ПОГЛАВЈЕ 3
Јехова ја открива својата намера
1, 2. Како Јехова ја откривал својата намера со луѓето?
ГРИЖЛИВИТЕ родители обично ги вклучуваат и децата кога разговараат за некои семејни работи. Сепак, не ги споделуваат сите детали со нив. Им го кажуваат на своите деца само она што можат да го разберат.
2 На сличен начин, Јехова постепено ја откривал својата намера со човечкото семејство. Но, го правел тоа само кога знаел дека е дојдено вистинското време. Да разгледаме накратко како тој ја расветлувал вистината за Царството низ историјата.
Зошто се јавила потреба за Царството?
3, 4. Дали Јехова предодредил како ќе се одвива човечката историја? Објасни.
3 Во почетокот, месијанското Царство не било дел од Јеховината намера. Зошто? Затоа што Јехова не предодредил како ќе се одвива човечката историја. Напротив, ги создал луѓето со слободна волја. Тој им кажал на Адам и на Ева каква намера има со човештвото кога им ја дал следнава заповед: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мој. 1:28). Јехова исто така очекувал од нив да се држат за неговите мерила за добро и лошо (1. Мој. 2:16, 17). Адам и Ева можеле да донесат исправна одлука, и да му останат верни. Ако постапеле така, Бог ќе ја остварел својата намера и без Царството со кое би владеел Христос. Земјата денес ќе била полна само со совршени луѓе кои ќе му служеле на Јехова.
4 Јехова не се откажал од својата намера кога Сатана, Адам и Ева се побуниле против него. Наместо тоа, решил да ја оствари на поинаков начин. Неговата намера не е како воз кој мора да се движи само по одреден колосек, и кој може да излезе од шините поради нечии постапки или непредвидени проблеми. Штом Јехова ќе ја објави својата намера, нема сила што може да го спречи да ја оствари. (Прочитај Исаија 55:11.) Ако нешто му го попречи патот, тој веднаш наоѓа друго решениеa (2. Мој. 3:14, 15). Кога ќе заклучи дека дошол вистинскиот момент, Бог им открива на своите верни слуги кој нов начин ќе го користи за да ја исполни својата намера.
5. Што направил Јехова после побуната во рајската градина?
5 После побуната во рајската градина, Јехова решил да ја оствари својата намера преку Царството (Мат. 25:34). Во тој мрачен период од историјата на човештвото, Бог фрлил зрак на надеж. Тој почнал да разоткрива како ќе ги избави луѓето и како ќе ја надомести штетата која ја предизвикал Сатана сакајќи да му ја приграби власта (1. Мој. 3:14-19). Сепак, Јехова не ги открил наеднаш сите детали за Царството.
Јехова почнува да открива поединости за Царството
6. Што ветил Јехова, но што не открил?
6 Уште во првото пророштво, Јехова ветил дека едно „потомство“ ќе ѝ ја смачка главата на „змијата“. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.) Но, во тоа време не кажал кое е ова потомство и кој е претставен со потомството на „змијата“. Всушност, поминале околу 2.000 години пред Јехова да открие други поединости во врска со ова пророштво.b
7. Зошто Јехова го избрал Авраам, и што учиме од тоа?
7 На крајот, Бог решил ветеното потомство да дојде преку Авраам. Го избрал овој човек затоа што Авраам му бил послушен (1. Мој. 22:18). Од ова учиме нешто многу важно — Јехова им ја открива својата намера само на оние кои му служат со страхопочит. (Прочитај Псалм 25:14.)
8, 9. Што им открил Јехова на Авраам и на Јаков во врска со ветеното потомство?
8 Кога зборувал со својот пријател Авраам преку ангел, Јехова за првпат му открил една многу важна работа — дека ветеното потомство ќе се роди како човек во неговата лоза (1. Мој. 22:15-17; Јак. 2:23). Но, како тој човек ќе ја смачка „змијата“? Кој е претставен со „змијата“? Подоцна биле разјаснети и овие прашања.
9 Бог одредил ветениот потомок да дојде од лозата на Јаков, внукот на Авраам, затоа што тој бил човек кој покажал голема вера (1. Мој. 28:13-22). А на Јаков, Јехова му открил дека потомокот ќе се роди во лозата на неговиот син Јуда. Јаков прорекол дека овој Јудин потомок ќе прими „жезол“ — симбол на царска власт — и дека „нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мој. 49:1, 10). Со тоа пророштво, Јехова укажал дека ветениот потомок ќе биде владетел, односно цар.
10, 11. Зошто Јехова им ја открил својата намера на Давид и на Даниел?
10 Околу 650 години по смртта на Јуда, Јехова му открил уште нешто за својата намера на цар Давид, кој бил од Јудиното племе. Бог рекол дека Давид е ,човек според неговото срце‘ (1. Сам. 13:14; 17:12; Дела 13:22). Бидејќи овој цар бил богобојазлив, Јехова склучил сојуз со него и му ветил дека еден од неговите потомци ќе царува засекогаш (2. Сам. 7:8, 12-16).
11 Околу 500 години подоцна, преку својот пророк Даниел, Бог открил точно во која година ветениот потомок, односно Месијата, ќе се појави на Земјата (Дан. 9:25). Зошто Јехова му ја открил својата намера на Даниел? Бидејќи овој човек многу го почитувал и постојано му служел. Библијата дури вели дека Даниел бил „Божји љубимец“ (Дан. 6:16; 9:22, 23).
12. Што требало да направи Даниел, и зошто?
12 Под водство на Божјиот свет дух, верните пророци — како што бил Даниел — запишале многу детали во врска со ветеното потомство, односно Месијата. Сепак, Јехова сметал дека сѐ уште не е дојдено времето неговите слуги потполно да го разберат она што го запишале. На пример, откако Даниел добил видение за воспоставувањето на Божјето Царство, му било кажано да го запечати пророштвото сѐ додека не дојде времето што го одредил Јехова. Дури тогаш требало да се исполнат зборовите: „Вистинското знаење ќе се умножи“ (Дан. 12:4).
Исус ја расветлува Божјата намера
13. а) Кој бил ветениот потомок? б) Како Исус го расветлил пророштвото од 1. Мојсеева 3:15?
13 Јехова јасно покажал дека Исус е ветениот потомок, Давидовиот наследник кој ќе владее како Цар (Лука 1:30-33; 3:21, 22). Во текот на својата служба, Исус им помогнал на луѓето уште подобро да ја разберат Божјата намера. Неговите учења биле како сончеви зраци кои го растерале мракот што ги обвиткувал дотогаш (Мат. 4:13-17). На пример, кога го нарекол Ѓаволот „човекоубиец“ и „татко на лагата“, тој ги отстранил сите сомнежи во врска со тоа која е „змијата“ спомната во 1. Мојсеева 3:14, 15 (Јован 8:44). Во објавата која му ја дал на Јован, Исус јасно кажал дека празмијата е оној што „се вика Ѓавол и Сатана“.c (Прочитај Откровение 1:1; 12:9.) Освен тоа, му открил како Тој — ветениот потомок — на крајот ќе го исполни пророштвото дадено во рајската градина и ќе го уништи Сатана (Отк. 20:7-10).
14-16. Дали христијаните во првиот век секогаш разбирале сѐ што им кажувал Исус? Објасни.
14 Како што видовме во првото поглавје од оваа книга, Исус многу често зборувал за Божјето Царство. Меѓутоа, не им објаснувал секогаш на своите ученици сѐ што сакале да знаат. Дури и кога им открил одредени поединости, поминало многу време — понекогаш и цели векови — додека неговите следбеници не го разбрале потполното значење на она што им го кажал. Да разгледаме неколку примери.
15 Во 33 год. од н.е., Исус објаснил дека неговите идни совладетели ќе бидат избрани од Земјата и ќе воскреснат како духовни суштества на небото. Сепак, неговите ученици не го разбрале тоа веднаш (Дан. 7:18; Јован 14:2-5). Истата година, Исус покажал со споредби дека Царството нема да биде воспоставено уште „долго време“ откако тој ќе се вознесе на небото (Мат. 25:14, 19; Лука 19:11, 12). Учениците не го разбрале тој важен детаљ и затоа, откако воскреснал, го прашале: „Дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ Меѓутоа, тогаш Исус не сакал да им каже ништо друго во врска со тоа (Дела 1:6, 7). Исто така, тој поучувал дека ќе има и „други овци“, кои нема да припаѓаат на ,малото стадо‘ што го сочинуваат неговите совладетели (Јован 10:16; Лука 12:32). Но, неговите следбеници разбрале кој точно ќе спаѓа во овие две групи дури околу две децении откако било воспоставено Царството во 1914 год.
16 Исус можел да им каже уште многу работи на своите ученици, но знаел дека ,не можат да ги носат‘ (Јован 16:12). Иако во првиот век биле разјаснети многу аспекти на Божјето Царство, сѐ уште не било дојдено времето тоа знаење да се умножи.
Вистинското знаење се умножува во „времето на крајот“
17. Што мора да правиме за да ги разбереме вистините за Царството, но што друго е потребно?
17 Јехова му ветил на Даниел дека во „времето на крајот“ многумина „ќе пребаруваат, и вистинското знаење“ за Божјата намера ќе се умножи (Дан. 12:4). Оние што сакаат да го стекнат тоа знаење, мора да вложат голем труд. Според еден библиски лексикон, хебрејскиот глагол преведен со ,пребарува‘ може да се однесува на длабоко и детално проучување на некоја книга. Сепак, сеедно колку темелно ја истражуваме Библијата, не можеме точно да ја разбереме вистината за Царството без Јеховина помош. (Прочитај Матеј 13:11.)
18. Како покажуваат вера и понизност оние што му служат со страхопочит на Бог?
18 Во времето на крајот, Јехова продолжил постепено да ја открива вистината за Царството, исто како што правел и во периодот пред 1914 год. Во четвртото и петтото поглавје од оваа книга ќе видиме како, во изминатите 100 години, Божјите слуги морале повеќепати да го исправат своето разбирање на одредени библиски вистини. Дали тоа значи дека Јехова не ги поддржува? Не, напротив! Може да бидеме сигурни дека Бог секогаш е со нив. Зошто? Затоа што оние кои му служат со страхопочит покажуваат две особини што тој многу ги цени — вера и понизност (Евр. 11:6; Јак. 4:6). Јеховините слуги имаат вера дека сите ветувања од Божјата Реч ќе се исполнат. Освен тоа, покажуваат дека се понизни кога признаваат дека не разбрале точно како ќе се оствари некое од тие ветувања. Нивната понизност се гледа и од она што го пишувало во Стражарска кула од 1 март 1925 год. Таму стоело: „Знаеме дека Бог е тој што ја толкува својата Реч, и дека ќе им ја протолкува на своите слуги на најдобар начин и во вистинско време“.
,Бог ќе им ја протолкува својата Реч на своите слуги на најдобар начин и во вистинско време‘
19. Што ни помага Јехова да разбереме, и зошто?
19 Божјите слуги немале целосна претстава за тоа како ќе се исполнат пророштвата за Царството кога тоа било воспоставено во 1914 год. (1. Кор. 13:9, 10, 12). Од преголема желба да го видат исполнувањето на Јеховините ветувања, тие понекогаш доаѓале до погрешни заклучоци. Низ годините, станало јасно колку била мудра една друга изјава во Стражарската кула цитирана во претходниот пасус. Во статијата пишувало: „По сѐ изгледа, можеме да ги разбереме пророштвата дури откако ќе се исполнат или додека се исполнуваат“. Сега живееме длабоко во времето на крајот и многу пророштва за Царството веќе се исполниле или сѐ уште се исполнуваат. Јехова им помага на своите слуги уште подобро да ја разберат неговата намера бидејќи тие се понизни и спремни да ги исправат своите погрешни гледишта. Без сомнение, вистинското знаење се умножило — токму како што било проречено!
Појаснувања во разбирањето — испит за Божјиот народ
20, 21. Како реагирале христијаните во првиот век на појаснувањата во разбирањето?
20 Кога Јехова ни помага појасно да разбереме некоја библиска вистина, тоа е испит за нашето срце. Дали верата и понизноста ќе нѐ поттикнат да ги прифатиме промените? Христијаните кои живееле во средината на првиот век се соочиле со ваков испит. Замисли дека живееш во тоа време и дека си Евреин што го прифатил христијанството. Многу го почитуваш Мојсеевиот закон и се гордееш на своето потекло. Но, еден ден дознаваш од вдахновените писма на апостол Павле дека христијаните не се должни да го држат Законот, и дека Јехова ги отфрлил родените Израелци. Наместо нив избрал друг, духовен Израел, кој се состои и од Евреи и од не-Евреи (Рим. 10:12; 11:17-24; Гал. 6:15, 16; Кол. 2:13, 14). Како ќе реагираш?
21 Понизните христијани го прифатиле објаснувањето што Павле го напишал под водство на светиот дух, и Јехова ги благословил (Дела 13:48). Но, други негодувале поради промените, и упорно се држеле за своите гледишта (Гал. 5:7-12). Оние што не го смениле својот став ја изгубиле можноста да владеат заедно со Христос (2. Пет. 2:1).
22. Како гледаш на појаснувањата во нашето разбирање на Божјата намера?
22 Во последниве децении, Јехова ни помогна уште подобро да разбереме некои поединости за Царството. На пример, ни разјасни кога симболичните овци — поданиците на Царството — ќе бидат одвоени од симболичните јарци — оние што нема да ја прифатат добрата вест. Исто така ни откри кога ќе се пополни целиот број од 144.000 помазаници, што значат споредбите за Царството кои ги дал Исус, и кога последните помазаници ќе ја добијат својата небесна награда.d Како реагираш на овие појаснувања? Дали ти ја зајакнуваат верата? Дали тие за тебе се доказ дека Јехова и понатаму го поучува својот понизен народ? Оваа книга ќе ја зацврсти твојата увереност дека Јехова постепено им ја открива својата намера на оние што се бојат од него.
a Божјето име е еден облик на хебрејскиот глагол „стане“. Името Јехова укажува дека тој секогаш ги исполнува своите ветувања. Види ја рамката „Што значи Божјето име“, во 4. поглавје.
b Од денешна гледна точка, можеби ова ни изгледа како прилично долг период. Но, добро е да имаме на ум дека тогаш луѓето живееле многу подолго. Всушност, од Адам до Авраам имало само четири поколенија. Животот на Адам се преклопувал со животот на Ламех, таткото на Ное, а животот на Ламех, се преклопувал со животот на Сем, синот на Ное. Животот на Сем се преклопувал со животот на Авраам (1. Мој. 5:5, 31; 9:29; 11:10, 11; 25:7).
c Името „Сатана“ се појавува 18 пати во Хебрејските списи. Но, се спомнува повеќе од 30 пати во Христијанските грчки списи. Сосема е на место што во Хебрејските списи не му се придава толкава важност на Сатана, туку вниманието се насочува кон Месијата. Но, кога дошол Месијата, тој потполно го разоткрил овој Божји непријател, како што јасно се гледа од Христијанските грчки списи.
d Нешто повеќе за некои од овие појаснувања можеш да прочиташ во следниве броеви на Стражарска кула: 15 октомври 1995, страници 23-28; 15 јануари 2008, страници 20-24; 15 јули 2008, страници 17-21; и 15 јули 2013, страници 9-14.