Размислувај за она што Јехова го направил за тебе
КРАТКО по воскресението на Исус, двајца негови ученици пешачеле од Ерусалим за Емаус. Во Евангелието според Лука се вели: „Додека... разговараа и расправаа, им пристапи самиот Исус и тргна со нив. Но на нивните очи не им беше дадено да го препознаат“. Потоа тој ги прашал: ‚„За што расправате додека одите по патот?“ А тие, со жалосни лица, застанале‘. Зошто биле тажни? Учениците мислеле дека Исус во тоа време ќе го избави Израел од власта на незнабошците, но такво нешто не се случило. Тој бил погубен, и затоа тие биле тажни (Лука 24:15-21; Дела 1:6).
Исус продолжил да зборува со нив и ‚почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкувал она што е напишано за него во сите Писма‘. Всушност, во текот на неговата служба навистина се случиле многу значајни настани што можеле да им ја зајакнат верата на учениците! Додека слушале како тој им ги објаснува работите, нивната тага се претворила во радост. Подоцна таа вечер, тие рекле: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:27, 32). Што учиме од ова?
Како влијаат врз нас неисполнетите очекувања?
Двајцата ученици кои оделе по патот за Емаус биле тажни затоа што нивните очекувања не се исполниле. Им се случило она што е опишано во Изреки 13:12: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. И некои од нас кои верно му служат на Јехова со децении очекувале досега „големата неволја“ да дојде и да пројде (Мат. 24:21; Отк. 7:14). Разбирливо е што можеби се разжалостени бидејќи тоа очекување сѐ уште не се исполнило.
Но, сети се дека на двајцата ученици на Исус повторно им се вратила радоста откако тој им помогнал да размислат за пророштвата што веќе се исполниле. Всушност, некои пророштва се исполниле пред нивни очи. И ние можеме да останеме радосни и да се справиме со разочарувањето на сличен начин. Мајкл, еден искусен христијански старешина, го рекол следново: „Не мисли само на она што Јехова сѐ уште не го направил туку мисли на она што веќе го направил“. Навистина добар совет!
Што направил Јехова
Размисли за некои извонредни работи што Јехова веќе ги направил. Исус рекол: „Кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави и поголеми дела од овие“ (Јован 14:12). Денес, Божјите слуги прават поголеми дела во службата од кога и да е порано. Над седум милиони луѓе имаат надеж дека ќе ја преживеат големата неволја. Замисли си! Никогаш порано немало толку многу слуги на Јехова во толку многу земји низ целиот свет. Со Божја помош, навистина се исполниле пророчките зборови на Исус во врска со ‚делата кои се поголеми‘ од неговите.
Што друго направил Бог за нас? Во симболична смисла, им овозможил на искрените лица да излезат од злобниот свет и да влезат во духовниот рај што тој го создал (2. Кор. 12:1-4). Одвој време да размислиш за некои работи во тој рај што сега ни се лесно достапни. На пример, погледни ја твојата домашна библиотека или библиотеката во Салата на Царството. Пребарувај во Индексот или Библиотеката со публикации на Јеховините сведоци. Слушај некоја библиска драма. Оживеј ги во мислите спомените од некој неодамнешен конгрес. Размисли и за изградувачкото друштво на нашите христијански браќа и сестри. Колку дарежлив Бог е Јехова, кој во овој духовен рај ни дал братство полно со љубов и изобилна духовна храна!
Псалмистот Давид рекол: „Ти направи многу дела чудесни, о Јехова, Боже мој, и многу работи за нас си намислил“ (Пс. 40:5). Ако размислуваме за прекрасните работи што нашиот небесен Татко Јехова веќе ги направил за нас и за неговата постојана грижа, ќе бидеме зајакнати верно да истраеме додека му служиме со цело срце (Мат. 24:13).
[Слика на страница 31]
Исус им помогнал на своите ученици да размислат за она што Јехова веќе го направил за нив
[Слики на страница 32]
Оживеј ги во мислите спомените од некој неодамнешен конгрес