Прашања од читателите
Во потесна смисла, дали постои разлика меѓу библиските термини „други овци“ и „големо мноштво“?
Да, постои, иако не е потребно да бидеме преосетливи за употребата на зборовите ниту, пак, да бидеме вознемирени кога некој ги употребува овие термини наизменично.
На многу христијани им се познати стиховите во кои се среќаваат овие термини. Еден од нив е Јован 10:16. Таму Исус рекол: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир“. Другиот израз, „големо мноштво“, се појавува во Откровение 7:9. Таму читаме: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, — од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете“.
Најпрво да го разгледаме стихот од Јован 10:16. Кои се тие овци? Би било добро да запомниме дека на сите лојални Исусови следбеници се укажува како на овци. Во Лука 12:32, тој ги нарекол „мало стадо“ оние свои ученици кои ќе одат на небото. Какво стадо? Стадо овци. ‚Овците‘ од ‚малото стадо‘ ќе бидат дел од Царството на небесата. Меѓутоа, постојат и други, оние кои имаат поинаква надеж, на кои Исус исто така гледа како на овци.
Тоа може да се види од Јован 10. поглавје. Откако зборувал за овците како што биле неговите апостоли кои ќе ги повика за живот на небото, во 16. стих Исус додал: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам“. Јеховините сведоци одамна увиделе дека во овој стих Исус зборувал за луѓе кои имаат изглед за живот на Земјата. Таков изглед имале и многу верни поединци од претхристијанските времиња, како што се Авраам, Сара, Ное и Малахија. Затоа, со право можеме да ги вклучиме како дел од ‚другите овци‘ од Јован 10:16. Во текот на Милениумот, таквите верни претхристијански сведоци ќе бидат воскреснати, ќе го запознаат и ќе го прифатат Христос Исус и на тој начин ќе станат „други овци“ на Добриот Пастир.
Исто така знаеме дека откако завршил општиот повик на небесната класа, милиони станале вистински христијани. И тие со право се наречени „други овци“, бидејќи не се дел од ‚малото стадо‘. Всушност, денешните други овци со нетрпение очекуваат да живеат токму во земски рај.
А сега, што можеме да кажеме за идентитетот на ‚големото мноштво‘ што е споменато во Откровение 7:9? Па, погледни го 13. стих каде што е поставено прашањето: „Кои се и од каде дошле?“ Одговорот го наоѓаме во Откровение 7:14: „Тие се што дојдоа од големи маки [големата неволја, НС]“. Според тоа, ‚големото мноштво‘ е сочинето од оние коишто излегуваат од, односно ја преживуваат, големата неволја. Како што вели 17. стих, тие ќе бидат ‚водени на живи извори водни‘ на Земјата.
Според тоа, разбирливо е дека за да ја преживеат големата неволја која се приближува, тие мора веќе да ги испрале своите облеки во крвта на Јагнето со тоа што станале вистински обожаватели. Според тоа, иако Откровение 7:9 го опишува ова мноштво после неволјата, терминот „големо мноштво“ можеме да го примениме на сите оние кои имаат земска надеж и му принесуваат света служба на Јехова уште сега, пред да избувне големата неволја со тоа што народите ќе ја нападнат лажната религија.
Накратко, терминот „други овци“ можеме да го сметаме како поширок поим што ги опфаќа сите Божји слуги кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата. Тој ја вклучува и поограничената категорија на поединци слични на овци, кои денес се собираат како „големо мноштво“ со надеж да ја преживеат големата неволја што претстои. Повеќето лојални христијани кои живеат денес се дел од ‚другите овци‘, но исто така се дел и од ‚големото мноштво‘.
Корисно е да се повтори дека, иако е добро да се биде прецизен во овие карактеристики, нема потреба еден христијанин да биде претерано загрижен за употребата на ваквите зборови — што би можело да се нарече критичност кон зборовите. Павле предупредил на некои кои биле ‚надуени од гордост‘ и вовлечени во „препирки околу зборови“ (1. Тимотеј 6:4, НС). Ако ние лично препознаваме некои разлики меѓу термините, добро. Но сепак, нема потреба јавно или во себе да критикуваме некого кој не е многу прецизен во користењето на библиските термини.