нивниот живот. Тие оделе по патот по кој одел нивниот Учител. И верните христијани денес го прават истото.
12. Што се случило откако Исус со чудо нахранил едно мноштво?
12 Колку е важно да имаме силна вера може да се види од еден настан што се случил за време на Исусовата служба. Во една прилика, Исус со чудо нахранил мноштво од околу 5.000 мажи. Луѓето биле вчудовидени и восхитени. Но, забележи што се случило потоа. Читаме: „Кога луѓето ги видоа знаците што ги направи, почнаа да велат: ‚Ова сигурно е пророкот кој требаше да дојде во светот‘. Затоа Исус, знаејќи дека сакаа да дојдат и да го фатат за да го направат цар, повторно се повлече во гората, сосема сам“ (Јован 6:10-15). Таа ноќ отпатувал во друго место. Веројатно мнозина се разочарале што Исус не сакал да прифати да биде цар. Па тој покажал дека е доволно мудар за да биде цар и дека има моќ да ги задоволи физичките потреби на луѓето. Но, сѐ уште не било Јеховиното време тој да владее како Цар. Освен тоа, Исусовото Царство требало да биде небесно, а не земно.
13, 14. Какво гледиште покажале мнозина, и како била испитана нивната вера?
13 Сепак, мноштвата одлучно го следеле Исус и го нашле, како што вели Јован, „на другата страна од морето“. Зошто го следеле откако тој одбил да го направат цар? Мнозина од нив покажале дека гледаат на работите од човечка гледна точка, бидејќи главно зборувале за материјалните работи за кои се погрижил Јехова во пустината во времето на Мојсеј. Со тоа сакале да кажат дека Исус треба и понатаму да се грижи за нивните материјални потреби. Сфаќајќи ги нивните погрешни мотиви, Исус почнал да ги поучува за духовните вистини што можеле да им помогнат да го променат својот начин на размислување (Јован 6:17, 24, 25, 30, 31, 35-40). Како реакција на тоа, некои почнале да мрморат против него, особено кога ја кажал оваа споредба: „Вистина, вистина ви велам: Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот, и јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6:53, 54).
14 Исусовите споредби честопати ги наведувале луѓето да покажат дали навистина сакаат да одат со Бог. И оваа споредба била таква. Таа предизвикала силни реакции. Читаме: „Тогаш многу од неговите ученици, кога го чуја тоа, рекоа: ‚Овој говор е шокантен; кој може да го слуша?‘“ Понатаму, Исус им објаснил дека треба да се трудат да го сфатат духовното значење на неговите зборови. Тој рекол: „Духот е тој кој е животодавен; телото не користи воопшто ништо. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот“. И покрај тоа, мнозина сѐ уште не сакале да слушаат, и извештајот понатаму ни кажува: „Поради тоа многу од неговите ученици се вратија на она што го оставија зад себе и не одеа веќе со него“ (Јован 6:60, 63, 66).
15. Кое исправно гледиште го имале некои следбеници на Исус?
15 Сепак, не реагирале така сите ученици на Исус. Иако е точно дека верните ученици не разбрале сосема што рекол Исус, нивната доверба во него останала многу цврста. Петар, еден од тие верни ученици, го изразил мислењето на сите што останале кога рекол: „Господи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот“ (Јован 6:68). Колку убав став, и колку прекрасен пример!
16. Како би можеле да бидеме испитани, и кое исправно гледиште треба да го имаме?
16 Денес и ние би можеле да бидеме испитани како тие први ученици. Можеби сме разочарани што Јеховините ветувања не се исполнуваат толку брзо колку што би сакале ние. Можеби сметаме дека објаснувањата од Писмото што се дадени во нашите библиски публикации тешко се разбираат. Можеби сме разочарани од постапките на некој сохристијанин. Дали би било исправно да престанеме да одиме со Бог од овие или од слични причини? Во никој случај! Учениците што го напуштиле Исус покажале дека размислуваат за работите од човечка гледна точка. Мораме да внимаваме да не го направиме истото.
„Ние не сме од оние кои се повлекуваат“
17. Што може да ни помогне да продолжиме да одиме со Бог?
17 Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). На страниците на Библијата, Јехова јасно ни кажува: „Тоа е патот, одете по него“ (Исаија 30:21). Тоа што сме послушни на Божјата реч ни помага ‚строго да пазиме како одиме‘ (Ефешаните 5:15). Ако ја проучуваме Библијата и задлабочено размислуваме за она што го учиме, ќе успееме да ‚одиме во вистината‘ (3. Јованово 3). Да, како што кажал Исус, „духот е . . . животодавен; телото не користи воопшто ништо“. Единственото сигурно водство според кое можеме да ги управуваме своите чекори е духовното водство што го добиваме преку Јеховината реч, преку неговиот дух и преку неговата организација.
18. а) Која немудра работа ја прават некои? б) Каква вера градиме?
18 Денес, оние што стануваат незадоволни затоа што размислуваат од човечка гледна точка или затоа што не им се исполниле очекувањата, честопати почнуваат да користат сѐ што можат од она што го нуди светот. Затоа што го изгубиле своето чувство на итност, сметаат дека нема потреба да ‚бдеат‘ и одлучуваат да си ги постигнат своите себични цели наместо да ги стават интересите на Царството на прво место (Матеј 24:42). Воопшто не е мудро да тргнеме по тој пат. Забележи што рекол апостол Павле: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување, туку од оние кои имаат вера за сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:39). Исто како Енох и Ное, и ние живееме во бурни времиња, но исто како нив, имаме чест да одиме со Бог. Затоа што го правиме сето тоа, го имаме осигуреното очекување дека Јеховините ветувања ќе се исполнат, дека наскоро злобата ќе ја нема и дека ќе дочекаме еден праведен нов свет. Каква прекрасна иднина!
19. Како Михеј го опишува патот по кој одат вистинските обожаватели?
19 Инспирираниот пророк Михеј рекол дека народите од овој свет ќе „одат, секој во името на својот бог“. Потоа зборувал за себе и за други верни обожаватели, и рекол: „А ние, ние одиме во името на Господа [Јехова, NW], нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5). Ако си решил да го имаш истиот став како Михеј, остани блиску до Јехова колку и да станат бурни времињата во кои живееме (Јаков 4:8). Искрена желба на секого од нас нека биде да оди со Јехова, нашиот Бог, сега, секогаш и довека!
Како би одговорил?
• Какви се сличностите помеѓу времето на Ное и нашево време?
• Што направиле Ное и неговото семејство, и како можеме и ние да имаме иста вера како нивната?
• Какво погрешно гледиште покажале некои следбеници на Исус?
• Што се решени да прават вистинските христијани?
[Слики на страница 20]
Исто како што било во времето на Ное, луѓето денес се преокупирани со своите секојдневни активности
[Слика на страница 21]
Како проповедници на Царството, „ние не сме од оние кои се повлекуваат“