СЕДМО ПОГЛАВЈЕ
Се објавува „добрата вест за Исус“
Филип дава добар пример како проповедник на добрата вест
Се темели на Дела 8:4-40
1, 2. Каков спротивен ефект имал обидот да се спречи проповедањето во првиот век?
ХРИСТИЈАНИТЕ ненадејно ги зафаќа бран на жестоко прогонство. Савле му се нафрла на собранието — израз кој на изворниот јазик се користел за да означи бездушно и свирепо постапување (Дела 8:3). Бидејќи учениците мора да бегаат, на некои луѓе можеби им се чини дека Савле ќе успее да го задуши христијанството. Меѓутоа, кога христијаните се распрснуваат на сите страни, се случува нешто неочекувано. Што е тоа?
2 Оние што го напуштаат Ерусалим и се распрснуваат на разни страни почнуваат да ја објавуваат „добрата вест, речта Божја“ во местата каде што одат (Дела 8:4). Замисли си! Не само што прогонството не ги спречува Божјите слуги да ја проповедаат добрата вест туку, напротив, помага да ја рашират и на други места! Со тоа што ги присилуваат учениците да бегаат, прогонителите несакајќи помагаат пораката за Царството да се чуе и во далечни краишта. Како што ќе видиме, истото се случува и во поново време.
„Учениците што се распрснаа“ (Дела 8:4-8)
3. а) Кој бил Филип? б) Зошто повеќето жители на Самарија ја немале слушнато добрата вест, но што прорекол Исус дека ќе се случи во тој крај?
3 Еден од учениците што се распрснале бил и Филипa (Дела 8:4, види ја и рамката „Филип — ’проповедникот на добрата вест‘“). Тој заминал за Самарија, град каде што повеќето сѐ уште ја немале слушнато добрата вест затоа што Исус еднаш им го дал следново упатство на апостолите: „Не влегувајте во самариски град, туку одете кај загубените овци на Израеловиот дом“ (Мат. 10:5, 6). Сепак, Исус знаел дека ќе дојде време кога и жителите на Самарија ќе добијат темелно сведоштво бидејќи, пред да се вознесе на небото, рекол: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
4. Како реагирале Самарјаните на проповедањето на Филип, и веројатно од која причина биле толку позитивни?
4 Филип видел дека Самарија, во симболична смисла, е зрела за жетва (Јован 4:35). Неговата порака била вистинско освежување за Самарјаните, и лесно е да се сфати зошто. Евреите не одржувале контакти со нив, а мнозина дури и ги презирале. Спротивно на тоа, Самарјаните увиделе дека добрата вест им дава надеж на сите, без оглед на нивното потекло, и дека е во остра спротивност со тесноградите сфаќања на фарисеите. Филип ревносно и непристрасно им сведочел на Самарјаните, и така самиот покажал дека кај него нема ни трага од предрасудите што ги покажувале вообразените Евреи. Затоа, воопшто не е чудно што мноштво Самарјани „еднодушно“ го слушале Филип (Дела 8:6).
5-7. Наведи примери што покажуваат како протерувањето и затворањето на христијаните придонесуваат да се шири добрата вест.
5 Исто како во првиот век, и денес прогонството не успева да ги спречи Божјите слуги да проповедаат. Секогаш одново, протерувањето на христијаните од едно место во друго или нивното затворање само придонесува пораката за Царството да ја слушнат уште повеќе луѓе. На пример, во Втората светска војна, Јеховините сведоци имаа можност да проповедаат дури и во нацистичките концентрациони логори. Еден Евреин што таму се сретнал со Сведоците раскажува: „Моралната цврстина на Јеховините сведоци во логорот ме увери дека нивната вера се темели на Библијата, па затоа и самиот станав Сведок“.
6 Во некои случаи, дури и прогонителите добиле сведоштво и ја прифатиле пораката. На пример, кога бил преместен во логорот Гузен во Австрија, брат Франц Деш имал можност да ја проучува Библијата со еден есес-офицер. Замисли си колку биле радосни кога, по многу години, се сретнале на еден конгрес на Јеховините сведоци, но овој пат и двајцата како објавители на добрата вест!
7 Речиси истото се случува кога прогонството ги принудува христијаните да бегаат од една земја во друга. На пример, во 1970-тите години, Сведоците од Малави беа принудени да бегаат во Мозамбик, каде што беше дадено големо сведоштво. Иако подоцна беа прогонувани и Сведоците во Мозамбик, тие не престанаа да проповедаат. „Точно е дека некои од нас беа фатени и затворени повеќепати затоа што проповедаа“, вели Франсиско Коана. „Сепак, кога гледавме како мнозина ја прифаќаат пораката за Царството, бевме уверени дека Бог ни помага, исто како што им помагал на христијаните во првиот век.“
8. Какво влијание имаат политичките и економските промени врз проповедањето?
8 Се разбира, ширењето на христијанството на нови подрачја не е резултат само на прогонство. Политичките и економските промени во последниве децении, исто така, овозможија пораката за Царството да ја слушнат луѓе од многу националности што зборуваат на различни јазици. Некои од нив побегнале од подрачја погодени од војна или од сиромаштија и се преселиле во мирни и економски постабилни земји, каде што почнале да ја проучуваат Библијата. Поради ваквиот прилив на странци, во овие земји почна да се проповеда добрата вест и на други јазици. Дали и ти се трудиш да им сведочиш на луѓето „од сите народи и племиња и народности и јазици“ на твоето подрачје? (Отк. 7:9).
„Дајте ми ја и мене таа моќ“ (Дела 8:9-25)
9. Кој бил Симон, и што најверојатно го привлекло кон Филип?
9 Филип правел многу знаци во Самарија. На пример, излекувал голем број парализирани и сакати луѓе, па дури истерувал и нечисти духови (Дела 8:6-8). Еден човек бил посебно восхитен од способноста на Филип да прави чуда. Тоа бил Симон, кој се занимавал со гатање и бил толку почитуван што луѓето за него велеле: „Овој човек е Сила Божја“. Откако станал очевидец на вистинската сила Божја, која се гледала во чудата што ги правел Филип, Симон станал верник (Дела 8:9-13). Но, подоцна неговите мотиви биле ставени на испит. Како?
10. а) Што направиле Петар и Јован во Самарија? б) Што направил Симон кога видел дека новите ученици примиле свет дух штом Петар и Јован ги положиле рацете врз нив?
10 Кога виделе колку голем бил порастот во Самарија, апостолите ги испратиле таму Петар и Јован. (Види ја рамката „Петар ги користи ’клучевите на Царството‘“.) По пристигнувањето, тие ги положиле рацете врз новите ученици, и тогаш секој од нив примил свет дух.b Симон го видел ова и многу се заинтересирал за тој дар. „Дајте ми ја и мене таа моќ“, им рекол на апостолите, „та секој, врз кого ќе ги положам рацете, да прими свет дух!“ Тој дури им понудил пари за тоа, надевајќи се дека ќе може да ја купи таа сила што ја давал Бог! (Дела 8:14-19).
11. Каков совет му дал Петар на Симон, и како реагирал тој?
11 Петар строго му одговорил на Симон: „Твоето сребро нека пропадне со тебе, зашто мислеше со пари да го стекнеш Божјиот дар! Ти немаш ни најмал удел во ова, зашто твоето срце не е право пред Бог“. Потоа Петар го советувал Симон да се покае и да се моли за простување. „Сесрдно моли го Јехова“, му рекол тој, „за да ти биде простена умислата на твоето срце.“ Очигледно, Симон не бил злобен. Тој сакал да го прави она што е исправно, но во тој момент погрешно ги разбирал работите. Затоа ги преколнувал апостолите: „Вие сесрдно молете му се на Јехова за мене, за да не дојде на мене ништо од тоа што го рековте“ (Дела 8:20-24).
12. Што е „симонија“, и како христијанскиот свет паднал во таа стапица?
12 Укорот што Петар му го дал на Симон е предупредување за христијаните денес. Всушност, во многу јазици постои зборот „симонија“, кој е изведен на темел на оваа случка. „Симонија“ значи купување и продавање на положби и титули, особено во религиите. Историјата на отпадничкото христијанство е преполна со случаи на симонија. Во деветтото издание на Енциклопедија Британика (1878) се вели: „Ако се проучува историјата на римските папи, неминовно ќе се дојде до заклучокот дека ниту еден папа не бил избран без доза на симонија. Напротив, во голем број случаи, симонијата при ваквите избори била од најтежок, најбесрамен и најочигледен вид“.
13. Во која смисла христијаните мора да се чуваат од симонија?
13 Христијаните мора да се чуваат од симонија бидејќи тоа е грев. На пример, не треба да „фаќаат врски“ со тоа што ќе ги опсипуваат со подароци или со претерани фалби оние што им се чини дека можат да им дадат поголеми одговорности во собранието. Од друга страна, пак, оние за кои се мисли дека се во состојба да прават такви „услуги“ треба да внимаваат да не бидат пристрасни кон богатите. И во двата случаи би се работело за симонија. Всушност, секој Божји слуга треба да „се однесува како помал“ и да чека Јеховиниот дух да ги води работите при доделувањето задачи и одговорности во Божјето собрание (Лука 9:48). Во Јеховината организација нема место за никој што си „бара чест за себе“ (Изр. 25:27).
„Го разбираш ли тоа што го читаш?“ (Дела 8:26-40)
14, 15. а) Кој бил етиопскиот дворјанин, и како Филип го нашол? б) Како реагирал Етиопјанецот на пораката на Филип, и зошто не може да се каже дека избрзал со крштавањето? (Види ја фуснотата.)
14 Јеховиниот ангел му рекол на Филип да оди по патот што се спуштал од Ерусалим кон Газа. Ако Филип се прашувал зошто да оди таму, многу скоро го добил одговорот кога се сретнал со еден етиопски дворјанин кој на глас го читал пророкот Исаија. (Види ја рамката „’Евнух‘ или ’дворјанин‘?“) Јеховиниот свет дух го упатил Филип да се приближи до колата на тој етиопски дворјанин. Додека трчал покрај неа, тој го прашал Етиопјанецот: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“ А тој одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ (Дела 8:26-31).
15 Потоа го замолил Филип да се качи во колата и да седне до него. Можеш да си замислиш каков разговор воделе! Со векови не се знаело на кого се однесувале изразите „овца“ и „слуга“ од пророштвото на Исаија (Иса. 53:1-12). Меѓутоа, додека патувале заедно, Филип му објаснил на етиопскиот дворјанин дека ова пророштво се исполнило на Исус Христос. Исто како оние што се крстиле на Педесетница 33 год. од н.е., така и Етиопјанецот — кој веќе бил преобратеник во еврејската вера — веднаш знаел што треба да прави. „Еве вода!“ — рекол тој. „Што ме спречува да се крстам?“ И Филип веднаш го крстил!c (Види ја рамката „Крштавање во вода“.) Потоа Јеховиниот дух го однел Филип на друга задача, во Азот, каде што продолжил да ја објавува добрата вест (Дела 8:32-40).
16, 17. Како ангелите се вклучени во проповедањето денес?
16 Денес, христијаните имаат чест да учествуваат во истото дело што го вршел Филип. Тие честопати имаат можност да им ја пренесат пораката за Царството на луѓето што ги среќаваат, на пример, додека патуваат. Во многу случаи е очигледно дека средбата со некое искрено лице не била случајна. Ова е и за очекување, бидејќи Библијата јасно кажува дека ангелите го водат проповедничкото дело за да може пораката да му биде пренесена „на секој народ и племе и јазик и народност“ (Отк. 14:6). Токму тоа ангелско водство го прорекол и Исус. Во споредбата за пченицата и каколот, Исус кажал дека, во времето на жетвата — односно на свршетокот на овој поредок — „жетварите [ќе бидат] ангелите“. Тој додал дека овие духовни суштества „ќе ги соберат од неговото царство сите оние што ги наведуваат другите на грев и оние што вршат беззаконие“ (Мат. 13:37-41). Но, истовремено ангелите ќе ги соберат и идните владетели во небесното Царство — а подоцна и едно „големо мноштво“ од „други овци“ — кои Јехова сака да ги доведе во својата организација (Отк. 7:9; Јован 6:44, 65; 10:16).
17 Доказ дека се случува токму ова се зборовите на некои лица што ги среќаваме во службата кои велат дека, пред да се сретнеме со нив, го молеле Бог за помош. Размисли за она што им се случило на двајца објавители кои биле во служба со едно мало дете. Претпладнето веќе изминало, и двајцата Сведоци сакале да завршат со службата. Но, детето необично упорно ги терало да појдат и во следната куќа. Всушност, самото отишло до куќата и тропнало на вратата! Му отворила една млада жена, па двајцата Сведоци ѝ пристапиле да поразговараат. Многу се изненадиле кога им кажала дека само што го молела Бог да ѝ прати некој што ќе ѝ помогне да ја разбере Библијата. Веднаш бил договорен библиски курс!
18. Зошто не треба никогаш да заборавиме колкава чест е службата за нас?
18 Бидејќи си дел од христијанското собрание, ти имаш чест да служиш заедно со ангелите во проповедничкото дело кое денес се врши во невидени размери. Немој никогаш да заборавиш дека тоа е огромна чест! Ако трудољубиво и истрајно учествуваш во ова дело, ќе најдеш голема радост додека продолжуваш да ја објавуваш „добрата вест за Исус“ (Дела 8:35).
a Не станува збор за апостолот Филип, туку за Филип кој, како што беше спомнато во петтото поглавје од оваа книга, бил еден од седумте луѓе на добар глас, задолжени да го надгледуваат секојдневното делење храна на христијанските вдовици во Ерусалим кои зборувале грчки или хебрејски (Дела 6:1-6).
b По сѐ изгледа, новите ученици во тоа време обично биле помазувани, односно примале свет дух кога се крштавале. Со тоа добивале надеж дека еден ден ќе владеат како цареви и свештеници со Исус на небото (2. Кор. 1:21, 22; Отк. 5:9, 10; 20:6). Но, конкретно во овој случај, новите ученици не биле помазани кога се крстиле. Тие го примиле светиот дух — како и дарот да прават чуда со помош на тој дух — дури откако Петар и Јован положиле раце врз новокрстените христијани.
c Етиопјанецот не избрзал со крштавањето. Бидејќи бил преобратеник во еврејската вера, тој веќе ги познавал светите списи, во кои биле запишани и пророштвата за Месијата. Откако дознал каква улога има Исус во Божјата намера, тој можел веднаш да се крсти.