Дали го цениш Јехова како наш Грнчар?
О Јехова... ти си нашиот Грнчар и сите сме дело на твоите раце (ИСА. 64:8)
1. Зошто Јехова е најголемиот Грнчар?
ВО НОЕМВРИ 2010 год., на аукција во Англија биле понудени речиси 70 милиони долари за една кинеска керамичка вазна од 18 век. Просто неверојатно е како еден грнчар може да обликува еден толку обичен и евтин материјал во прекрасно и скапоцено ремек-дело! Но, ниту еден грнчар на Земјата не може ни оддалеку да се спореди со Јехова. Библијата вели дека тој создал совршен човек „од земниот прав“, односно глина, и го обдарил со способност да ги одразува особините на својот Творец (1. Мој. 2:7). Овој совршен човек, Адам, со право бил наречен „син на Бог“ (Лука 3:38).
2, 3. На кој начин може да покажеме ист став како Израелците кои се каеле?
2 Кога се побунил, Адам го отфрлил Бог како свој Татко. Но, многу од неговите потомци решиле да му се подложат на Јехова како на Севишен Владетел (Евр. 12:1). Со тоа што понизно го слушаат својот Творец, тие покажуваат дека сакаат Тој да биде нивни Татко и Грнчар, а не Сатана (Јован 8:44). Нивната верност кон Бог нѐ потсетува на следниве зборови што му ги кажале Израелците кои се покајале: „О Јехова, ти си наш Татко. Ние сме глина, а ти си нашиот Грнчар, и сите сме дело на твоите раце“ (Иса. 64:8).
3 Како вистински Божји слуги, ние денес даваме сѐ од себе да бидеме понизни и послушни. За нас е чест што може да го наречеме Јехова свој Татко, и сакаме тој да биде нашиот Грнчар. Дали сме спремни да бидеме мека глина која Бог може да ја обликува во скапоцен сад? Дали го гледаме секој наш брат или сестра како глина која Јехова сѐ уште ја обликува? Во оваа статија ќе разгледаме како Јехова избира кого ќе го обликува, зошто го обликува и како го прави тоа.
ЈЕХОВА ИЗБИРА КОГО ЌЕ ГО ОБЛИКУВА
4. Како Јехова избира кого ќе го привлече кон себе? Наведи примери.
4 Кога ги набљудува луѓето, Јехова не обрнува внимание на нивната надворешност. Напротив, тој го испитува срцето и гледа какви се навистина однатре. (Прочитај 1. Самоилова 16:7б.) Јехова го покажал ова кога го основал христијанското собрание. Тој привлекол кон себе и кон својот Син многу луѓе што некои ги сметале за безвредни или непожелни (Јован 6:44). Еден таков човек е фарисејот Савле, кој бил „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Но, Јехова го испитал неговото срце и видел дека не е неупотреблива глина (Изр. 17:3). Наместо тоа, сметал дека Савле може да биде обликуван во „избран сад“ кој ќе им проповеда „на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:15). Јехова избрал и други кои можеле да бидат обликувани во садови „за благородна употреба“, меѓу кои имало луѓе што порано вршеле неморал, биле пијаници или крадци (Рим. 9:21; 1. Кор. 6:9-11). Додека ги проучувале светите списи, тие изградиле вера во Бог и дозволиле тој да ги обликува.
5, 6. Како тоа што го прифаќаме Јехова како наш Грнчар влијае врз ставот што го имаме кон а) луѓето на кои им проповедаме? б) браќата и сестрите?
5 Ние имаме доверба дека Јехова може да ги чита срцата и да ги привлече кон себе оние кои самиот ќе ги избере. Затоа не треба да им судиме на луѓето на кои им сведочиме и на браќата во собранието. Да го разгледаме примерот на Мајкл. Кога Јеховините сведоци доаѓале да му проповедаат, едноставно им ја затворал вратата. Тој вели: „Навистина бев многу груб! Подоцна се запознав со едно семејство кое многу го ценев поради доброто однесување. Но, кога дознав дека се Јеховини сведоци, се шокирав! Нивното постапување ме поттикна да размислам зошто имам предрасуди кон Сведоците. Набрзо сфатив дека имам таков став затоа што не знаев речиси ништо за нив. Имав слушано само гласини“. Бидејќи сакал да ги дознае фактите, Мајкл се согласил да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Подоцна се крстил и започнал со полновремена служба.
6 Тоа што го прифаќаме Јехова како Грнчар влијае и врз нашиот став кон соверниците. Тој не ги гледа како готов производ, туку како садови кои сѐ уште ги обликува. Дали и ние ги гледаме така? Јехова знае какви се навистина однатре и знае дека нивната несовршеност е само привремена. Освен тоа, знае во какви скапоцени личности може да ги обликува со своите вешти раце (Пс. 130:3). Ќе се угледаме на Јехова ако и ние имаме позитивен став кон нашите браќа и сестри. Можеме дури и да соработуваме со нашиот Грнчар за да им помагаме духовно да напредуваат (1. Сол. 5:14, 15). Старешините во собранието треба да дадат добар пример во овој поглед (Еф. 4:8, 11-13).
ЗОШТО ЈЕХОВА НЀ ОБЛИКУВА?
7. Зошто ги цениш советите и укорот од Јехова?
7 Некои луѓе можеби велат: „Почнав вистински да ги ценам советите и исправките што ми ги даваа родителите дури откако самиот станав родител“. Кога ќе стекнеме поголемо искуство во животот, можеби ќе почнеме да гледаме на советите и укорот како што гледа Јехова — како израз на љубов. (Прочитај Евреите 12:5, 6, 11.) Токму затоа што нѐ сака како свои деца, тој стрпливо нѐ укорува, односно нѐ обликува. Како наш Татко, Јехова сака да бидеме мудри и среќни, и да му возвратиме со љубов (Изр. 23:15). На Бог не му е мило кога гледа дека страдаме, и не сака да умреме како непокајнички грешници (Еф. 2:2, 3).
8, 9. а) Како Јехова го користи духовниот рај за да нѐ обликува денес? б) Како Јехова ќе продолжи да нѐ поучува во новиот свет?
8 Можеби порано сме имале многу лоши, па дури и ѕверски особини. Но, откако сме го запознале Јехова, тој нѐ обликувал и ни помагал да се смениме. Како резултат на тоа, сме стекнале убави особини со кои повеќе наликуваме на јагниња (Иса. 11:6-8; Кол. 3:9, 10). Денес живееме во духовен рај, каде што Јехова продолжува да нѐ обликува. Благодарение на духовната благосостојба во која уживаме, ние се чувствуваме безбедно иако сѐ уште сме опкружени со злобни луѓе. Оние што пораснале во семејство во кое немало љубов сега се чувствуваат вистински сакани од своите духовни браќа и сестри (Јован 13:35). Освен тоа, сме научиле како и самите да покажуваме љубов кон другите. Најважно од сѐ, сме го запознале Јехова и ја чувствуваме неговата татковска љубов (Јак. 4:8).
9 Во новиот свет, ќе извлечеме потполна корист од духовниот рај. Тогаш ќе живееме и во дословен рај под власта на Божјето Царство. Во тоа време на обнова, Јехова ќе продолжи да нѐ обликува и да нѐ поучува на начин што сега не можеме ни да го замислиме (Иса. 11:9). Тој ќе ни помогне да стекнеме совршен ум и совршено тело. Така ќе можеме полесно да ја разбереме неговата волја и да ја вршиме во целост. Ако и понатаму му дозволуваме на Јехова да нѐ обликува, ќе му покажеме дека тоа за нас е доказ дека нѐ сака (Изр. 3:11, 12).
КАКО ЈЕХОВА НЀ ОБЛИКУВА
10. Во кој поглед Исус бил вешт и стрплив како Големиот Грнчар?
10 Како вешт грнчар, Јехова добро го знае видот и квалитетот на „глината“ која е во неговите раце. Тој нѐ обликува како поединци, земајќи ги предвид нашите лични слабости, ограничувања и степен на духовна зрелост. (Прочитај Псалм 103:10-14.) Самиот Исус покажал каков став има Јехова кон своите несовршени слуги. На пример, да размислиме како тој се справувал со слабостите на своите апостоли, кои понекогаш се расправале околу тоа кој од нив е најголем. Да си бил сведок на тие вжештени расправии, дали ќе си помислел дека апостолите се мека глина која лесно се обликува? Најверојатно не. Сепак, Исус немал негативен став кон нив. Тој продолжил да ги советува љубезно и стрпливо. Бил уверен дека неговите верни апостоли можат да бидат обликувани ако ги слушаат неговите совети и ако се трудат да бидат понизни како него (Мар. 9:33-37; 10:37, 41-45; Лука 22:24-27). Откако Исус воскреснал, апостолите го примиле Божјиот дух и повеќе не им било важно кој од нив е најголем. Наместо тоа, се зафатиле со делото што им го доверил (Дела 5:42).
11. Зошто може да се каже дека Давид бил мека глина, и како може да го следиме неговиот пример?
11 Денес, Јехова главно ги обликува своите слуги преку својата Реч, светиот дух и христијанското собрание. Како може Библијата да нѐ обликува? Треба да ја читаме, да размислуваме за прочитаното и да го молиме Јехова да ни помогне да го примениме она што сме го научиле. Цар Давид напишал: „Кога ќе се сетам на тебе в постела, за време на ноќните стражи, размислувам за тебе“ (Пс. 63:6). Тој исто така напишал: „Ќе го благословувам Јехова, кој ме советува. Ноќе ме опоменуваат моите најскриени чувства“ (Пс. 16:7, фус.). Давид дозволил Јеховините совети — дури и кога биле многу строги — да влезат длабоко во него, и да ги обликуваат неговите најскриени мисли и чувства (2. Сам. 12:1-13). Давид ни дал прекрасен пример за понизност и послушност. Затоа, прашај се: „Кога ја читам Библијата, дали размислувам за неа и дали дозволувам Божјите совети да влијаат врз моите најдлабоки мисли и чувства? Дали можам да го правам тоа во уште поголема мера? (Пс. 1:2, 3).
12, 13. Како Јехова нѐ обликува преку светиот дух и христијанското собрание?
12 Светиот дух може да нѐ обликува на разни начини. На пример, може да ни помогне да бидеме послични на Исус и да ги покажуваме плодовите на духот (Гал. 5:22, 23). Еден од тие плодови е љубовта. Од љубов кон Бог, ние сакаме да му бидеме послушни и сакаме да бидеме обликувани од него бидејќи сме свесни дека неговите заповеди се за наше добро. Освен тоа, светиот дух може да ни даде сила да се спротивставиме на овој злобен свет кој сака да нѐ притисне во својот калап (Еф. 2:2). Како млад, апостол Павле бил под влијание на горделивите еврејски верски водачи. Но, светиот дух му помогнал да се промени. Подоцна тој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). И ние треба да го молиме Јехова за свет дух, уверени дека тој ќе одговори на нашите искрени молитви (Пс. 10:17).
13 Јехова ги користи собранието и старешините за да го обликува секого од нас. На пример, ако забележат дека имаме некоја слабост, старешините ќе се обидат да ни помогнат. Сепак, нема да ни дадат совети кои се темелат на човечко размислување (Гал. 6:1). Наместо тоа, тие понизно го молат Јехова за разбирање и мудрост. Потоа истражуваат во Библијата и во нашите публикации за да најдат мисли кои можат да ни помогнат. Ако старешините со љубов ти дадат совет, можеби во врска со начинот на кој се облекуваш, сети се дека тоа е доказ оти Бог те сака. Ако го примениш она што ќе ти го кажат, ќе бидеш како мека глина која Јехова може да ја обликува, и тоа сигурно ќе биде за твое добро.
14. Иако има моќ да нѐ обликува како што сака, на кој начин Јехова покажува почит кон нашата слободна волја?
14 Ако сфатиме како Бог нѐ обликува, ќе може да си ги подобриме односите со соверниците. Исто така, тоа ќе ни помогне да имаме позитивен став кон луѓето на кои им проповедаме и со кои ја проучуваме Божјата Реч. Грнчарот не зема каква и да било глина и не почнува веднаш да ја обликува. Тој најпрво ја подготвува така што ги отстранува камчињата и другите нечистотии. На сличен начин, Јехова не избира кого и да било, туку им помага само на оние поединци кои сакаат да бидат обликувани. Бидејќи ја почитува нивната слободна волја, тој не ги присилува да се менуваат, туку ги поучува за своите праведни мерила. На тој начин, тие можат сами да одлучат дали ќе го исчистат својот живот и дали ќе ги направат потребните промени.
15, 16. Како оние со кои ја проучуваме Библијата покажуваат дека сакаат Јехова да ги обликува? Наведи пример.
15 Да го разгледаме примерот на Теси, една сестра од Австралија. Нејзе воопшто не ѝ било тешко да ги разбере библиските вистини. И покрај тоа, не напредувала многу во духовен поглед. Дури не одела ни на состаноци. Сестрата што ја поучувала за Библијата му се молела на Јехова во врска со тоа, и одлучила да прекинат со проучувањето. Но, тогаш се случило нешто неочекувано. Додека проучувале, Теси си го отворила срцето и ѝ кажала на оваа сестра зошто не напредува. Ѝ рекла дека се чувствува како лицемер бидејќи многу сака да се коцка. Сепак, донела одлука да се откаже од таа лоша навика.
16 Кратко потоа, Теси почнала да оди на состаноците и да покажува христијански особини иако некои нејзини поранешни пријателки ја исмејувале. Со текот на времето, Теси се крстила и станала општ пионер, и покрај тоа што имала мали деца. Ова јасно покажува дека, кога лицата со кои проучуваме почнуваат да го чистат својот живот за да му угодат на Бог, тој им се приближува и ги обликува во скапоцени садови.
17. а) Зошто сакаш Јехова да биде твој Грнчар? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во следната статија?
17 Денес некои грнчари сѐ уште рачно и внимателно изработуваат прекрасни садови од глина. На сличен начин, Јехова стрпливо нѐ поучува преку своите совети, и будно набљудува како реагираме на нив. (Прочитај Псалм 32:8.) Дали сфаќаш дека Јехова е заинтересиран лично за тебе? Дали гледаш како внимателно те обликува со своите грижливи раце? Ако да, кои особини ќе ти помогнат да останеш мека глина која тој може и понатаму да ја обликува? Од кои особини и постапки треба да се чуваш за да не станеш како тврда и неупотреблива глина? И како родителите можат да соработуваат со Јехова додека тој ги обликува нивните деца? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.