Вечен живот на Земјата — надеж за која зборувал Христос?
„[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе“ (ОТК. 21:4)
1, 2. Од каде знаеме дека многу Евреи во првиот век имале надеж за вечен живот на Земјата?
ЕДЕН богат и угледен млад човек дотрчал кај Исус, паднал на колена пред него и го прашал: „Учителе добар, што морам да сторам за да наследам вечен живот?“ (Мар. 10:17). Дали мислел на вечен живот на небото или на Земјата? Како што видовме во претходната статија, со векови пред тоа, Бог им ја дал на Евреите надежта за воскресение и за вечен живот на Земјата. Значи, и многу Евреи што живееле во првиот век сѐ уште ја имале таа надеж.
2 Марта, пријателката на Исус, очигледно го имала на ум воскресението на Земјата кога, во врска со својот починат брат, рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:24). Точно е дека садукеите во тоа време не верувале во воскресение (Мар. 12:18). Но, во својата книга Јудаизмот во првите векови од христијанската ера (Judaism in the First Centuries of the Christian Era), Џорџ Фут Мор вели: „Списите... од вториот и од првиот век пред нашата ера го потврдуваат верувањето дека, во очекуваната пресвртница во светската историја, мртвите од претходните генерации ќе бидат вратени во живот на Земјата“. Според тоа, богатиот човек што му пристапил на Исус сакал да добие вечен живот на Земјата.
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Денес, многу религии и изучувачи на Библијата тврдат дека Христос не поучувал за вечен живот на Земјата. Повеќето луѓе се надеваат дека по смртта ќе живеат во духовниот свет. Затоа, кога во Христијанските грчки списи ќе го прочитаат изразот „вечен живот“, мнозина мислат дека тој секогаш се однесува на небесен живот. Дали тоа е точно? На што мислел Исус кога зборувал за вечен живот? Во што верувале неговите ученици? Дали во Христијанските грчки списи се зборува за надежта за вечен живот на Земјата?
Вечен живот при „повторното создавање“
4. Што треба да се случи „при повторното создавање“?
4 Библијата учи дека помазаните христијани ќе бидат воскреснати на небото за да владеат над Земјата (Лука 12:32; Отк. 5:9, 10; 14:1-3). Но, кога зборувал за вечниот живот, Исус не мислел секогаш само на таа група. Забележи што им рекол на своите ученици откако богатиот младич си отишол нажален затоа што му кажал да остави сѐ и да стане негов следбеник. (Прочитај Матеј 19:28, 29.) Исус им рекол на своите апостоли дека тие ќе бидат меѓу оние што ќе владеат како цареви и ќе им судат „на дванаесетте Израелови племиња“, односно на сите други луѓе што нема да бидат дел од групата која ќе владее од небото (1. Кор. 6:2). А потоа, кога ја спомнал наградата „вечен живот“, тој рекол дека, всушност, „секој“ што оди по него ќе може да живее вечно. Сето ова треба да се случи „при повторното создавање“.
5. Што значи изразот „повторното создавање“?
5 Што мислел Исус кога го спомнал „повторното создавање“? Во други Библии, овој израз е преведен со „новиот свет“ (Превод на МПЦ — ревидирано издание), ‚обновувањето на сѐ‘ (Превод од Санде Тодоровски) и ‚преродбата‘ (Превод од Д-р Душан Х. Константинов). Бидејќи не го дообјаснил тој израз, Исус очигледно мислел на надежта која Евреите ја имале со векови наназад. Тие очекувале еден ден условите на Земјата да бидат обновени и повторно сѐ да биде како што било во градината Еден пред да згрешат Адам и Ева. Всушност, при повторното создавање, ќе се исполни ветувањето на Бог, кој рекол дека ќе ‚создаде нови небеса и нова земја‘ (Иса. 65:17).
6. Што учиме во врска со надежта за вечен живот од споредбата за овците и јарците?
6 Исус го спомнал вечниот живот и кога зборувал за свршетокот на овој поредок (Мат. 24:1-3). Тој рекол: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол. И сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците“. Оние што ќе добијат неповолна пресуда „ќе отидат во вечна смрт, а праведниците во вечен живот“. „Праведниците“ кои ќе добијат вечен живот се оние што верно ги поддржуваат Христовите „браќа“ помазани со дух (Мат. 25:31-34, 40, 41, 45, 46). Бидејќи помазаниците се избрани да бидат владетели во небесното Царство, очигледно „праведниците“ се земните поданици на тоа Царство. Библијата прорекла: „[Јеховиниот Цар] ќе има поданици од море до море и од Реката до краиштата на земјата“ (Пс. 72:8). Тие поданици ќе живеат вечно на Земјата.
Што покажува Евангелието според Јован?
7, 8. За кои два вида надеж зборувал Исус со Никодим?
7 Од Евангелијата според Матеј, Марко и Лука дознаваме дека Исус го користел изразот „вечен живот“ во приликите што ги разгледавме погоре. А во Евангелието според Јован, Исус го спомнал вечниот живот 17 пати. Да разгледаме некои од тие места за да видиме што кажал тој во врска со надежта за вечен живот на Земјата.
8 Според Јован, Исус првпат зборувал за вечниот живот со еден фарисеј кој се викал Никодим. Тој му рекол на Никодим: „Ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство“. Оние што ќе влезат во небесното Царство мора ‚повторно да се родат‘ (Јован 3:3-5). Но, Исус не останал на тоа, туку продолжил да зборува за надежта што можат да ја имаат сите луѓе. (Прочитај Јован 3:16.) Според тоа, тој овде се осврнал на надежта за вечен живот што ја имаат и неговите помазани следбеници и другите луѓе — едните да живеат вечно на небото, а другите на Земјата.
9. За која надеж зборувал Исус со Самарјанката?
9 Откако разговарал со Никодим во Ерусалим, Исус отпатувал на север кон Галилеја. Попат сретнал една жена кај Јакововиот бунар во близина на самарискиот град Сихар. Тој ѝ рекол: „Кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“ (Јован 4:5, 6, 14). Оваа вода го претставува сето она што го прави Бог за да им помогне на луѓето — меѓу кои се и оние што ќе живеат на Земјата — да добијат вечен живот. Во книгата Откровение е кажано дека самиот Бог вели: „На секој што е жеден ќе му дадам бесплатно да пие од изворот на водата на животот“ (Отк. 21:5, 6; 22:17). Според тоа, кога Исус зборувал со Самарјанката за вечниот живот, тој не мислел само на своите помазани сонаследници во Царството, туку и на сите луѓе кои веруваат во Бог и во неговите ветувања, и имаат надеж дека ќе живеат на Земјата.
10. Откако излекувал еден човек кај езерцето Витезда, што им кажал Исус на своите верски противници во врска со вечниот живот?
10 Следната година, Исус повторно дошол во Ерусалим. Таму излекувал еден болен човек покрај езерцето Витезда. На Евреите што го критикувале за тоа, Исус им објаснил дека „Синот не може да направи ништо сам од себе, туку само она што гледа дека Таткото го прави“. Откако им кажал дека Таткото ‚му го доверил сиот суд на Синот‘, Исус рекол: „Кој ја слуша мојата реч и му верува на оној што ме испрати, има вечен живот“. Понатаму додал: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [гласот на Синот човечки] и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“ (Јован 5:1-9, 19, 22, 24-29). Всушност, Исус сакал да им каже на Евреите што му се противеле дека тој е поставен од Бог да ја исполни нивната надеж за вечен живот на Земјата, и дека ќе го стори тоа така што ќе ги воскресне мртвите.
11. Од каде знаеме дека Исусовите зборови запишани во Јован 6:48-51 се однесуваат и на надежта за вечен живот на Земјата?
11 Во Галилеја, неколку илјади луѓе, кои сакале Исус со чудо да им дава леб, почнале да го следат. На овие луѓе, тој им кажал дека има еден поинаков леб — „лебот на животот“. (Прочитај Јован 6:40, 48-51.) „Лебот што ќе го дадам јас е моето тело“, им рекол. Исус го дал својот живот не само за оние што ќе владеат со него во небесното Царство туку и за „животот на светот“, односно на сите други луѓе кои можат да бидат откупени. „Ако некој јаде од овој леб“, односно ако покажува вера во откупната моќ на Исусовата жртва, ќе може да добие вечен живот. Значи, кога зборувал за тоа дека луѓето ќе можат да ‚живеат вечно‘, Исус, всушност, укажал и на надежта за вечен живот на Земјата под месијанското Царство, која Евреите ја имале со векови.
12. На која надеж се осврнал Исус кога им кажал на противниците дека ‚ќе им даде вечен живот на своите овци‘?
12 Подоцна, кога бил на Празникот на посветувањето во Ерусалим, Исус им го кажал следново на своите противници: „Вие не верувате, бидејќи не сте од моите овци. Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие одат по мене. Јас им давам вечен живот“ (Јован 10:26-28). Дали овде Исус зборувал само за животот на небото или мислел и на вечниот живот во Рајот на Земјата? Кратко пред тоа, тој ги утешил своите следбеници со зборовите: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Татко е да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Но, во текот на истиов овој Празник на посветувањето, Исус рекол: „И други овци имам, кои не се од ова трло. И нив морам да ги доведам“ (Јован 10:16). Според тоа, кога зборувал со тие противници, тој се осврнал на надежта за живот на небото што ја има ‚малото стадо‘, но и на надежта за вечен живот на Земјата на милиони од ‚другите овци‘.
Надеж која не барала додатно објаснување
13. Што мислел Исус кога рекол: „Ќе бидеш со мене во Рајот“?
13 Додека трпел неописливи болки на маченичкиот столб, Исус јасно потврдил каква надеж им нуди Бог на луѓето. Еден злосторник, кој бил прикован покрај него, му рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ А Исус му ветил: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:42, 43). Бидејќи овој човек очигледно бил Евреин, не му требало додатно објаснување за тоа што е Рајот кој му го спомнал Исус. Веќе му била позната надежта за вечен живот на Земјата која ќе се исполни во иднина.
14. а) Од каде се гледа дека на апостолите им било тешко да ја разберат небесната надеж? б) Кога следбениците на Исус јасно ја разбрале небесната надеж?
14 Но, имало потреба Исус да даде објаснување на она што го кажал во врска со небесната надеж. Кога им рекол на своите ученици дека ќе оди на небото за да им приготви место, тие не разбрале за што им зборува. (Прочитај Јован 14:2-5.) Подоцна им рекол: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите. Но кога ќе дојде тој, духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16:12, 13). Дури по Педесетница 33 год. од н.е., кога биле помазани со Божјиот дух за да бидат идни цареви, следбениците на Исус сфатиле дека нивните престоли ќе бидат на небото (1. Кор. 15:49; Кол. 1:5; 1. Пет. 1:3, 4). Надежта за небесно наследство била откровение од Бог, и таа станала главна тема на вдахновените писма во Христијанските грчки списи. Но, дали овие писма ја потврдуваат и надежта за вечен живот на Земјата?
Што велат вдахновените писма?
15, 16. Како вдахновеното послание до Евреите и зборовите на Петар укажуваат на надежта за вечен живот на Земјата?
15 Во своето послание до Евреите, апостол Павле им се обратил на своите соверници со „свети браќа, учесници во небесниот позив“. Но, исто така рекол дека Бог му ја подложил на Исус и „идната населена земја“ (Евр. 2:3, 5, фус.; 3:1). Во Христијанските грчки списи, изворниот збор кој е преведен со „населена земја“ секогаш се однесува на Земја населена со луѓе. Според тоа, „идната населена земја“ е идното човечко општество на Земјата со кое ќе владее Исус Христос. Тогаш тој ќе го исполни следново Божје ветување: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:29).
16 И апостол Петар пишувал под водство на светиот дух за иднината на човештвото. Тој напишал: „Сегашните небеса и земја... се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Пет. 3:7). Што ќе ги замени небесата, односно човечките влади, како и злобното човечко општество, кои постојат сега? (Прочитај 2. Петрово 3:13.) Тие ќе бидат заменети со „нови небеса“ — односно, со Божјето месијанско Царство — и со „нова земја“ — односно со праведно општество од луѓе кои му служат на вистинскиот Бог.
17. Како е опишана во Откровение 21:1-4 надежта што им е дадена на луѓето?
17 Последната книга од Библијата нѐ допира до срце давајќи ни опис на човештвото кое е доведено до совршенство. (Прочитај Откровение 21:1-4.) На ова се надевале верните луѓе уште откако првиот човек го изгубил совршенството во градината Еден. Праведниците ќе живеат вечно во Рајот на Земјата и нема да стареат. Оваа надеж цврсто се темели и на Хебрејските и на Христијанските грчки списи, и ги зајакнува верните Јеховини слуги до ден-денес (Отк. 22:1, 2).
Можеш ли да објасниш?
• На што мислел Исус кога го спомнал „повторното создавање“?
• За што зборувал Исус со Никодим?
• Кое ветување му го дал Исус на злосторникот прикован покрај него?
• Како посланието до Евреите и зборовите на Петар ја потврдуваат надежта за вечен живот на Земјата?
[Слика на страница 8]
Кротките лица слични на овци ќе добијат вечен живот на Земјата
[Слики на страница 10]
Исус им зборувал на другите за вечен живот