ДЕВЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Бог не е пристрасен“
Христијаните им проповедаат на необрежаните не-Евреи
Се темели на Дела 10:1 — 11:30
1-3. Какво видение добил Петар, и зошто треба да го разбереме неговото значење?
ЕСЕН е, 36 год. од н.е. Топлите сончеви зраци го облеваат Петар, кој тоа попладне се моли на рамниот покрив на една куќа покрај морето, во пристанишниот град Јопа. Оваа куќа, во која апостолот престојува веќе некое време, му припаѓа на кожарот Симон. Тоа што престојувал кај кожар покажува дека, за разлика од своите сонародници, Петар, донекаде, нема предрасуди. Всушност, ретко кој Евреин би ноќевал кај таков човек!a Како и да е, тој наскоро ќе научи уште една важна работа во врска со непристрасноста на Јехова.
2 Додека се моли, Петар паѓа во занес, и гледа видение од кое би се вознемирил секој Евреин! Од небото се спушта нешто како големо платно во кое има животни што се нечисти според Законот. Кога еден глас му вели да ги заколе и да ги јаде, Петар одговара: „Никогаш не сум јал нешто валкано и нечисто!“ Но, гласот дури трипати му вели: „Не викај го валкано она што Бог го очистил!“ (Дела 10:14-16). Петар е збунет од видението — но, не за долго.
3 Што значело ова видение? Важно е да го дознаеме неговото значење, бидејќи тоа содржи една длабока вистина за начинот на кој Јехова ги гледа луѓето. А како вистински христијани, не би можеле темелно да сведочиме за Божјето Царство доколку и самите не ги гледаме луѓето како што ги гледа Бог. За да откриеме што значело видението кое го добил Петар, да ги разгледаме подетално необичните околности во кои се случило.
„Непрестајно му упатуваше сесрдни молитви на Бог“ (Дела 10:1-8)
4, 5. Кој бил Корнелиј, и што се случило додека се молел?
4 Петар воопшто не бил свесен дека, само ден пред тоа, во Цезареја, која се наоѓала 50-ина километри на север, еден човек по име Корнелиј исто така добил видение од Бог. Тој бил стотник во римската војска и бил „побожен човек“.b Освен тоа, многу добро се грижел за своето семејство, бидејќи се боел „од Бог, како и сите во неговиот дом“. Не бил преобратеник во еврејската вера, туку необрежан не-Евреин. Сепак, покажувал сочувство кон сиромашните Евреи и им давал материјална помош. Овој искрен човек непрестајно му упатувал „сесрдни молитви на Бог“ (Дела 10:2).
5 Околу 3 часот попладне, додека се молел, Корнелиј добил видение во кое еден ангел му рекол: „Твоите молитви и милосрдни дела се вознесоа кај Бог и тој се сети на нив“ (Дела 10:4). Тој ги послушал упатствата што потоа ангелот му ги дал и испратил луѓе да го доведат апостол Петар. Како необрежан не-Евреин, овој човек наскоро требало да влезе низ една симболична врата која дотогаш била заклучена за него. По кратко време, требало да ја слушне пораката за спасение.
6, 7. а) Наведи еден пример што покажува дека Бог одговара на молитвите на искрените лица кои сакаат да ја дознаат вистината за него. б) Што можеме да заклучиме од ваквите случаи?
6 Дали Бог одговара и денес на молитвите на искрените луѓе кои сакаат да ја дознаат вистината за него? Да разгледаме еден пример. Една жена во Албанија зела Стражарска кула во која имало статија за воспитување на децата.c Таа ѝ го рекла следново на сестрата што ѝ дошла на врата: „Нема да верувате дека му се молев на Бог да ми помогне во воспитувањето на моите ќерки! Тој ве испратил! Ми го донесовте токму тоа што ми требаше!“ Жената и нејзините ќерки почнале да ја проучуваат Библијата, а подоцна им се придружил и нејзиниот сопруг.
7 Дали ова е единствениот ваков случај? Се разбира дека не! Вакво нешто се повторува постојано низ целиот свет — премногу често за да биде случајно. Според тоа, што можеме да заклучиме? Прво, Јехова одговара на молитвите на искрените лица кои го бараат (1. Цар. 8:41-43; Пс. 65:2). И второ, ангелите ни помагаат додека проповедаме (Отк. 14:6, 7).
Петар беше многу збунет (Дела 10:9-23а)
8, 9. Што му открил светиот дух на Петар, и како тоа влијаело врз него?
8 Додека сѐ уште бил на покривот, Петар многу збунето се прашувал „што би можело да значи тоа видение“. Во тој момент, до куќата се приближиле гласниците што ги испратил Корнелиј (Дела 10:17). Дали овој апостол, кој трипати рекол дека одбива да јаде храна што била нечиста според Законот, ќе појде спремно со овие луѓе и ќе влезе во домот на еден не-Евреин? На некој начин, преку светиот дух, Бог му покажал која е неговата волја во врска со оваа работа. На Петар му било кажано: „Еве, те бараат тројца мажи. Стани, слези и појди со нив без колебање, зашто јас ги пратив!“ (Дела 10:19, 20). Видението што го добил на покривот несомнено го подготвило Петар да се подложи на водството што му го давал духот.
9 Кога нееврејските гласници му кажале дека Бог го упатил Корнелиј да прати луѓе по него, Петар ги поканил во куќата и ги нагостил (Дела 10:23а). Послушниот апостол веќе почнал да го менува своето гледиште откако видението му открило уште нешто за Божјата волја.
10. Како Јехова го води својот народ, и кои прашања можеме да си ги поставиме?
10 До ден-денес, Јехова го води својот народ чекор по чекор (Изр. 4:18). Преку својот свет дух, тој го предводи „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Понекогаш добиваме поточно објаснување на Божјата Реч или се прават некои организациски промени. Би било добро да се прашаме: „Како реагирам на ваквите промени? Дали се подложувам на водството од светиот дух во овие работи?“
Петар „им заповеда да се крстат“ (Дела 10:23б-48)
11, 12. Што направил Петар кога стигнал во Цезареја, и што сфатил?
11 Следниот ден откако го добил видението, Петар и деветмина други — односно, тројцата гласници што ги испратил Корнелиј и „шестмина [еврејски] браќа“ од Јопа — тргнале за Цезареја (Дела 11:12). Бидејќи очекувал Петар да пристигне, Корнелиј ги собрал „своите роднини и блиски пријатели“ кои, очигледно, биле не-Евреи (Дела 10:24). Кога пристигнал, апостолот направил нешто што порано било незамисливо за него — влегол во домот на еден необрежан не-Евреин! Потоа објаснил: „Вие знаете дека Законот му забранува на Евреинот да се дружи со човек од друг народ или да доаѓа кај него, но Бог мене ми покажа дека не треба ниту еден човек да го викам валкан или нечист“ (Дела 10:28). Дотогаш тој веќе сфатил дека видението што го добил не било само поука за тоа каква храна смее да се јаде. Всушност, не требало ниту еден човек [дури ни не-Евреин] да го вика валкан.
12 Оние што биле собрани едвај чекале да слушнат што има да им каже Петар. „Сите ние се наоѓаме пред Јехова Бог за да чуеме сѐ што ти заповедал да кажеш“, рекол Корнелиј (Дела 10:33). Замисли како би се чувствувал да слушнеш такви зборови од некое заинтересирано лице! Во тој момент, Петар ја дал следнава незаборавна изјава: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Тој сфатил дека врз Божјето гледиште за еден човек не влијае неговата раса, националност, ниту кој и да е друг надворешен фактор. Затоа, темелно им посведочил на собраните не-Евреи за службата, смртта и воскресението на Исус.
13, 14. а) Што било значајно во врска со преобраќањето на Корнелиј и на другите не-Евреи во 36 год. од н.е.? б) Зошто не треба да им судиме на луѓето врз основа на надворешноста?
13 Потоа се случило нешто невидено: „Додека Петар уште зборуваше... светиот дух беше излеан и на незнабошците“ (Дела 10:44, 45). Ова е единственото место во Библијата каде што се кажува дека духот бил излеан врз некое лице пред тоа да се крсти. Бидејќи ова го сфатил како знак дека Бог ги прифаќа овие не-Евреи, Петар заповедал „да се крстат“ (Дела 10:48). Нивното преобраќање во 36 год. од н.е. го означило крајот на периодот во кој Евреите имале посебна положба пред Бог (Дан. 9:24-27). А со тоа што дал сведоштво во оваа прилика, Петар го употребил третиот и последниот од „клучевите на царството“ (Мат. 16:19). Со овој клуч им се отворила симболична врата и на необрежаните луѓе од сите народи, односно им била дадена можност да станат христијани помазани со дух.
14 Како објавители на Царството денес, ние сме свесни дека „кај Бог нема пристрасност“ (Рим. 2:11). Тој сака „најразлични луѓе да се спасат“ (1. Тим. 2:4). Затоа, не смееме никогаш да им судиме на луѓето врз основа на надворешноста. Нашата задача е темелно да сведочиме за Божјето Царство, а тоа значи дека треба да им проповедаме на сите луѓе, без оглед на нивната раса, националност, изглед или вера.
„Се смирија и почнаа да го слават Бог“ (Дела 11:1-18)
15, 16. Зошто некои еврејски христијани му приговарале на Петар, и како тој им објаснил зошто постапил на таков начин?
15 Без сомнение, со желба да им раскаже сѐ на браќата, Петар тргнал за Ерусалим. Но, по сѐ изгледа, веста дека необрежаните не-Евреи „ја примиле речта Божја“ стигнала пред него. Веднаш штом Петар пристигнал, „поборниците на обрежувањето [почнале] да му приговараат“. Тие биле вознемирени затоа што влегол „во куќата на необрежани луѓе и јадел со нив“ (Дела 11:1-3). Проблемот не бил во тоа дали не-Евреите можат или не можат да бидат следбеници на Христос. Овие еврејски христијани упорно тврделе дека, ако сакаат да му служат на Јехова на прифатлив начин, не-Евреите треба да го држат Законот — во кој спаѓало и обрежувањето. Очигледно, на некои еврејски ученици им било многу тешко да се откажат од држењето на Мојсеевиот закон.
16 Како објаснил Петар зошто постапил така? Според Дела 11:4-16, тој навел четири докази дека Бог бил тој што ги водел работите: 1) добил видение од Бог (стихови 4-10); 2) духот му кажал што да прави (стихови 11, 12); 3) ангел го посетил Корнелиј (стихови 13, 14); и 4) врз не-Евреите бил излеан светиот дух (стихови 15, 16). Петар го заклучил своето објаснување со едно убедливо прашање: „Ако Бог им го дал истиот дар [светиот дух] и ним [на не-Евреите што му поверувале] како што ни го даде нам [на Евреите] кои поверувавме во Господарот Исус Христос, кој сум јас, па да можам да го спречам Бог?“ (Дела 11:17).
17, 18. а) Каков испит претставувало сведоштвото на Петар за еврејските христијани? б) Зошто не е секогаш лесно да се зачува единството во собранието, и кои прашања би било добро да си ги поставиме?
17 Сведоштвото на Петар било вистински испит за тие еврејски христијани. Ќе успеат ли да ја избришат секоја трага од предрасуди кај себеси и да ги прифатат новокрстените не-Евреи како свои соверници? Во извештајот стои: „А кога [апостолите и другите еврејски христијани] го чуја тоа, се смирија и почнаа да го слават Бог, велејќи: ’Значи, Бог и на незнабошците им даде покајание кое води во живот‘“ (Дела 11:18). Таквиот исправен став помогнал да се зачува единството во собранието.
18 И денес не е секогаш лесно да се задржи единството, бидејќи слугите на вистинскиот Бог доаѓаат од „сите народи и племиња и народности и јазици“ (Отк. 7:9). Поради тоа, во многу собранија има браќа и сестри од повеќе раси и култури и со различно потекло. Би било добро да се прашаме: „Дали во моето срце има некаква трага од предрасуди? Дали сум решен да не дозволам работите што ги делат луѓето во светот — како што е гордоста поради националноста, племенската припадност, културата и расата — да влијаат врз начинот на кој постапувам кон моите христијански браќа?“ Сети се што му се случило на Петар (Кифа) неколку години по преобраќањето на првите не-Евреи. Тој потпаднал под влијание на другите кои имале предрасуди, и почнал „да се одвојува“ од нееврејските христијани, па затоа Павле морал да го исправи (Гал. 2:11-14). И ние треба постојано да пазиме да не паднеме во замката на предрасудите.
„Многу луѓе станаа верници“ (Дела 11:19-26а)
19. Кому почнале да му проповедаат еврејските христијани во Антиохија, и со каков резултат?
19 Дали следбениците на Исус почнале да им проповедаат на необрежаните не-Евреи? Забележи што се случило подоцна во сириска Антиохија.d Во овој град постоела голема еврејска заедница, но меѓу Евреите и не-Евреите немало голема омраза. Поради тоа, во Антиохија имало поволни услови за да им се проповеда на не-Евреите. Токму овде некои еврејски ученици почнале да им ја објавуваат добрата вест на луѓето што зборувале грчки (Дела 11:20). Тие не им проповедале само на Евреите кои зборувале грчки туку и на необрежаните не-Евреи. Јехова го благословил нивниот труд, и многу луѓе станале верници (Дела 11:21).
20, 21. Како Варнава покажал скромност, и како можеме и ние да бидеме скромни кога ја вршиме службата?
20 За да се погрижи за ова плодно подрачје, собранието во Ерусалим го испратило Варнава во Антиохија. Но, имало толку многу заинтересирани луѓе што еден човек не можел сам да ја заврши целата работа. А кој би можел да му помогне на Варнава подобро од Савле, кој бил избран да служи како апостол за народите? (Дела 9:15; Рим. 1:5). Дали сега Варнава ќе го смета Савле за соперник? Ни најмалку! Варнава бил скромен и покажал исправен став. Самиот отишол во Тарс, го нашол Павле и го зел со себе во Антиохија за да му помогне. Цела година, тие заедно ги храбреле учениците во тоа собрание (Дела 11:22-26а).
21 Како можеме и ние да бидеме скромни додека ја вршиме службата? Ако сме скромни, ќе покажеме дека сме свесни за своите граници. Сите имаме различни способности и јаки страни. На пример, на некои можеби добро им оди сведочењето во неформални прилики или од куќа до куќа, но не им е лесно да прават повторни посети или да започнат библиски курсеви. Ако сакаш да се подобриш во некој аспект од службата, зошто не побараш помош? Така ќе имаш поголем успех и ќе бидеш уште порадосен (1. Кор. 9:26).
„Решија да испратат помош... на браќата“ (Дела 11:26б-30)
22, 23. Каков доказ за својата братска љубов дале браќата во Антиохија, и како Божјите слуги денес постапуваат на сличен начин?
22 „Преку божествено провидение токму во Антиохија учениците за првпат [биле] наречени христијани“ (Дела 11:26б). Тоа име, кое им го дал Бог, соодветно ги опишува учениците на Христос кои се трудат да живеат како него. Со оглед на тоа што многу луѓе од другите народи станувале христијани, дали тие и еврејските верници навистина се чувствувале како браќа? Да видиме што се случило кога настанал голем глад во 46 год. од н.е.e Во старо време, кога имало глад, најмногу страдале сиромашните, кои немале заштедено пари, ниту пак имале резерви од храна. За време на овој глад, на еврејските христијани што живееле во Јудеја, од кои очигледно мнозина биле сиромаси, им била потребна храна и други неопходни работи. Кога дознале за ова, браќата од Антиохија — меѓу кои и нееврејските христијани — им испратиле помош на браќата во Јудеја (Дела 11:29). Тоа било огромен доказ за нивната вистинска братска љубов!
23 Иста таква љубов постои и кај Божјиот народ денес. Кога ќе дознаеме дека нашите браќа — во друга земја или во наша близина — имаат потреба од нешто, ние спремно се трудиме да им помогнеме. Одборите на подружниците веднаш формираат Одбори за помош при катастрофи, кои се грижат за браќата што можеби се погодени од природни катастрофи, како урагани, земјотреси или цунамија. Сите такви акции за помош се доказ дека ние сме едно вистинско братство! (Јован 13:34, 35; 1. Јов. 3:17).
24. Како можеме да покажеме дека сфаќаме колку е важно видението што го добил Петар?
24 Како вистински христијани, сфаќаме колку е важно видението што Петар го добил на покривот во Јопа во првиот век. Ние му служиме на еден непристрасен Бог. Негова волја е темелно да сведочиме за неговото Царство така што ќе им проповедаме на другите без оглед на нивната раса, националност или општествена положба. Затоа, да бидеме решени, на сите што се спремни да слушаат, да им дадеме можност да ја прифатат добрата вест (Рим. 10:11-13).
a Некои Евреи ги презирале кожарите бидејќи, поради својот занает, тие секојдневно биле во контакт со мртви животни и со нивната кожа, како и со непријатните средства со кои ја обработувале. На кожарите не им бил дозволен пристап во храмот, а нивните работилници морале да бидат оддалечени од градот најмалку 50 лакти, или 20-ина метри. Можеби ова донекаде објаснува зошто куќата на Симон била „покрај морето“ (Дела 10:6).
b Види ја рамката „Корнелиј и римската војска“.
c Статијата со наслов „Проверени совети за воспитување на децата“ излезе во Стражарска кула од 1 ноември 2006, страници 4-7.
d Види ја рамката „Сириска Антиохија“.
e Еврејскиот историчар Јосиф известува за овој „голем глад“, кој настапил за време на владеењето на императорот Клавдиј (41-54 год. од н.е.).