Разоткриен е главниот виновник!
ВО ПРВИОТ век, многу Евреи го очекувале доаѓањето на ветениот Месија (Јован 6:14). Кога дошол, Исус на луѓето им донел утеха и им помогнал подобро да ја разберат Божјата реч. Тој ги лечел болните, ги хранел гладните, ги скротувал природните сили, па дури и воскреснувал мртви (Матеј 8:26; 14:14-21; 15:30, 31; Марко 5:38-43). Исто така, ги пренесувал Јеховините зборови и ветил вечен живот (Јован 3:34). Со она што го кажал, како и со своите дела, Исус во потполност докажал дека е Месијата, оној што ќе ги ослободи луѓето од гревот и од сите негови лоши последици.
Логично, еврејските верски водачи би требало први да го пречекаат, да го слушаат и со радост да ги прифатат неговите упатства. Но, тие не го сториле тоа. Напротив, го мразеле, го прогонувале и сковале заговор да го убијат! (Марко 14:1; 15:1-3, 10-15).
Исус со право ги осудил тие лоши луѓе (Матеј 23:33-35). Меѓутоа, тој знаел дека уште некој бил виновен за нивните злобни мисли и постапки. Исус им рекол: „Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко. Тој е човекоубиец откако се побуни, и не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Иако бил свесен дека луѓето можат да направат злобни работи, Исус укажал на главниот виновник за злото — Сатана Ѓаволот.
Со тоа што рекол дека Сатана ‚не останал постојан во вистината‘, Исус покажал дека ова духовно суштество порано било верен Божји слуга, кој застранил од исправниот пат. Зошто Сатана се побунил против Јехова? Затоа што бил самобендисан до таа мера што копнеел да го обожаваат него, а не Богa (Матеј 4:8, 9).
Побуната на Сатана се случила во градината Еден, кога тој со лага ја убедил Ева да јаде од забранетиот плод. Кога ја кажал првата лага што некогаш била изговорена и кога го наклеветил Јехова, Сатана станал „татко на лагата“. Освен тоа, кога ги навел Адам и Ева да станат непослушни, тој предизвикал гревот да завладее со нив, а тоа водело до нивна смрт и до смртта на нивните идни потомци. Значи, Сатана станал и „човекоубиец“ — всушност, најѕверскиот убиец на сите времиња! (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12).
Злобното влијание на Сатана се раширило дури и во духовното подрачје, каде што наговорил други ангели да му се придружат во побуната (2. Петрово 2:4). И овие злобни духови, слично како Сатана, покажале неисправен интерес за луѓето — тие сакале да имаат сексуални односи со нив, што било сосема неприродно и довело до страшни последици.
Земјата се наполнила со зло
Библијата ни кажува: „Кога луѓето почнаа да се множат на земјата и им се родија ќерки, синовите на вистинскиот Бог забележаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, сите што ќе ги избереа“ (1. Мојсеева 6:1, 2). Кои биле тие ‚синови на вистинскиот Бог‘? Тие не биле луѓе, туку духовни суштества (Јов 1:6; 2:1). Од каде го знаеме тоа? Една причина е што дотогаш луѓето стапувале во брак веќе 1.500 години, и тука немало ништо необично. Но во библискиот извештај се свртува внимание на половите односи меѓу материјализираните ‚синови на вистинскиот Бог‘ и „човечките ќерки“ со кои тие се женеле. Оттаму може да се заклучи дека се случувало нешто дотогаш невидено и неприродно.
Потомците што им се родиле се доказ дека таквите полови односи биле неприродни. Тие биле хибриди кои станале џинови и биле наречени нефили. Исто така биле злобни насилници. Всушност, зборот „нефили“ значи „соборувачи“, односно „оние што ги соборуваат другите“. Овие силеџии се опишани како „силници, прочуени луѓе“, кои живееле во старо време (1. Мојсеева 6:4, фуснота).
Нефилите и нивните татковци станале злобни во дотогаш невидени размери. „Земјата се расипа пред вистинскиот Бог и се наполни со насилство“, пишува во 1. Мојсеева 6:11. Тоа потврдува дека луѓето го прифатиле насилното, расипано однесување на новодојденците.
Како успеале нефилите и нивните татковци толку лошо да влијаат врз луѓето? Така што ги поттикнувале да ги задоволат своите грешни склоности и желби. Со каков резултат? „Целиот човечки род го расипа својот пат на земјата“, вели Библијата. На крајот, Јехова ги уништил сите лоши луѓе во еден општ потоп, при што ги поштедил само праведниот Ное и неговото семејство (1. Мојсеева 6:5, 12-22). Но, ангелите што зеле човечки тела се вратиле посрамени во духовното подрачје. Тие понижени демони и понатаму му се противат на Бог, како и на праведното семејство од лојални ангели. Јасно е дека оттогаш Бог им забранил на овие злобни духови да земаат човечки тела (Јуда 6). Сепак, тие сѐ уште вршат големо влијание врз луѓето.
Злобниот е целосно разоткриен!
Колку е големо злобното влијание на Сатана може да се види од стихот во 1. Јованово 5:19, каде што пишува: „Целиот свет е под власта на Злобниот“. Ѓаволот ги турка луѓето од неволја во неволја, и тоа сѐ повеќе. Всушност, тој е решен да им наштети на другите повеќе од кога и да било порано. Зошто? Бидејќи тој и демоните биле исфрлени од небото откако во 1914 год. било воспоставено Божјето Царство. Во врска со ова исфрлање, Библијата прорекла: „Тешко [тебе], земјо... зашто Ѓаволот слегол кај [тебе] со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:7-12). А како влијае Сатана врз луѓето денес?
Тој го прави ова главно така што шири еден дух, односно став што влијае врз начинот на кој размислуваат и постапуваат луѓето. Во склад со тоа, стихот од Ефешаните 2:2 го нарекува Ѓаволот „владетелот кој владее со воздухот, духот [односно ставот што преовладува] кој сега дејствува во непослушните синови“. Овој демонски „воздух“ не ги поттикнува луѓето да имаат побожен страв и да бидат добри, туку ги тера да му се противат на Бог и на неговите мерила. Сатана и неговите демони се тие што го поттикнуваат и го зголемуваат злото што го прават луѓето.
„Чувај си го срцето“
Едно обележје на овој „воздух“ е порнографијата, која е сѐ пораширена. Таа распалува неисправни сексуални желби и го прикажува неприродното однесување како привлечно (1. Солуњаните 4:3-5). Силување, садизам, групно силување, полови односи со животни и сексуално злоупотребување на деца — тоа се само некои од темите што порнографијата ги прикажува како забава. Дури и помалку штетните облици на порнографија можат да предизвикаат голема зависност и да им наштетат на оние што ја гледаат или ја читаат, бидејќи поради тоа стануваат хронични воајери.b Тоа е зло кое може да ни ги наруши односите со другите луѓе, како и пријателството со Бог. Преку порнографијата се шири изопаченото размислување на демоните — истите бунтовници кои имале неисправни сексуални желби уште во претпотопниот свет од времето на Ное.
Со добра причина, мудриот Соломон го дал следниов совет: „А од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изреки 4:23). Во пракса, ова значи дека, за да си го чуваш срцето од замката на порнографијата, ќе треба да ги смениш ТВ каналите или да го исклучиш компјутерот кога ќе се појават порнографски сцени. И многу е важно да реагираш брзо и одлучно! Замисли дека си војник и дека се обидуваш да се заштитиш од куршум што е испукан во твоето срце. Сатана нишани на твоето фигуративно срце — седиштето на твоите мотиви и желби — и сака да го расипе.
Срцето, исто така, треба да го чуваш за да не го засака насилството, зашто Ѓаволот знае дека Јехова „многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5). Сатана не мора да те претвори во крвожеден злосторник за да станеш непријател на Бог; доволно е само да ја подгрева во тебе желбата за насилство, и со текот на времето да почнеш да го сакаш. Не е случајно тоа што популарните медиуми се преплавени со насилство, и тоа честопати поврзано со окултизам. Нефилите се мртви и повеќе не постојат, но нивните особини и начин на однесување сѐ уште живеат! Дали ги избегнуваш стапиците на Сатана со тоа што внимаваш каква забава ќе избереш? (2. Коринќаните 2:11).
Како да се бориш против влијанието на Сатана
Може да ни се чини дека е тешко да се справиме со силите на злото. Библијата вели дека оние што се трудат да му угодат на Бог се борат и со своето несовршено тело и „против злите духовни сили“. За да победиме во таа борба и за да бидеме блиски со Бог, треба да го искористиме сето она што тој ни го обезбедил за да нѐ заштити во духовен поглед (Ефешаните 6:12; Римјаните 7:21-25).
Во тоа спаѓа Божјиот свет дух, најмоќната сила во вселената. На христијаните од првиот век, апостол Павле им го напишал следново: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. Коринќаните 2:12). Луѓето што ги води Божјиот дух почнуваат да го сакаат она што Бог го сака и да го мразат она што тој го мрази (Амос 5:15). Како може некој да добие свет дух? Главно преку молитва, преку проучување на Библијата — бидејќи таа е производ на светиот дух — и преку здравото дружење со оние што вистински го сакаат Бог (Лука 11:13; 2. Тимотеј 3:16; Евреите 10:24, 25).
Ако ги искористиш овие работи што ни ги дал Бог, ќе почнеш да ја облекуваш „сета Божја воена опрема“, која е единствената сигурна заштита против „Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11-18). Денес, повеќе од кога и да било порано, мораме целосно да ја искористиме оваа опрема. Зошто?
На злото му се изброени деновите!
„Кога злите никнуваат како трева и цветаат сите што прават зло, тоа е за да бидат истребени засекогаш“, вели псалмистот (Псалм 92:7). Како во времето на Ное така и денешната раширеност на злото е доказ дека се приближил Божјиот суд. И тоа не само против злобните луѓе туку и против Сатана и неговите демони, кои ќе бидат фрлени во бездна, односно во состојба на неактивност, а потоа ќе бидат конечно уништени (2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 20:1-3, 7-10). Кој ќе ја изврши таа осуда? Лично Исус Христос, за кого читаме: „Затоа дојде Синот Божји, да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8).
Дали одвај чекаш да му дојде крајот на злото? Ако е така, тогаш можеш да се утешиш со ветувањата што се запишани во Библијата. Ниедна друга книга не го разоткрива вистинскиот виновник за злото, Сатана, и ниедна друга книга не покажува како ќе бидат уништени тој и сите негови зли дела. Те поттикнуваме добро да се запознаеш со Библијата за да можеш уште сега да се заштитиш од злобното влијание на Сатана и за да имаш надеж дека ќе живееш во свет во кој ќе нема зло (Псалм 37:9, 10).
[Фусноти]
a Не е познато првобитното име на ангелот што станал Сатана. На изворните јазици, зборовите „Сатана“ и „Ѓавол“ значат „Противник“ и „Клеветник“. Постојат некои сличности меѓу однесувањето на Сатана и однесувањето на царот на древниот Тир (Езекиел 28:12-19). Двајцата на почетокот биле непорочни, но станале жртви на својата вообразеност.
b Види ја статијата со наслов „Порнографија — само безопасна разонода?“, која беше објавена во списанието Разбудете се! од 8 октомври 2002, издадено од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 6]
Легенди во кои има трошка вистина
Приказни за полубогови, џинови и голем потоп се наоѓаат во древните митологии низ целиот свет. На пример, во акадскиот еп за Гилгамеш се спомнуваат потоп, кораб и преживеани. Гилгамеш е опишан како похотен, насилен полубог, односно делумно бог, а делумно човек. Во астечката митологија се зборува за еден древен свет во кој имало џинови и голем потоп. А во Скандинавија постои легенда за џинови и за мудриот Бергелмир, кој направил голем брод и се спасил себеси и својата жена. Сите овие легенди заедно го потврдуваат она што го вели Библијата, имено, дека човештвото потекнува од луѓето што преживеале еден потоп во кој многу одамна биле уништени сите лоши луѓе.
[Слика]
Глинена плочка на која е запишан Епот за Гилгамеш
[Извор на слика]
The University Museum, University of Pennsylvania (негатив бр. 22065)
[Слика на страница 5]
Особините на нефилите се гледаат кај денешните луѓе
[Слика на страница 7]
Познавањето на вистината нѐ штити од лошите влијанија