Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Дела
БИБЛИСКАТА книга Дела на апостолите содржи опсежен историски извештај за основањето и за понатамошното ширење на христијанското собрание. Писател на оваа книга е лекарот Лука, а во неа живописно се прикажани активностите на христијаните во период од 28 години — од 33 до 61 год. од н.е.
Во првиот дел на книгата Дела главно се зборува за активностите на апостол Петар, а во вториот дел се зборува за службата на апостол Павле. Со тоа што ги користи заменките „ние“ и „нас“, Лука покажува дека тој бил очевидец на некои од настаните за кои известува. Ако обрнеме внимание на пораката од книгата Дела, ќе порасне нашето ценење за моќта на Божјата пишана реч и на неговиот свет дух (Евр. 4:12). Исто така, тоа ќе нѐ поттикне да бидеме самопожртвувани и ќе ја зајакне нашата вера и надеж во Царството.
ПЕТАР ГИ УПОТРЕБУВА „КЛУЧЕВИТЕ НА ЦАРСТВОТО“
Откако врз нив е излеан светиот дух, апостолите смело сведочат. Петар го употребува првиот од „клучевите на царството небесно“ за да ја отвори вратата на спознанието, и со тоа им е дадена можност на Евреите и на прозелитите кои ‚го прифаќаат она што тој го зборува‘ да влезат во Царството (Мат. 16:19; Дела 2:5, 41). Еден бран на прогонство ги распрснува учениците, но, благодарение на ова, се проповеда на уште поголемо подрачје.
Откако слушаат дека Самарија ја прифатила Божјата реч, апостолите во Ерусалим ги испраќаат Петар и Јован кај Самарјаните. Петар го употребува вториот клуч, давајќи им можност на Самарјаните да влезат во Царството (Дела 8:14-17). Можеби по неполна година од воскресението на Исус, Савле од Тарс доживува неверојатна преобразба. Во 36 год. од н.е., Петар го употребува третиот клуч, и бесплатниот дар на светиот дух е излеан врз необрежаните незнабошци (Дела 10:45).
Одговорени библиски прашања:
2:44-47; 4:34, 35 — Зошто верниците ги продавале своите сопствености и имоти, а приходот им го делеле на сите? Мнозина кои станале верници дошле од далечни места и немале доволно храна за да останат подолго време во Ерусалим. Сепак, се труделе да останат уште малку за да научат повеќе за својата нова вера и да им сведочат на другите. За да им помогнат на таквите, некои христијани ги продавале своите сопствености, а средствата потоа им биле поделени на оние што имале потреба.
4:13 — Дали Петар и Јован биле неписмени или необразовани? Не. За нив се вели дека биле „неуки и обични“ затоа што не добиле верска обука на рабински школи.
5:34-39 — Од каде знаел Лука што кажал Гамалиел на седницата на Судскиот совет кога таа била затворена за јавност? Има најмалку три можности: 1) Павле, кој порано му бил ученик на Гамалиел, му ги дал тие информации на Лука; 2) Лука зборувал со некој симпатизер од Судскиот совет, на пример, со Никодим; 3) Лука ги добил тие информации преку вдахновение од Бог.
7:59 — Дали Стефан му се молел на Исус? Не. Бидејќи треба да го обожаваме само Јехова Бог, нему му ги упатуваме и молитвите (Лука 4:8; 6:12). Во понормални околности, Стефан би му се молел на Јехова во името на Исус (Јован 15:16). Но, во оваа прилика Стефан го гледал во видение „Синот човечки како стои од десната страна на Бог“ (Дела 7:56). Бидејќи добро знаел дека на Исус му била дадена моќ да ги воскреснува мртвите, Стефан му зборувал директно нему — но не во молитва — барајќи да се сети на него и да го воскресне (Јован 5:27-29).
Поуки за нас:
1:8. Меѓународното дело на сведочење што го спроведуваат Јеховините слуги не може да се изврши без помош од светиот дух.
4:36 — 5:11. Јосиф од Кипар бил наречен Варнава, што значи „Син на утехата“. Можеби апостолите му го дале прекарот Варнава затоа што бил срдечен, љубезен и им помагал на другите. Ние треба да бидеме како него, а не како Ананија и Сапфира, кои се преправале дека се добри, а биле неискрени и дволични.
9:23-25. Не значи дека сме кукавици ако ги избегнуваме непријателите за да можеме да продолжиме да проповедаме.
9:28-30. Треба да бидеме претпазливи и внимателно да избираме каде и кога ќе проповедаме доколку со сведочењето во некои населби или на некои лица би се изложиле на опасност во физички, морален или духовен поглед.
9:31. Додека живееме во релативен мир, треба да се трудиме да ја зајакнеме нашата вера со тоа што ќе проучуваме и длабоко ќе размислуваме за тоа. Ова ќе ни помогне да одиме во страв од Јехова, така што ќе го применуваме она што го учиме и ќе бидеме ревносни во службата.
РЕВНОСНАТА СЛУЖБА НА ПАВЛЕ
Во 44 год. од н.е., Агав доаѓа во Антиохија, каде што Варнава и Савле поучуваат веќе „цела година“. Агав пророкува дека ќе завладее „голем глад“, и тоа навистина се случува две години подоцна (Дела 11:26-28). Откако ‚ја испорачуваат помошта во Ерусалим‘, Варнава и Савле се враќаат во Антиохија (Дела 12:25). Во 47 год. од н.е. — околу 12 години по преобраќањето на Савле — светиот дух ги испраќа Варнава и Савле на мисионерско патување (Дела 13:1-4). Во 48 год. од н.е., тие се враќаат во Антиохија, каде што се „доверени на Божјата незаслужена доброта“ (Дела 14:26).
Околу девет месеци подоцна, Павле (исто така познат како Савле) го избира Сила за свој придружник и тргнува на второ патување (Дела 15:40). Тимотеј и Лука му се придружуваат попат. Лука останува во Филипи, додека Павле продолжува прво кон Атина, а потоа кон Коринт, каде што се запознава со Акила и Прискила, и таму поминува година и пол (Дела 18:11). Оставајќи ги Тимотеј и Сила во Коринт, Павле ги зема со себе Акила и Прискила и оди со брод за Сирија некаде во почетокот на 52 год. од н.е. (Дела 18:18). Акила и Прискила го придружуваат до Ефес, и остануваат таму.
Откако останува некое време во сириска Антиохија, Павле тргнува на трето патување во 52 год. од н.е. (Дела 18:23). Во Ефес, ‚Јеховината реч силно расте и преовладува‘ (Дела 19:20). Павле останува таму околу три години (Дела 20:31). До Педесетница 56 год. од н.е., Павле е веќе во Ерусалим. Откако е уапсен, тој дава бестрашно сведоштво пред властите. Во Рим, овој апостол останува во куќен притвор две години (околу 59-61 год. од н.е.), и таму наоѓа начин да проповеда за Царството и да поучува „за Господарот Исус Христос“ (Дела 28:30, 31).
Одговорени библиски прашања:
14:8-13 — Зошто жителите на Листра го нарекле „Варнава... Зевс, а Павле Хермес“? Зевс бил главниот бог во грчката митологија, а неговиот син Хермес бил познат по својата речитост. Бидејќи Павле зборувал повеќе, луѓето од Листра го нарекле Хермес, а Варнава го нарекле Зевс.
16:6, 7 — Зошто светиот дух им забранил на Павле и на неговите соработници да проповедаат во Азија и Витинија? Поради тоа што имало само малку работници, светиот дух ги насочил на поплодни полиња.
18:12-17 — Зошто проконзулот Галион не се вмешал кога набљудувачите почнале да го тепаат Состен? Можеби Галион мислел дека човекот што го повел мноштвото против Павле си го добива она што си го барал. Сепак, по сѐ изгледа, овој настан имал добар исход затоа што на крајот Состен станал христијанин. Кога подоцна го спомнува Состен, Павле го нарекува „нашиот брат“ (1. Кор. 1:1).
18:18 — Каков завет дал Павле? Некои изучувачи сметаат дека Павле дал завет да живее како назареец (4. Мој. 6:1-21). Меѓутоа, Библијата не кажува точно каков завет дал Павле. Освен тоа, не кажува ни дали Павле го дал заветот пред или откако станал христијанин, ниту, пак, дали тој завет тогаш почнал или завршил. Како и да е, не било грев да се даде таков завет.
Поуки за нас:
12:5-11. Можеме и треба да се молиме за нашите браќа.
12:21-23; 14:14-18. Ирод желно ја прифатил славата што треба да му се оддаде само на Бог. Тоа било во чиста спротивност со ставот на Павле и Варнава, кои брзо и јасно одбиле да ја прифатат незаслужената слава и чест! Не треба да посакуваме слава за каков и да е успех што ќе го постигнеме во Јеховината служба.
14:5-7. Ако сме претпазливи, ќе можеме да останеме активни во службата (Мат. 10:23).
14:22. Христијаните очекуваат неволји. Тие не се трудат да ги избегнат со тоа што ќе прават отстапки во својата вера (2. Тим. 3:12).
16:1, 2. Младите христијани треба да се посветат на Божјата служба во собранието и да бараат помош од Јехова за да бидат на добар глас.
16:3. Треба да дадеме сѐ од себе за да им ја направиме добрата вест прифатлива на другите, се разбира, без да ги прекршиме библиските мерила (1. Кор. 9:19-23).
20:20, 21. Сведочењето од врата до врата е многу важен дел од нашата служба.
20:24; 21:13. Поважно е да му останеме верни на Бог отколку да си го зачуваме животот.
21:21-26. Треба спремно да ги прифаќаме добрите совети.
25:8-12. Денес христијаните можат и треба да го користат она што им го овозможува законот „во одбраната и во законското потврдување на правото да се проповеда добрата вест“ (Фил. 1:7).
26:24, 25. Треба да ги објавуваме ‚зборовите на вистината и на здравиот разум‘ иако тие се лудост за „телесниот човек“ (1. Кор. 2:14).
[Слика на страница 30]
Кога Петар ги употребил „клучевите на Царството“?
[Слика на страница 31]
Меѓународното дело на сведочење не може да се изврши без помошта од светиот дух