Зошто да се биде крстен?
„Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги“ (МАТЕЈ 28:19).
1, 2. а) Под какви околности се случиле некои крштавања? б) Кои прашања во врска со крштавањето се појавуваат?
ФРАНКСКИОТ цар Карло Велики ги присилил поразените Саксонци групно да се крстат во 775—777 н.е. „Ги принудил да се преобратат во номинално христијанство“, напишал историчарот Џон Лорд. На сличен начин, откако се оженил со една грчка православна принцеза, во 987 н.е., рускиот владетел Владимир I решил дека неговите поданици мора да станат „христијани“. Тој издал декрет за масовни крштавања на неговиот народ — ако треба и под закана со меч!
2 Дали биле пригодни таквите крштавања? Дали имаат вистинско значење? Дали треба да се крсти кој и да било?
Крштавање — како?
3, 4. Зошто попрскувањето или истурањето вода врз главата не е исправно христијанско крштавање?
3 Кога Карло Велики и Владимир I ги принудувале луѓето да се крстат, овие владетели не постапувале во согласност со Божјата реч. Всушност, нема никаква корист од тоа кога крштавањата вклучуваат попрскување, истурање вода врз главата, дури и подронување во вода на поединци, кои не биле поучени за библиската вистина.
4 Размисли што се случило кога Исус од Назарет отишол кај Јован Крстител во 29 н.е. Јован ги крштавал луѓето во реката Јордан. Тие доброволно доаѓале кај него да се крстат. Дали тој само барал да застанат во Јордан додека им истурал малку вода од реката врз главата или ги попрскувал со неа? Што се случило кога Јован го крстил Исус? Матеј известува дека откако бил крстен, ‚Исус веднаш излегол од водата‘ (Матеј 3:16). Тој бил во водата, подронет во реката Јордан. На сличен начин, побожниот етиопски евнух бил крстен во „вода“. Таква вода била потребна затоа што крштавањето на Исус и на неговите ученици вклучувало целосно подронување (Дела 8:36).
5. Како раните христијани ги крштавале луѓето?
5 Грчките зборови преведени со „крштава“, „крштавање“ итн. укажуваат на подронување, спуштање или потопување под вода. Еден речник вели: „Крштавање исправно и буквално значи подронување“ (Smith’s Bible Dictionary). Затоа, некои библиски преводи зборуваат за „Јован Подронувачот“ и „Јован Потопувачот“ (Матеј 3:1, Rotherham, Diaglott interlinear). Историја на христијанската религија и црква во текот на првите три века (History of the Christian Religion and Church, During the Three First Centuries) од Август Неандер забележува: „Крштавањето првобитно било вршено со подронување“. Едно познато француско дело коментира: „Првите христијани биле крстени со подронување секаде каде што можело да се најде вода“ (Larousse du XXe Siècle, Париз, 1928). А една енциклопедија вели: „Очигледно е дека во раната црква крштавањето било со подронување“ (New Catholic Encyclopedia, 1967, том II, страница 56). Затоа денес, кога некој се крштава како Јеховин сведок прави доброволен чекор што вклучува потполно подронување во вода.
Нова причина за крштавање?
6, 7. а) Со каква цел вршел крштавања Јован? б) Што било ново во врска со крштавањето на Исусовите следбеници?
6 Крштавањата што ги вршел Јован се разликувале во целта од подронувањата што ги извршувале Исусовите следбеници (Јован 4:1, 2). Јован ги крштавал луѓето како јавен симбол на нивното каење за гревовите направени против Законотa (Лука 3:3). Но, во крштавањето на Исусовите следбеници било вклучено нешто ново. На Пентекост 33 н.е., апостол Петар ги поттикнал своите слушатели: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за простување на вашите гревови“ (Дела 2:37—41). Иако им се обраќал на Евреи и на прозелити, Петар не зборувал за крштавањето како симбол на каење за гревовите направени против Законот; ниту, пак, мислел дека крштавањето во името на Исус претставува измивање на гревовите (Дела 2:10).
7 Во таа прилика Петар го употребил првиот од „клучевите на царството“. Со каква цел? За да им го отвори на своите слушатели спознанието за можноста да влезат во небесното Царство (Матеј 16:19). Со оглед на тоа дека Евреите го отфрлиле Исус како Месија, каењето и практикувањето вера во него биле еден нов и битен фактор за да се бара и за да се добие Божје простување. Тие можеле да дадат јавен доказ за таквата вера со тоа што ќе се подронеле во вода во името на Исус Христос. На тој начин го симболизирале своето лично предание на Бог преку Христос. Денес, сите кои сакаат божествено одобрување мораат да практикуваат слична вера, да му се предадат на Јехова Бог и да се подложат на христијанско крштавање како симбол на безрезервно предание на Највишиот Бог.
Неопходно точно спознание
8. Зошто христијанското крштавање не е за секого?
8 Христијанското крштавање не е за секого. Исус на своите следбеници им заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Пред да се крстат, луѓето мораат да бидат ‚поучени да држат сѐ што им заповедал Исус на своите ученици‘. Затоа принудните крштавања на оние на кои им недостига вера темелена на точно спознание на Божјата реч се безвредни и спротивни на налогот што им го дал Исус на своите вистински следбеници (Евреите 11:6).
9. Што значи да се биде крстен „во името на Таткото“?
9 Што значи да се биде крстен „во името на Таткото“? Тоа значи дека кандидатот за крштавање ги признава положбата и авторитетот на нашиот небесен Татко. На тој начин Јехова Бог е признат како наш Творец, „Севишен на целата земја“, и Универзален Суверен (Псалм 83:18; Исаија 40:28; Дела 4:24).
10. Што значи да се биде крстен ‚во името на Синот‘?
10 Да се биде крстен ‚во името на Синот‘ значи да се признаат положбата и авторитетот на Исус како Божји единороден Син (1. Јованово 4:9). Оние што се квалификуваат за крштавање го прифаќаат Исус како оној преку кого Бог обезбедил „откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28; 1. Тимотеј 2:5, 6). Кандидатите за крштавање мораат исто така да ја признаат ‚повисоката положба‘ на која Бог го возвишил својот Син (Филипјаните 2:8—11; Откровение 19:16).
11. Што е означено со крштавањето ‚во името на светиот дух‘?
11 Какво значење има крштавањето ‚во името на светиот дух‘? Ова покажува дека кандидатите за крштавање го признаваат светиот дух како активна сила на Јехова, која тој ја користи на различни начини во согласност со својата намера (Битие 1:2; 2. Самоил 23:1, 2; 2. Петрово 1:21). Оние што се квалификуваат за крштавање признаваат дека светиот дух им помага да ги сфатат „длабоките работи Божји“, да го извршат делото на проповедање на Царството и да ги покажуваат плодовите на духот „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (1. Коринќаните 2:10; Галатите 5:22, 23; Јоил 3:1, 2).
Важноста на каењето и преобраќањето
12. На кој начин христијанското крштавање е поврзано со каење?
12 Освен во случајот на безгрешниот човек Исус, крштавањето е симбол одобрен од Бог што е поврзан со каење. Кога се каеме, ние чувствуваме длабоко жалење, или покајување заради нешто што сме го сториле или сме пропуштиле да го сториме. Евреите од првиот век, кои сакале да му угодат на Бог, морале да се покаат за своите гревови против Христос (Дела 3:11—19). Некои нееврејски верници во Коринт се покајале за блуд, идолопоклонство, крадење и за други сериозни гревови. Поради своето каење, тие се ‚испрале‘ во Исусовата крв; се ‚осветиле‘, односно издвоиле за Божја служба; и биле ‚прогласени за праведни‘ во Христовото име и со Божјиот дух (1. Коринќаните 6:9—11). Каењето е битен чекор за да се добие чиста совест и олеснување од Бог поради вината за гревот (1. Петрово 3:21).
13. Во врска со крштавањето, што вклучува преобраќањето?
13 Пред да се крстиме како Сведоци на Јехова мора да дојде до преобраќање. Преобраќањето е доброволен чин кој слободно го прави оној што со цело срце донел одлука да го следи Христос Исус. Таквите поединци го отфрлаат својот поранешен погрешен правец и одлучуваат да го прават она што е исправно во Божји очи. Во Писмото, хебрејскиот и грчкиот глагол што се однесуваат на преобраќање имаат смисла на враќање, свртување. Ова дејство означува враќање од погрешниот пат кон Бог (1. Цареви 8:33, 34). Преобраќањето бара „дела кои прилегаат на покајание“ (Дела 26:20). Тоа бара да го напуштиме лажното обожавање, да постапуваме во склад со Божјите заповеди и да му дадеме исклучителна оддаденост на Јехова (Второзаконие 30:2, 8—10; 1. Самоил 7:3). Преобраќањето доведува до промени во нашето размислување, нашите цели и нашата личност (Езекиел 18:31). Ние се ‚свртуваме‘ кога безбожните особини ги заменуваме со новата личност (Дела 3:19; Ефешаните 4:20—24; Колошаните 3:5—14).
Битно е предание со цело срце
14. Што означува преданието на Исусовите следбеници?
14 На крштавањето на Исусовите следбеници мора да му претходи и предание на Бог со цело срце. Преданието означува одвојување за света цел. Овој чекор е толку важен што треба во молитва да му ја изразиме на Јехова нашата одлука да му даваме исклучителна оддаденост засекогаш (Второзаконие 5:9). Се разбира, ние не ѝ се предаваме на некоја работа или на некој човек, туку на самиот Бог.
15. Зошто кандидатите за крштавање се подложуваат на подронување?
15 Кога му се предаваме на Бог преку Христос, ние изразуваме одлучност да го користиме својот живот за да ја вршиме божествената волја, изложена во Писмото. Како симбол на тоа предание, кандидатите за крштавање се подложуваат на подронување во вода, како што бил крстен Исус во реката Јордан за да симболизира дека му се претставува на Бог (Матеј 3:13). Вредно е да се забележи дека во таа многу важна прилика Исус се молел (Лука 3:21, 22).
16. Како можеме пригодно да ја покажеме нашата радост кога гледаме како луѓето се крштаваат?
16 Исусовото крштавање било еден сериозен, но радосен настан. Такво е и денешното христијанско крштавање. Кога гледаме како луѓето го симболизираат своето предание на Бог, нашата радост можеме да ја изразиме преку учтив аплауз и срдечна пофалба. Но, навивање, свиркање и слични работи се избегнуваат од обѕир кон светоста на овој израз на верата. Нашата радост ја изразуваме на достоинствен начин.
17, 18. Што помага да се одреди дали поединците се квалификуваат за крштавање?
17 За разлика од оние што попрскуваат бебиња или ги присилуваат масите што немаат спознание за Библијата да се крстат, Јеховините сведоци никогаш не принудуваат некого да се крсти. Всушност, тие не ги крштаваат оние што не се духовно квалификувани. Дури и пред некој да може да стане некрстен проповедник на добрата вест, христијанските старешини се осигуруваат дали тој ги разбира основните библиски науки, дали живее во согласност со нив и дали дава потврден одговор на едно прашање од типот: „Дали навистина сакаш да бидеш Јеховин сведок?“
18 Со неколку исклучоци, кога поединците веќе ќе имаат значаен удел во делото на проповедање на Царството и кога ќе изразат желба да се крстат, старешините имаат дискусии со нив за да се осигураат дека тие се верници што му се предале на Јехова и ги исполнуваат божествените барања за крштавање (Дела 4:4; 18:8). Личните одговори на над 100 прашања за библиските науки им помагаат на старешините да одредат дали лицата што одговараат на тие прашања ги исполнуваат библиските барања за подронување. Некои не се квалификуваат и затоа не се прифатени за христијанско крштавање.
Дали поради нешто се воздржуваш?
19. Со оглед на Јован 6:44, кои ќе бидат Исусови придружни наследници?
19 На многу принудени учесници во масовните крштавања можеби им било кажано дека при смртта ќе одат на небо. Но, обраќајќи им се на своите следбеници што ги следеле неговите стапки, Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Јехова привлекол кон Христос 144.000 кои ќе му бидат придружни наследници во небесното Царство. Принудното крштавање никогаш не осветило некого за тоа славно место во Божјето уредување (Римјаните 8:14—17; 2. Солуњаните 2:13; Откровение 14:1).
20. Што би можело да им помогне на поединци кои сѐ уште не се крстени?
20 Особено од средината на 1930-тите, мноштва што се надеваат да ја преживеат „големата неволја“ и да живеат засекогаш на Земјата се придружуваат во редовите на Исусовите „други овци“ (Откровение 7:9, 14; Јован 10:16). Тие се квалификуваат за крштавање бидејќи ги довеле своите животи во согласност со Божјата реч и го љубат со ‚сето свое срце, душа, сила и ум‘ (Лука 10:25—28). Иако увидуваат дека Јеховините сведоци ‚го обожаваат Бог со дух и со вистина‘, некои луѓе сѐ уште не го следат Исусовиот пример и не даваат јавен доказ дека имаат вистинска љубов и исклучителна оддаденост кон Јехова со тоа што би се крстиле (Јован 4:23, 24; Второзаконие 4:24; Марко 1:9—11). Искрената и конкретна молитва во врска со овој битен чекор веројатно ќе им даде поттик и храброст целосно да се приспособат кон Божјата реч, безрезервно да му се предадат на Јехова Бог и да се крстат.
21, 22. Од кои причини некои се воздржуваат да се предадат и да се крстат?
21 Некои се воздржуваат од предание и крштавање затоа што се преокупирани со работите на светот или, пак, поради стремежот по богатство им останува малку време за духовни работи (Матеј 13:22; 1. Јованово 2:15—17). Колку само би биле тие среќни ако ги сменат своите гледишта и цели! Приближувањето кон Јехова ќе ги збогати духовно, ќе им помогне да ја ублажат тегобната грижа и ќе им донесе мир и задоволство што произлегуваат од вршењето на божествената волја (Псалм 16:11; 40:8; Пословици 10:22; Филипјаните 4:6, 7).
22 Други велат дека го љубат Јехова, но не му се предаваат и не се крштаваат бидејќи мислат дека на тој начин ќе избегнат одговорност. Но, секој од нас мора да положи сметка за себе пред Бог. Одговорноста врз нас дошла кога сме чуле за Јеховината реч (Езекиел 33:7—9; Римјаните 14:12). Како ‚избран народ‘, древните Израелци биле родени во нација што му била предадена на Јехова, и затоа имала обврска верно да му служи во согласност со неговите правила (Второзаконие 7:6, 11). Никој денес не се раѓа во таква нација, но ако сме добиле точни библиски упатства, треба да постапуваме според нив во вера.
23, 24. Поради кои стравови поединци не треба да се воздржуваат да се крстат?
23 Некои може да се воздржуваат од крштавање поради страв дека им недостига спознание. Сепак, сите ние имаме многу да учиме бидејќи ‚човек не може да ги постигне делата што Бог ги прави од почеток до крај‘ (Проповедник 3:11). Размисли за етиопскиот евнух. Како прозелит, тој имал некакво спознание за Писмото, но не можел да одговори на секое прашање во врска со Божјите намери. Меѓутоа, откако дознал за Јеховината подготовка за спасение преку откупната жртва на Исус, евнухот веднаш се подложил на крштавање во вода (Дела 8:26—38).
24 Некои се колебаат да му се предадат на Бог бидејќи се плашат од неуспех. Моника, која има 17 години, вели: „Се воздржувам од крштавање од страв да не не можам да живеам според моето предание“. Но, ако имаме доверба во Јехова со сето свое срце, ‚Тој ќе ги исправи нашите патеки‘. Ќе ни помогне да ‚одиме во вистината‘ како негови верни предадени слуги (Пословици 3:5, 6; 3. Јованово 4).
25. Кое прашање заслужува внимание сега?
25 Поради безрезервната доверба во Јехова и длабоката љубов кон него, секоја година илјадници се поттикнати да се предадат и да се крстат. И секако, сите предадени Божји слуги сакаат да му бидат верни. Сепак, живееме во критични времиња, и се соочуваме со различни испити на верата (2. Тимотеј 3:1—5). Што можеме да сториме за да живееме според нашето предание на Јехова? Ова ќе го разгледаме во следната статија.
[Фуснота]
a Со оглед на тоа што бил безгрешен, Исус не се крстил како симбол на каење. Неговото крштавање било симбол на тоа дека му се претставува на Бог за да ја врши волјата на својот Татко (Евреите 7:26; 10:5—10).
Се сеќаваш ли?
• На кој начин се врши христијанското крштавање?
• Какво спознание е потребно за некој да се крсти?
• Кои чекори водат до крштавање на вистинските христијани?
• Зошто некои се воздржуваат да се крстат, но како може да им се помогне?
[Слики на страница 14]
Дали знаеш што значи да се биде крстен ‚во името на Таткото, на Синот и на светиот дух‘?