СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16
„Твојот брат ќе стане“!
Исус ѝ рече на Марта: „Твојот брат ќе стане“ (ЈОВАН 11:23)
ПЕСНА 151 Јехова ќе ги повика
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Со кои зборови едно дете ја изразило својата надеж во воскресение?
ЕДНО дете по име Метју имало сериозен здравствен проблем, и поради тоа морало да му бидат направени многу операции. Кога имало седум години, заедно со своето семејство ја гледало месечната емисија на JW Broadcasting®. При крајот на емисијата, тие го гледале музичкиот спот во кој е прикажано пречекувањето на воскреснатите во рајот.b По емисијата, Метју им се приближил на родителите и држејќи ги за рацете им рекол: „Мамо, тато, видовте ли? Дури и ако умрам, ќе се разбудам кога ќе воскреснам. Ќе ме пречекате во рајот. Сѐ ќе биде во ред“. Можеш ли да си замислиш колку им било мило на родителите кога сфатиле колку му е реално воскресението на нивното синче?
2-3. Зошто е добро да размислуваме за надежта во воскресение?
2 Одвреме-навреме, добро е сите ние да размислуваме за библиското ветување за воскресение (Јован 5:28, 29). Зошто? Бидејќи на секој од нас може да му се случи ненадејно да се разболи од некоја тешка болест или да му почине некој од најблиските (Проп. 9:11; Јак. 4:13, 14). Нашата надеж во воскресение може да ни помогне во таквите тешки моменти (1. Сол. 4:13). Библијата нѐ уверува дека нашиот небесен Татко добро нѐ познава и многу нѐ сака (Лука 12:7). Помисли колку добро мора да нѐ познава Јехова за да може повторно да нѐ создаде со истите карактерни црти и сеќавања. Колку голема љубов покажал Јехова со тоа што ни дал можност да живееме вечно! Па дури и ако умреме, тој ќе нѐ воскресне.
3 Во оваа статија, прво ќе видиме зошто може да бидеме уверени дека ќе се исполни ветувањето за воскресение. Потоа, ќе го разгледаме охрабрувачкиот библиски извештај во кој се наоѓа стихот на кој се темели оваа статија: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:23). На крај, ќе разгледаме што треба да правиме за надежта во воскресение да ни биде уште пореална.
ЗОШТО МОЖЕ ДА ВЕРУВАМЕ ВО ВЕТУВАЊЕТО ЗА ВОСКРЕСЕНИЕ
4. За да може да веруваме во едно ветување, во што мора да бидеме уверени? Наведи пример.
4 За да веруваме во едно ветување, мора да бидеме уверени дека оној што го дава ветувањето има желба, но и моќ, односно способност да го исполни. Да наведеме еден пример. Замисли дека твојата куќа е многу оштетена од некоја бура. Еден пријател доаѓа кај тебе и ти ветува: „Јас ќе ти помогнам повторно да ја изградиш твојата куќа“. Тој е искрен и затоа си уверен дека навистина има желба да ти помогне. Ако тој е и вешт ѕидар, и ги има потребните алати, тогаш знаеш дека има и способност да ти помогне. Затоа, имаш доверба во она што ти го ветил. А како е со Божјето ветување за воскресение? Дали Бог навистина има желба и моќ да го исполни тоа ветување?
5-6. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова има желба да ги воскресне мртвите?
5 Дали Јехова има желба да ги воскресне мртвите? Секако дека има! Со својот свет дух, тој поттикнал неколку библиски писатели да го запишат неговото ветување за воскресение (Иса. 26:19; Оси. 13:14; Отк. 20:11-13). А кога Јехова ќе вети нешто, тој секогаш си стои на зборот (Ис. Нав. 23:14). Всушност, Јехова има силна желба да ги врати мртвите во живот. Зошто може да го кажеме ова?
6 Размисли за она што го кажал верниот Божји слуга Јов. Тој бил сигурен дека, дури и ако умре, Јехова ќе копнее повторно да го види жив (Јов 14:14, 15). Јехова копнее да ги воскресне и сите други негови слуги кои умреле. Тој едвај чека да ги врати во живот и да бидат здрави и среќни. А што е со сите оние што умреле без да имаат можност да ја дознаат вистината за Јехова? Нашиот Бог, кој е полн со љубов, сака да ги воскресне и нив (Дела 24:15). Тој сака и тие да добијат можност да станат негови пријатели и да живеат засекогаш на Земјата (Јован 3:16). Сето ова јасно покажува дека Јехова има желба да ги воскресне мртвите.
7-8. Што нѐ уверува дека Јехова има моќ да ги воскресне мртвите?
7 Дали Јехова има и моќ да ги воскресне мртвите? Апсолутно! Тој е Семоќниот Бог (Отк. 1:8). Значи, тој е толку моќен што може да го порази кој и да било непријател, па дури и смртта (1. Кор. 15:26). Овој факт ни влева голема сила и утеха. Размисли за искуството на сестра Ема Арнолд. Таа и нејзиното семејство доживеале тешки испити на верата за време на Втората светска војна. За да ја утеши својата ќерка поради загубата на нивните сакани во нацистичките концентрациони логори, Ема ѝ рекла: „Ако смртта засекогаш ги држи луѓето во своите пранги, би била посилна од Бог, зарем не?“ Нема сомнение дека ништо не е посилно од Јехова! Семоќниот Бог, кој го создал животот, е способен и да им го врати животот на оние кои умреле.
8 Друго нешто што нѐ уверува дека Бог може да ги воскресне мртвите е тоа што тој има совршено памтење. Јехова го памти името на секоја ѕвезда (Иса. 40:26). Исто така, тој ги памти и оние кои починале (Јов 14:13; Лука 20:37, 38). Тој може да се сети и на најситниот детаљ на оние што ќе ги воскресне, вклучувајќи ги нивните сеќавања, нивниот генетски код и она што им се случувало во животот.
9. Зошто веруваш во ветувањето на Јехова дека ќе има воскресение?
9 Сосема е јасно дека можеме да имаме доверба во ветувањето на Јехова за воскресение затоа што знаеме дека тој има и желба и моќ да го исполни. Размисли за уште една причина зошто може да веруваме во Божјето ветување за воскресение — Јехова веќе го сторил тоа. Во библиски времиња, тој им дал моќ на неколку свои верни слуги, меѓу кои бил и Исус, да воскреснуваат мртви. Да го разгледаме извештајот за едно од воскресенијата што ги направил Исус, а кое е запишано во Јован поглавје 11.
УМИРА ЕДЕН БЛИЗОК ПРИЈАТЕЛ НА ИСУС
10. Што се случува во Витанија додека Исус проповеда од другата страна на реката Јордан, и што прави потоа? (Јован 11:1-3).
10 Прочитај Јован 11:1-3. Замисли дека се наоѓаш во Витанија, некаде при крајот на 32 год. од н.е. Во ова село живеат блиски пријатели на Исус — Лазар и неговите две сестри, Марија и Марта (Лука 10:38-42). Но, Лазар се разболува и неговите сестри се загрижени. Тие испраќаат еден човек да му ја пренесе таа порака на Исус, кој се наоѓа од другата страна на реката Јордан, што е на околу два дена одење од Витанија (Јован 10:40). За жал, кога гласникот доаѓа кај Исус, Лазар е веќе мртов. И покрај тоа што знае дека неговиот пријател само што умрел, Исус останува таму каде што е уште два дена, а потоа тргнува за Витанија. Значи, кога Исус пристигнува во Витанија, Лазар е мртов веќе четири дена. Исус има намера да направи нешто за својот пријател што ќе му донесе слава на Јехова (Јован 11:4, 6, 11, 17).
11. Што може да научиме за пријателството од овој извештај?
11 Од овој извештај учиме нешто и за пријателството. Размисли за следново: Кога Марија и Марта ја испратиле пораката до Исус, тие не го замолиле да дојде во Витанија. Тие само му пренеле дека неговиот драг пријател е болен (Јован 11:3). Кога Лазар умрел, Исус можел да го воскресне и покрај тоа што се наоѓал на друго место. Сепак, Исус решил да оди во Витанија за да биде со своите пријателки Марија и Марта. Дали имаш пријател кој е спремен да ти помогне без да го бараш тоа од него? Ако да, тогаш знаеш дека можеш да сметаш на неговата помош секогаш кога си во неволја (Изр. 17:17). По примерот на Исус, и ние да им бидеме такви пријатели на другите. Сега да се вратиме на извештајот и да видиме што се случува потоа.
12. Што ѝ ветува Исус на Марта, и зошто тоа не е празно ветување? (Јован 11:23-26).
12 Прочитај Јован 11:23-26. Марта дознава дека Исус е близу до Витанија. Таа брзо му излегува во пресрет и му вели: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:21). Точно е дека Исус можел да го излекува Лазар. Но, тој имал намера да направи нешто уште позначајно. Исус ѝ го дава следново ветување: „Твојот брат ќе стане“. Освен тоа, тој ѝ дава на Марта уште една причина за да верува во неговото ветување, велејќи ѝ: „Јас сум воскресението и животот“. Бог му дал моќ на Исус да воскреснува мртви. Претходно, тој воскреснал едно девојче кратко откако умрело. Исто така, тој воскреснал и едно младо момче, по сѐ изгледа, истиот ден кога починало (Лука 7:11-15; 8:49-55). Но, дали тој може да воскресне некој кој е мртов веќе четири дена и чие тело веќе почнало да се распаѓа?
„ЛАЗАРЕ, ИЗЛЕЗИ!“
13. Според Јован 11:32-35, како реагира Исус кога гледа дека Марија и другите плачат? (Види ја и сликата.)
13 Прочитај Јован 11:32-35. Замисли си што се случува потоа. Марија, другата сестра на Лазар, оди да го пресретне Исус. Таа го кажува истото што го кажала и сестра ѝ: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Таа и другите со неа се скршени од болка. Кога ги гледа како плачат, Исус многу се растажува. Од жал за своите пријатели, тој почнува да плаче. Исус разбира колкава болка носи смртта на некој близок. Нема сомнение, тој едвај чека да ја отстрани причината за нивната тага!
14. Што може да научиме за Јехова од реакцијата на Исус кога видел дека Марија плаче?
14 Од реакцијата на Исус кога видел дека Марија плаче, учиме дека Јехова е Бог кој има длабоко сочувство. Зошто може да го кажеме ова? Како што видовме во претходната статија, Исус совршено ги одразува размислувањето и чувствата на својот Татко (Јован 12:45). Исус заплакал затоа што длабоко сочувствувал со своите ужалени пријатели. Од тоа можеме да заклучиме дека и Јехова длабоко сочувствува со нас кога ги гледа нашите солзи (Пс. 56:8). Зарем ова не те поттикнува уште повеќе да се зближиш со нашиот сочувствителен Бог?
15. Според Јован 11:41-44, што се случувало кај гробот на Лазар? (Види ја и сликата.)
15 Прочитај Јован 11:41-44. Исус доаѓа кај гробот на Лазар и им заповеда на луѓето да го тргнат каменот со кој е затворен влезот на гробот. Марта на тоа приговара и вели дека телото сигурно веќе мириса. Исус ѝ одговара: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ (Јован 11:39, 40). Потоа Исус ги подига очите кон небото и се моли на глас. Тој сака да му ја припише целата заслуга на Јехова за она што ќе се случи потоа. Тогаш Исус извикува: „Лазаре излези!“ И навистина, Лазар излегува од гробот! Така Исус направил нешто што некои мислеле дека е невозможно.c
16. Како извештајот во Јован поглавје 11 ни ја зајакнува верата во воскресение?
16 Извештајот во Јован поглавје 11 ни ја зајакнува верата во воскресение. Како? Сети се на ветувањето што Исус ѝ го дал на Марта: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:23). Исто како неговиот Татко, Исус има желба и моќ да го исполни тоа ветување. Неговите солзи покажале дека тој има силна желба да ги воскресне мртвите и да ја отстрани тагата што ја предизвикува смртта. А кога Лазар излегол од гробот, Исус повторно докажал дека има моќ да ги воскресне мртвите. Размисли и за потсетувањето што Исус ѝ го дал на Марта: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ (Јован 11:40). Навистина, имаме добри причини да веруваме дека Божјето ветување за воскресение ќе се исполни. Но, што може да правиме за таа надеж да ни стане уште пореална?
КАКО МОЖЕ НАДЕЖТА ВО ВОСКРЕСЕНИЕ ДА НИ СТАНЕ УШТЕ ПОРЕАЛНА
17. За што треба да размислуваме кога ги читаме библиските извештаи за воскресение?
17 Читај и размислувај за воскресенијата што се случиле во минатото. Во Библијата се запишани осум извештаи за луѓе кои воскреснале за живот на Земјата.d Зошто не си поставиш за цел да го проучуваш секој од тие извештаи поединечно? Додека го правиш тоа, имај на ум дека тие мажи, жени и деца навистина постоеле. Труди се да извлечеш важни поуки. Размислувај како во секој од тие извештаи се гледа дека Бог има желба и моќ да ги врати мртвите во живот. Пред сѐ, внимателно размислувај за најважното воскресение — воскресението на Исус. Не заборавај дека неговото воскресение било потврдено од стотици очевидци и дека ни дава цврст темел за нашата вера (1. Кор. 15:3-6, 20-22).
18. Како можеш добро да ги користиш нашите песни во кои се зборува за надежта во воскресение? (Види ја и фуснотата.)
18 Добро користи ги нашите „духовни песни“ во кои се зборува за надежта во воскресение (Еф. 5:19). Овие песни ни помагаат воскресението да ни биде уште пореално и ни ја зајакнуваат верата во оваа скапоцена надеж. Затоа, слушај ги и вежбај ги за да можеш добро да ги пееш, а за време на Семејната вечер, со твоето семејство зборувајте за значењето на текстот. Врежи го текстот во твојот ум и во твоето срце. Така, ако минуваш низ некоја тешка ситуација во која е загрозен твојот живот или ако ти почине некој што го сакаш, Јехова со својот свет дух ќе ти помогне да се сетиш на тие песни што ќе те утешат и ќе ти дадат сила.e
19. Кои работи би можеле да си ги замислиме во врска со воскресението? (Види ја рамката „Што би ги прашал?“)
19 Користи ја својата фантазија. Јехова ни дал способност да можеме да се замислиме во новиот свет. Една сестра вели: „Поминувам толку многу време замислувајќи се себеси во новиот свет, што успевам, така да се каже, да го почувствувам мирисот на ружите што цветаат во рајот“. Замисли си дека се сретнуваш со верни Божји слуги од библиски времиња. Кого од нив едвај чекаш да го запознаеш? Кои прашања би му ги поставил? Исто така, замисли си како ги пречекуваш своите сакани кои починале. Замисли си ги деталите за таа средба — првите зборови, топлите прегратки и солзите радосници.
20. На што треба да бидеме решени?
20 Многу сме му благодарни на Јехова што ни ветил дека ќе има воскресение! Можеме да бидеме сигурни дека ова ветување ќе се оствари бидејќи Јехова има и желба и моќ да го исполни. Затоа, да бидеме решени и понатаму да ја зајакнуваме нашата вера во оваа скапоцена надеж. На тој начин, уште повеќе ќе се зближиме со Бог кој, всушност, на секого од нас му ветува: „Твоите сакани ќе станат!“
ПЕСНА 147 Ветен ни е вечен живот
a Ако ти починал некој што го сакаш, ветувањето за воскресение сигурно ти носи голема утеха. Но, како би им објаснил на другите зошто веруваш во воскресение? И, што можеш да направиш за надежта во воскресението да ти биде уште пореална? Целта на оваа статија е да ни помогне на сите нас надежта во воскресение да ни стане уште поцврста.
b Овој музички спот има наслов Баш на прагот и беше објавен во месечната емисија за ноември 2016.
c Види ја статијата „Зошто на Исус му биле потребни четири дена за да стигне до гробот на Лазар?“, која излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2008.
d Види ја рамката „Осум воскресенија за кои се зборува во Библијата“, која излезе во Стражарска кула од 1 август 2015, на страница 4.
e Види ги следниве песни во Пеј му од срце на Јехова: „Се гледаш ли во новиот свет?“ (песна 139), „Гледај ја наградата!“ (песна 144) и „Јехова ќе ги повика“ (песна 151). Исто така, на jw.org види ги песните „Баш на прагот“, „Во рајот прекрасен“ и „Ќе видиш“.