,Синот сака да го открие Таткото‘
„Никој не знае кој е Таткото, освен Синот и оној кому Синот сака да му го открие“ (ЛУКА 10:22)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Зошто Исус можел најдобро да го открие својот Татко?
Како Исус им го открил својот Татко на другите?
Како можеме по примерот на Исус да им го откриеме Таткото на другите?
1, 2. На кое прашање немаат одговор многу луѓе, и зошто?
,КОЈ е Бог?‘ Многу луѓе не го знаат одговорот на ова прашање. На пример, иако мнозина од оние што тврдат дека се христијани веруваат дека Бог е тројство, повеќето од нив признаваат дека не можат да го разберат тоа учење. Еден писател и свештеник изјавил: „Човечкиот ум е премногу ограничен да го разбере [тројството]. Тоа не може да се објасни со човечка логика“. Од друга страна, пак, повеќето што ја прифаќаат теоријата на еволуција сметаат дека нема Бог и дека прекрасните созданија во природата се резултат на слепата случајност. За разлика од нив, самиот Чарлс Дарвин не го негирал постоењето на Бог. Наместо тоа, рекол дека луѓето едноставно не можат да сфатат кој е Бог.
2 Повеќето луѓе, без оглед на нивните верувања, си поставувале прашања во врска со Бог. Но, кога не дошле до задоволувачки одговор, мнозина едноставно престанале да го бараат. Сатана навистина успеал ‚да им ги заслепи неверничките умови‘ (2. Кор. 4:4). Не е ни чудо што повеќето се збунети и не ја знаат вистината за Таткото, Творецот на вселената! (Иса. 45:18).
3. а) Кој ни го открил Творецот? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Сепак, многу е важно луѓето да ја дознаат вистината за Бог. Зошто? Бидејќи само оние ‚што го повикуваат името на Јехова‘ ќе бидат спасени (Рим. 10:13). За да можат да го повикуваат Божјето име, тие треба да го запознаат Јехова како личност. Исус Христос ги поучувал своите ученици за овие животоважни вистини. Тој им го открил Таткото. (Прочитај Лука 10:22.) Зошто Исус можел да го открие Таткото подобро од кој и да е друг? Како го направил тоа? И на кој начин можеме и ние исто како него да им го откриеме Таткото на другите? Да ги разгледаме овие прашања.
ИСУС ХРИСТОС МОЖЕЛ НАЈДОБРО ДА ГО ОТКРИЕ БОГ
4, 5. Зошто Исус можел да го открие Таткото на посебен начин?
4 Исус можел да го открие Таткото подобро од кој и да е друг. Зошто? Затоа што тој е „единородниот Син Божји“ кој бил создаден како духовно суштество на небото пред сѐ друго (Јован 1:14; 3:18). Исус навистина имал посебен однос со Бог! Бидејќи некое време бил сам со својот Татко на небото, Јехова му го посветил сето свое внимание. Додека биле заедно во текот на безброј години, Исус сѐ подобро го запознавал својот Татко и Неговите особини. Тие станувале сѐ поблиски и љубовта помеѓу нив растела (Јован 5:20; 14:31). Замисли си колку многу научил Синот за личноста на својот Татко! (Прочитај Колошаните 1:15-17.)
5 Таткото го избрал Синот за свој Застапник и Говорник, нарекувајќи го „Реч Божја“ (Отк. 19:13). Тоа покажува дека Синот добил посебна задача да им го открие Бог на другите. Апостол Јован со право напишал дека Исус, односно „Речта“, се наоѓал „во прегратката на Таткото“ (Јован 1:1, 18, фус.). Со тие зборови, Јован укажува на еден обичај во првиот век. Во тоа време, кога некој имал гости на јадење, тие не седеле, туку лежеле еден пред друг покрај трпезата, потпирајќи се на едниот лакот. На тој начин, оној што бил напред можел да ја потпре главата на градите на оној што бил зад него. Бидејќи така биле многу близу еден до друг — речиси „во прегратката“ на другиот — лесно можеле непречено да разговараат. Според тоа, кога за Синот се вели дека бил „во прегратката на Таткото“, тоа значи дека тие двајца воделе доверливи разговори.
6, 7. Како растела љубовта помеѓу Таткото и Синот?
6 Љубовта помеѓу Таткото и Синот станувала сѐ посилна. Синот ‚му бил посебна радост на Бог од ден на ден‘. (Прочитај Изреки 8:22, 23, 30, 31.) Додека работеле заедно, Синот учел како да ги покажува особините на Таткото и така врската помеѓу нив уште повеќе се зајакнала. Откако биле создадени другите суштества обдарени со разум, Синот гледал како Јехова постапува со секого од нив и кај него уште повеќе се зголемувала почитта кон неговиот Татко.
7 Кога подоцна Сатана се побунил против Јеховиното право да владее, Синот имал можност да види како Таткото покажува љубов, правда, мудрост и моќ во тешка ситуација. Без сомнение, ова му помогнало на Исус да се подготви за тешкотиите на кои подоцна и самиот наишол додека живеел и служел на Земјата (Јован 5:19).
8. Како евангелијата ни помагаат уште подобро да ги запознаеме особините на Таткото?
8 Поради својот близок однос со Јехова, само Синот можел да го опише Таткото во најситни детали. Најдобар начин да го запознаеме Таткото е да размислуваме за она што го поучувал и правел неговиот единороден Син. На пример, сигурно не би разбрале во потполност што значи зборот „љубов“ само ако би ја прочитале дефиницијата за тој збор во некој речник. Но, ако размислуваме за живописните извештаи во евангелијата во кои се зборува за службата на Исус и за начинот на кој се грижел за другите, може многу подобро да ја разбереме изјавата „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8, 16). Истото важи и за другите Божји особини што Исус им ги открил на своите ученици додека бил на Земјата.
КАКО ИСУС ГО ОТКРИЛ СВОЈОТ ТАТКО
9. а) Главно на кои два начина Исус го открил својот Татко? б) Наведи пример што покажува како Исус го открил својот Татко со она што го поучувал.
9 Како Исус им го открил Таткото на своите ученици и на оние што подоцна станале негови следбеници? Главно на два начина: преку своите учења и преку своите постапки. Да ги разгледаме најпрво учењата на Исус. Од она што го поучувал се гледа колку добро го познавал својот Татко — знаел како размислува, што чувствува и како постапува Тој. На пример, Синот го споредил Јехова со грижлив човек што има стадо овци и што заминува да ја бара залутаната овца. Исус рекол дека, кога ќе ја најде, овој човек „повеќе ќе се радува поради неа отколку поради оние деведесет и девет што не залутале“. Што сакал да каже со оваа споредба? Самиот тој објаснил: „Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:12-14). Што учиш за Јехова од оваа споредба? Дури и ако понекогаш се чувствуваш безвредно и напуштено, биди уверен дека твојот небесен Татко се грижи за тебе и те сака. Ти си како еден од тие ‚мали‘ кои се скапоцени за Јехова.
10. Како Исус го открил Таткото преку своите постапки?
10 Освен со своето поучување, Исус им го открил Јехова на учениците и преку своите постапки. Затоа, кога апостол Филип побарал од него ‚да им го покаже Таткото‘, Исус со право можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:8, 9). Размисли за некои ситуации во кои Исус ги покажал особините на својот Татко. Што направил кога еден лепрозен човек го молел да го излекува, велејќи: „Господару, ако сакаш, можеш да ме исчистиш“? Иако болниот бил „полн со лепра“, Исус го допрел, и му рекол: „Сакам, исчисти се!“ Лепрозниот човек без сомнение можел да ја почувстува Јеховината грижа од начинот на кој Божјиот Син го излекувал (Лука 5:12, 13). Освен тоа, откако умрел Лазар, учениците сигурно сфатиле колку е сочувствителен Таткото кога виделе дека Исус е „длабоко трогнат и потресен“ и дека ‚почнал да рони солзи‘. Иако знаел дека ќе го воскресне својот пријател, тој чувствувал исто толкава болка како и семејството и пријателите на Лазар (Јован 11:32-35, 40-43). Сигурно има библиски извештаи за Исус кои тебе посебно ти се допаѓаат и ти помагаат да разбереш колку е милосрден Јехова.
11. а) Што открил Исус за својот Татко кога го исчистил храмот? б) Зошто овој извештај е утешен за нас?
11 Но, што учиш од тоа што Исус го исчистил храмот? Замисли си ја сцената: Исус прави бич од јажиња и ги истерува оние што продаваат овци и говеда. Им ги истура парите на менувачите и им ги испревртува масите (Јован 2:13-17). Таквата решителна постапка ги потсетила неговите ученици на следниве пророчки зборови на цар Давид: „Ревноста за домот твој ме изеде“ (Пс. 69:9). Со тоа Исус покажал колку му е важно да му се служи на Бог на исправен начин. Можеш ли од овој извештај да видиш каков е Јехова? Тој нѐ потсетува дека Јехова не само што има неограничена моќ да ја отстрани злобата од Земјата туку има и горлива желба да го стори тоа. Начинот на кој Исус реагирал на лошите постапки открива како се чувствува Бог кога гледа колку е раширено злото во овој свет. Ова може многу да нѐ утеши кога и самите трпиме најразлични неправди.
12, 13. Што учиме за Јехова од начинот на кој Исус постапувал со своите ученици?
12 Да разгледаме уште еден пример — начинот на кој Исус постапувал со своите ученици. Тие постојано се расправале за тоа кој од нив е поголем (Мар. 9:33-35; 10:43; Лука 9:46). Бидејќи поминал безброј години со својот Татко, Исус знаел како гледа Јехова на гордоста (2. Сам. 22:28; Пс. 138:6). Освен тоа, видел и како Сатана Ѓаволот ѝ подлегнал на оваа лоша особина. На тоа себично суштество му биле најважни само сопствениот углед и положба. Затоа, на Исус сигурно му било многу тешко кога гледал дека и неговите ученици покажуваат таков став. Дури и на оние што ги избрал за апостоли им биле важни положбата и угледот! Всушност, ваквиот став го покажувале сѐ до последниот ден од неговиот живот на Земјата (Лука 22:24-27). Но, тој продолжил љубезно да ги исправа и не изгубил надеж дека на крајот сепак ќе се угледаат на него и ќе станат понизни (Фил. 2:5-8).
13 Можеш ли да ги видиш особините на Таткото во начинот на кој Исус стрпливо ги исправал ставовите на своите ученици? Дали во постапките и зборовите на Исус го гледаш Таткото, кој не крева раце од своите слуги и покрај тоа што постојано му грешат? Кога размислуваме за Божјите особини, зарем не сме поттикнати да се покаеме ако сме му згрешиле на Јехова и да го молиме да ни прости?
СИНОТ САКАЛ ДА ГО ОТКРИЕ ТАТКОТО
14. Како Исус покажал дека сака да им го открие Таткото на другите?
14 Многу диктатори се обидуваат да ги држат луѓето под контрола и во незнаење со тоа што им прикриваат информации. За разлика од нив, Исус сакал да им го открие Таткото на другите. (Прочитај Матеј 11:27.) Освен тоа, тој им дал на учениците и ‚разум за да можат да го запознаат вистинскиот Бог‘, Јехова (1. Јов. 5:20). Ова значи дека Исус им помогнал да го разберат она што го поучувал за својот Татко. Тој не ја обвиткал вистината за Бог во тајност поучувајќи ги дека неговиот Татко е дел од некое несфатливо тројство.
15. Зошто Исус не им кажал на учениците некои работи во врска со Таткото?
15 Дали Исус им открил сѐ што знаел за Таткото? Не, тој мудро одлучил да не им каже веднаш сѐ. (Прочитај Јован 16:12.) Зошто? Затоа што, во тоа време, неговите ученици ‚не можеле да го носат‘ тоа знаење. Но, Исус им објаснил дека многу работи ќе им бидат откриени кога ќе пристигне „помошникот“, односно светиот дух, кој ќе ги упати „во сета вистина“ (Јован 16:7, 13). Исто како што едни мудри родители нема да им кажат некои работи на децата сѐ додека тие не станат доволно возрасни да ги разберат, така и Исус чекал сѐ додека учениците не станале доволно зрели и способни да разберат некои работи за Таткото. Тој бил обѕирен и ги зел предвид нивните ограничувања.
ДА ГО ОТКРИВАМЕ ТАТКОТО ПО ПРИМЕРОТ НА ИСУС
16, 17. Зошто можеме да им го откриеме Таткото на другите?
16 Кога добро ќе се запознаеш со некого и ќе увидиш дека има многу убави особини, зарем не си поттикнат да им кажуваш на другите за него? Кога бил на Земјата, Исус зборувал за својот Татко (Јован 17:25, 26). Можеме ли и ние да го правиме истото и да им го откриваме Јехова на другите?
17 Како што видовме, Исус го познавал Таткото далеку подобро од кој и да е друг. Но, не сакал да го задржи тоа знаење само за себе туку им го пренесувал и на другите. Тој дури им дал на своите следбеници и способност да ги разберат длабоките вистини за Бог и за Неговите особини. Исус ни помогнал и нам да го запознаеме нашиот Татко подобро отколку што го познаваат повеќето луѓе денес. Колку сме благодарни што преку своите учења и постапки тој спремно ни го открил Таткото! Всушност, со право може да се фалиме со тоа што го познаваме Бог (Ерем. 9:24; 1. Кор. 1:31). Додека сме се труделе да се зближиме со Јехова, и тој се зближил со нас (Јак. 4:8). Затоа сега можеме да им го кажуваме на другите она што го знаеме за него. Како може да го правиме тоа?
18, 19. Како можеме да им го откриеме Таткото на другите? Објасни.
18 Треба да се угледаме на Исус и да го откриваме Таткото со своите зборови и постапки. Не смееме да заборавиме дека мнозина што ги среќаваме во службата не знаат кој е Бог. Нивната слика за него можеби е замаглена од лажни учења. Затоа треба да им го кажуваме она што сме го научиле од Библијата за Божјето име, за неговата намера со луѓето и за неговите особини. Исто така, би можеле да разговараме со соверниците за некои библиски извештаи кои ни помогнале да го видиме Јехова во нова светлина. Така и тие ќе можат да бидат охрабрени.
19 По примерот на Исус, треба да им го откриваме Таткото на другите и со своите постапки. Ако во начинот на кој постапуваме покажуваме љубов како што покажувал Христос, луѓето ќе бидат привлечени кон Таткото, но и кон Исус (Еф. 5:1, 2). Апостол Павле нѐ охрабрува ‚да се угледаме на него, како што и тој се угледал на Христос‘ (1. Кор. 11:1). Навистина имаме огромна чест да им помагаме на луѓето да го видат Јехова преку нашето однесување. Затоа, да продолжиме да го следиме примерот на Исус кој спремно им го открил својот Татко на другите!