Образование — користи го за да го фалиш Јехова
„Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава: а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина“ (ЈОВАН 7:18).
1. Кога и како започнал процесот на образование?
ОБРАЗОВАНИЕТО започнало многу, многу одамна. Набргу откако Јехова Бог, Големиот Воспитувач и Поучувач, го создал својот првороден Син, започнал процесот на образование (Исаија 30:20; Колосјаните 1:15). Тоа бил Некој кој можел да учи директно од самиот Голем Воспитувач! Во текот на безброј милениуми присно дружење со Таткото, тој Син — кој подоцна станал познат како Исус Христос — се здобил со скапоцено образование за особините, делата и намерите на Јехова Бог. Подоцна, како човек на Земјата, Исус можел да рече: „Ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“ (Јован 8:28).
2-4. а) Според Јован, поглавје 7, какви биле околностите кога Исус присуствувал на празникот Сеници во 32 година н. е.? б) Зошто Евреите биле зачудени во врска со Исусовата способност за поучување?
2 Како го користел Исус образованието со кое се здобил? Во текот на својата три и пол годишна служба на Земјата, тој неуморно го споделувал со другите она што го имал научено. Но, тоа го правел со една главна цел во мислите. А која била таа? Да ги испитаме Исусовите зборови во Јован поглавје 7, каде што тој го објаснил и потеклото и целта на своето учење.
3 Разгледај ги најнапред околностите. Била есен 32 година н. е., речиси три години по Исусовото крштавање. Евреите биле собрани во Ерусалим за празникот Сеници. Во текот на првите неколку дена од празникот, многу се зборувало за Исус. Кон средината на празникот, Исус отишол во храмот и почнал да поучува (Јован 7:2, 10-14). Како и секогаш, се докажал дека е голем учител (Матеј 13:54; Лука 4:22).
4 Во стих 15 од 7. поглавје од Јован, се вели: „И се чудеа Јудејците, велејќи: ‚Како ги познава Овој Книгите, кога не учел [кога не студирал на школите, НС]?‘“ Можеш ли да разбереш зошто биле зачудени? Исус немал посетувано ниедно рабинско училиште и според тоа бил необразован — така барем мислеле тие! Сепак, Исус можел лесно да пронајде и да чита делови од Светите списи (Лука 4:16-21). Па, овој галилејски дрводелец дури и ги поучувал за Мојсеевиот закон! (Јован 7:19-23). Како било можно тоа?
5, 6. а) Како го објаснил Исус изворот на своето поучување? б) На кој начин Исус го користел своето образование?
5 Како што читаме во стиховите 16 и 17, Исус објаснил: „Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати; и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Сам од Себе зборувам“. Тие сакале да знаат кој го школувал Исуса, а тој јасно им кажал дека неговото образование е од Бог! (Јован 12:49; 14:10).
6 Како го употребувал Исус своето образование? Како што е запишано во Јован 7:18, Исус рекол: „Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава: а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина и во Него нема неправда“. Колку само е соодветно тоа што Исус го употребувал своето образование за да му донесе слава на Јехова, „Најсовршениот во секое знаење“! (Јов 37:16).
7, 8. а) Како треба да се користи образованието? б) Кои се четирите основни цели на едно урамнотежено образование?
7 Така од Исус учиме една многу важна поука — образованието не треба да го користиме за да се величаме себеси, туку за да му донесеме фалба на Јехова. Не постои подобар начин како да се искористи образованието. Тогаш, како можеш да го користиш образованието за да му донесеш фалба на Јехова?
8 Образование значи „да се обучува преку формална поука и надгледувана пракса, особено за некоја вештина, за занает или за професија“. Сега да разгледаме четири основни цели на урамнотеженото образование и начинот како може секоја од нив да се користи за фалба на Јехова. Урамнотеженото образование треба да ни помогне: 1) добро да читаме, 2) читливо да пишуваме, 3) да се развиеме ментално и морално и 4) да добиеме практична обука која е потребна за секојдневниот живот.
Научи добро да читаш
9. Зошто е важно да се биде добар читач?
9 Како прво е наведено да научиме добро да читаме. Зошто е толку важно да се биде добар читач? The World Book Encyclopedia објаснува: „Читањето . . . е основно во учењето и е една од најважните вештини во секојдневниот живот . . . Вештите читачи придонесуваат да се создаде едно успешно, продуктивно општество. Истовремено, самите тие се радуваат на еден поисполнет и позадоволителен живот“.
10. Како ни помага читањето на Божјата Реч да се радуваме на еден поисполнет и позадоволителен живот?
10 Ако читањето, општо земено, може да ни помогне да се радуваме на „еден поисполнет и позадоволителен живот“, тогаш колку повеќе тоа важи за читањето на Божјата Реч! Таквото читање ги изложува нашите умови и срца на Јеховините мисли и намери, а јасното разбирање на истите му дава смисла на нашиот живот. Освен тоа, „словото Божјо е живо и дејствува“, стои во Евреите 4:12. Додека ја читаме Божјата Реч и медитираме за неа, привлечени сме кон нејзиниот Автор и поттикнати сме да правиме промени во својот живот за да му угодиме уште повеќе (Галатјаните 5:22, 23; Ефесјаните 4:22-24). Исто така, мотивирани сме да ги делиме со другите скапоцените вистини што ги читаме. Сето тоа му донесува фалба на Големиот Воспитувач, Јехова Бог. Сигурно не постои подобар начин да ја користиме нашата способност за читање!
11. Што сѐ би требало да биде вклучено во една урамнотежена програма на лична студија?
11 Без разлика дали сме млади или стари, охрабрени сме да научиме добро да читаме затоа што читањето игра важна улога во нашиот христијански живот. Освен редовното читање на Божјата Реч, една урамнотежена програма на лична студија би вклучувала разгледување на библискиот текст од брошурата Секојдневно разгледување на Писмото, проучување на Стражарска кула и Разбудете се! и подготвување за христијанските состаноци. А што е со нашата христијанска служба? Јасно е дека јавното проповедање, правењето повторни посети кај заинтересираните лица и водењето домашни библиски студии изискуваат добра способност за читање.
Научи читливо да пишуваш
12. а) Зошто е важно да се научи читливо да се пишува? б) Кој бил најголемиот спис што некогаш бил направен?
12 Втора цел е тоа дека урамнотеженото образование треба да ни помогне да научиме читливо да пишуваме. Не само што пишувањето ги пренесува нашите зборови и мисли туку тоа и ги зачувува. Пред многу, многу векови, 40-тина еврејски мажи ги запишале на папирус или на пергамент зборовите кои подоцна ги сочинувале инспирираните Писма (2. Тимотеј 3:16). Секако дека тоа бил најдобриот спис што некогаш бил направен! Без сомнение, во текот на вековите Јехова го водел препишувањето и повторното препишување на тие свети зборови, така што тие стигнале до нас во веродостоен облик. Зарем не сме благодарни што Јехова ги предал своите зборови во писмена форма, наместо да се ослонил на усно пренесување? (Спореди 2. Мојсеева 34:27, 28.)
13. Што покажува дека Израелците знаеле да пишуваат?
13 Во старо време биле писмени само некои привилегирани класи, како што биле писарите во Месопотамија и во Египет. Во остра спротивност со народите, секој поединец во Израел бил охрабруван да се описмени. Заповедта во 5. Мојсеева 6:8, 9, Израелците да пишуваат на довратниците од своите куќи, иако навидум симболична, покажува дека тие знаеле да пишуваат. Уште на многу мала возраст, децата биле поучувани како да пишуваат. Некои научници сметаат дека Гезерскиот календар, еден од најстарите примери за пишување на древен хебрејски, е вежбанка за помнење на некој ученик.
14, 15. Кои се некои позитивни и здрави начини за користење на способноста за пишување?
14 Но, како можеме способноста за пишување да ја користиме на еден позитивен и здрав начин? Се разбира, ако водиме забелешки на христијанските состаноци, на собирите и на конгресите. Со едно писмо, дури и ако е напишано „со неколку зборови“, може да му се даде охрабрување на некој кој е болен или да му се искаже благодарност на некој духовен брат или сестра кои биле љубезни или покажале гостољубивост кон нас (1. Петрово 5:12). Ако на некој од собранието му починал некој близок, едно кратко писмо или картичка може да го ‚утеши‘ во наше име (1. Солунјаните 5:14). Една христијанска сестра чија мајка умрела од рак, објаснила: „Една пријателка ми напиша прекрасно писмо. Тоа навистина ми помогна затоа што можев да го читам секогаш одново“.
15 Еден извонреден начин на кој може да се користи способноста за пишување е да му донесе фалба на Јехова преку пишување писмо за давање сведоштво за Царството. Некогаш може да биде неопходно да се одржува таков контакт со новозаинтересирани луѓе кои живеат во изолирани подрачја. Некоја болест може привремено да ти отежне да одиш од куќа до куќа. Можеби едно писмо ќе може во пишан облик да го каже она што ти обично би го кажал лично.
16, 17. а) Кое искуство ја покажува вредноста од пишување писмо за да се даде сведоштво за Царството? б) Можеш ли да раскажеш некое слично искуство?
16 Да разгледаме едно искуство. Пред многу години, една сестра напишала писмо со кое ѝ дала сведоштво за Царството на вдовицата на некој човек чија смрт била објавена во локалниот весник. Одговор не добила. И тогаш, во ноември 1994 година, по повеќе од 21 година, сестрата добила писмо од ќерката на таа жена. Ќерката пишувала:
17 „Во април 1973 година, ти ѝ пиша на мајка ми за да ја утешиш по смртта на татко ми. Тогаш јас имав 9 години. Мајка ми навистина ја проучуваше Библијата, но сѐ уште не е слуга на Јехова. Меѓутоа, нејзината студија конечно ме поврза со вистината. Во 1988 година започнав да ја проучувам Библијата — 15 години по добивањето на твоето писмо. Се крстив на 9 март 1990 година. Многу сум ти благодарна за твоето писмо од пред многу години и толку сум среќна што можам да ти кажам дека семето што го посеа навистина порасна, со Јеховина помош. Мајка ми ми го даде твоето писмо да го чувам и би сакала да те запознаам. Се надевам дека ќе го добиеш писмово“. Ова писмо во кое била приложена адресата и телефонскиот број на ќерката, навистина стигнало до сестрата која пишала пред толку многу години. Замисли си го изненадувањето на таа млада жена кога добила телефонски повик од сестрата — која сѐ уште пишува писма за да ја подели со другите надежта за Царството!
Развивај се ментално, морално и духовно
18. На кој начин родителите се грижеле за менталното и моралното образование на своите деца во библиски времиња?
18 Трета цел е дека урамнотеженото образование треба да ни помогне да се развиеме ментално и морално. Во библиски времиња се сметало дека менталното и моралното образование на децата е една од главните должности на родителите. Децата не биле поучувани само да читаат и да пишуваат туку, што е уште поважно, добивале образование за Божјиот Закон, кој ги опфаќал сите нивни активности во животот. Според тоа, образованието вклучувало поука за нивните религиозни обврски и за начелата според кои се управува бракот, за семејните односи и за сексуалниот морал, како и за нивните обврски кон ближните. Таквото образование им помогнало да се развијат не само ментално и морално туку и духовно (5. Мојсеева 6:4-9, 20, 21; 11:18-21).
19. Каде можеме да најдеме образование кое ни ги покажува најдобрите морални вредности според кои треба да се живее и кое ни помага да се развиеме духовно?
19 А како е денес? Доброто световно образование е важно. Тоа ни помага да се развиеме ментално. Но, каде можеме да се обратиме за образование кое ќе ни ги покаже најдобрите морални вредности по кои ќе живееме и кое ќе ни помогне да се развиеме духовно? Во христијанското собрание ни е достапна една програма на теократско образование кое не може да се добие на ниедно друго место на Земјата. Преку нашето лично проучување на Библијата и на публикациите кои се темелат на неа, како и преку поуката што се дава на собраниските состаноци, на собирите и на конгресите, можеме да го добиеме ова скапоцено, напредно образование — божествено образование — и тоа бесплатно! За што нѐ поучува тоа?
20. За што нѐ учи божественото образование и кој е резултатот од тоа?
20 Кога почнуваме да ја проучуваме Библијата, ги учиме основните библиски науки, ‚почетните учења‘ (Евреите 6:1, НС). Со текот на времето, земаме ‚тврда храна‘ — то ест, подлабоки вистини (Евреите 5:14). Меѓутоа, што е уште поважно, ги учиме побожните начела кои нѐ поучуваат да живееме на таков начин како што Бог бара од нас. На пример, учиме да ги избегнуваме навиките и постапките кои го ‚сквернат телото‘ и да имаме почит кон авторитетот и кон личноста и сопственоста на другите (2. Коринтјаните 7:1; Тит 3:1, 2; Евреите 13:4). Освен тоа, почнуваме да ја цениме важноста да бидеме чесни и вредни во нашата работа и вредноста од живеењето според библиските заповеди за сексуалниот морал (1. Коринтјаните 6:9, 10; Ефесјаните 4:28). Додека напредуваме во применувањето на овие начела во нашиот живот, растеме духовно, а нашиот однос со Бог се продлабочува. Освен тоа, нашето побожно однесување нѐ прави добри граѓани, без разлика каде живееме. А тоа може да ги поттикне другите да го слават Изворот на божественото образование — Јехова Бог (1. Петрово 2:12).
Практична обука за секојдневниот живот
21. Каква практична обука добивале децата во библиски времиња?
21 Четврта цел на урамнотеженото образование е на лицето да му даде практична обука која е потребна за секојдневниот живот. Родителското образование во библиските времиња вклучувало и практична обука. Девојчињата биле поучувани за вештини поврзани со домаќинството. Последното поглавје од Изреките покажува дека тие сигурно биле многубројни и разновидни. Така, девојчињата биле оспособувани да предат, да ткаат, да готват и да се грижат за општото водење на домаќинството, да тргуваат и да склучуваат договори за недвижнини. Момчињата обично биле поучувани за световното занимање на своите татковци, било земјоделство или, пак, некој занает или вештина. Исус научил дрводелство од својот очув Јосиф; па затоа, не бил наречен само „син на дрводелецот“ туку и ‚дрводелец‘ (Матеј 13:55; Марко 6:3).
22, 23. а) За што треба образованието да ги подготви децата? б) Што треба да биде наш мотив при изборот на натамошно образование кога се чини дека тоа е неопходно?
22 И денес, урамнотеженото образование нѐ подготвува за тоа еден ден да се грижиме за потребите на семејството. Зборовите на апостол Павле што се наоѓаат во 1. Тимотеј 5:8 покажуваат дека грижата за сопственото семејство претставува света обврска. Тој напишал: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“. Според тоа, образованието треба да ги подготви децата за одговорностите што ќе ги преземат во животот и да ги опреми да станат марливи членови на општеството.
23 Кон колкаво световно образование треба да се стремиме? Тоа може да варира од земја до земја. Но, доколку пазарот на трудот, освен минимумот што се бара според законот, изискува и додатно обучување, тогаш родителите се тие кои треба да ги водат своите деца при донесувањето одлука во врска со дополнително образование или обучување, при што ќе ги одмерат и потенцијалните користи и недостатоците од таквото додатно школување. Тогаш, кој треба да биде мотивот при изборот на натамошно образование кога се чини дека тоа е неопходно? Секако, не богатството, личната слава или фалбата (Изреки 15:25; 1. Тимотеј 6:17). Сети се на поуката што ја научивме од Исусовиот пример — образованието треба да се користи за да му донесе фалба на Јехова. Ако избираме натамошно образование, нашиот мотив треба да биде желбата да имаме доволно за издршка за да можеме колку што е можно попотполно да му служиме на Јехова во христијанската служба (Колосјаните 3:23, 24).
24. Која поука што ја научивме од Исус, не смееме никогаш да ја заборавиме?
24 Затоа, да бидеме марливи во нашите напори да стекнеме урамнотежено световно образование. Во потполност да ја искористиме напредната програма на божественото образование што се дава во Јеховината организација. И никогаш да не ја заборавиме вредната поука што ја научивме од Исус Христос, најдобро образованиот човек кој некогаш одел по оваа Земја — образованието да се користи не за да се славиме себеси, туку за да му донесеме фалба на најголемиот Воспитувач, Јехова Бог!
Како гласи твојот одговор?
◻ Како го користел Исус своето образование?
◻ Зошто е важно да се научи добро да се чита?
◻ Како можеме да ја користиме способноста за пишување за да му донесеме фалба на Јехова?
◻ Како ни помага божественото образование да се развиеме и морално и духовно?
◻ Каква практична обука треба да вклучи едно урамнотежено образование?
[Рамка на страница 13]
Практична помош за педагозите
Во текот на 1995/96 година, на Обласните конгреси „Радосни фалители“, Друштвото Стражарска кула објави една нова брошура со наслов Јеховините сведоци и образованието. Оваа четирибојна брошура од 32 страници е издадена првенствено за педагозите. Досега е преведена на 58 јазици.
Зошто е потребна оваа брошура за педагозите? За да им помогне подобро да ги разберат верувањата на учениците кои се деца на Јеховини сведоци. Што содржи брошурата? Со јасен и позитивен тон таа ги објаснува нашите гледишта во врска со дополнителното образование, родендените и Божиќ, како и со поздравувањето на знамето. Брошурата исто така ги уверува педагозите дека ние сакаме нашите деца да го извлечат најдоброто од нивното школување и дека искрено сакаме да соработуваме со педагозите, покажувајќи активен интерес за образованието на нашите деца.
Како може да се користи брошурата Образование? Со оглед на тоа дека е подготвена за педагозите, да им ја поделиме на учителите, наставниците, професорите, директорите и на другите школски службеници. Нека оваа брошура им помогне на сите педагози да ги разберат нашите гледиште и верувања и зошто понекогаш полагаме право да бидеме поинакви. Родителите се охрабрени да ја користат брошурата како основа за личен разговор со педагозите на своите деца.
[Слика на страница 10]
Во древниот Израел образованието било високо ценето