Поучувај јавно и од куќа до куќа
”Не отстапив од тоа . . . да ве поучувам јавно и од куќа до куќа.“ — ДЕЛА НА АПОСТОЛИТЕ 20:20, (Баингтон).
1. Како еден католички свештеник ја прокоментирал делотворноста на сведочењето на Јеховините сведоци од куќа до куќа?
”КАТОЛИЦИТЕ го носат евангелието од врата до врата.“ Така гласел насловот во весникот The Providence Sunday Journal од 4. октомври 1987. Весникот известил дека главната цел на оваа активност била да се ”повикаат некои неделотворни верници да се вратат на поактивен живот во парохијата.” Се наведува дека свештеникот Џон Алард, управник на Одделот за евангелизација при бискупијата во Провиденс, изјавил: ”Сигурно дека тука ќе има многу скептицизам. Луѓето ќе речат: ’Еве ги идат, исто како Јеховините сведоци.‘ Но, Јеховините сведоци се делотворни, зар не? Се обложувам дека можете да појдете во која и да е Царска сала во државата [Род Ајленд, САД] и да утврдите дека собранијата се полни со бивши католици.“
2. Кое прашање се поставува во врска со тоа?
2 Да, Јеховините сведоци се познати по својата делотворна служба од-куќа-до-куќа. Но, зошто тие одат од куќа до куќа?
Апостолска метода
3. (а) Каков налог им дал Исус Христос на своите ученици? (б) Кој е главниот начин на кој раните Христовите следбеници ја извршувале таа задача?
3 Исус Христос им го дал на своите следбеници следниот смисловен налог: ”Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крстејќи ги во името на Отецот, на Синот и на Светиот Дух, учејќи ги да ги држат сите работи што ви заповедав; и јас сум со вас во сите денови до завршетокот на системот“ (Матеј 28:19, 20). Главниот начин на кој тоа дело требало да се извршува станал очигледен на Денот на духови 33. н. е. ”Секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжија без престанок да учат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус.“ (Дела на апостолите 5:42). Околу 20 години подоцна апостол Павле бил вклучен во службата од куќа до куќа, бидејќи христијанските старешини од градот Ефес ги потсетил: ”Не се притеснував да ви кажам сѐ што беше корисно и да ве учам јавно и од куќа до куќа“ (Дела на апостолите 20:20).
4. Зошто можеме да кажеме дека зборовите од Дела на апостолите 5:42 и 20:20 значат дека проповедањето на Исусовите следбеници било распоредено од куќа до куќа?
4 Зборовите ”од куќа до куќа“ во Дела на апостолите 5:42 се превод на изразот кат’ оико́н. Зборот ката’ се користи во ”дистрибутивна“ (распределена) смисла. Значи, проповедањето на учениците било распределено, распоредено од една куќа до друга. Коментирајќи ги Дела на апостолите 20:20, Рендолф О. Јигер напишал дека Павле мислел ”и на јавните собири [демосиа́] и од куќа до куќа (дистрибутивното [ката] со акузатив). Павле поминал три години во Ефес. Ја посетил секоја куќа, или барем им проповедал на сите луѓе (стих 26). Тоа е библиско оправдување за евангелизмот од куќа до куќа, исто како и оној што се спроведува на јавните состаноци.“
5. Зошто можеме да кажеме дека Павле во Д. ап. 20:20 не мислел само на посетите на старешините или на пастирските посети?
5 Слична употреба на зборот ката’ се јавува во Лука 8:1, каде се говори за Исусовото проповедање ”од град до град и од село до село“. Павле во Дела на апостолите 20:20 употребил множина, кат’ оику́с. Во некои Библии тоа се преведува ”по домовите“. Но апостолот не мислел само на посети кај старешините или на пастирски посети во домовите на соверниците. Неговите следни зборови покажуваат дека говорел за службата од куќа до куќа меѓу неверниците, бидејќи рекол: ”Туку им дадов темелно сведоштво и на Евреите и на Грците за покајание кон Бог и вера во нашиот Господ Исус“ (Дела на апостолите 20:21). Соверниците веќе се покајале и покажале вера во Исус. Затоа Дела на апостолите 5:42 и 20:20 се однесуваат на проповедањето кај неверниците ”од куќа до куќа“, односно од врата до врата.
Не постои друг начин
6. Што е речено за Павловата проповедничка активност во Ефес?
6 Коментирајќи ги зборовите на Павле во Дела на апостолите 20:20, Абиел Абот Ливермор во 1844. година запишал: ”Тој не се задоволил само со тоа да држи говори на јавен собир или на некој друг начин да си го заштеди трудот, туку лично и ревно го вршел своето големо дело, од куќа до куќа и ја донесувал небеската вистина буквално во домовите, до огништата и срцата на Ефесјаните.“ Во едно подоцнежно дело е забележено: ”Ширењето на евангелието од куќа до куќа од почеток била карактеристика на христијаните од првиот век (Дела на апостолите 2:46; 5:42). (. . .) [Павле] темелно ја извршувал својата должност спрема Евреите и паганите во Ефес, и немало изговор за нив ако би изгинале во гревовите.“ (The Wesleyan Bible Commentary, том 4, стр. 642-643).
7. Зошто може да се рече дека Бог ја одобрува службата на Јеховините сведоци од куќа до куќа?
7 Иако јавното говорење имало свое место во објавувањето на добрата вест, тоа не е замена за личниот контакт на врата. Во врска со тоа, научникот Џозеф Адисон Александер рекол: ”Црквата сѐ уште не пронашла ништо што би го надоместило проповедањето по куќите или што би ја изедначило делотворноста на црквеното и таквото проповедање.“ А научникот О. А. Хилс рекол: ”Јавното учење и учењето од куќа до куќа мораат да одат рака под рака.“ Јеховините сведоци пружаат поуки преку говорите на своите неделни Состаноци за јавност. Исто така тие имаат јасни докази дека апостолската метода на ширење на библиската вистина од куќа од куќа е делотворна. А Јехова сигурно го одобрува тоа, зашто како последица на таквото проповедање, тој предизвикува секоја година илјадници да се слеваат кон неговото возвишено обожавање (Исаија 2:1-4; 60:8, 22).
8. (а) Што е речено за тоа зошто службата од куќа до куќа е делотворна? (б) Како можат Јеховините сведоци да бидат споредени со Павле во проповедањето на куќниот праг и другите начини на сведочење?
8 Во едно друго стручно дело се наведува: ”На луѓето им е полесно да го запамтат учењето на својот, отколку на црквениот праг.“ Павле редовно бил на куќните прагови и оставил прекрасен пример како Божји слуга. ”Не се задоволил само со учењето и говорењето во синагогата и на плоштадот“, напишал библичарот Едвин В. Рајс. ”Секогаш марливо ’поучувал‘ ’од куќа до куќа‘. Тоа била борба со злото од куќа до куќа, од рака в рака, лице в лице, борба што ја водел во Ефес за да ги придобие луѓето за Христос.“ Јеховините сведоци сфаќаат дека разговорите лице в лице со луѓето на куќните прагови се делотворни. Освен тоа, тие вршат повторни посети и радо разговараат дури и со противници ако тие поединци допуштат да се развие разумен разговор. Колку е тоа слично на Павле! Во врска со него Ф. Н. Пелубе́ напишал: ”Павловото дело не било исцрпено на состаноците. Без сомнение многу луѓе лично ги посетил во нивните домови секаде кадешто ќе дознаел дека некој се распрашува или е заинтересиран или дури се противи, а сака да разговара за религијата.“
Старешините треба да предводат
9. Каков пример им оставил Павле на старешините?
9 Каков пример оставил Павле за старешините, кој и самиот бил старешина? Покажал дека треба да бидат смели и неуморни во објавувањето на добрата вест од куќа до куќа. Во 1879, Џ. Гленворт Батлер напишал: ”[Ефеските старешини] знаеле дека (Павле) во проповедањето бил сосема ослободен од секаква помисла за лична опасност или популарност; дека не ускратил ништо од потребната вистина; дека не се задржувал еднострано на чудни или необични аспекти на вистината, туку поттикнувал само и на сѐ она што било корисно ’за потребите на поучување‘, за изградување: целиот Божји совет во сета своја чистота и потполност! А тоа верно ’искажување‘ на ова горливо ’поучување‘ за христијанската вистина било негов обичај, не само во школата на Тиран и на другите места на собирање на учениците, туку и во секој достапен дом. Од куќа до куќа и од душа до душа, катадневно ја носел радосната вест со желба и горливост слична на Христовата. До сите класи и раси, до непријателските Евреи и подбивните Грци, неговата единствена тема — онаа која потполно разложена, ги вклучувала сите други животоважни вистини — била покајанието кон Бог и вера во нашиот Господ Исус Христос.“
10, 11. (а) Што очекувал Павле од старешините во Ефес во врска со христијанската служба? (б) Во какво вид проповедање учествуваат Јеховините сведоци, вклучувајќи ги и старешините?
10 Значи, што Павле всушност очекувал од ефешките старешини? Научникот Е. С. Јанг ги парафразирал зборовите на апостолот на следниот начин: ”Не говорев само во јавноста, туку се трудев и од куќа до куќа, кај сите класи, и Евреи и пагани. Тема на мојата служба кај сите класи беше ’покајание кон Бог и вера во нашиот Господ Исус Христос.‘“ Изразувајќи ги Павловите зборови на поинаков начин, В. Б. Рајли напишал: ”Чистото значење било: ’Очекувам од вас да продолжите со она што го започнав јас, и да творите и учите, и очекувам од вас да не попуштате, како што ни јас не попуштав; да поучувате приватно и јавно како што правев јас по улиците и од куќа до куќа, да им сведочите еднакво и на Евреите и на Грците покајание кон Бог и вера во нашиот Господ Исус Христос, бидејќи тоа се темелни работи!“
11 Јасно дека во 20-то поглавје од Дела на апостолите Павле покажал дека тој како старешина очекува од останатите старешини да сведочат за Јехова од куќа до куќа. Со оглед на тоа, старешините од првиот век требало да предводат, пружајќи соодветен пример за другите членови на собранието. (Спореди со Евреите 13:17.) Значи, како Павле, Јеховините сведоци проповедаат од куќа до куќа, говорејќи им на луѓето од сите народи за Божјето Царство, за покајание кон Бог и вера во Исус Христос (Марко 13:10; Лука 24:45-48). А од именуваните старешини меѓу современите Јеховините Сведоци се очекува во таквата работа од куќа до куќа да преземат водство (Дела на апостолите 20:28).
12. Што одбиле да прават некои поранешни старешини, но во што предводат старешините денес?
12 Во 1879, Чарсл Тејз Расел почнал да го објавува списанието Сионска стражарска кула и гласник на Христовата присутност (Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence), сега наречен Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Расел и останатите Истражувачи на Библијата ја објавувале веста на Царството на апостолски начин. Меѓутоа, во подоцнежните години, некои собраниски старешини не живееле во склад со својата одговорност да сведочат. На пример, еден Сведок напишал: ”Сѐ одеше добро додека во 1927 не дојде известување дека сите треба да земат учество во сведочењето од куќа до куќа со литература, а особено во неделната работа од куќа до куќа. Нашите старешини кои се избрани со гласање се спротивставуваа на тоа и се обидоа да го обесхрабрат целиот клас да не земе учество во било кој вид од тоа дело.“ Со време, оние кои не земале учество во проповедањето од куќа од куќа, повеќе немале предност да служат како старешини. И денес од оние кои служат како старешини и слуги помошници се очекува да предничат во сведочењето од куќа до куќа и во другите видови на христијанската служба.
Сите се Сведоци
13. (а) Што треба да правиме дури и ако луѓето не ја слушаат веста на Царството? (б) Како може Павле да се спореди со Езекиел?
13 Со Јеховина помош, христијаните треба да ја објавуваат веста за Царството од куќа до куќа, дури и ако веста не е прифатена со благодарност. Како Божји стражар, Езекиел требало да ги предупредува луѓето без разлика слушале тие или не (Езекиел 2:5-7; 3:11, 27; 33:1-6). Повлекувајќи паралела помеѓу Езекиел и Павле, Е. М. Блејклок напишал: ”Од [Павловиот говор во Дела на апостолите, 20. поглавје] произлегува јасна слика за службата во Ефес. Да го забележиме следното: Како прво, Павловата верност со чувство на итност. Тој не барал слава или јавно одобрување. Поставен како Езекиел на стражарска задача, ја извршувал својата должност со искрена ревност и со карактер кои ги поддржувале неговите говори. Второ, бил полн со љубов и сочувствителност. Не бил човек кој бесчувствително би изговарал зборови на осуда. Трето, неуморно евангелизирал. Јавно и од куќа до куќа, во градот и по целата провинцијата, го проповедал евангелието.“
14. Зошто сведочењето е одговорност за секого кој му се предава на Јехова во молитва преку Исус Христос?
14 Божјиот обилен благослов кој е над денешните слуги без сомнение покажува дека му е драго што тие го носат името Јеховини сведоци (Исаија 43:10-12). Освен тоа, тие се и Христови сведоци, зашто Исус им рекол на своите следбеници: ”Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и по сета Јудеја и Самарија, сѐ до најоддалечениот дел на земјата.“ (Дела на апостолите 1:8). Значи, сведочењето е одговорност за секој што му се предава на Јехова Бог во молитва преку Исус Христос.
15. Што е речено за делото на сведочење на раните христијани?
15 За сведочењето е речено следното: ”Била вклучена целата црква. Одговорноста на мисионерскиот потфат не лежела само на Женското мисионерско друштво или на Одборот за мисионерство во странски земји. Исто така, делото на сведочење не им е препуштено на професионалци, како што се старешини, ѓакони или дури и апостоли. (. . .) Во тие први денови црквата била мисија. Мисионерската програма на раната црква се темелела на следните претпоставки: (1) Главна задача на црквата е светска евангелизација. (2) Одговорноста за проповедање на таа задача лежи на целата христијанска заедница.“ (Џ. Херберт Кејн).
16. Што признаваат дури и писателите во т. н. христијанство за христијаните и сведочењето?
16 Иако писателите во денешното т. н. христијанството не се согласуваат со веста за Царството, некои признаваат дека христијаните се обврзани да сведочат. На пример, во книгата Сите се проповедници (Everyone a Minister), Оскар Е. Фојхт забележува: ”Ниеден пастор не може да ја исполни обврската што Бог им ја дал на сите верници. За жал, со векови погрешното размислување во црквата ја направило задачата наменета за 500 верници да биде задача за само еден единствен пастор. Така не било во раната црква. Оние кои верувале оделе насекаде и ја проповедале Речта.“
17. Што може да се рече за тоа какво место заземало сведочењето во животот на раните христијани?
17 Сведочењето било најважна работа во животот на раните христијани, токму како што е тоа денес меѓу Јеховиниот народ. ”Говорејќи општо“, напишал Едвард Колдвел Мур од Хардвардскиот универзитет, ”карактеристика на првите три столетија од христијанското движење била огромната одушевеност за ширењето на верата. Евангелизацијата, говорењето на веста за спасение, било страст за христијаните. (. . .) Меѓутоа, ширењето на Исусовото влијание и учење во тој најран период, само во мал дел им се припишува на луѓето кои би требало да ги наречеме мисионери. Таа задача ја извршувале луѓе од секакви занаети и занимања и од сите општествени сталежи. (Тие) ја донеле таа тајна на внатрешниот живот до најоддалечените делови на [римското] царство, тој нов став кон светот, кој во нивното искуство претставувал спасение. (. . .) [Раното христијанство] било длабоко уверено во приближувањето на крајот на сегашниот светски поредок. Се верувало во ненадејното и чудесно воспоставување на новиот светски поредок.“
18. Која величествена надеж далеку ги надминува сништата на политичките водачи?
18 При сведочењето од куќа до куќа и преку другите видови на служба, Јеховините сведоци радосно ги упатуваат своите слушатели на новиот свет кој го ветил Бог. Проречените благослови на бескраен живот далеку ги надминуваат најзаносните сништа на денешните таканаречени градители на новиот светски поредок (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4). Би можело да се рече дека секој би сакал да живее во тој нов свет, но тоа не е случај. Но, да погледаме кои се некои од делотворните начини на кои Јеховините слуги денес можат да ги поучуваат оние кои го бараат вечниот живот.
Како би одговорил?
◻ Зошто можеме да речеме дека зборовите од Д. ап. 5:42 и 20:20 значат дека Исусовите следбеници треба да проповедаат од куќа до куќа?
◻ Како знаеме дека Бог ја одобрува службата на Јеховините сведоци од куќа до куќа?
◻ Што се бара во врска со службата од старешините и слугите помошници?
◻ Какво место треба да зазема сведочењето во животот на христијаните?
[Слика на страница 10]
Во 33. н. е. Исусовите ученици без престанок сведочеле од куќа до куќа
[Слика на страница 13]
Павле поучувал ”од куќа до куќа“. Тој вид на служба денес го извршуваат Јеховините сведоци