Тие ја извршиле Јеховината волја
Филип крштава еден етиопски службеник
ДОДЕКА се возел во својата двоколка, еден Етиопјанец мудро го користел своето време. Тој читал гласно — вообичаена практика меѓу патниците во првиот век. Овој особен човек бил службеник, „властелин на Кандакија, етиопската царица“.a Тој бил „чувар на сите нејзини ризници“ — всушност, бил министер за финансии. Овој службеник читал од Божјата Реч за да стекне спознание (Дела 8:27, 28).
Во близина бил евангелистот Филип. Еден ангел го упатил на оваа локација и сега му било речено: „Приближи се и застани до колата!“ (Дела 8:26, 29). Можеме да си замислиме како Филип се прашува: ‚Кој е овој човек? Што чита? Зошто сум упатен кај него?‘
Додека Филип трча покрај двоколката, наслушува како Етиопјанецот ги чита овие зборови: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори. Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата“ (Дела 8:32, 33).
Филип веднаш го препознал извадокот. Тоа бил списот на Исаија (Исаија 53:7, 8). Етиопјанецот бил зачуден од она што го читал. Филип почнал разговор прашувајќи: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ Етиопјанецот одговорил: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Потоа го замолил Филип да му се придружи во неговата двоколка (Дела 8:30, 31).
„Што ми пречи да се крстам?“
„Те молам“ — му рекол Етиопјанецот на Филип — „за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?“ (Дела 8:34). Зачуденоста на Етиопјанецот не била изненадувачка, бидејќи идентитетот на ‚овцата‘, односно ‚слугата‘ од Исаииното пророштво долго време бил мистерија (Исаија 53:11). Сигурно, колку само јасно било ова кога Филип ‚му благовестил [му ја објавил добрата вест, НС] за Исуса‘ на Етиопјанецот! По кратко време, Етиопјанецот рекол: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“ Така Филип веднаш го крстил (Дела 8:35—38).
Дали ова било брза постапка? Воопшто не! Етиопјанецот бил еврејски прозелит.b Затоа тој веќе бил обожавател на Јехова со спознание за Светото писмо, вклучувајќи ги и Месијанските пророштва. Меѓутоа, неговото спознание било непотполно. Сега кога ја добил оваа животоважна информација за улогата на Исус Христос, Етиопјанецот разбрал што бара Бог од него и бил спремен да се потчини. Крштавањето било соодветно (Матеј 28:18—20; 1. Петрово 3:21).
Потоа, ‚Јеховиниот дух брзо го одвел Филипа‘ (НС). Тој отишол на друга доделба. Етиопјанецот ‚радосно го продолжил својот пат‘ (Дела 8:39, 40).
Поука за нас
Како Јеховини денешни слуги, ние имаме обврска да им помагаме на поединците со чесни срца да ја научат вистината од Божјата Реч. Многумина имале успех во презентирањето на добрата вест на други додека патувале или во други неформални околности. Како резултат на делото на проповедање на Царството, секоја година стотици илјади го симболизираат своето предание на Јехова Бог со тоа што се крштаваат.
Се разбира, со поновите не треба да се брза да се крстат. Првин мораат да стекнат точно спознание за Јехова Бог и за неговиот Син, Исус Христос (Јован 17:3, НС). Потоа мораат да се покајат, да го отфрлат неисправното однесување и да се преобратат за да се прилагодат на Божјите мерила (Дела 3:19). За тоа е потребно време, особено доколку неисправното размислување и однесување се длабоко вкоренети. Иако новите треба да го пресметаат трошокот на тоа да се биде христијански ученик, од стапувањето во еден предаден однос со Јехова Бог произлегуваат огромни благослови. (Спореди Лука 9:23; 14:25—33.) Оние кои се Сведоци на Јехова, одушевено ги упатуваат ваквите нови кон организацијата што Бог ја користи за да ја изврши својата волја (Матеј 24:45—47). Како Етиопјанецот, и овие нови ќе се радуваат да учат и да се прилагодат на она што Бог го бара од нив.
[Фусноти]
a „Кандакија“ не е име, туку титула (слично на „фараон“ и „цезар“), што се применувала на низа етиопски царици.
b Прозелитите биле не-Израелци кои избрале да се држат за Мојсеевиот Закон (3. Мојсеева 24:22).
[Рамка на страница 8]
Зошто е наречен евнух?
Низ целиот извештај во Дела, поглавје 8, на Етиопјанецот се укажува како на „евнух“ (НС). Меѓутоа, поради тоа што Мојсеевиот Закон не примал во собранието кастрирано машко, овој човек очигледно не бил евнух во дословна смисла (5. Мојсеева 23:1). Грчкиот збор за „евнух“ може да се однесува на некоја личност во висока служба. Според тоа, Етиопјанецот бил службеник на етиопската царица.