ПОГЛАВЈЕ 91
Лазар воскреснал
ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ЛАЗАР
СУДСКИОТ СОВЕТ ОДЛУЧИЛ ДА ГО УБИЕ ИСУС
Откако Исус се сретнал со Марта и со Марија во близина на Витанија, заедно тргнале кон гробот на Лазар, една пештера на чиј отвор бил ставен камен. „Тргнете го каменот“, заповедал Исус. Бидејќи не знаела со каква намера го побарал тоа, Марта загрижено му рекла: „Господару, сега веќе сигурно мириса, бидејќи има четири дена откако умре“. Но, Исус ѝ одговорил: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ (Јован 11:39, 40).
Тогаш го тргнале каменот. Исус погледнал кон небото и се помолил на глас: „Татко, ти благодарам што ме услиши. Јас знаев дека секогаш ме услишуваш, но ова го реков заради народот што стои овде, за да верува дека ти ме испрати“. Исус му се помолил гласно на Бог за да можат луѓето да сфатат дека она што ќе го направи ќе биде со Божја сила. Потоа силно извикал: „Лазаре, излези!“ И Лазар излегол. Рацете и нозете сѐ уште му биле завиткани со погребни завои, а лицето со платно. „Одвиткајте го и пуштете го да оди“, рекол Исус (Јован 11:41-44).
Кога го виделе тоа чудо, многу Евреи што дошле да ги тешат Марија и Марта поверувале во Исус. Но, некои отишле кај фарисеите и им ја раскажале целата случка. Фарисеите и главните свештеници го свикале Судскиот совет, еврејскиот врховен суд, чиј член бил и првосвештеникот Кајафа. Некои од нив почнале да се жалат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги земат и нашиот храм и нашиот народ“ (Јован 11:47, 48). И покрај тоа што од очевидци им било потврдено дека Исус ‚правел многу чуда‘, ним воопшто не им било мило поради она што Бог го правел преку него. Тие мислеле само на својата положба и на својот углед.
Тоа што Лазар воскреснал било особено тежок удар за садукеите, кои не верувале во воскресение. На крајот Кајафа, кој исто така бил садукеј, рекол: „Вие ништо не знаете и не сфаќате дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, отколку целиот народ да страда“ (Јован 11:49, 50; Дела 5:17; 23:8).
Со оглед на светата служба што ја извршувал, Кајафа не го рекол тоа „сам од себе“, туку бил поттикнат од Бог. Кајафа сметал дека Исус требало да биде погубен за да не ги загрозува положбата и авторитетот на еврејските верски водачи. Но, со своите зборови тој, всушност, прорекол дека Исус со својата смрт ќе плател откупнина за сите луѓе — не само за Евреите туку и за сите ‚Божји деца, кои биле распрснати‘ (Јован 11:51, 52).
Кајафа успеал да изврши влијание врз Судскиот совет и било одлучено Исус да биде убиен. Дали можеби Никодим, кој бил член на Судскиот совет и се познавал со Исус, му го открил нивниот план? Како и да било, Исус веднаш заминал од околината на Ерусалим и со тоа спречил да биде убиен пред да дојде времето што Бог го одредил за тоа.